Декларација за окупација на градот Њујорк

12.10.2011 12:38
Декларација за окупација на градот Њујорк

Протестите под назив „Окупирајте го Волстрит“ започнаа како протест на една релативно маргинализирана група американски граѓани во паркот на Менхетен, на 17 септември.

На нивната интернет страница се наведува дека тоа е движење на отпор без водач кое опфаќа луѓе од сите бои, раси, сексуални и политички убедувања. Она што им е заедничко е дека тие ги претставуваат „оние 90% кои повеќе не сакаат да ја толерираат алчноста и корупцијата на оние 1%“. Велат дека ја користат револуционерната тактика по углед на „Арапската пролет“ за да ги постигнат своите цели и заговараат ненасилство, за сите учесници да бидат безбедни.

Протестите го привлекоа вниманието на јавноста поради својата упорност и судирите со полицијата. Протестите секој ден добиваат сè поголемо медиумско внимание, а слични се организирани низ цела Америка. Истакнати јавни личности им искажаа јавна поддршка. Сепак, се забележува дека медиумите од главната струја во САД главно се скржави во известувањето за протестите.

Наместо список со барања, протестантите усвоија работен документ кој го нарекоа „Декларација за окупација на градот Њујорк“, во кој се наведува големиот број проблеми како дискриминацијата на работното место, нееднаквите примања, невработеноста, студентските кредити и др. Ова е првиот официјален документ на ова движење, а ние го пренесуваме во целост.

Декларација за окупација на градот Њујорк

Собрани во солидарност за да го изразиме чувството на огромна неправда, не смееме да го заборавиме она што нè обедини. Ова го пишуваме за сите луѓе кои чувствуваат дека им е наненсена неправда од страна на светските корпорации да знаат дека имаат сојузници меѓу нас.

Како една нација, обединети, ја гледаме реалноста: иднината на човештвото бара соработка меѓу сите луѓе; нашиот систем мора да ги штити нашите права, а ако тој систем се расипе, останува на поединците да ги заштитат своите и правата на своите соседи; демократската влада добива легитимна моќ од луѓето, но корпорациите не бараат ничија согласност да го експлоатираат богатството на штета на луѓето од планетава; вистинската демократија не може да се постигне кога со процесите управува економската моќ. Ви се обраќаме во време кога корпорациите, кои ја ставаат добивката над луѓето, себичните интереси над правдата и дискриминацијата над еднаквоста, управуваат со нашите влади. Овде се собравме во мир, на што имаме право, за да ги објавиме овие факти.

Ни ги одземаат куќите преку незаконскиот процес за заплена на имот, иако не се првобитните сопственици на хипотеката.

Ни ги зедоа парите за отплата на своите долгови од даночните обврзници и продолжуваат да им даваат големи бонуси на директорите.

Спроведуваат нееднаквост и дискриминација на работното место врз основа на возраста, бојата на кожата, полот и сексуалната ориентација.

Ни ја затруја храната поради негрижа и го уништија земјоделското производство преку монополизацијата.

Профитираат од измачување, затворање и сурово постапување кон огромен број животни и ги прикриваат овие пракси.

Постојано се обидуваат да им го одземат правото на работниците за преговарање за подобра плата и побезбедни работни услови.

Студентите ги држат за заложници поради десетиците илјади долари долг за образование кое само по себе претставува едно од човековите права.

Вработуваат работна сила која доаѓа вон земјава за да ги намалат издатоците за здравствено осигурување на работниците и платите.

Вршат притисок врз судовите за да имаат исти права како луѓе без одговорност или вина.

Трошат милиони долари на правни тимови кои бараат начини да ги извлечат од договорот во врска со здравственото осигурување.

Нашата приватност ја продаваат како стока.

Ги користат војската и полицијата за да ја спречат слободата на печатот.

Намерно одбиваат да ги повлечат производите со грешка, на тој начин загрозувајќи ни ги животите поради трката за заработка.

Управуваат со економската политика, наспроти катастрофалните неуспеси на нивната политика.

Донираат огромни пари на политичарите кои треба да ги контролираат.

Продолжуваат да ги блокираат алтернативните видови енергија за и понатаму да бидеме зависни од нафтата.

Продолжуваат да ги блокираат природните лекови кои би можеле да спасат човечки животи за да ги заштитат инвестициите кои веќе им донеле огромна заработка.

Намерно ги заташкуваат изливите на нафта, несреќите, фалсификуваното книговодство и штетните состојки во трката за профит.

Намерно погрешно ги информираат луѓето и ги држат во страв преку контрола на медиумите.

Прифаќаат приватни договори за убиство на заробеник дури и кога постои сериозен сомнеж во нивната вина.

Спроведуваат колонијализам дома и во странство.

Учествуваат во измачувањето и убивањето невини цивили во странство.

Продолжуваат да произведуваат оружје за масовно уништување за да ги добијат договорите со владата.

Луѓе од целиот свет,
Ние, Генералното собрание на град Њујорк, кое го окупираше Волстрит на плоштадот Слобода, бараме од вас да покажете дека имате моќ.

Искористете го своето право за мирно собирање; заземете го јавниот простор, започнете процес за решавање на проблемите со кои се соочуваме и барајте решенија кои ќе бидат достапни за сите.

На сите заедници кои преземаат акција и формираат групи во духот на директната демократија им нудиме поддршка, документи и сите ресурси кои ги имаме на располагање.

Придружете ни се и нека се слушне и вашиот глас!

Извор: occupywallst.org

ОкоБоли главаВицФото