Ние не сме против Америка и демократијата

14.09.2011 11:19
Ние не сме против Америка и демократијата

Во светот после 11 септември 2001 настапи деценија на страв и застрашување. Исламските фундаменталисти покажаа дека секоја цел е легитимна и дека секој, без оглед дали е невин, може да стане жртва. Војната против тероризмот, предводена од Соединетите Американски Држави, однесе десетици илјади невини животи, а за последиците од неа допрва ќе се говори како што ќе минуваат годините. Општата атмосфера одеше во прилог на тоа дека сите муслимани се фундаменталисти. Неодамна осамна статија заснована на податоците на Еуропол за бројот на терористичките акти и нивните извршители со наслов: „Сите муслимани се терористи, само што 99,6% од нив не се“.

„Сакав да направам прозорец низ кој светот може да види како живее муслиманската заедница, да види дека муслиманите се обични луѓе кои имаат исти потреби како и целиот свет.“, вели Мохамед ел Фататри, кој втора година по ред се наоѓа на списокот на највлијателни муслимани во светот. Тој е основач на порталот muxlim.com кој месечно го посетуваат милиони корисници, главно муслимани, од сто и деведесет земји.

Нашиот соговорник е роден во Египет. Дошол во Финска пред седум години, а порталот го основал пред шест години.

- Се ближи десетгодишнината од терористичкиот напад на 11 септември. Каде е светот денес во однос на муслиманската заедница?

Пред нас е многу долг пат. Нападот на 11 септември ги стави муслиманите во центарот на вниманието. Се разбира, негативно. После почетниот шок започна разговорот. Минатата година муслиманите сакаа да изградат исламски центар на неколку стотини метри од местото каде што некогаш се наоѓаа кулите близначки (Ground zero). Американската јавност бурно протестираше и потоа започна дебата. Се вклучија и претседателот Обама и Мајкл Бламберг. На крајот се покажа дека муслиманите кои сакаат да го градат исламскиот центар се добри граѓани. Тие плаќаат данок, американски се исто колку и американската пита и немаат врска со талибанците. Парите се собрани и исламскиот центар оваа година ги отвора своите врати.

Луѓето минуваат низ циклусите: порекнување, бес, прифаќање. Важно е да дојдеме до прифаќање, а гледам дека конструктивниот разговор е започнат.

- Она што го зборувате звучи убаво. Меѓутоа, постои друга страна на медалот. Во Германија книгата на Тил Сарацен, кој јасно и остро пишува против муслиманите, со недели е најпродавана и досега има милионски тираж. Партиите од десното крило доживуваат успех во сите делови на Европа. Проблемите на мултикултурализмот и имиграцијата изгледаат претешки...

Тоа е нормално. Секогаш има две спротивни страни. Ние сега започнуваме со дијалог. Некои места се поотворени, некои не. Но тоа е процес кој бара време. Погледнете го патот што Афроамериканците го поминаа од ропството па сè до првиот од нив кој стана претседател на САД.

Не велам дека светот треба да гледа позитивно на нас само затоа што сме муслимани, туку да не нè гледа негативно само поради тоа. Приказната е едноставна. Некои од нас прават нешто добро. Некои нешто многу лошо. Ние веќе страдаме поради тие неколкумина лоши, кои ги има помалку од еден процент... Нè претресуваат на аеродромите, нè гледаат како криминалци... Но, ова прашање се надоврзува на она што го зборував за фазите... Одбивање, бес, прифаќање. Европа денес е рефлексија на тој бес. А кога прашината ќе спадне, луѓето ќе сфатат дека не може сите муслимани да ги сметаат за талибанци.

- А дотогаш? Вие живеете во Хелсинки, како гледате на тоа што партијата Вистински Финци, која е антиевропска и антиемигрантска, е најпопуларна во земјата?

Подемот на десното крило е комплементарен со мојата теорија. Втората фаза е бесот. Тоа само ни кажува дека Европа е несигурна кога станува збор за муслиманите. Мене, на пример, воопшто не ме потресува подемот на Вистинските Финци. Тие денес претставуваат најсилна партија, поддржани се од навистина голем број гласачи. Знаете што би било многу пострашно? Толку голема група луѓе да нема никој кој ќе ги застапува нивните погледи и ставови на политичката сцена. Би било страшно да немаат свој политички глас. Ако навистина сме демократско општество, тогаш сите треба да бидат слушнати, и ако тие сакаат да ги претстават своите аргументи против имигрантите, зошто да не?

Од друга страна, имигрантите ѝ требаат на Финска. Нацијата е стара и имигрантите се важни за економијата. Важно е таа тема да дојде во центарот на вниманието. До неодамна тие не постоеја. Сега ситуацијата е поинаква и ова што се случува е рефлекс на тоа, загриженост и размислување.

Конечно, Вистинските Финци се нова партија. Тие сè уште не ја заокружиле својата програма, на почетокот решија да бидат опозиција, да го кажат она што треба да го кажат. Но, допрва ќе видиме како ќе се однесуваат кога ќе дојдат на власт. А колкаво е нивното влијание на финското општество ќе дознаеме дури по повеќе од десет години.

Да заклучам, прашањето на имигрантите е од клучно значење и мора да биде ставено на дневен ред за воопшто да може да создадеме услови да дојде до здрав мултикултурализам.

- Мултикултурализам за кој лидерите на Велика Британија, Франција и Германија велат дека е мртов.

Пред сè, земјите кои ги споменавте се земји со големо наследство. Франција и Англија беа големи колонијални сили. Од друга страна, Финска има можност за нов почеток. Државите кои ги наведовте имаат дополнителен проблем, тие мора да го носат товарот на тоа наследство, на општеството кое повеќе „не работи“ како што треба... Тие со себе влечат голем брод, додека Финска влече мал чамец.

Мислам дека е значајно тоа што нивните политики со тек на време не одеа во правец на суштинска интеграција, тие го избраа само патот „одозгора надолу“ (top down), а нам ни е потребно и дејствување „одоздола нагоре“ (bottom up).

Нека секој Финец го викне својот сосед имигрант на кафе. Нека биде поттикнато претприемништвото, па на тој начин ќе се намали невработеноста меѓу имигрантите затоа што ќе се вработуваат едни со други. Има многу начини, а имигрантите во тие земји треба да се чувствуваат како дома, а не како туристи.

- Вие основавте портал и малку е да се каже дека сте прифатени многу добро, не само во Финска туку и во светот. Колкава е одговорноста на муслиманската заедница која се држи „настрана“? Има ли таа прилика да се огласи и да се чуе нејзиниот глас?

Тоа е добро и клучно прашање. Во март годинава, на еден настан (Islam expo), учествуваа министерот за имиграција и поранешниот премиер на Финска... Сите беа многу покајнички расположени кон муслиманите, зборуваа како муслиманите неправедно се прикажани во медиумите... Тогаш јас станав и реков дека поголемиот дел од вината е наш, затоа што некако сме мрзливи да му се претставиме на светот и со таа пасивност дозволуваме малцинството, кое е криминално, да нè претставува затоа што е најгласно. Треба да ја користиме нашата моќ, социјалните мрежи, медиумите, да го покажеме нашето секојдневие... да покажеме дека сме нормални луѓе, дека имаме исти потреби како и целиот свет и дека другите нема зошто да се плашат од нас.

Сепак, ми се чини дека муслиманската заедница станува поактивна, почнува да му покажува на светот кои сме.

- А арапската пролет?

Да, таа исто така ја промени перспективата. Се виде дека народот е против корупцијата, цензурата, дека сака да се отвори кон светот. Галуп вршеше истражување и наспроти она што го зборува американската администрација, дека муслиманите ја мразат Америка затоа што е толку демократска и отворена, тоа го покажа спротивното. Тоа што муслиманите најмногу го ценат на Запад е напредната технологија; на второ место е отвореното општество, демократијата, слободата на говорот, печатот. Мит е дека муслиманите се антидемократски настроени, тоа едноставно не е вистина.

- Морам да Ве прашам, живеете во Финска веќе седум години и многу сте успешен, а не зборувате фински. Мене тоа ми е малку чудно, зарем не го сметате тоа за проблематично на кој било начин?

Не, не ми е потребно. Никогаш не сум бил во ситуација нешто да ми зависи од тоа, пишувам колумна во најтиражните весници и да, не зборувам фински. Мислам дека тоа јазично прашање се пренагласува. Мотивацијата на имигрантите се убива со тоа што се речиси принудени веднаш да учат фински, а потоа и шведски како втор официјален јазик. Ние имаме заеднички јазик, тоа е англискиот. А јас сум жив пример дека може да се успее и без знаење на јазикот.

- Велите дека Вашиот портал muxlim.com е начин светот да види како живее муслиманската заедница. Мислите ли дека може да направите некаква промена и однатре?

Однатре може да се влијае на тоа муслиманите да видат дека не мора да се прави компромис помеѓу идентитетот и успехот. Можат да се помират. Знаете, исламот е религија која сè уште нема свој mainstream, сè уште се бара.

- Што сакате да кажете со тоа?

Ако ги споредиме исламот и христијанството, христијанството е постаро шест века. Погледнете каков бил главниот тек на христијанството пред шестотини години. За сè треба време.

Извор: vreme.com

It's much eiaesr to

It's much eiaesr to understand when you put it that way!

ОкоБоли главаВицФото