Белите дамки на македонската историја (1)

28.12.2011 12:46
Белите дамки на македонската историја (1)

Извор/првпат објавено: "Start magazin", Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 50-55 str.

Интервјуто на Вера Ацева и објавувањето на нејзиното, иако значително скратено, „писмо до Светозар Вукмановиќ - Темпо“ предизвикаа сензација, не само помеѓу историчарите. Имено, Ацева, народен херој и долгогодишен член на ЦК на Југославија и на ЦК на Македонија, остро и директно го отвори прашањето на исправување, всушност на научно утврдување на вистинската историја на најважниот период од развојот и државното формирање на Македонија, оној од 1941 до 1945 година!

Како што кажа македонскиот историчар д-р Иван Катарџиев, нејзините текстови „предизвикаа одредена збунетост, не само во македонската, туку и во југословенската јавност“, а „судирот на информации кои ги нуди Ацева со оние што егзистираат веќе 40 години и кои претставуваат историска свест некои средини го доживеаја како шок“.

Поттикнат од тоа, а уште повеќе од полемичкиот „одговор“ на Лазар Колишевски на отворањето на донеодамнешните табуа, ги актуелизирав од своите поранешни „Забелешки“ записите за двете најважни помеѓу тие спорни прашања:

1) Кој го припои („приклучи“) Покраинскиот комитет на Македонија кон Бугарската комунистичка партија?

2) Дали е преценета улогата на Л. Колишевски во настаните 1941-1945 година?

Приклучувањето на Покраинскиот комитет на Македонија кон бугарската партија

Во врска со првото прашање треба веднаш да се каже дека до денес историски-научно не се утврдени сите важни подробности за тоа како дојде до одлуката за одвојување на Покраинскиот комитет на Македонија од ЦК КП Југославија и негово „приклучување“ кон ЦК КП Бугарија.

Официјално важечкиот став на југословенската историографија, заснован на резолуциите на Петтиот конгрес на КПЈ и Првиот конгрес на КПЈ [и двата одржани во 1948 година], накратко гласи: „Секретарот на ПК на Македонија Методија Шаторов - Шарло... ја приклучи во 1941 година македонската партиска организација кон Бугарската комунистичка партија.“

Лазар Колишевски, настапувајќи во својата функција на прв човек на македонската влада и партија, ја дополнува во своите „Сеќавања“ приказната со тврдењето дека „Шаторов двапати одеше од Скопје во Софија т.е. во ЦК на Бугарија.“ Притоа истакнуваше дека тој - Колишевски - и тоа во Софија во август 1941 година, им се спротивстави на Бугарите, кои го оправдуваа Шаторов, говорејќи им: „Шаторов работеше самоволно и на своја рака. Тој ја искористи тогашната ситуација за да ги оствари своите контрареволуционерни и предавнички планови!“

Истакнатата функционерка на бугарските комунисти од тие години, Цола Драгојчева, во својата книга „Сеќавања и размислувања“, пишува дека во текот на април и мај 1941 година пред ЦК на бугарската партија се постави прашањето врз која основа да се воспостави односот со Покраинскиот комитет за Македонија. „Тогаш Методија Шаторов побара врска со нас“ (во фуснота Драгојчева додава: „Некои југословенски историчари тврдат дека М. Шаторов лично доаѓал, веднаш по капитулацијата на Југославија во Софија со намера да ја ‘предаде’ македонската партиска организација на Буг. комунистичка партија. Тоа е чиста измислица! Шаторов дојде во Софија дури на почетокот од октомври 1941 година!“).

„Меѓутоа - продолжува Драгојчева - кон крајот на април и почетокот на мај 1941 година успеа (Шаторов - А. К.) да воспостави врска со своето раководство и да ја добие согласноста на своето раководство привремено, до разјаснувањето на ситуацијата, македонската организација да се стави под раководство на нашиот (бугарскиот - А. К.) Централен комитет... Ние веднаш, со писмо датирано на 10 мај 1941 година, редактирано од Трајчо Костов и Антон Иванов (политичкиот и организацискиот секретар на ЦК КПБ - А. К.), му го јавивме на Задграничниот комитет (т.е. на Политбирото на ЦК КПБ, во Москва - А. К.) следното: ‘Веќе воспоставивме врска со македонскиот Областен комитет кој, во согласност со КПЈ, преминува под наше раководство.’“

Така, според официјалното толкување како на нашата така и на бугарската партиска историја, Македонецот Методија Шаторов - Шарло, член на ЦК КПЈ и секретар на ПК за Македонија, на своја рака го изврши тоа „приклучување“. А тоа во тој историски момент ја одредуваше судбината и иднината не само на партиските организации во Македонија, туку и на македонскиот народ и на Македонија воопшто!

Меѓутоа, има многу факти кои не се согласуваат ниту со таа „вистина“ на нашата официјална историографија ниту со сведочењата на Колишевски и Драгојчева, односно со бугарската политичка историја.

Како прво, постои изјава на Перо Ивановски - Тиквар, организациски секретар на ПК за Македонија во тие дни.

Ивановски пишува дека во април 1941 година Шаторов со писмо беше повикан во Софија, да му се јави на Централниот комитет на бугарската партија. „Шаторов веднаш го извести Покраинскиот комитет за тоа и отпатува во Софија... Откако отпатува, дојде повик од ЦК КПЈ Шаторов веднаш да дојде во Белград, зашто беше избран член на ЦК КПЈ... Ние (т.е. ПК за Македонија) немавме друг избор па го испративме членот на ПК Коце Металец во Белград да види за што се работи и да каже дека Шаторов не е во Скопје, туку дека отиде во Софија. Коце се врати и рече дека другарите инсистирале Шаторов да дојде во Белград. По два дена Шарло се врати од Софија. Му кажавме - Коце и јас - за повикот од Белград. Тој одговори: ‘Завршено е со тоа. Ние сега сме поврзани со ЦК на Бугарија.’“ Понатаму, Ивановски тврди дека во декември 1940 година Иван Милутиновиќ, член на Политбирото на КПЈ, му рекол дека ЦК КПЈ и ЦК КП на Бугарија се договориле дека, во случај на војна, т.е. на прекин на редовните врски помеѓу Белград и Македонија, ПК за Македонија треба да побара и да воспостави врска со Софија, а преку неа со ЦК КПЈ!

Како второ, последните денови од април 1941 година мене во Скопје Петар Богданов, член на ЦК на КП Бугарија, делегиран „за работа во Македонија“, ми соопшти (бидејќи тогаш раководев со студентската партиска ќелија и со младинските скоевски групи) дека „отсега, со одлука на Коминтерната партиските организации во Македонија преминуваат под раководство на ЦК КП на Бугарија“, па дека „СКОЈ ќе биде РЕМС (Работнички младински сојуз)“!

Во мај 1941 година организацискиот секретар на ПК Перо Ивановски - Тиквар ми соопшти дека пристигнал итен повик од ЦК КПЈ Шаторов да дојде на советувањето на ЦК. „Шаторов - ми рече Ивановски - одбива да оди и тврди дека тој е поврзан со ЦК КП на Бугарија.“ Меѓутоа, Тиквар и останатите од ПК (Коце Металец и Мара Нацева) сметаат дека треба да се оди. Тиквар ми предлага мене да одам во Белград и да ја изложам пред ЦК ситуацијата и да слушнам што порачува ЦК!

Иако прогонет илегалец, стигнав во Белград и имав два долги состаноци со членот на Политбирото Иван Милутиновиќ.

Милутиновиќ ми рече дека ЦК КПЈ знаел за „приклучувањето“, го осуди како штетна акција и ги презел потребните мерки за тоа веднаш да се поправи. Се вратив во Скопје и оттогаш - од крајот на мај 1941 година - иако имав редовни партиски и други контакти со многу партиски ќелии и комунисти од Скопје, Куманово и Велес, никогаш не слушнав дека некој поединец или група се согласува со „приклучувањето“ кон бугарската партија или дека се залага за тоа!

Денес, кога под впечатокот на со децении популаризираната официјална историја - како што тоа го кажува В. Ацева - владее црно-бела слика за Македонија во 1941 година (на едната страна предавник, Шаторов, а на другата - спасител, Колишевски), тешко е да се сфати тогашната стварност.

Меѓутоа, доволно е да се погледнат тогашните партиски документи (а не надокнадните, со ништо недокажани прераскажувања или изјави на „крунските сведоци на Револуцијата“), па да се увери човек во фактите.

Го наведувам само циркуларното писмо на делегатот на ЦК КПЈ Д. Павловиќ - Шиљо од 19 август 1941 година во кое, како директива, изречно се кажува дека „прашањето на која партија ќе биде приклучена македонската партиска организација не е ниту централно ниту важно: тоа е прашање кое братски ќе го решат раководствата на двете партии“!

Како трето, Трајчо Костов, секретарот на ЦК БКП, во 1946-1947 ми го повтори неколкупати следното:

„Задграничното биро (т.е. Политбирото на БКП во Москва) со писмо напишано во април 1941 година му нареди на ЦК на бугарската партија (т.е. конкретно нему, на Т. Костов) веднаш да го преземе ‘раководството и контролата’ над сите организации во ‘новоослободените краеви на бивша Југославија и Грција’“! Имено, на Бугарија, по крахот на Грција, ѝ припадна и дел од Егејска Македонија.

На моите директни прашања од каде таа идеја и со кои аргументи се правдаше тоа „приклучување“ на македонските комунисти на бугарската партија, Костов сè сведуваше на тогашната проценка на другарите во Москва дека засекогаш е завршено со версајска Југославија. Тоа го илустрираше со повеќе докази, на пример, Советскиот Сојуз го призна разбивањето на Југославија и го истера југословенскиот амбасадор, а советскиот амбасадор во Бугарија тогаш (во април-мај 1941 година) му го честита на цар Борис „припојувањето на новоослободените краеви“ т.е. на деловите на Југославија и Грција, што дипломатски де факто е признавање! Главниот аргумент, пак, секогаш му беше договорот на претставниците на ЦК на Бугарија и Југославија од првите денови на 1941 година, за соработката на двете партии!

Интересно е тоа што и Костов, како и сите останати бугарски раководители, вклучувајќи го и Г. Димитров, секогаш го истакнуваше и следното:

„Кој тогаш, во април 1941 година, можеше да очекува дека таа слаба и растргната КПЈ ќе крене востание и ќе поведе партизанска војна?“

Како четврто, јас имав многу разговори со Георги Димитров во текот на 1945-1947 година и редовно - за ЦК КПЈ - за тоа праќав детални извештаи, кои сигурно се зачувани. Исказите на Димитров ја негираат „вистината“ на Цола Драгојчева.

Нему, како што се знае, Сталин му дозволи да се врати во Бугарија дури на 6 ноември 1945 година, иако Бугарија имаше отечествено-фронтовска влада веќе од 9 септември 1944 година! Две недели по неговото доаѓање во Бугарија, во вторник, 20 ноември 1944 година, ме повика личниот секретар и ми соопшти дека другарот Димитров одлучи мене, како на Југословен, прв да ми даде интервју!

Тие години интервјуата со важните политички личности не беа информација, туку - политичка акција! Затоа Димитров и ме избра мене, „специјалниот дописник“ на „Борба“, зашто тоа се и деновите на забрзани преговори за федерација (или конфедерација) на Јужните Словени...

Мојата листа на прашања ја прегледа во Белград Ѓилас, па некои отфрли, а други додаде.

Димитров ме прими во својот приватен стан и одговараше многу отворено на сите мои прашања. Имено, тој ме знаеше уште од 1933 година, кога ја водеше Балканската секција во Виена, а јас доаѓав како курир на ЦК КПЈ.

Во разговорот лесно можеше да се забележи дека Димитров не го познава ниту односот на силите ниту стварноста на тогашна Бугарија. Тоа е и разбирливо кога се знае дека тој, во текот на емиграцијата, ги следеше случувањата во татковината само преку „извештаите“ и пропагандните статии. На прашањето за улогата и положбата на Македонија во идната федерација, рече:

„Кога хитлеровците ја освоија Југославија и ја расчеречија, Секретаријатот на Извршниот комитет на Коминтерната долго и подробно го разгледуваше неочекуваното менување на ситуацијата. Советските другари тврдеа дека новонастанатата ситуација и новоскроените граници ќе останат трајно, дека тоа е апсолутно утврдено и потпишано со договорот Молотов-Рибентроп. Трајни се западните граници на СССР (се мисли на териториите добиени од Полска и Романија - А. К.), како и вклучувањето на Добруџа во Бугарија, а со самото тоа и разбивањето на версајска Југославија! Во врска со Југославија и Грција, посебно се дискутираше за новонастанатата положба на Македонија. За тоа реферираше В. Поп Томов. Го застапуваше ставот дека е неопходно да се активираат големите капацитети кои лежат во националното движење на Македонците. Затоа е потребно да ги води силна и решителна Компартија. На Балканот е најсилна и најдобро организирана Бугарската партија... Затоа предложи македонските организации (и КП и ВМРО (Обединета)) да се стават под контрола на ЦК КПБ и организациски да се поврзат со него.“ Димитров „дополнително се согласил со овој предлог“, иако кажува, „не учествувал во дискусијата“.

По согласноста од Димитров, бугарското Задгранично биро во Москва ја прифати таа одлука и веднаш ја спроведе во живот.

„Меѓутоа“, продолжува Димитров, „Валтер (Тито) енергично протестираше, најпрво преку кратка телеграма, а потоа со низа надолго објаснети обвинувања. Ние, Извршниот комитет, брзо ја исправивме оваа наша очигледна грешка. Валтер доби сатисфакција. Не смее да се заборави дека до оваа грешка дојде во време кога сè уште дејствуваше пактот Молотов-Рибентроп и кога КП на Југославија беше мала, илегална партија, послаба не само од КП на Бугарија, туку и од КП на Грција!

Кога дојде до Хитлеровиот напад на Советскиот Сојуз и кога почна партизанската војна во Југославија, ние се уверивме дека згрешивме и болшевички ја признавме грешката и ја поништивме погрешната одлука.

Има уште многу факти кои непобитно ја докажуваат вистината: ниту Шаторов беше некој важен фактор ниту Колишевски беше „спасител“. Битката се водеше помеѓу бугарското лоби како истурен фактор на советската политика и Тито со КПЈ како бранител на Југославија! И на крајот, сигурен сум дека, кога најпосле ќе се отворат советските, односно коминтернските архиви, ќе биде непобитно докажано дека Методија Шаторов - Шарло секогаш бил совесен, до смрт верен човек на Коминтерната, комунист кој се трудеше да ги изврши сите задачи и директиви на раководството. Тоа го правеше во Бугарија, СССР, Кина, Шпанија и во својата родна Македонија подеднакво!

Дури и кога ги ’приклучи’ партиските организации на Македонија кон Бугарија и кога, исклучен од ЦК КПЈ, му се јави на ЦК со молба да биде испратен во партизани и кога, ден пред ослободувањето на Бугарија, во шумите на Софија, на 8 септември 1944 година беше убиен со куршум во грб...“

(продолжува...)

Извор: marxists.org; „Start magazin“, Zagreb, No. 537, 19.8.1989, 50-55 str.

Превод: Здравко Савески

Цртежи: Little Worries