Град врз темели на магла

20.01.2012 13:19
Град врз темели на магла

Побел од излупено јаболко, градот се издигаше врз темели на магла. На неговите покриви лежеше светлоста на сите векови, но секогаш на едната негова половина, на онаа што го минала работ на мракот. Градот, насреде пресечен со границата на денот и ноќта, се вртеше без прекин како да е поставен на голем воденички камен.

Долу, во маглата под градот, луѓето не се препознаваа меѓу себе. Изморени од барањата на својот идентитет, се разминуваа без поздрав или, скоро слепи, се судираа, се тргаа еден од друг без извинување, продолжуваа бесцелно да чекорат. Изгледаа исти, не се разликуваа. Оние што се одвојуваа од тој еднообразен свет, живееја во некој друг свет до кој низ маглата тешко се наоѓаше пат. Нигде немаше патоказ, нигде зрак. Само облици на згради и силуети во разминување. Ништо друго.

Градот, не оној над маглата, другиот во неа, не се наоѓаше на ниедна географска карта. Од која страна и да му се пријдеше, остануваше еднодимензионален.

Од рабовите на другиот град, оној врз темели на магла, висеа нишки на спас. Помладите можеа по нив да им се доближат на височините со силата на своите мускули. Постарите со мисла. Во нив немаше ни трошка копнеж по сончев зрак.

Магла. Темел на недостижен град. Под градот, едноличност, неизмерлива и бескрајна, вечна.

 

Од книгата „Зад тајната врата“, Македонска книга, 1993 г.

Славко Јаневски (1920-2000) е истакнат македонски раскажувач, романсиер, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Автор е на многуброjни книги за деца, патеписна проза, збирки раскази, романи, поезија и филмски сценарија. Неговиот роман "Селото зад седумте јасени" 1952 е првиот роман објавен на македонски јазик.

Илустрација: Алекс Вотсмуш

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Клопец [к:1]
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото