Десет години се гради, за една ноќ се урива

19.03.2012 15:01
Десет години се гради, за една ноќ се урива

Што ни се случуваше деновиве и што нè очекува во иднина? Имаме ли одговори за овие случувања? Дали, барем, во блиска иднина, ќе добиеме една заокружена и јасна претстава како ќе се развиваат/расипуваат меѓуетничките односи во државава? Што ќе се случува во Македонија доколку во Чикаго не навлеземе во НАТО?

Не верувам дека постои личност во Македонија која ќе се нафати да понуди одговори на овие прашања, а искрено верува дека неговите/нејзините видувања се добра основа за градење на консензуални ставови. Од друга страна, кризата низ која минува Македонија упатува на тоа дека сите учесници во јавниот дискурс треба да се однесуваат одговорно и конструктивно или, да се изразам по малку банално – да не долеваат масло на огнот.

Повикот да се смират страстите и да се дисциплинира дискурсот, во основа, значи само едно – барем одредено време ќе треба да бидат табуизирани двете најрадикални тези за кризата во меѓуетничките односи. Премиерот Груевски ја нарече идиотска тезата дека партиите од власта стојат зад сегашните насилства и инциденти.

Аналогно на тоа, како идиотска требаше да ја прогласи и тезата што е антипод на првата – дека некои мрачни сили, домашни и странски, стојат зад сегашните настани. Ова изгледа логично, но, премиерот не го направи балансот, односно, не изврши еквивокација на идиотизмот. Оттука, Владата, која се претставува како смирувач на состојбите, како носител на разумот и толеранцијата, е во голем минус што не е консекветна во осудата на сите радикални тези или, конкретно на оние за мрачните сили, кои, веќе подолго време, се пласираат во провладините медиуми.

Која теза, тогаш, останува за „трезвена и одговорна“ анализа? Во тој случај, не преостанува ништо друго освен тоа меѓуетничките тензии да се објаснуваат како резултат на вообичаената нетрпеливост меѓу двете најголеми етнички заедници во Македонија или, уште поконкретно, како последица на лошите политики во последниве шест години, со посебен акцент на грдите настани и на пропуштеното во последниве два месеци.

Оваа, последнава теза, нуди извонредни можности за анализа; таа е најпогодна за да се повторат и да се нагласат некои видувања од еден поширок, дури би рекол – од историски ракурс, но, од друга страна, нејзината основна слабост е што таа нè насочува кон аналитика, а тоа значи кон минатото и кон нашата лоша сегашност, додека, поголем дел од граѓаните на Македонија очекуваат „синтетички судови“ или, што ќе се случува во иднина. За жал, ова не е прв пат да манифестираме огромна страст за тоа што ни носи идното време, а притоа, да оставаме впечаток дека ништо не сме научиле од минатото. Но, сега, не можеме да избегаме од таа наша особеност.

Македонија е во потрага по својата иднина. Оваа поетска фраза, која заличува на некој шлагерски рефрен од песните финансирани од Агенцијата за млади и спорт, која е толку емфатична, па дури е и тривијална, сепак, говори за еден историски моментум, за една ситуација кога нацијата чувствува дека е пред важна одлука.

За неполни три месеци, а можеби и порано, ќе се знае дали ќе станеме членка на НАТО. Како што сега стојат работите, шансите за прием во Алијансата се никакви без компромис за името. Оние кои уште се надеваат, веројатно се свесни дека нивните ставови се од религиозен, а не е од рационален тип.

Може ли Груевски да се надмине себеси и да го направи најголемот салто мортале во македонската политика? Теоретски гледано, сè е можно, но ретко кој верува во тоа.

Ако Македонија не влезе во НАТО, тогаш, паѓаат во вода тврдењата дека некоја невидлива рака ги влече конците во македонската политика. Или, поконкретно кажано, под притисок на меѓународната заедница, неволно и во минута до дванаесет, сме морале да донесеме една од најтешките одлуки во поновата историја. Така, како и многупати досега, поразот во Чикаго ќе биде прогласен како победа на македонската позиција, како победа на македонската кауза.

Но, во однос на ова прашање мора да се биде крајно отворен и редукционистички настроен: сите понатамошни елаборации на оваа тема, во основа, значи да се бара некаква логика во нелогичното, да се бара поредок во светот на хаосот и да се очекува просперитет кога сите патишта кон иднината ни се веќе блокирани. Мислам дека нема потреба да ги повторувам тезите кои толку пати се кажани и се објаснети.

Насилствата и инцидентите ни нафрлија и една друга тема за внатрешна употреба, но која треба сериозно да ги замисли и да ги загрижи и странците. Во Македонија се случуваат меѓуетнички тензии кога соработката помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е добра. Замислите што ќе се случува ако пукне оваа коалиција или, пак, ако албанскиот политички кампус во Македонија, ан блок, ја прогласи ВМРО-ДПМНЕ за партија со која не може да се соработува, главно, на планот на евроатлантските аспирации, меѓуетничките односи, итн. Дали на тој начин, во постчикашкиот период, Македонија влегува во владина и во институционална криза, која е само вовед за натамошно влошување на меѓуетничките односи?

Дали е ова извесно и што ќе се случува, навистина, е неблагодарно да се прогнозира. Но, ваквите сценарија, кои за некои се катастрофични а за некои крајно реални, во основа значат дека меѓуетничкиот мир во Македонија исклучиво зависи од тоа колку меѓународниот фактор ќе успева да го контролира албанскиот фактор во државава. Тоа, за жал, е можеби така. Но, се наметнува едно друго прашање: каква е одговорноста и кој ќе ги контролира етничките Македонци? Или, пак, се мисли, дека она што важи за Албанците, не треба да важи за Македонците?!

Доколку сме отворени и чесни, би требало да си признаеме дека во изминатите шест години, Албанците во Македонија изгледаа помалку радикални и попомирливи не само поради Рамковниот договор туку, пред сè, поради тоа што во тој период се случи најголемата радикализација на Македонците. Тоа, навидум, е еден од парадоксите на пострамковна Македонија – Македонците почнаа да градат или, поточно, веќе изградија една тврда национална платформа, во прв ред, поради Грците, но која, ете, полека ја покажува својата димензија и својата „функционалност“ и на внатрешен план.

Како и да е, Македонија останува проблем со кој ќе мораат да се занимаваат и Американците и Европејците. Настрана фактот што сите во регионот напредуваат, а само ние назадуваме, сега, одеднаш, се случуваат и меѓуетнички тензии во Македонија. Оваа регресија е фрустрирачка и е многу опасна. Македонија може да послужи како пример дека она што се градело десет години, се урива за една ноќ. А, она што ќе се случи за една ноќ, може да значи и катастрофа.

Овој аспект на работите кај нас се потценува и се игнорира. Оттука, сега може само да ламентираме колку потрфрли македонската политика, но и македонската општественост, кога се случуваа оние ступидни инциденти на карневалот во Вевчани или со навивањето во Ниш. Сега, добиваат на важност оние мислења кои предупредуваат дека тие инциденти биле само врвот на ледениот брег, каписла која го активираше експлозивен набој.

Она што ќе послужи како поука за оваа власт, но и за сите наредни влади во Македонија е следната: хармонизицијата на ставовите на политичките елити, диловите и интересите на коалициските партнери, договорите меѓу лидерите на коалицијата, дефинитивно, не се никаква гаранција за градење на добри меѓуетнички односи. Политичката соработка е битна, но уште побитно е да се разбере дека мултиетничоста бара јакнење на институционалноста на системот и зајакнување на културолошкиот фактор, на т.н. културна димензија на општеството. Поедноставено кажано, нема вистинска мултиетничност, ако таа не се почувствува на теренот, ако не се гледа искреност и посветеност, ако не го допре секој човек.

Но, таа лекција, очигледно, ќе мора да ја учиме во наредните десет години. Нормално, ако не го упропастиме и ова што досега го постигнавме.

Извор: globusmagazin.com.mk

Илустрација: Маријан Каменски

Shto ne cheka e mnogu jasno.

Shto ne cheka e mnogu jasno. Kuchinjata na vojnata, kao Mickovski, Trichkovski i celoto Okno, kje prodolzhat da laat, so cel da potiknat nasilstvo, strav, nesigurnost i sommnezh vo sposobnosta, pa duri i pravoto, na makedonskite institucii da se spravat so nastanite.

FUD (Fear, Uncertainty, Doubt) e mnogu dobro poznata propagandna taktika. Bidejkji pobaruva odredena koordiniranost i inteligencija za nejzino sporeduvanje, koe gore-spomnatite dilberi ja nemaat, ukazhuva deka se raboti za akcija dobro obmislena i koordinirana od "eksperti" i "instruktori" od strana.

Glavnata aktivnost kje bide nasochena kon opravduvanje, nasproti osuduvanje, na neciviliziranoto nasilie shto go vidovme. Celta e da se paraliziraat organite na progonot i na pravniot sistem.

Opravduvanjeto, "analizite" i "odgovorite" kje se naogjaat ili vo "tradicionalnata netrpelivost megju dvete najgolemi zaednici vo Makedonija", ili vo "stupidnite nastani vo Vevchani" ili vo "navivanjeto vo Nish", i slichno, iako nishto od toa ne mozhe da opravda tepanje na zheni, deca i starci so bejzbol palki. Nastanite shto gi negiraat vakvite "analizi", kao na primer marshot za mir, kje se minimiziraat i ignoriraat. Eventualnite uspeshni akcii na policijata kje bidat osuduvani kako policiska brutalnost.

Nishto novo, i nishto posebno.

Од сега, кој сака да тепа по

Од сега, кој сака да тепа по автобуси и сокачиња, да се врзе ко Алекс у clockwork orange, да му се читаат гласно со дикција текстови од овој автор едно два, три саата. Пушти го на улица, ако пак сака да млати, читај му го Тричко, после може и оној од кутрински шо демек го цензурисале и на крај ќе му се заканиш со Геро, па да видиш дали мравка ќе згази, има баби у раце да носи на пешачки.

"FUD (Fear, Uncertainty,

"FUD (Fear, Uncertainty, Doubt) e mnogu dobro poznata propagandna taktika. Bidejkji pobaruva odredena koordiniranost i inteligencija za nejzino sporeduvanje, koe gore-spomnatite dilberi ja nemaat, ukazhuva deka se raboti za akcija dobro obmislena i koordinirana od "eksperti" i "instruktori" od strana."

Значи тоа што гореспоменатите дилбери ја немаат интелигенцијата укажува дека се работи за обмислена и координирана акција? А пред тоа велиш дека за таква координирана акција треба интелигенција. Само уште на вас да ви стане јасно колку преродбата ви ја осакатила логиката.

Мицковски по обичај заборава

Мицковски по обичај заборава да спомене дека оние кои тој слепо ги подржува ја почнаа градбата на "самостојна" Македонија, а кога на градбата ке и направиш фалшливи темели бадијала се фасадите.
Чикаго само ке биде дел од патот кои го трасира неговиот мил и непрежален Глигоров - "ГАВРАН". Во завршницата на распадот на Југославија и исцртувањето на новите граници, Македонија да стане монета за поткусурување.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото