Смрт на триумфализмот

01.07.2011 11:31
Смрт на триумфализмот

Со смртта на младиот човек на партиската прослава на ВМРО-ДПМНЕ, умре и триумфализмот на владејачката партија. Тоа се рефлектираше и на нивниот партиски роденден кој помина со ограничена помпа и без изнесување на народ. Изостанувањето на триумфот дојде како еден вид „божја казна“ за победниците. Некој вид на виша сила, која покрај сите неправди и порази што ни се случуваат, не дозволи власта од нив да направи или да ги прогласува за победи. Но, тој што мисли дека прославите, самовеличењето и триумфализмот на ДПМНЕ ќе изостанат, сериозно се лаже. И тука се наметнува прашањето кои се или кои ќе бидат победите кои нашата Влада во иднина планира да ги слави. Повторно се јавува тој парадокс, една држава, која поради антисистемот на власта, бележи неуспеси и порази на сите полиња, е приморана постојано да продуцира победи. Нормално е дека тие победи ќе бидат лажни и во иднина, исто како што беа лажни и во минатото. Ќе прославуваме лажни победи над сиромаштијата, над криминалот, над економската криза, но, најмногу од сè, ќе прославуваме лажна победа на руинираниот македонски идентитет, национална култура и идентификација.

ВМРО-ДПМНЕ секогаш пателе својата партиска идеологија да ја наметнат врз нацијата, врз институциите, врз системот, на истиот оној провиден, низок и лажен начин, како што ДПМНЕ си ја присвои и ја изманипулира историјата на ВМРО. Затоа, новата димензија на партиските триумфи на ВМРО-ДПМНЕ е нивната идеологија и антикултура, нивниот шизофреничен национализам со примеси на антиквизација, селективна историја и идентитет, да се транспонира врз националната свест. Тоа што се обидуваат веќе 5 години да го реализираат, сега треба да се санкционира, да се утврди и да се запечати. Време е според нив, изедначувањето помеѓу ДПМНЕ и македонската нација да биде целосно, не само на емотивна основа или институционално, туку во најшироката можна смисла, односно, културолошки.

Велам досега се обидуваа, а од утре и материјално ќе полагаат право на тоа. Со сите нивни луди градби, со мегаломанските споменици, каде и според пропорција триумфираат оние античките, Македонија создаде национализам и антикултура во кои, преродбеничката историја и реалниот живот станаа секундарни. Многу земји се идентификуваат со некое славно и далечно минато, но ретко кој својот национализам го креирал или го воскреснувал преку игнорирање на реалната национална историја. Ретко кој, во една наводна демократија, го загрозувал животот на современиците, за сметка на минатото. Нашиот национализам повеќе не е историски, тој нема референции во историјата или во реалните национални борби на македонскиот народ. Новиот македонски национализам е груб партиски инженеринг, каде погрешно доминира антиката, а притоа се девалвира секој реален историски чекор кој придонел кон создавање на македонската нација и држава. Испаѓа дека современиот македонски национализам е само комплекс, водење инает, една смешна реакција и контрапродукт на грчката политика. Создаваме непријатели и лажни победи врз нив, нешто што има за цел само да го оправда постоењето на непријателот. Тоа значи дека нашиот национализам или патриотизам повеќе не извира од нашите аспирации за самоутврдување, не е во линија со нашето духовно, национално или државно наследство, кое потоа би се објективизирало пред светот. Трагично е и парадоксално, народ кој денес се фали дека има историја од 2500 години, а притоа ги заборава или игнорира своите словенски корени, да промовира примитивен национализам како опозиција на нешто, а не како продукт на сопствената самосвест. Ова не e однесување кое доликува на една суверена и самоуверена држава и народ. Ова е предунитарен, преддржавнички национализам достоен за едно племе без држава и без јасен идентитет.

Мислам дека апотеозата на овој тажен и луд процес ќе го доживееме на 8 септември, кога партиското и националното ќе се сплотат, античкото ќе направи брак со современото и цела таа маса ќе се забетонира и ќе се конзервира. Тогаш, од смртта на партискиот триумфализам, ќе воскресне лажната национална победа.

Живееме еден квази или ретронационализам, кој покрај сите негативности на национализмот како таков, има дополнителна слабост што креира и една антикултура. Ниту нашето минато го разбираме, вреднуваме или валоризираме, ниту го разбираме духот на времето кое го интерпретираме, а со самото тоа што го инсталираме во сегашноста, ја загрозуваме нашата култура, го ограничуваме нашиот идентитет и ја попречуваме нашата иднина и блискоста со останатите. Проблемот на антикултурата која ја инсталираме не е во самата промена, затоа што за една култура е добро таа да се менува. Проблемот е што создаваме предуслови за култура која ќе биде непроменлива, монолитна, статична. Со експериментот на нашата идентитетска конзервација, ние го загрозуваме преживувањето на нашата култура. А култура која ќе престане да се менува е култура која е осудена на смрт.

Ако култура е зборот кој го употребуваме за збирот од сите карактеристики на нашиот општествен живот, од начинот на живеење и колективно размислување, од формите и стиловите на тоа како го организираме нашиот простор и нашето време, од тоа какви градби правиме, какви вредности промовираме, какви учебници пишуваме, тогаш ќе видиме дека во најголем дел од нештата доминира волјата на една партија. Oва е еден партиски егоизам и некултура, кои ризикуваат да ги урнат столбовите на македонската национална држава и свест.

Конечно, и збор-два за нашиот идентитет. Дилемата дали имаме врски со античките Македонци, дали сме потомци на Александар, дали таа крв тече во нашите вени, е лажна дилема. Јас верувам во еден плурален и динамичен идентитет кој постојано се менува и надградува. Но, по таа логика, и да сме дел од античките Македонци, тоа е нешто од пред 2500 години, нешто што било и се надградило со бројни други идентификации и што последно треба да го чувствуваме. Точно е дека секоја културолошка идентификација е антериорна и токму затоа таа се чувствува од порано, а не се наметнува апостериори. Не може идентификацијата со Александар да биде прва на листата, да се чувствува како најблиска, затоа што некој си измислил и му текнало да каже дека водиме корени од Александар. И што сме ние, растенија или припадници на животинскиот свет? Да ги асимилираме луѓето со растенијата е погрешно, затоа што она што ја разликува фауната од флората е токму мобилноста. Понатаму, од сите природни, општествени или симболични фактори кои ја дефинираат припадноста на еден колективитет, ние најдовме како приоритет да ја ставиме крвната врска со античките Македонци или да се занесуваме со некаква автохтоност на нашиот народ. Па, тоа се приказни за мали деца, фолклорни бајки за неписмените. Треба да ни е јасно дека митовите, традициите, па дури и популарната меморија на еден народ, се најчесто не само измислици, туку и многу понови конструкции отколку што сакаме да поверуваме. Проблемот е што тие свежи конструкции кои ни се случуваат во последните години, колку што се смешни, толку се и опасни. Тие, колку и да се бизарни, лепат, се наметнуваат, стануваат интегративен дел од нашето живеење, нашите идеи, се врежуваат во нашите чувства.

Како и да е, идентификацијата со античките Македонци ние не ја доживуваме како нешто есенцијално, туку таа ни се наметнува. Притоа, се наметнува не како нешто инклузивно во нашиот културен идентитет, туку како нешто ексклузивно. Никој не треба да прифаќа ексклузивни примеси, примеси кои претендираат некаква супериорност или пак го минимизираат се она останато што сме, затоа што ние имаме плурален идентитет. Македонец може да биде некој од Скопје или од друг регион, да има потекло од друга земја, да е роден и да растел во Југославија, да чувствува блискост или сличност со тие народи, да живеел во странство, да се чувствува и како Европеец и како Балканец, да говори повеќе јазици, да биде верник или не, да биде богат, сиромав или од средна класа и ниедна од овие идентификации не е помалку или повеќе важна. Сите се еднакво важни, затоа што треба да се чувствуваме како плурикултурни индивидуи. Можеби утре ќе се смениме и ќе додадеме и нешто ново, но таа нова состојба сигурно нема да води потекло од пред 2500 години. Можеби на тој начин за оваа власт ќе бидеме предодредени губитници, но барем нема да бидеме лажни победници.


Цртежи: Питер Фолдс

ОкоБоли главаВицФото