Синдикален (над)реализам

02.05.2012 12:15
Синдикален (над)реализам

Заспаната (над)реална нација, која се дави во статистиките за невработеноста, кршењето на правата на работниците, лошата економска состојба, го слави 1-ви мај во тотален ескапизам и хедонизам. Го напушта урбаниот свет и заминува на „релаксација“ по излетничките места во земјава, нормално, со скара и алкохол. И следствено на тоа, каква нација, таков синдикат!

Синдикатот решил да одржи конференција (ни повеќе, ни помалку) на која ќе се покрене иницијатива за донесување на посебен закон за заштита од мобинг. И повторно, традиционално, ретро-комунистички, синдикатот ќе покрене иницијатива, владетелите ќе ја разгледаат, нешто ќе модифицираат или отфрлат и така сè ќе се заврши. (Над)реалноста останува иста. Не сакам да зборувам за нивната „загриженост“ за мобингот, но морам кратко да се осврнам на еден дел од изјавата на претседателот на ССМ, која оди вака:

ССМ посебно се залага за остварување на правото за здрава и безбедна работна средина, што подразбира заштита од психичкиот притисок, малтретирањата, омаловажувањата, што се појави познати како мобинг.“

Веројатно човеков не се сеќава дека во неговиот мандат имаше најголем број на фатални несреќи при работа, во коишто животот го загубија работници кои работеа на објекти кои ги финансира Владата на Р.М. Се поставува прашањето: дали Владата, како работодавач ги почитува условите предвидени со закон?

Понатаму, ССМ особено се залага и за заштита од психички притисок, малтретирање и омаловажување. Персоната, претседател на ССМ, повторно заборава дека во неговиот мандат имаме илјадници луѓе кои волонтираат во државните служби и институции со години, особено во здравството каде волонтерите добиваат месечен надоместок од околу 4000 денари. Некои волонтираат со години, во мојата фамилија имам случај каде една личност работи неколку години како волонтер (добива надомест од 4.400 денари месечно) а веќе има 42 години. Дали тоа не е малтретирање и омаловажување?

И во овие случаи работодавач е директно или индиректно, Владата. Замислете да работите неколку години, за кои најголемиот работодавач (Владата) не ви ги исплатил придонесите за пензиско осигурување, а веќе сте човек во години. Од друга страна, пак, инспекциските служби на државата пукаат и бодат со огромни казни кон работодавачите кои не ги пријавиле своите вработени (казните се во износи од илјадници евра). Не сакам да ги бранам оние кои не ги пријавуваат своите вработени, но едноставната логика на нештата би изгледала вака: доколку работите во здравствена установа како волонтер, ќе добиете месечен надоместок од околу 4.000 денари, но доколку работите во некоја фирма „на црно“ ќе добиете 10 или 12 илјади денари. Во вториов случај некако ќе преживеете, но во првиот, речиси невозможно. Е сега, во здравствената установа тоа е легално, да бидете платени под какво било човечко ниво и таму нема казни, законски тоа е одобрено. Од друга страна, пак, во приватната фирма иако ќе успеете да се прехраните, дополнително ќе се тресете дали ќе ве фати инспекција, па со тоа ќе пропадне целата фирма, а со тоа и вашата иднина. Е, во тој случај работодавачот одговара пред законот иако, на некој начин ви овозможил минимална егзистенција.

Значи, да расчистиме, не заземам страна, само се обидувам да ги разберам овие појави.

Во целата оваа приказна добиваме и дополнителен актер, а тоа е Стопанската комора! Но, за нив во некоја друга (не)првомајска (над)реална прилика.

Синдикатот, овој споменатиот, пред не повеќе од десетина години се фалеше дека брои стотина илјади членови, иако официјална цифра нема никаде (т.е да бидам искрен, јас не успеав да ја пронајдам).

Доколку тие се актерите кои треба да ги заштитат економските и социјалните права на работниците (дури и на невработените), тогаш секој нормален ќе се запраша, како е можно со толкаво членство синдикатот да не може да биде сила во нашето општество, во кое на власт се доаѓа со 300.000 гласови (или како и да е, цифрата ја ставам провизорно)?

Доколку на тие стотина илјади го додадеме и бројот на невработени за месец јануари 2012 година (280.618 лица), објавен на сајтот на ССМ, а изворно податок од Агенцијата за вработување, доаѓаме до импресивна бројка. Во светот се случувале револуции и промени со помал број на луѓе.

(Само мала дигресија, бројката од 280.618 лица е тотално нереална, но за тоа ќе пишувам во следниот текст).

Исто така, не треба да се заборави дека во мандатот на сегашниот претседател на ССМ се случи и тоа Владата да ја намали временската рамка за исплата на надомест за лицата кои се прогласени како технолошки вишок. Синдикатот не реагираше. Кога тие конечно ќе разберат дека синдикатите, меѓу другото, претставуваат и актер во креирањето на социјалната политика на една земја? Синдикатот не е партиски орган. Кога би ја разгледувале теоријата која се занимава со синдикатите, лесно би забележале дека ни по дефиниција нашиот(те) синдикат(и) не припаѓа(ат) никаде. Синдикатите според своето делување можат да бидат од револуционерен или од реформистички тип. За првиот не станува ни збор, за вториот исто така не станува збор од проста причина што кај нас синдикатите не се активни учесници туку пасивни слушатели.

Од друга страна, пак, оваа шуплива, државна пост-комунистичка структура никој не ја чепка. Или никој или ретко кој јавно реагира за пасивноста на најголемиот и најстариот синдикат. Дури и останатите репрезентативни синдикати (да не заборавиме дека од 2005-та година со измените во законот за работни односи се укина мнозинскиот модел и на сцена настапи репрезентативниот модел на синдикално претставување) многу ретко се појавуваат во јавноста, по некоја краткотрајна прес конференција и толку. Си го поделија членството меѓу себе и сега мирно си владеат, донесуваат и одобруваат одлуки на Владата, како нивни полтрони(сервус!!!) и земаат плата за тоа.

Сега доаѓа најинтересниот момент. Денес е 1-ви мај и по тој повод ССМ објави соопштение на својата веб страница.

Јас ќе се задржам само на оние сегменти на кои тие самите најмногу се гордеат.

Во изминатите две години, од доаѓањето на новото раководство на ССМ, се постигнаа цели кои не беа остварени последните дваесет години:

• се конституира Економско – социјалниот совет, со што се создаде рамка за водење реален социјален дијалог,

• се основаат локални економско – социјални совети на ниво на општини,

• се воспостави блиска соработка меѓу ССМ, КСС, УНАСМ и другите синдикални организации,

• се донесе Закон за минимална плата,

• ССМ доби учество во Регулаторната комисија за енергетика,

• добиено е придружно членство во Светската и Европската федерација на синдикати,

• поведена е Инивијатива за посебен закон за мобинг.

Првата точка е ветер во магла. Економско-социјалниот совет е озаконет уште со законот за работни односи од 1996 година, но токму пред две години тие за првпат се состанаа. Браво!

Околу блиската соработка помеѓу ССМ, КСС, УНАСМ... Порано тоа беа членови на ССМ, потоа се одвоија и сега толку блиску соработуваат.

Донесувањето на законот за минимална плата си го лапнаа како поп сарма. Супер, 8.000 денари се супер минимална плата, додека просечната плата во Р.М. изнесува некаде над 20 и кусур илјади денари и тоа нормално е резултат на покачувањето на платите во јавната администрација, која патем речено членува во најдобриот синдикат во државата, нејзината светост, партијата. Останатите, вработените во приватниот сектор ќе се чувствуваат толку мирно и пријатно затоа што добиле гарант дека нема да работат за плата која ќе изнесува под 8.000 денари.

ССМ доби учество во Регулаторната комисија за енергетика. Ова е врв!!!

Токму кога ССМ доби учество во регулаторната комисија поскапеа горивата, струјата, парното, __________________ (дополни сам, само ќе ти треба голем хард диск за да ти стигне).

Нека ни е честит 1-ви мај, денот на надреалната синдикална борба во Македонија!

Работници од сите земји, погледнете нè и учете од нас!

П.С. Доколку некој го интересира веродостојноста на цитираните изјави, тогаш бујрум:

http://www.ssm.org.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=746%3Asoopstenie-po-povod-prvi-maj&catid=49%3Ahealth&Itemid=146&lang=mk

http://www.ssm.org.mk/index.php?option=com_content&view=article&id=745%3Ana-prvomajskata-konferencija-promovirana-kampanjata-za-zakon-za-mobing&catid=49%3Ahealth&Itemid=146&lang=mk

(продолжува...)

Браво Алек, мило ми е што

Браво Алек, мило ми е што повторно те читам.

Lele ovie se epten zaostanati

Lele ovie se epten zaostanati , dzabolebari teski .Pa i adminitracijata da ne e nesto poarna od niv , site se isri soj krvopijci na sopstveniot narod koi ne se svesni ni za kogo ni za sto rabotat.