Човечкиот живот е постојано прекинуван од нотификациите на Фејсбук

07.05.2012 15:27
Човечкиот живот е постојано прекинуван од нотификациите на Фејсбук

Животот на Миле К. (26), студент на економскиот факултет, вчера некаде околку 20 часот непрестајно беше прекинуван од нотификации на Фејсбук, кои продолжиле да се појавуваат во следните четири часа.

Наместо да продолжи да учи за да го заврши факултетот, Миле кликнал на нотификацијата за да види „што има ново“. За жал, животот на студентот бил паузиран во наредните четири часа, по што бил преморен, и бидејќи било доцна, решил да продолжи да учи утрото.

„Сакав да направам мала пауза, отидов на Фејсбук, кликнав на известувањето, а следната работа што ја паметам е дека гледам некои слики од некоја девојка на Фејсбук, ја гледам Калиопи како го абортира англискиот, па некој човек на кој тврди дека може да си го бакне лактот. Морам да кажам дека ова не е првпат да ми се случи вакво нешто и штом видам некои известувања на Фејсбук, во истиот миг заборавам што сум правел претходно“, изјави Миле К.

Овој студент тврди дека „да не се известувањата на Фејсбук досега уште одамна ќе го имал завршено факултетот, можеби ќе најдел девојка, ќе се оженел и ќе имал деца и работа“, меѓутоа додава дека „тешко е да се одолее и да не се логира на Фејсбук.“

„Откатко ќе кликнам на некое известување тешко е да се каже каде ќе завршам на Интернет и кога животот повторно ќе ми започне. Некогаш тоа може да биде клип ’Топ десет кафански песни’, некогаш пребарувам слики од Катерина Ивановска, финти на 9gag или демотивации... Обично сѐ започнува наивно, некој на Фејсбук ќе напише коментар на некој статус кој ми се допаѓал, и тоа е сосема доволно да западнам во мрежа од сајтови од каде што нема назад. После неколку часа сфаќам дека главата ми е потпрена на левиот лакт додека со десната кликам ли кликам.“

Професорот Живко Илиновски од Институтот за интернет во Битола (ИИБ) тврди дека Миле не е единствениот со таков проблем, и дека во Македонија постојат многу луѓе кои одат да проверат што има на Фејсбук токму кога се наоѓаат среде некоја важна работа. Тој додава дека ситуацијата е алармантна и дека Институтот веќе ги известил задолжените служби кои праваат петгодишен план со кој луѓето ќе можат да се спасат од Фејсбук известувањата.

Сликата е преземена од cooleria.mk