Главолом шампионите за 2011 година!

30.12.2011 15:28
Главолом шампионите за 2011 година!

Главолом шампионот за 2011 години, без апсолутно никаква конкуренција, е Никола Груевски. Дали после петгодишното владеење сосема му се олабавија „сфинктерите“, дали поради големиот страв што кај него ги предизвикаа предвремените парламентарни избори, дали поради чувството на семоќ и изразито насилничкото однесување на неговата власт, првиот министер годинава како да ги загуби сите компаси.

Од неговите недостижни 24 изјави во рубриката „Боли глава“ како посебно блескави ги издвоивме следните:

Зтави едно прашање

Тие се обидуваат очигледно вештачки да создадат некоја сензација со тоа дали координаторот на пратеничката група на ВМРО ме прашува за некое прашање дека ќе биде поставено, или ме известил за некое прашање или не ме известил јас дека сум кажал или не сум кажал дека тоа нема никаков проблем да биде било какво прашање поставено.

„Алфа ТВ“, 27.11.11.

Мафијашите и кичмата

На последните избори, освен како што е тоа нормално со опозицијата, бевме под жесток удар и на досега незабележана медиумска хајка од една мафијашка структура која држејќи во заложништво група новинари, сакаше да ја скрши кичмата на Македонија.

Пред подмладокот на ВМРО ДПМНЕ; „Вечер“, 21.11.11.

Трите срца

Ако работиме макотрпно, а сме блокирани од виртуелен спор, сигурни сме дека сме вложиле не половина помалку, туку три пати повеќе во процесот на евроинтеграции. Не сме работеле со половина срце, туку со три срца.

Реакција на европскиот извештај; „Плусинфо“, 12.10.11.

Македонија гради споменици, не јас

Тие (спомениците) не ми припаѓаат мене, ни на некој друг поединец или партија. Тие се дела на Македонија, како потврда за тоа што ни е оставено во аманет.

Во празничен говор; zurnal.mk, 09.09.11.

Подароци

Најубавиот подарок за мојот роденден е најновата индиска инвестиција во Бунарџик. Исто така тоа е подарок од мене за македонскиот народ.

„Вест“, 03.09.11.

Избор(и)

Македонија на 5 јуни ќе има можност да избира помеѓу една промакедонска и една прогрчка коалиција.

На митинг во Битола; „Утрински весник“, 25.05.11.

Само...

Бранко Црвенковски сега е пензионер со највисока пензија во државата, има шофер, има канцеларија. Нека седи таму, нека ја зема пензијата и ќе му ја покачиме ако треба, како што ќе ја покачиме и на сите други, само нека ни се тргне од патот.

„Нова Македонија“, 19.05.11.

Љубители на предизвици

ВМРО-ДПМНЕ сака предизвици, ама, зарем мораше да го добиеме најголемиот - светската економска криза....

На промоцијата на „Манифестот“, 14.05.11.

Не знам како се прави тоа!

Малку е тоа што опозицијата врши на некој начин притисок врз судството со нивното излегување од Собранието, сега се бара и Владата да направи притисок на кој било начин. Дури беше кажано дека премиерот треба да си најде начин како тоа да го направи, а еден од нив рече дека сите премиери знаеле како се прави тоа.

После лидерската средба кај Иванов; 07.02.11.

Гебелс од народот

Илјадапати повторена лага станува вистина, вели народот.

интервју за МИА (долго 53 страници!), 13.01.11.

Три стила

Од друга страна, стиловите на зградите кои се градат се главно три и ниту еден не е антички. Тоа е современиот стил, барокот и неокласицизмот.

интервју за МИА; 13.01.11.

Културен напредок

Културниот напредок е само дел од сеопштиот напредок на кој работиме.

интервју за МИА; 13.01.11.

Меѓу позастапените главоломци во 2011 години беа и стандардните: Ѓорге Иванов, Коце Трајановски, Илија Димовски, Мирка Велиновска, Драган Павловиќ Латас... Меѓу оние „главоломци“ што блеснаа токму во 2011 посебно треба да се издвои новиот главен и одговорен уредник на „Дневник“, Зоран Димитровски.

Во продолжение пренесуваме педесет најатрактивни изјави од нашата рубрика „Боли глава“:

1
Ве обожавам! (лицемерно)

Премиере ве обожавам, толку жалби имам, не можам да ги поднесам од голема љубов кон вас!

(малку подоцна)

- Дали сте задоволни од работата на владата?

- Не сум задоволна.

-Зошто тогаш му рековте на премиерот дека сакате да го гушнете?

- Лицемерие, како би опстанала. Замисли ти, да не му кажеш дека го сакаш?!

Јана Лембанова, граѓанка, при за граѓаните отворена посета на владата; 26.12.11., „Плусинфо.мк“

2
Лажење на големо

Овде се лаже на големо.

Игор Спасов, полицаец обвинет за бруталното убиство на Мартин Нешковски, во судница; bumbar.mk, 21.12.11.

3
Каков обвинител таква држава

Ние тука дискутираме и правиме стандарди, а забораваме дека ние сме, да не претерам, најмалку шест-седум генерации зад западните демократии, од аспект на цивилизациско, културолошко, политичко и економско ниво. Ние не сме спремни да го следиме примерот на западните демократии.

Љупчо Шврговски, невидливиот јавен обвинител на држава која ни минимално не ги исполнува неговите „цивилизациски нивоа“; дневен „Фокус“, 15.12.11.

4
Нешто фали

Алијансата на цивилизациите, дијалогот меѓу цивилизациите, се токму оние нешта кои предолго ни недостигаа.

Ѓорге Иванов, претседател; „Дневник“, 10.12.11.

5
Западоиди

Во западните земји (Британија предводи), не само Аристотел, туку и Шекспир и Пикасо се технолошки вишок.

Билјана Ванковска, „Нова Македонија“, 12.12.11.

6
Мрзење и сакање

Веднаш да се знае - мрзам педери, дволични, шиптари, бугари, фолиранти, транзициони богаташи, лажови, а сакам жени, „оф роуд“ животни, патувања, лежерност, Кохиба, Џејмисон, Корона, Сол...

Миленко Неделковски на својот фејсбук профил; дневен „Фокус“, 28.11.11.

7
Троскот и пиреј

Тоа е жилавиот корен на Македонецот, кој е неискоренлив како троскотот, како пирејот и кој говори посилно од пенливите усти на грчките современици, кои патем забораваат на своето племенско африканско потекло.

Мишко Талески, Македонска нација (www.mn.mk); 23.11.11

8

Избор

Подобро кај Миленко на штипка, одошто пред Грујо на шипка.

Бранко Героски, дневен „Фокус“, 21.11.11.

9
Заговор

Не треба посебно да се докажува дека токму Вашингтон го менаџира овој процес, кој се сведува на програмирано разнебитување на македонскиот народ.

Ристо Никовски, дипломат; од предавањето објавено на zirm.org.

10
Тркалото се сврте

Пред 2000 години Македонија беше на врвот на светот, сега тркалото се сврте, но ми се чини дека повторно одиме нагоре.

Рубенс Муратовски, актер, изјава по потпишувањето на „Манифестот на Македониумот“; Курир, 11.11.11.

11
Закон за новинари и проститутки

На медиумите им е потребен закон, само за новинарите и проститутките нема закон, а јас не сакам да бидам проститутка.

Драган Павловиќ Латас на МТВ; „Press24“, 30.10.11.

12
Вонбрачните деца

СОРОСОИДИ се вонбрачните деца на познатиот Сорос.

Драган Павловиќ Латас, „Вечер“, 01.11.2011

13
Моменти

Учеството на опозицијата во процесите не се мери со учество на вечери, модни презентации и коктели, туку преку учество на значајните одбележувања и моменти.

Илија Димовски, пратеник; „Дневник“, 22.10.11.

14
Хитлер, Сталин и Хилари

Па, се разбира дека нема никаква разлика во моралниот образец помеѓу еден Нерон или Калигула, Хитлер или Сталин и Хилари, освен во перцепцијата, која е второ име за пропагандна лага. Сите тие во своето време манифестирале апсолутна слобода (лудило) во изразувањето на сопствената моќ.

Мирка Велиновска, „Нова Македонија“, 21.10.11.

15
Миленко и народот

Никаде на светот, а најмалку во Македонија, не постои институција што има право да го цени мојот индивидуален чин. Тоа право го има само народот. Мојот народ. Македонскиот народ!

Миленко Неделковски, off-road возач; „Публика“, 30.09.11.

16
Хомосексуалците се педофили

Прво сакаат брак, па да посвојат дете, и на крајот, и да го обљубат истото?!

Бобан Нонковиќ, новинар, „Дневник“, 23.09.11.

17
Каде лежел зајакот

Изгради ја капијата, победите сами ќе дојдат!

Ивона Талеска, на телевизија Сител, пренос од пристигнувањето на кошаркарите, 19.9.11.

18
Олимпијада на Марс

Спектаклот на осми септември ќе биде како да е отворање на Олимпијада во 2034 година на Марс.

Сташа Зуровац, кореограф од Хрватска; „Вест“, 03.09.11.

19
Плурализам на медиумите

Во Македонија има нагласен плурализам во медиумите, зашто работат над 100 информативни интернет-портали - oд кои 20 се национални, илјадници блогови и 600.000-700.000 корисници на Фејсбук. На овие мрежи се дискутира за различни настани, вклучително и за политичките.

Влатко Ѓорчев, пратеник, на собраниска седница; Плусинфо.мк, 05.09.11

20
Гордост

Горда сум што сум послушник на премиерот Никола Груевски.

Бети Кузмановска, пратеничка, на собраниска седница; „Фокус“, 26.08.11.

21
Недела неработен ден за верниците

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека согласно со Законот за празниците, 28 август (недела), Успение на Пресвета Богородица (Голема Богородица), е неработен ден за верниците од православната вероисповед во Република Македонија.

Соопштение на Министерството за труд и социјална политика; ping.mk, 22.08.11.

22
Среден прст за Грците

Ова е нашиот начин да им речеме „еве ви го средниот прст“.

Антонио Милошоски, пратеник; Guardian, 14.08.2011; + Инфо, 15.08.2011

23
Сепак по закон?

Нејсе, во правната држава која се обидуваме да ја воспоставиме, лустрацијата сепак мора да се одвива по законски пат, значи и со формално правни „заврзлами”.

Зоран Димитровски, главен уредник на „Дневник“, 06.08.11.

24
Само за лично уживање

... Македонија нема никогаш и никому да припаѓа, кога го создавав светот неа ја создадов за себе, за да има каде да се исполнам со радост.

Господ Бог, линк до изворот

25
Сo двете нозе

Сакам да потенцирам дека мојот ангажман останува силно и недвосмислено врзан за Премиерот, и тоа со двете нозe.

Мартин Протоѓер, 02.08.2011

26
Скршена магија

Со поставувањето на Александар Македонски на плоштад како да е скршена некоја магија македонскиот народ да не си ја согледува историјата во целина.

Ацо Станковски, ТВ емисија кај Миленко; „Канал 5“, 27.06.11.

27
Подобри од ЕУ!

Внатре во ЕУ тешко ќе најдете толку добро организирани избори какви што беа нашите.

Ѓорге Иванов, претседател, во емисијата „Јади Бурек“; „Наша ТВ“, 28/9.06.11.

28
Не сум од тука

Таков настан воопшто не е пријавен во МВР и доколку имате било какви сознанија ви стоиме на располагање за да го пријавите настанот.

Иво Котевски, портпарол на МВР, се прави на „Тошо“ пред фактот дека полицаец убил човек на плоштад; А1 ТВ, 07.06.11.

29
Златна средина

Вистината, се разбира, секогаш е некаде на средината. Груевски не е ниту Хитлер, ниту Александар.

Зоран Димитровски, главен уредник на „Дневник“; 02.06.11.

30
Новиот Александар

Никола Груевски е новиот Александар Македонски.

Ванчо Шехтански, лидерот на ТМРО во егзалтација на митингот во Берово го споредува премиерот со античкиот освојувач; Утрински весник, 28.05.11.

31
Благодарност за мајката

Јас оваа прилика ја користам, дами и господа, да ù се заблагодарам на мајката на Никола Груевски што го родила.

Љубисав Иванов Ѕинго, на предизборен митинг; „Фокус“, 27.05.11.

32
Зајче скока овде-онде

Гледам едно зајче, уплашено така, скока овде-онде. Скока со едно мало торбиче, и му велам - Добар ден, колега зајче, носителу зајче, што правиш? Вика, барам гласачи. Добро, велам, и јас исто.

Зоран Ставрески, вицепремиер, на предизборен митинг во Струмица; „Фокус“, 27.05.11.

33
Ах, таа А1

А1 не е телевизија. А1 е политичка партија во коалиција со СДСМ, А1 учествува со кандидати со пратеници на листите на СДСМ. Затоа А1 со ниска вулгарна и безобразна пропаганда мора да си ја одработи улогата што ја има добиено од Бранко Црвенковски. Жалиме што луѓето што се претставуваат како новинари, всушност, ја злоупотребуваат новинарската титула, всушност, тие се партиски активисти.

Александар Бичиклиски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ; „Утрински весник“, 10.05.11.

34
Багрем не, палма да

Зарем сакате багреми да посадиме?! Палмите асоцираат на море, на плажа.

Коце Трајановски, најсрамниот градоначалник во историјата на Скопје!; „Утрински весник“, 28.04.11.

35
Постаро и поново Скопје

Со ова централното градско подрачје ќе добие нов лик, еден класичен лик, еден лик на старо Скопје, што ќе значи нов имиџ на градот Скопје.

Коце Трајановски, градоначалник, „Кајгана“, 27.04.11.

36
Демијурзи

Дали сме виновни ние што првпат во историјата на плурална Македонија, власта почна да гради и да создава?

Илија Димовски, „Дневник“, 29.03.11.

37
Пеперугата и цунамито

Кога Никола Груевски фрла лопата за изградба на некој објект во Македонија, гледаме дека во Чешка растат згради и објекти!

Љубе Бошкоски; „Фокус“, 18.03.11.

38
Преку прозор

Ако министрите од ДУИ од владата ги избркаат од врата, тие ќе влезат преку прозорци!

Флора Кадриу, пратеник; А1 ТВ, 18.03.11.

39
Харли Девидсон

Очигледно е дека оваа власт е евроатланска, колку што баба ми знаеше да вози мотор „харли девидсон“.

Љубомир Фрчкоски, „Дневник“, 15.03.11.

40
Свињокол

Човекот не гледа во изборите политички процес туку свињокол. Тој го има казанот, ги има ножевите, ја има дружината што ќе го брка животното по дворот, има врела вода и престилка од бела пластика, ченгели обесени под стреата, малку страв и многу стрв и ја има војската на која ќе и’ ги продаде паштетите, шварглите и чварките. Проекцијата не се однесува само на Бранкота. Секој што ќе излезе на избори ризикува да заврши како свиња ако претходно некој не му ги собере ножевите на нашиот мераклија.

Бранко Тричковски, „Глобус“, 08.03.11.

41
Големи муда

Историјата, исто така покажува дека во тешките моменти се гледа кој е маж и патриот, а кој е педерче и кукавица. Исто така, дека таа иста историја покажала дека македонците секогаш меѓу себе имала мажишта (ама и женишта кои имале поголеми муда од многу мажи: Мирка Гинова, Мара Бунева и секако Мирка Велиновска), кои знаеле да го дадат највредното во корист на својот народ и држава.

Миленко Неделковски

42
Удар врз идентитетот

И ова последното со реконструираната црква музеј на скопското Кале исто така не е ли удар по македонскиот идентитет и начин за бришење на македонското постоење и децениското уривање и уништување на македонските цркви и споменици во северна Грција.

Г.г. Стефан; Точка, 20.02.11.

43
Колку да се мразат евреите?

Антисемитот е личност која ги мрази Евреите повеќе од потребното.

Ѓорѓе Иванов, Светомир Шкариќ, во учебникот „Политички теории – антика“ - преземено до Шпиц

44
Намигнат

Со претседателот Обама се поздравивме намигнувајќи, бидејќи бев на најблиската маса, така што се поздравивме.

Ѓорге Иванов, претседател; „Фокус“, 11.02.11.

45
Криминал со американски благослов

Е па, Рикер рече дека Груевски, како носител на извршната власт, мора да изврши притисок врз судската власт, за да се овозможи непречено функционирање на организираниот криминал. Ако тоа не се спроведе, Рикер на Македонија и најави тешки проблеми. И бидна! Криминалот уште еднаш триумфираше со американски благослов.

Мирка Велиновска, Нова Македонија, 11.02.2011

46
Нуклеарна Македонија

Ако државата реши на Кале да се гради атомска централа, тогаш ќе градиме.

Паско Кузман, археолог; Утрински весник, 02.02.11.

47
Овци, мажи и жени

Ако се дозволи брак на маж со маж или на жена со жена, тогаш нека се женат и мажат и со овци, крави, со сите животни. Тоа нè води близу до пропаста на светот.

Петар, владика преспанско-пелагониски, на предбожикна средба со новинарите; „Утрински весник“, 14.01.11.

48
Машки мајмун

Замислете Господ да создал два мажи или две жени. Или да создал два машки мајмуни или два женски мајмуни, па од нив да се направеше човек. Тогаш историјата ќе траеше многу кратко. (...) Неприродно е да има брак меѓу луѓе од ист пол. Општеството, државата треба да ги згрижи хомосексуалците.

Г.Г. Стефан, aрхиепископ Охридско–Македонски, во божиќна литургија; „Кирилица“, 08.01.11.

49
Предавникот мора да се пријави самиот

Калкулантството, комодитетот и апатриотските чувства се далечни и не се дел од македонскиот вредносен систем. Барем оној кој го паметиме од нашите предци. Сите имаат право да размислуваат и поинаку, но тоа мора да го споделат и да го соопштат на македонската јавност.

Илија Димовски, „Дневник“, 11.01.10.

50
Национална инсомнија

-Проблемите кои ги има нацијата, го мачат и Иванов.

-Не е лесно да се заспива со проблемите на нацијата.Некогаш поминувам цели ноќи во размислување и во читање на книги и разни анализи.

Ѓорге Томиќ, новинар, и Ѓорге Иванов, претседател, во прилог на „Канал 5 ТВ“, 06.01.11.

Слични содржини

Општество
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото