Кој кого претставува?

20.04.2012 12:11
Кој кого претставува?

Пишувам со надеж дека речениците ќе ги поднесат големите зборови. Но, при толку голем настан, единствените зборови кои им преостануваат на луѓето се токму големите зборови.

Петократното грозоморно, подло и свирепо убиство што се случи во близина на Скопје и кое ја потресува цела Македонија е токму тоа: голема работа и решавачки настан кој по дефиниција може да одреди по кој пат ќе оди нашата земја. Првиот голем збор е на еден древен голем филозоф Сенека и кој зборува токму за патот: Колку повеќе брзаме во погрешна насока, толку подалеку сме од вистинскиот пат.

Ваквите големи настани се многу соодветни за преиспитување на патот и насоките.

Првото преиспитување би било од наша страна, од граѓаните во однос кон државата и институциите. Државата за граѓанинот е нешто како родителите за малолетно дете. Едноставно, тие деца немаат друго чаре освен да одат по патот на родителите кои, пак, со својата одговорност ќе се трудат тој пат да биде во основа здрав, а децата да имаат можност да станат подобри, особено за подоцна кога ќе станат возрасни. И по овој повод и настан ние не треба да примаме никакво друго покровителство и објаснување освен тоа што е официјално од државните институции. Државата овојпат заслужи малку повеќе кредит за тоа, од две причини.

Прво, поради одговорноста која ја покажаа скоро сите актери на чело со двете одговорни опозициски партии СДСМ и ДПА. Но, и со тоа што овој пат искрено се потруди да ги отстрани луѓето како Алексеј Дума и Иво Котевски, да не бидат првите што ќе излезат да зборуваат во име на институците. Тоа се случи поради фактот дека овие двајца имаат минат труд во замајување и изгубиле многу од уверливоста која, пак, е основен материјал од кој сите ние ја градиме довербата кон институциите.

Второто преиспитување би било за медиумите и објавувањето. Леснотијата со која некои медиуми тука, кај нас, објавуваат шпекулации и заговори е секогаш непропорционална со тешкотијата или важноста на тие одредени настани. Тоа што притоа се добива како чуство е секогаш едно исто. А тоа е прецепцијата дека недостига нешто големо во комуникациската алка меѓу новинарот и читателот или јавноста. Тоа нешто, некаде големо, некаде мало, но секаде неопходно, се нарекува уредници и уредништво.

Третото преиспитување би се однесувало на политиката и политичарите. Имено, секогаш при вакви настани се присетувам како никој од нив не се присети на нешто многу политички исплатливо. А тоа е брзо да реагира и со тоа да се заборави сета задоцнетост. Овие луѓе, кои примаат плата од преставувањето на другите луѓе, треба да знаат дека токму при вакви големи настани, граѓаните им ја мерат големината и по тоа решаваат кој е навистина голем за да може да ги преставува.

Последното преиспитување е за политичката претставеност на Албанците, која ќе повторам, е под секакво нормално ниво. Така, лесно приметуваме дека и при вакви укажувања, навестувања и слично дека овој криминален чин би можел да има големи последици по меѓуетничките односи, Албанците се оставени на сами на себе од своите политички преставници. Тие што остават сè токму истите тие кои земаат плата претежно само од чисто албанство, без некој труд! А кога треба нешто да објаснат во име на Албанците, за Албанците или на Албанците, тогаш тие како да не се од тука.

Така и овојпат ги немаше никаде да изразат сочувство, во име на Албанците да демантираат било каква поврзаност со овој насилен акт и во исто време да ги одбранат Албанците од разните шпекулативни сценарија. И овојпат видовме дека тие оставија народот сам да се снајде како знае и умее.

Но, тие ќе стигнат само до моментот кога Албанците ќе се прашуваат: чуму вакви воопшто? Ова исто прашање, од друг аспект, може да стигне и од државата и од владата. Ако овие два моменти се совпаднат, тогаш ваквите луѓе што земаат реална плата од квазиполитичка суреалност, ќе завршат во буништето на историјата. Токму таму каде што му е местото, на секој непотребен мутер.

Илустрации: Arthur E. Giron

ОкоБоли главаВицФото