Секогаш ќе бидам уличен новинар

16.03.2009 21:10
Роберт Фиск

Роберт Фиск, дописник на лондонскиот Independent од Блискиот Исток, е дописник со најдолг воен стаж во светот. Последниве триесет и две години ги преживеа боиштата од Блискиот Исток, Авганистан и Балканот.

Човекот на војната и автор на епските новинарско-историски книги (The great war for civilization, Pity in the nation, The age of the warrior) можеби е еден од највлијателните и најконтроверзни новинари во светот, чија професионална доктрина и етика се темелат на осудата на злото во сите можни облици, заштита на жртвите и борба против сеопштата лицемерност, лага, конструкции и империјалистички платформи, кои сè уште сè водечка ставка во западната надворешна политика, пред сè, американската и британската.

Роберт Фиск62-годишниот Фиск во Либан дошол 1976 година, и останал до денес. Вели дека преживеал бидејќи имал среќа и трошка памет. “Колку повеќе одиш во војни, толку подобро учиш да преживееш. Но, колку повеќе војни има, толку поголема е можноста да загинеш. А ако умрам, работата ќе остане незавршена. Оние што мислат дека нешто може да им се случи подобро уште веднаш нека се вратат дома.” Никогаш не посакал да замине. Се плаши, бидејќи го интересира што ќе се случи во следното поглавје. “Военото известување е како читање добра книга. Околу полноќ лежам во постелата и си велам дека ќе прочитам уште две поглавја. Тогаш доаѓа три наутро, и повторно планирам две поглавја. А потоа заспивам кога изгрева сонцето. Приказните ме вовлекуваат во себе и тоа е несопирливо.” Така ни раскажува по неколкуте чаши француско вино во ресторанот Казабланка на легендарната бејрутска градска ривиера Corniche. Го викаат господин Роберт, а во Бејрут поради помошта на жртвите има статус на божество. Во текот на нашиот разговор нема ниту миг одмор: итро ги менува темите, ниските споредби и асоцијациите, и безмислосно го критикува новото, таканаречено, google новинарство. Како да нема простор за оптимизам кога повеќе од три децении непрестајно ја гледаш растечката човечка трагедија. Порано белокосиот Ирец, кој поголемиот дел од времето го минува на пат, се потресувал кога ќе видел човечки труп. Денес не. Тоа е последица на кариерата во која исклучоците стануваат правила, кариера во која ги интервјуирал сите позначајни луѓе од Блискиот Исток и трипати се сретнал со Осама Бин Ладен кој последниот пат го поканил во своите редови. “Роберт, ти си муслиман”, му рекол шеикот Осама, на што Роберт вратил: “Не, јас сум новинар.”
Судири во ЛибанЧитањето на неговите статии и книги е искуство кое води кон зависност. Прошетката низ совеста на светот секогаш боли, особено кога ќе се соочите со сите облици на немоќта. “Уморен сум. Дали се исплатеше? Мислам дека не. Спасив ли нечиј живот? Дали поради мене светот е подобар? Дали навистина променив нешто? Не. А дали повторно би се впуштил во ваква авантура? Секако. Па, тоа беше и е мојот живот”, со растреперен глас вели еден од последните припадници на старата новинарска школа. “Јас секогаш ќе бидам уличен новинар. Тоа е единственото нешто што е важно. Поради тоа не само што имам право да обвинувам, туку и да осудувам”, го крева тонот најпознатиот надворешнополитички новинар и воен дописник во светот. За неговата популарност најдобро сведочи анегдотава: лани во Египет излезе биографијата на Садам Хусеин, потпишана од Роберт Фриск. Тој никогаш не ја напишал таа книга која во Египет стана многу популарна. Фиск замина во Каиро и го откри авторот кој го убеди оригиналниот Роберт да не го тужи. Следната недела во сите поголеми египетски списанија излезе оглас за книгата која ја фали и вистинскиот Роберт Фриск. “Морав да попуштам. Тешко е да се бориш со египетската бирократија, а човекот е неверојатно снаодлив. Супер приказна. Книгата што ќе остане на полиците е едно огромно ништо.” 
Фиск не користи Интернет. Вели дека сето знаење е во книгите и луѓето. Само вистинските искуства се важат. “Иако поголемиот дел од луѓето се повлекоа на Интернет, и тоа, поради фактот што списанијата ги оставија на цедило”, додава. Неколку часа по нашиот разговор господин Роберт замина за Кабул, каде ќе се сретне со Талибанците. 

Поминаа деведесет години од крајот на Првата Светска војна на која и се враќате во повеќето ваши текстови. Кратко пред смртта, вашиот татко, ветеран од француските ровови, ви даде медал на кој пишуваше “Голема војна за цивилизацијата”. Таа војна по падот на Отоманското и Австроунгарското царство повторно ги исцрта границите на Блискиот Исток и Балканот; граници во кои последниве триесет и две години сте сведок на огромна трагедија.
За време на седумнаесетте месеци по крајот на Првата Светска војна нацртани се новите граници на Северна Ирска, Блискиот Исток и Балканот. Целата своја професионална кариера ја проживеав во тие краишта и гледав како внатре во тие граници луѓето се запалуваат и закопуваат меѓусебно. За тие 90 години луѓето не научија многу. Не ги интересира историјата и не читаат книги. Тоа важи и за новинарите. Во Ирак доаѓаат со неколку агенциски вести и статии од Интернет; историјата воопшто не ги интересира. Западњаците кои живеат во овие области не ги интересира ни историјата ниту, пак, контекстот. Новинарите доаѓаат и ја прават приказната, без одговорност, без контекст, без историски удел. Потоа се враќаат дома и чекаат на ред за Холивуд. А ирачките приказни, за жал, немаат среќен крај.

Што ве задржа во Бејрут сиве овие години?
Во Бејрут дојдов по голема авантура. Бев млад. Во тоа време бев дописник за Times од Португалија; ми се јави уредникот и ми понуди дописничко место на Блискиот Исток. Таму се нудат многу сонце и авантури. Веднаш прифатив. Пристигнав кога беше започната граѓанската војна, и останав. Малку потоа следеше инвазијата на советската војска во Авганистан која сакав да ја видам во живо. По масакрот над палестинските бегалци во Терористички нападиСабра и Шатила 1982-та, кога христијанските фалангисти убија 2000 невини палестински бегалци пред очите на пасивните израелски војници, нештата битно се променија. (Фиск стасал прв на местото на колежот и почнал да ги брои телата. Кога, набрзо, стасал до бројката сто, престанал да брои.) Сфатив дека како новинар ја покривам приказната за огромните човечки трагедии. Почнав да се прашувам за смислата. Се разбира, тоа го правам и денес. Во шеесет и втората година од животот не се исплатува да се премота филмот на почеток. Не би останало многу. Пред неколку години заминав на голема турнеја со книгата Големата војна за цивилизацијата. Бев во Барселона, Париз, Амстердам… Луѓето во тие градови изгледаа среќно. Беше очигледно дека и покрај проблемите живеат убав живот. Потоа се вратив во Бејрут, седнав на својот балкон со поглед на Средоземно море, прочепкав по спомените и се запрашав како најдобро можам да го проживеам својот живот. Дали повторно би минал низ сè. Да. Сакав да знам што ќе се случи овде, на Блискиот Исток. Затоа останав. Ако сакаш да известуваш од Блискиот Исток, мораш да бидеш вреден и да стоиш исправено. Инаку, подобро да си одиш дома. Никогаш не го сакав новинарското жалење и мрчење за стресот. Тоа е срање! Луѓето кои овде страдаат, живеат и умираат овде. Нашата задача е коректно да известуваме за нивните судбини и да ги осудуваме злосторствата, владите, војските, некои институции. Самиот се одлучив за тој повик.

Дали Блискиот Исток е во полоша состојба во однос на онаа кога дојдовте во Бејрут?
О, да! Во многу полоша! Кога пристигнав овде на располагање имавте по две-три приказни на ден. Денес се најмалку дваесет. Нештата денес на Блискиот Исток се случуваат со брзина на светлината. Во 1976 година непријателите на Западот, во кои, секако, се вбројува и Израел, беа идеолошки: социјалисти, националисти, комунисти, овакви или онакви ослободителни или движења за човечки права. Денес е поинаку: непријатели на Западот се исламистите. Хамас, Хезболах, сите можни ограноци на Ал Каеда, исламски џихад, Талибанци… Се случи неописливо голема промена. Израел веќе не е толку силен и неговите противници се значајно похрабри. Некогаш беше доволно само Израел да им се закани и тие да се повлечат. Денес Хезболах ги порази израелските воени сили во војната. Ирачаните, и покрај првата заливска војна, годините на санкции, американската окупација и секташкото насилство, се спротивставија на големата окупациона сила. Талибанците успешно се борат против меѓународните воени единици во Авганистан. И тоа, по триесет години морничави војни кои ја исцрпија нивната држава. Хамас ја брани Газа, а Хезболах јужен Либан. Порано вакво нешто беше невозможно, а овие процеси се одвиваат веќе подолго време.

Што би му рекле на новоизбраниот американски претседател Барак Обама кога би ве замолил за совет во врска со политиката на Блискиот Исток?
Никогаш не би го советувал американскиот претседател бидејќи не би ме послушал.

Можно ли е да се очекува од Обама некаква промена во надворешната политика – посебно за Блискиот Исток?
Не, не можеме да очекуваме промени за овој дел од новиот претседател. Американската политика спрема Блискиот Исток е заснована на вечна и бесприговорна поддршка на Израел. Можно е да се промени јазикот на таа комуникација, но содржината ќе остане иста. Израел ќе ги шири еврејските населби и окупацијата на палестинските територии и со тоа ќе ги крши меѓународните закони и конвенции. Барак Обама нема да може и не може да го спречи тоа. Ирачката војна недвосмислено влијаеше на Америка. САД се менуваат директно пропорционално со бројот на жртви во војните. Америка верува во војна без смрт. На моите предавања во САД денес доаѓаат високи американски офицери. И не поради тоа што ги интересираат моите книги, туку зашто работите тргнаа во погрешна насока, бидејќи излегоа од контрола.
Ирак

За време на целата американска окупација на Ирак пишувавте дека Американците мораат “итно да го напуштат”. Кон крајот на идната година повлекувањето конечно би требало да се случи. Во ирачката војна загинаа половина милион цивили, а четири милиони беа присилени да ги напуштат своите домови. Државата се распадна по секташките шевови, не работи ни нафтената индустрија, главната економска оса на ирачката војна. Дали Американците ги остварија своите цели? Што ќе донесе нивното повлекување? 

Американците ќе го напуштат Ирак, и тоа еднаш и ќе го направат. Тоа е единствената можна равенка. Прашањето е што ќе кажат кога ќе стигнат дома. Бидејќи, можат да го лажат арапскиот свет, тоа и отсекогаш го правеле, но дома ќе биде поинаку. Како ќе го продадат своето повлекување? Како нешто добро? Како своја крајна жртва за доброто на Ирак и муслиманите? Веројатно ќе речат дека сториле сè во нивна моќ, а дека Арапите не заслужуваат американска добрина, помош и жртвување.

 
Се сложувате ли дека за иднината на блискоисточниот регион клучна ќе биде подготвеноста на американската администрација за преговори со Иран?
Секако, Американците, доколку навистина сакаат мирно да го напуштат Ирак, ќе мораат да преговараат со Иран и Сирија. Како ќе течат тие преговори ќе зависи од дарежливоста на Иранците и Сиријците. Преговорите сами по себе нема да бидат ништо посебно, во последно време на Блискиот Исток сите преговараат со сите. Израелците се договараат со Хамас, кој јавно го означуваат за терористичка организација, подоцна ги негираат преговорите. Сирија преговара со Израел и со Либан, и така натаму.

Повеќето земји кои договориле примирје со Израел – Египет, Јордан, Саудиска Арабија – постепено го изгубија удделот во регионот каде сè повеќе преовладуваат Иран и Сирија кои се во најлоши односи со Израел. Што можат да му донесат на Иран преговорите со Америка, големиот заштитник на Израел?
Иран и Сирија зајакнуваат бидејќи го почитуваат старото правило дека треба да се чека и да се мирува, а порано или подоцна тркалото ќе се сврти во вистинската насока и ќе ве благослови. Египет е во криза. Јордан е нива со зелки измислена од Винстон Черчил. Рековте дека Саудиска Арабија го изгуби влијанието? Тоа не држи. Саудиска Арабија е многу битна. Меѓу другото, таа ги финансира Талибанците и пакистанските разузнавачки служби. Поголемиот дел од киднаперите на авионите кои извршија напад на Њу Јорк беа од Саудиска Арабија. Осама Бин Ладен е Саудиец. Во Саудиска Арабија, која има најголеми резерви на нафта во светот, се кријат златните клучеви за разбирање на моменталните глобални судири и, пред сè, состојби на Блискиот Исток.

Napad vo IrakСудирите во Авганистан се заоструваат. Меѓународната заедница ја губи војната, државата повторно оди кон пропаст. Каде се направени најголемите грешки?
Кристалната топка пукна. Во Авганистан се случува катастрофа. Западот не може да ја добие таа војна, всушност, никогаш и не можел да ја добие. Ништо не научивме од историјата. Сосем е можно дека државата ќе се распадне на два дела, паштунски и узбечко-таџикски. За САД и Британија тоа би било голема трагедија. Зошто Обама вели дека во Авганистан ќе прати “дополнителни седум илјади војници”, што ќе промени тоа и што тој сака да постигне?

Поминаа точно седум години од падот на талибанскиот режим. Ретко кој можеше да претпостави дека сè уште ќе бидат толку силни…
Знаев дека ќе дојде до трагедија, дека војната ќе трае и ќе трае. Не можеше да биде поинаку. Во мигот кога Американците заедно со НАТО сојузниците влегоа во Кабул бев заедно со талибанските водачи. По падот на Кабул ми рекоа дека не војуваат за територија туку за ислам. Територијата ја изгубија, но верата не, затоа и продолжија со борбите. Таа територија не ни припаѓа нам, ниту на нашата војска во Авганистан, Пакистан и Таџикистан, каде што Французите имаат свој аеродром. Ние немаме право да бидеме во Ирак, Египет, Јордан, Оман, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Либан, Бахреин, Турција. Зборувам, се разбира, за военото присуство. Често ја споменуваме демократијата, мирот, човечките права и слободата на говор, а потоа доаѓаме со тенкови и панцири. Би требало ли да нè сакаат луѓето поради тоа?

Поголемиот дел од вашите (катастрофални) најави се оствари. Се плашите ли понекогаш од сопствените мисли?
Знаете, за време на сиве овие години развив одлично сетило за мирис со кое можам да ја препознаам и да ја “предвидам” политиката и геостратешките насоки. Тоа е плод на искуството и знаењето. Сè си има своја логика и редослед. Навистина, малку работи можат да ме изненадат.

А сеедно, стравувате ли од тоа што не знаете што ќе се случи во наредното историско поглавје?
Предвидувам, не можам да знам. Тоа е основното нешто во нашава работа.

Веќе бившиот американски претседател Џорџ Буш пред неколку месеци во Пакистан ја започна својата трета војна, која расте од ден на ден, а медиумите ги игнорираат (клучните) настаните на зовриениот запад на таа земја – таква “Кисинџерска доктрина” поддржува и Обама – што можеме да очекуваме?
Американците го направија истото за време на Виетнамската војна кога борбите ги преселија во Камбоџа. Ќе ги префрлат ли сега во Сирија? Тоа срање нема крај. Мислам дека и во Ирак се случуваат слични нешта внатре во американската војска како што беше случајот во Виетнам. Имам цела низа причини да се сомневам дека некои американски единици делуваат вон системот и не слушаат наредби. Дивјаци. Мислам дека хеликоптерскиот напад на Сирија не беше одобрен ниту од Вашингтон, ниту од главниот штаб на американските сили во Багдад. Генералот Дејвид Петраеус во Ирак не е пратен да изведе голема воена операција, туку за да ја дисциплинира и да ја реорганизира војската која е вон контрола. Сè уште е така.

Наоми Клајн во својата книга Доктрина на шокот напиша дека во долгата низа грешки на Бушовата администрација можеби и не се работи за грешки, туку за систем. Се сложувате ли со нејзината теза за “катастрофичен капитализам” кој за остварување на својата врховна цел – апсолутно слободен пазар – буквално руши сè пред и под себе?
Секако дека се работи за систем, но сè има подлабоки корени. Подготовките за ирачката војна САД ги поминаа на Балканот, за време на војната во Босна и бомбардирањето на Србија, бидејќи таму можеа непрекинато да уништуваат мостови, железници, болници и радио-станици. Нашата домашна јавност не реагираше на тоа. Никој не се жалеше, а беше поддржана логиката за напади на цивилни цели. Таквата тактика се спроведуваше постепено во Авганистан и Ирак. Потсетете се на сите американски напади на новинарите, особено на оние од Ал Џезаира. Тоа стана сосем нормално за американската јавност. Наголемо почна да се зборува за “споредна штета”. Американсата војска на Балканот вежбаше за големите војни во Ирак и Авганистан.

UNFIL Како ви помогнаа искуствата од Блискиот Исток на Балканот? Што може да предизвика војната која трае во блискоисточниот регион?
Многу е важно како ќе реагира НАТО, кој на југот на Либан има илјадници свои војници (како дел од мисијата на ОН - UNIFIL). Во војната ќе се најде помеѓу Израелците и Хезболах. Кој и да посака да ја нападне таа земја, ќе мора да се соочи со НАТО војниците. Тоа е прашање кое треба да се постави на шефовите на UNIFIL. Регионот мина низ слични борби којзнае колку пати, а за НАТО не можеме да го кажеме истото. Во Авганистан е поинаку, тамошното вклучување во борбите во Европската Унија и САД сигурно би донело голема политичка криза. Не заборавајте – НАТО долги години се грижеше за наоружување на Израел. Што е НАТО денес? Која е смислата на неговото постоење?

Каква е улогата на UNIFIL?
Кога мисијата на ОН на кој било начин би го осигурала Либан, сините шлемови би морале да бидат на друга, на израелската страна од границата, зарем не? Така што UNIFIL, всушност, го штити Израел. Поголемиот дел од мисиите на ОН се темелат на илузиите на луѓето од њујоршките канцеларии. Од својот бејрутски балкон добро ги гледам огромните германски воени бродови кои патролираат на бреговите на Бејрут. Која е нивната задача, што подготвуваат тие? Јавно, се обидуваат да го спречат вооружувањето на Хезболах, а Хезболах го добива оружјето од Иран преку Сирија, по копнен пат. Илузијата на UNIFIL ја спонзорираат и ја поддржуваат речиси сите. Хезболах верува во целосна победа. Израелците си мислат дека сите Арапи се спремни за војна. Тоа однапред е осудено на неуспех. Особено мислам дека во војната 2006 г. не победи Хезболах, но сигурно знам дека Израел изгуби. Можат да изгубат уште еднаш.

Дали војната на Израел со Хезболах е всушност војна на Израел со Иран?
Иран го плаќа, го обликува и го вооружува Хезболах. Борците се платени четиристотини долари месечно. Илјадници млади од либанските села заминаа на обука во Иран. Пред неколку недели бев во едно село, на југот од Либан, на погребот на едно момче кое настрадало на обука во Иран. Често летам меѓу Бејрут и Техеран, и на тие летови секогаш гледам млади борци.

Од каде ви е мотивацијата, после сите тие години апсолутни погледи во уништувањето?
Од мојот татко, кој беше голем човек. Умре на 93 години. Новинарскиот мотив доаѓа од желбата за знаење, и кој ќе погоди што ќе биде утре… Тоа е како читање на Војна и мир. Сево ова е голема трагедија, приказна која нема крај.

Колку сте засегнати како морално суштество, со оглед дека 32 години е доста. Какви и колкави се вашите рани?
Не се големи. Ако сакаш да известуваш од Блискиот Исток, мораш да бидеш вреден и да стоиш исправено. Инаку, подобро да си одиш дома. Никогаш не го сакав новинарското жалење и мрчење за стресот. Тоа е срање! Луѓето кои овде страдаат, живеат и умираат овде. Нашата задача е коректно да известуваме за нивните судбини и да ги осудуваме злосторствата, владите, војските, некои институции. Самиот се одлучив за тој повик.

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет
Општество / Свет
Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око

ОкоБоли главаВицФото