Господари и стопанисување

07.05.2012 12:17
Господари и господарење

Дали земјите кои настанаа со распадот на поранешна Југославија, од Словенија, преку Босна и Херцеговина, до Македонија, навистина станаа капиталистички? Не споменувајќи ја историјата, може да се каже дека од 1945 до 1990 г. живееја надвор од тековите на капиталистичката економија, во социјалистичка планска економија.

Која е основната карактеристика на социјалистичката планска економија? Тоа што политичката елита го контролира целокупниот животен процес. Приватната сопственост е редуцирана на дворното место, малото занаетчиство и угостителството, а производната сила, земјата и луѓето стојат под директна команда на политичката елита која со сила ги штити демократските процеси и господари над сите извори на живот. Таа ја осигурува репродукцијата на својата територија, а односите со светот строго ги контролира исклучиво врз основа на сопствениот резон. Покровителската над-држава се занимава со производство и распределба, образование, наука, култура и со сите други односи со светот. Сите обиди за автономни цивилни иницијативи во тие домени беа прогласувани за шверц, криминал, идеолошка аберација и слично на тоа.

И покрај сета демократизација на политичкиот систем, земјите настанати со распадот на поранешна Југославија уште живеат во командна, да не кажеме социјалистичка парадигма. По тој модел постапуваат и политичарите, економистите, граѓаните, (медиумските) интелектуалци.
Политичарите и понатаму дејствуваат како државата да е нивен личен феуд. Распродаваат без контрола, банки, индустрии, земја... Економистите не ја критикуваат парадигмата под чиешто небо се случува тоа, туку политичарите кои наводно лошо управуваат со економијата, небаре времето за господарење не поминало со феудализмот и социјализмот. Граѓаните сѐ уште не се навикнале самите да го организираат својот сопствен живот или самите (со инвенција) да произведат работни места, туку хистерично вреват по политичарите/господарите и ги обвинуваат дека се крадци, наместо од нив да бараат, пред сѐ и над сѐ, да ги ослободат од своето стопанисување, својот надзор и старателство. Во земјите на поранешна Југославија сѐ уште не се појавиле ни капиталистички крадци, туку само лакоми, некомпетентни тајкуни. А тие не се никакви капиталистички бизнисмени, туку (политички протежирани) аривисти на кои идеал им е паразитскиот феудален живот во замоци и вили кои ги градат или обновуваат како скриени резервати во кои се штитат од секакво стресно претприемништво и од слободниот економски простор. Економистите главно го следат тој тренд. Тие како аналитичари, советници, како коментатори, за состојбата ги обвинуваат исклучиво господарите, имено државата која наводно лошо стопанисува, а не бизнисмените и тајкуните кои се разбираат во капиталистичка економија како магаре во музика. На сево ова можеме уште да им ги придружиме и психотичните халуцинации на клериците и старо-новите (медиумски) комунисти кои гледаат бои и гласови кои ги нема.

Но, каква е разликата помеѓу националното (народно) стопанство и капиталистичката економија? Националното стопанство претпоставува суверена власт на затворена територија која е способна да го репродуцира животот на населените на таа територија. Производството е организирано така што ги задоволува животните потреби на населението и државата, а се извезува само она што ги преминува тие животни потреби, да речеме вишокот жито, дрво, суровини, луѓе... Кога интелектуалната и политичка елита ќе слушнат дека таквата состојба треба структурално да ја реформираат, тогаш се прашуваат: па каде треба да премине транзицијата? Зарем во капитализам? Потоа следи вирулентна критика на (нео)либерализмот како закана за нашето стопанство. Да, либерализмот, како и да го дефинираме, ги загрозува стопанството и господарите.

Капиталистичката економија, пак, функционира различно од националното стопанисување. Во капиталистичката економија најпрвин треба да ги задоволите туѓите потреби, а дури тогаш сопствените. Најпрвин треба да го произведете и продадете производот и да ги задоволите туѓите потреби, за потоа да ги задоволите сопствените. Кондураџијата најпрвин мора да продаде чевли за потоа да им купи на своите деца. Тој не го продава вишокот чевли, туку произведува чевли за другите за да може себеси да си дозволи едни. Во капитализмот, секако, на пазарот не се само готовите производи, туку и производната сила, понатаму работата, земјата и средствата за производство. А таа состојба е во спротивност со логиката на стопанисување.

Во државите на поранешна Југославија сите се, секако, против распродавањето земја, средствата и работна сила или тоа го сметаат за предавство на националните економски интереси. Работната сила не ја продаваат, таа најквалитетната во сите тие држави замина и заминува сама во развиените капиталистички земји, без никаков надомест. Енергично се против купување странска работна сила за да не се загрозеле „домашните“ работни места, но со мирна душа се продаваат фудбалери и се купуваат странски. Фудбалските клубови изгледа први ја сфатија логиката и стапија во капитализам.

Summa summarum, одговорот на главното прашање гласи: државите настанати со распадот на поранешна Југославија сѐ уште не се капиталистички земји. Не функционираат како капиталистички економии, туку главно како социјалистички, речиси феудални стопанства, во стилот на омилената синтагма: свој на своето!

Секако, капиталистичката економија која типски ја спротиставивме на народното стопанство во развиениот свет повеќе главно не постои. Микроелектронската револуција го доведе во криза класичниот капитал кој живееше од експлоатација на полуобразованата сила. Класичниот капитал на таа работна сила повеќе не произведува доволно профит за да може перманентно да биде инволвиран во склад со последните резултати на истражувачката наука. Класичниот капитал пропаѓа, а новите пост-капиталистички системи на репродукција не создаваат само голема невработеност на полуобразованата работна сила, туку и страшна некомпетентност на интелектуалната и политичката елита. Тие не ги следат трансформациите во денешниот свет и затоа ја губат ориентацијата, во своите кочини ги бладаат своите бајати национал-етатистични и социјал-популистички флоскули, и не знаат како своите земји да ги извлечат од криза.

Земјите настанати со распадот на поранешна Југославија ќе мораат кога-тогаш структурално да се реформираат и да преминат од социјалистичкото стопанство во капиталистичка економија, со истовремена модернизација која класичниот капитал веќе не може да ја финансира. Ќе мора своите расположливи сили да ги впрегнат во модерни истражувачки науки и со млади компетентни луѓе најпосле да започнат да градат општество кое нема да живее од продажбата на праисториски производи, туку општество кое ќе живее од продажба на најскапите производи во денешниот свет, знаењето и компетенцијата. Со други зборови, странско општество. Бидејќи, како што нè предупреди Гете во Фауст, ако го презираме умот и науката, тие најголеми дарови на човекот, ѓаволот ќе нè однесе.

Извор: Peščanik.net

Илустрации: Мернет Ларсен

ОкоБоли главаВицФото