Јас, комунист

19.03.2012 13:25
Јас, комунист

Неодамна еден германски најпродаван автор ме обвини дека сум бил „комунист“. Најверојатно тоа требаше да биде навреда која требаше да ме означи или како криминален слепец или заслепен криминалец.

Уште кога бев млад си реков себеси дека нема да се занимавам со такви работи. Се задоволував со тоа што општествените односи, такви какви што се, ги набљудував многу критички и дека со сите сили се залагам за малите и големите алтернативи.

Ако комунист е оној кој не поднесува експлоатација, обесправеност, занемарување и угнетување на луѓето, и ако комунист е оној кој за тоа не ја обвинува ни природата околу нас ни човечката природа, туку конкретните односи во кои заработката и моќта се распределени на еден посебно и исклучително неправеден начин – тогаш јас навистина сум комунист.

Но, се разбира дека зборот комунист има своја историја. Кога во Германија некој ќе биде наречен така, со тоа тој директно или индиректно се смета за соодговорен за историските злосторства на комунистичките партии, влади и движења. Со други зборови, овој назив е непобитен аргумент после кој секој разговор е излишен.

Ако комунист значи припадност кон партија која тврди дека секогаш е во право, ако тоа значи да се ставиш во служба на една голема идеја која се смета себеси за научно докажан светоглед и не разбира шега, ако тоа значи да ја положиш секоја активност во рацете на државните бирократии, здружени со полицијата, тајните служби и деспотскиот водач, и ако тоа значи дека германската држава на своите граѓани, во замена за основниот животен стандард, им ја одзема личната слобода – тогаш, попрво не би бил комунист.

Да се биде комунист има помалку врска со политичка одлука или интелектуален самоизбор, а поголема со етикетирањето кое доаѓа од мејнстримот. Веќе долго време тоа е од другата страна на мисловните зданија и општествени модели и методи на конструкција на дисидентството.

Кој не верува дека капитализмот, во сегашната брутална или можеби некоја ублажена форма, е последниот и конечен пат за живот на човековата и работна заедница, тој е комунист. Оној кој не верува дека државата е последниот можен и конечен модел за ред и право, оној кој ја смета државата за најголемо зло на човештвото и општеството, тој е анархист. Значи, случајот е јасен: јас сум комунистички анархист.

Ме нервира не само тоа што споменатиот најпродаван автор го превиде мојот анархизам туку и тоа што мејнстримот секој облик на несогласување го третира како ретро феномен. А всушност е обратно: кога некој ги напаѓа комунистите, и самиот тој не сака да оди напред, туку се враќа на старите идеи и пракси. И подразбира дека сето она пред демократскиот капитализам било многу полошо.

Ме интересира што ќе дојде кога државата и пазарот како инструменти на управување ќе се покажат како надминати. Ме интересира, да се послужам повторно со еден комунистички збор, дали на луѓето еден ден ќе им успее да станат субјект на сопствената историја. Се прашувам дали воопшто има иднина. Комунистите се луѓе кои се заинтересирани за заеднички и самоорганизирани решенија на проблемите кои им се блиски на луѓето.

Кога комунист би било човекот кој е отворен за изненадувачкото сознание дека Карл Маркс бил во право, дека сите оние посебни нешта – платата, цените и добивката, оттуѓувањето, циклусите на кризите, воено-индустрискиот комплекс итн. – на подолг рок не можат да го обезбедат опстанокот на човештвото, и дека економските основи на општеството ја носат вината за неговата морална и културна катастрофа – најверојатно половина Германци кои размислуваат би биле комунисти, вклучувајќи и една половина од редакцијата на весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung.

Впрочем, комунизмот допрва се интегрира во капитализмот. Новите врски меѓу пост-демократијата и неолиоберализмот добиваат црти на изопачен државен социјализам: никакви слободи, никаде, освен за време на купувањето и/ли пропаѓањето. Економијата и државата во пост-демократскиот неолиберализам поседуваат апсолутна моќ. Стана невозможно да се мисли надвор од нив или барем низ нив.

Што воопшто ни значи зборот „комунист“, додека во воодушевувачка конвергенција се зближуваат маоистичко-комунистичкиот државен капитализам, експанзивниот национал-капитализам на Меркел и беспрекорниот пост-комунистички путинизам? Во глобалниот циркус на слики и идеи, „комунист“ тука не е во добро друштво.

За замката која либералните конзервативци ја поставуваат со задоволство кога се пресметуваат со дисидентите и не сакам да зборувам. Критиката му е дозволена само на оној кој има подготвен алтернативен модел, а кој има таков модел – е тој е комунист и мора да молчи. Дали сум тогаш комунист? Веројатно ни е потребен друг поим.

Ваквите обвинувања, од друга страна, се израз на зли намери. Тоа е исто како кога ќе ве наречат црнчиште, кучка, педер или панкер: од изопштувањето и понижувањето извира гордоста. И тие, исто како и ние, стојат наспроти моќта. Тоа е наша работа, наша страст, тоа е нашиот чуден талент.

Оној кој во Германија го навредуваат како комунист, во некоја „комунистичка држава“ би бил жигосан како „буржоаски индивидуалец“, „декадент“ или „контрареволуционер“. Значи, целата работа не се сведува на тоа дали некој е комунист во историска, идеолошка или дискурзивна смисла, туку на тоа дали треба да биде горд кога мејнстримот така ќе го нарече.

Извор: TAZ

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото