За стравот и (не)моќта во партократското општество

05.06.2012 13:08
 За стравот и (не)моќта во партократското општество

Кога некој ќе го натера човекот да се плаши од сè и сешто и тој страв трае доста долго, во тој момент човекот целосно ќе престане да се плаши.

Во македонската политолошка мисла, ако воопшто може да се зборува за присуство на политологијата во научната мисла во Р. Македонија, отсуствуваат научните согледувања за присуството на стравот како состојба која е продукт на политичките процеси, но и фактор кој влијае врз политичките процеси во општеството. Самиот факт што феноменот на стравот и неговото влијание врз политичките процеси не е предмет на критичка анализа во актуелната политичката теорија и отсуствува од политолошките истражувања во земјава, зборува сам по себе, не само за вкупните состојби кои се присутни на политичка сцена туку и за истовременото присуство и взаемната условеност на стравот и на кризата кои се присутни во општествените процеси. Во услови на поделено општество или општество во кое функционалната демократија е заменета со „надгласувачка“, а институциите станале трансмисија на интересите и одлуките на партиите, проблемот на стравот излегува од сферата на психологијата на индивидуата и прераснува во исклучителен општествен феномен, кој го преиспитува капацитетот на едно демократско општество.

Во својата пристапна беседа по повод доделувањето на Нобеловата награда во 1991 година, бурманската опозиционерка Аунг Сан Су Чи укажува дека „не e власта таа која расипува. Стравот од губењето на власта ги расипува оние кои ја вршат власта, како што камшикот од стравот на власта ги расипува оние кои и’ се покоруваат... Народите кои сакаат да градат нација во која се цврсто втемелени силни демократски институции како заштита од моќта на државата, пред сè мораат да научат да го ослободат својот ум од апатија и страв“ (М. Подунавац: Легитимноста и стравот во делата на Гиљермо Ферари; Политички перспективи бр. 1, од 2011)

Аунг Сан Су Чи укажува на двете страни на проблемот. На стравот како чувство на немоќ и покорност на оние кои се инструментализирани од страна на власта, но и на стравот кај власта кој се засилува во мерка во која власта ја засилува принудата како средство за опстанување на власт. Но, тоа укажува и на фактот дека не е можно да се ослободите од стравот, ниту со тоа што ќе се покорите на нечија угнетувачка принуда ниту, пак, од стравот се ослободени оние коишто со начинот на своето владеење го поттикнуваат и одржуваат стравот кај оние што ги држат под принуда. Власта која се потпира исклучиво на принуда никогаш не може да го ослободи поединецот од стравот. Напротив, го држи во состојба на постојана уплашеност, во ограничена слобода која неретко се трансформира во самоограничување на слободата, го држи во состојба на индивидуален и колективен страв.

Стравот станува индивидуална и колективна параноја кога ќе се изгуби довербата во институциите, кога легалноста ќе стане инструмент во функција на партократските интереси и партократското владеење, кога целото општество опстојува во зоната на стравот кој го создава квази демократскиот режим.

Станува збор за квази-легитимно владеење, кое се наоѓа некаде помеѓу легитимните и нелегитимните влади, чија основна карактеристика е да ги сокрива силата, стравот и несигурноста како принципи на владеење зад завесата на „независноста“ на институциите и легитимноста која ја добиле на изборите. Според Г. Фереро, цела една генерација може да се покорува на ваков вид влада, а никогаш да не ја доведе во прашање нејзината вистинска природа, верувајќи дека таа е спротивна од она што е. За еден ден, како што беше случајот со СФРЈ, да се „пробуди“ и да се најде во вителот на хаосот и крвавата војна каква не се случила во Европа по Втората светска војна (M. Подунавац) или, пак, на социјална деструкција каква што се случува во голем дел од државите во „транзиција“. Таквите општества се општества на квази легитимно владеење, во кои владее постојана политичка и правна мобилизација, со цел да се одржи високата напнатост во политичката јавност, според начелото на Наполеон Бонапарта: „На Французите мора да им се даде нешто ново секои три месеци“.

Стравот и фасцинацијата како социјален феномен и карактеристика на општеството кое се наоѓа во состојба на аномија се меѓусебно поврзани. Масата е секогаш спремна да прифати личности кои нудат излез од таквата состојба со „непопустлива конзистентност“, „заразувајќи ги своите поданици со тоталитарен вирус и тоталитарна илузија“ (Х. Арент).

Излезот од волшебниот круг на илузијата и лажната надеж е можен доколку се обезбеди ефикасна контрола на власта или, пак, доколку тоа не се оствари, во бунтот како легитимно право на обесправените. Но, проблемот е во моќта да се препознаат причинителите на кризата од страна на политичките партии и во моќта на институциите да ги контролираат општествените процеси, во услови на партократско владеење. Денес, за жал, политичките партии дејствуваат по системот водач и извршители, а власта која се потпира исклучиво на принуда, слободниот граѓанин го претвора во поданик, држејќи го во состојба на уплашеност, на зависност, во состојба на перманентен страв.

Сепак, сè уште има простор за внатрешни промени кои ќе обезбедат остварување на функционална демократија, секако, под услов ако тие ги зафатат сите сегменти на системот, а посебно политичките партии, под услов промените во институциите да значат влез на нови демократски вредности и содржини. Засега не постојат други алтернативи. Неолиберализмот и шпекулативниот капитал во „државите во транзиција“ го уништија револуционерниот капацитет, организираноста и критичниот капацитет на работничката класа која се најде во зоната на загрозена структура.


Напомена
: На 19 април годинава на порталот Окно.мк беше објавен напис од авторката Лина Ќостарова Унковска со наслов Страв, а повод беше шокот по ѕверското убиство кај Смилковското езеро. Во него стравот се третира како феномен на политичка манипулација, но и како израз на несигурност од премногу власт која се јавува кога се случува самоидентификација на власта и на нејзините носители. Секако дека протестите кои потоа се случија заслужуваат дополнителна анализа и тоа токму од аспект на природата на стравот кој се манифестираше по тој повод.

Но, постои уште еден мотив за овој напис, а тоа е индиферентноста која настана и која е сè уште присутна кај научната, политолошка мисла, но и пошироко кај интелектуалците кај нас во врска со ова злосторство. А јас, како што напишaл А. Грамши, индиферентноста, односно опортунизмот на интелектуалците, ги сметам за паразитизам, кукавичлук, за „мртва вода во која најчесто се дават најсветлите вредности на едно општество, ’блато’ кое ги голта оние кои сметаат дека да се живее значи да бидеш присутен. И јас не верувам во чуда, но сакам да верувам дека постојам за да се борам. Затоа ги мразам оние кои не учествуваат, ги мразам индиферентните‘‘ ( А. Грамши).

04. 06. 2012

Илустрации: moonasi

ОкоБоли главаВицФото