Иднината е во скулптурите

05.12.2011 13:25
Иднината е во скулптурите

Банкстери

„Денес е време на светски банкстери (американска кованица од банкари и гангстери), а сегашноста е ужасно гладна за економски гуруа кои ќе му стават крај на галопирачкиот економски деспотизам, кој на патот до суровите профити ги жртвува хуманите и социјалните вредности кои му даваат смисла на развојот.“

Катерина Блажевска, во колумната за економскиот гуру Анте Марковиќ

Одговорно „серење“ за новинарите

„Истите тие новинари нè отекоа со муабетот за декриминализација на клеветата, што во превод значи, онака уличарски и народски по мое, бараат легално да серат против кого сакаат, да можат некому и ден да затемнат, и живот да зацрнат, и кариера да упропастат, ама за тоа да не преземаат никаква одговорност пред никого, бараат да им биде дозволено без никаква пречка да лажат и манипулираат, да спинуваат и одработуваат, иако сите знаеме, нивните дела тоа досега го покажале, најголемиот дел од нив го блебетаат само она што партијата-миленичка го побарала, газдата-божество го наредил, па газето што им зинало за кеш го одработило.“

Александар Русјаков, уметник, колумнист и „сератор“ во државното кабаре

Пусти соништа

„А смеат ли Македонците да сонуваат за етничка Македонија во обединета Европа, како што сонуваат Албанците за етничка Албанија? Не смеат.“

Зоран Димитровски, толкувач на етно-националистички соништа

Национализмот ги јаде и своите деца

„Добредојдовте во земјата на национализмот. Добре дојдовте во Македонија. Како се храни и негува национализмот? Никој ништо не знае и сите се правиме будали. Последниот пример говори за деца од второ одделение, кои се потпишувале во тетратка во одбрана на името, додека саделе дрвца, се разбира, на Денот на дрвото. Упатството на нивните наставници било: ’Кој е за Северна Македонија не треба да се потпишува’".

Биљана Секуловска, во колумната „Добре дојдовте во земјата на сините очи“

Обезглавена кокошка

„Добро ни е познато дека во Македонија тешко се пробива слободна и критичка мисла. А таа сега ни е нужна како вода... Ќе влегуваме ли во авантурава на ЕУ како обезглавена кокошка или ќе дигнеме рачна за да промислиме убаво и темелно за она што треба да го сториме?“

Мирка Велиновска, пионерка на слободната и критичка мисла

Методите на Сталин

„Уште една голема мудрост од Сталин научи нашата револуционерна партија (иако мислам дека тоа го научиле – така млади и талентирани – инстинктивно, природно, од бога дадено): Сталин не ги напаѓал идеите на својот противник, тој му ја напаѓал главата.“

Никола Гелевски, во колумната „Говнарските цевки на јазикот“

Вистина и одговорност

„Само кажи ја вистината. Јас ќе лежам за убиство другарче, ама и они за одговорност.“

Игор Спасов, во разговор со својот командир

Паднат од Марс

„Наводно сме живееле во огромен страв, а кога луѓето се уплашени, најлесно се жртвувала демократијата, особено ако тоа време се совпаѓало со економска и со социјална криза, со растечки популизам и авторитаризам, во какви услови се случувале најголемите човечки трагедии. Цела редица такви бесмислици, во кои за некој да поверува навистина треба да е паднат од Марс.“

Димитар Мирчев, наводно колумнист

Перде на очите

„Еее, Мирчев, Мирчев. Едно време беше професор со кредибилитет. Која мака те натера да ставиш перде на очите и во сиромаштијата да гледаш богатство, во безаконието – воспоставување на правото, во авторитарноста – демократија, во сеопштата политизација – професионалност, а во секојдневното масовно заплашување и казнување – слобода и права.“

Мирјана Најчевска, критичарка без перде

Иднината е во скулптурите

"Се поставуваат скулптурите излиени во бронза. Тие претставуваат млади девојки и момчиња. Ги избрав затоа што иднината е во младите, а со рацете покажуваат кон историјата и културата на Македонија."

Валентина Каранфилова – Стевановска, милионерка и авторка на "Порта Македонија" и „Воин на коњ“

 

Изборот го направи Жарко Трајаноски

Фотографија: Роберт Глигоров

ОкоБоли главаВицФото