Опозицијата треба да излезе со програма од десет цели

10.09.2012 15:23
Интервју со Владимир Милчин: Зашто, сите документи објавени од комисијата за верификација имаат печат на Државниот архив, а од таму ни одговорија дека не поседуваат соработнички досиеја!?

Sky: Г-дине Милчин, власта продолжи да ви се одмаздува за вашите активности во граѓанскиот сектор. Иако e јасно дека не сте биле соработник на службите Комисијата за верификација по втор пат ве прогласи за соработник. Кои ќе бидат вашите следни активности во врска со лустрацијата?

Владимир Милчин: „Лустрацијата го урива владеењето на правото“, изјави амбасадорката на Холандија во Македонија во интервјуто објавено во „Граѓански“ од 8 септември. Таа го потврди она на што укажувавме ние неколкумина уште кога беше објавен предлогот за првиот закон за лустрација. Денес, по стапувањето на сила на третиот, најлошиот закон, напнувајќи се лустрацијата да ја сведе на компромитација, власта успеа само да ја компромитира лустрацијата како концепт. Кога станува збор за мене, јас веќе поднесов тужба во Управниот суд против решението на комисијата. Неделава ќе поднесам и кривична пријава против медиумите кои побрзаа да ме наклеветат така што извештајот против Шишков што го поднесол извесен соработник „Мишо“ ми го припишаа мене. Следниот чекор ќе биде кривичната пријава против „претседателот без мандат“.

Но, за љубопитните читатели поинтересни може да бидат сознанијата што ФООМ ги доби преку одговорите на прашањата што им ги постави на државните институции на 27 јуни 2012 година. На прашањето: Со колкава бројка на досиеја на соработници располага Државниот архив на РМ, ни беше одговорено: Државниот архив не поседува соработнички досиеја! На прашањето: Колкав процент од вкупниот број на досиејата за соработници отпаѓа на соработниците до 1991 година, Агенцијата за разузнавање одговори дека е конституирана на 1 јануари 1998 година, што веројатно треба да значи дека нема досиеја од претходниот период. На истото прашање МВР одби да одговори зашто тоа била класифицирана информација. Одби да одговори и на прашањето: Со колкава бројка на досиеја за соработници располага УБК? И тоа била класифицирана информација!

Па кого тогаш лустрира мнозинството на Аџиев, доколку соработниците се невидливи и заштитени со тајност? Мојот одговор гласи: Жртвите кои поради идеолошки и политички причини биле изложени на претходна оперативна обработка (ПОО), а сега се одново оцрнети како „кодоши“. Зашто, сите документи објавени на веб-страницата на комисијата која божем верификува факти имаат печат на Државниот архив кој, така одговори неговиот директор со потпис и печат, не поседува соработнички досиеја!

Од овие и од другите одговори на државните институции до кои упативме прашања користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер произлегува дека Аџиев и мнозинството во комисијата се соучесници во кафкијански монструозен заговор, кој треба да произведе докази дека Македонија од 1944 до 2006 година била најкодошката држава на светот и пошироко. Заклучно со 25 јули 2012 година, Аџиев побарал од Агенцијата за разузнавање проверка на фактите за вкупно 10.268 граѓани, 2482 актуелни носители на јавни функции, 2802 кандидати за јавни функции и 4984 бивши носители на јавни функции (кој знае дали се сите живи). 

Sky: Државата сѐ повеќе става рака врз медиумскиот сектор, неодамна на чуден начин ја згасна и А2, а деновиве Советот за радиодифузија упати закани до Алфа и Телма поради неправилности, но ги поштеди владините мегафони. Како ја оценувате работата на Советот за радиодифуција?

Владимир Милчин: Не гледам разлика во однесувањето на Советот за радиодифузија и Комисијата за верификација на фактите или Државната комисија за спречување на корупција. Би можел да набројам уште неколку комисии или агенции кои би требало да бидат независни од извршната власт, а тие се само послушни извршители на волјата на груевистичката врхушка. А зар тоа би требало да нѐ зачудува кога гледаме на какво послушничко дереџе е паднато Собранието? На мнозинската машина за гласање во Собранието помил ѝ е Лидерот од Уставот! „Независните“ комисии и агенции се именувани од истото Собрание кое, наместо да води сметка за капацитетите, компетентноста и интегритетот на членовите на комисиите, претпочита да обезбеди во нив мнозинство од лојални спроведувачи на налозите испратени од раководствата на владејачките партии. 

Sky: ФООМ поддржува развој на повеќе интернет новински агенции меѓу кои Скај и Плус Инфо на пример. Дали демократијата и слободата на говорот имаат бенефит од онлајн медиумскиот сектор кој во земјава сѐ уште не е ставен под директна палка на владејачката партија?

Владимир Милчин: Во овој миг, Фондацијата ги поддржува и Окно, МК Револуција, А1 он, Порталб, Буре Весник, Глобус, кавадаречкиот Мојот град и велешкиот Абер. Во 2011 година, по затворањето на А1 и дневните весници Шпиц, Време и Коха е ре, ние во фондацијата заклучивме дека е загрозен плурализмот во медиумите и, со тоа, слободата на говорот. Делот од буџетот за 2011 и 2012 година резервиран за одговор на непредвидени кризи го наменивме за новите медиуми на интернет кои не се дел од новото едноумие во Македонија. Демократија без слободни медиуми не може да биде ништо друго освен демократура. 

Sky: Дали сметате дека денес во Македонија слободата на говорот е подобрена во однос на истиов период лани?

Владимир Милчин: Затворањето на А1 и трите весници беше доживеано како погребување на слободата на говорот. Обидот за воскреснување на А1 во А2 пропадна брзо и неславно, меѓу другото и поради раситнетоста на новинарскиот еснаф. Но, се појавија дузина портали, дневниците Фокус и Ден, неделникот Граѓански... Сите нови печатени и интернет медиуми дејствуваат во исклучително неповолен амбиент, политички и економски, но сведочат за отпорот против намерата на власта слободата на говорот да ја сведе на пофалби за успесите на „преродбата“. 

Sky: Очекувате ли позитивен извештај од Европската комисија во врска со интеграцијата на Македонија?

Владимир Милчин: Несомнено е дека граѓаните на Македонија би имале полза доколку Европскиот совет во декември определи датум за почнување на пристапните преговори со ЕУ, што е речиси неверојатно. А очекуваното повторување на куртоазната препорака од страна на Европската комисија во октомври и продолжувањето на Пристапниот дијалог на високо ниво нема да имаат никакво значење за нас граѓаните. Мегафоните на Груевски веќе нѐ препарираат да бидеме задоволни со враќањето на придавката „македонски“ во октомврискиот извештај и да не бараме премногу. Груевски тоа ќе си го припише како голем успех, а нашата агонија ќе продолжи. Човек да помисли дека затоа и ја изгубија истите овие пред некоја година.

Пред неколку месеци бевме сведоци на вжештена реторика меѓу Скопје и Брисел, а од неодамна сме сведоци на политичка куртоазија која треба да го камуфлира недостигот од вистински напредок. Европската комисија се прави дека им верува на слатките ветувања на Груевски и ги затвора очите за она што тој го прави. Груевски знае дека отповикувањето на препораката за Европската комисија би било признавање на поразот во европеизирањето на земјата со која владеат тој и Ахмети. Груевски знае и дека Европскиот совет нема да одобри започнување на преговорите без решение на билатералниот спор за името и тоа му одговара. Без преговорите со ЕУ ќе му биде полесно да ја ситни нашата иднина. 

Sky: Власта пред една година се нафрли врз ЕУ и НАТО, а неодамна и лично премиерот Никола Груевски испрати сочни зборови до САД. Сметате ли дека сѐ повеќе се оддалечуваме од нашиот најголем стратешки партнер САД и какви би биле импликациите од ваквото однесување на високите функционери и советници на власта кон САД?

Владимир Милчин: Има сѐ повеќе „авукати“ кои заговараат вртење на кормилото кон Исток. Одат на аџилак кај Путин, како што одеа кај Милошевиќ; ѝ се извинуваат на Србија што сме го признале Косово; заговараат путиновски закони; фрлаат анатеми на лидери на опозицијата; му предвидуваат и посакуваат пропаст на Западот, ја поништуваат секуларноста на државата; го поздравуваат воскреснувањето на неврзаните под водство на Иран; ги прогласуваат САД и ЕУ за наш вечен непријател; заговараат протерување на американскиот амбасадор. Листата нема крај. И сите овие „авукати“ живеат, директно или индиректно, на државни јасли. И речиси сите се партиски конвертити, среброљупци, сончогледи без образ. Нивниот „патриотизам“ ќе ја закопа Македонија. И во тоа заличуваме на Грција. Грција застана на нозе благодарејќи на милијардите американски долари, а врие од антиамериканско расположение! Македонија дефинитивно е симната од листата на приоритетните интереси на САД. Доволен индикатор за тоа е фактот дека највисоките функционери на САД нѐ заобиколуваат при своите посети на Балканот. За нив Македонија е тежок пациент во чие заздравување засега не можат битно да помогнат. 

Sky: Како ја оценувате кавгата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ?

Владимир Милчин: Ни прва ни последна. Нивните „кавги“ се дел од филозофијата на нивното владеење. Груевски и Ахмети одвреме навреме си сервираат топки кои можат да ги забијат и да си го набилдаат рејтингот како бранители на националните каузи на Македонците и Албанците. Актуелната „кавга“ е стапица за беспомошната опозиција (од една страна СДСМ, од другата ДПА) која мисли дека нема друг излез освен да секундира во фингираниот дуел. А да прогласеа мораториум на своето учество во работата на Собранието до враќањето на Груевски отаде океанот кајшто је мобилизира дијаспората? Тоа ме потсетува на капитулацијата кога, од страв да не бидат одново етикетирани како „комуњари“, гласаа за првиот лустрациски закон, а Бранко Црвенковски побрза да го потпише. Не помина многу време, Уставниот суд го поништи! Опозицијата, а најмногу СДСМ, секогаш скапо ја плаќа кооперативноста со ВМРО-ДПМНЕ. Кооперативноста на опозицијата заради „повисоките државни интереси“ груевистите ја разбираат како слабост и страв. Нив ги интересираат само партиските интереси и затоа безмилосно ги газат државните. Господа опозиционери, нема високи државни интереси кои би го оправдале дувањето во иста тиква со груевистичкиот режим! 

Sky: Можна ли е техничка влада помеѓу СДСМ, ДУИ, ДПА и останатиот дел од опозицијата и дали државата би имала бенефит од ваква коалиција која би организирала фер избори?

Владимир Милчин: Најпрвин, техничка влада заради организирање слободни и фер избори не смее да биде партиска влада, уште помалку партиска влада без ВМРО-ДПМНЕ. А доколку мислите на политичка влада на ново мнозинство во Собранието, мојот одговор е дека, дури и да е можна, таквата влада ќе донесе повеќе штета од полза. Без ДУИ, ново мнозинство не е можно. Не гледам околу кои 10 стратегиски цели би можеле сега да се обединат партиите од опозицијата и ДУИ. Па ДУИ не заостанува зад ВМРО-ДПМНЕ во практикувањето на власта сфатена како партиски клиентелизам. 

Sky: Сметате ли дека опозицијата може да зајакне со митинзите „Крени глас“?

Владимир Милчин: Директниот контакт со граѓаните несомнено може да ја ревитализира опозицијата и да ги охрабри уплашените граѓани, особено во помалите места во кои секојдневно се изложени на теророт на јуришниците на груевистите. Не сум бил на ниту еден митинг и немам впечатоци од прва рака, но реакциите на груевистите покажуваат вознемиреност. 

Sky: Опозицијата постојано повикува на обединување со невладиниот и граѓански сектор, дали вакво нешто е возможно и дали би овозможило рушење на владата на Никола Груевски?

Владимир Милчин: Најпрвин, граѓанскиот сектор не е монолитно тело, ни идеолошки ни организациски. До пред некоја година, формалните невладини организации беа доминантниот облик на граѓанско организирање. Денес, неформалните граѓански иницијативи (Стоп за полициската бруталност и Аман, на пример) се погласниот дел во граѓанскиот сектор. Здруженијата на граѓаните имаат свои посебни и различни мисии и членство и тоа не е еднопартиско. Меѓу нив има и организации кои аналитички и критички ја набљудуваат работата на актелната влада, како што ќе ја набљудуваат и секоја идна влада.

Мислам дека опозицијата треба да ги повикува граѓаните на обединување во името на слободата и демократијата. За да биде успешна во тоа, треба да излезе со програма од барем 10 цели кои безусловно ќе ги оствари. Уривањето на режимот на Груевски не е доволно. Треба да објасни во што ќе биде разликата. Кратко и јасно. И да даде гаранции за тоа. Дали ќе признае нерегуларни избори? Дали криминалот и злоупотребите ќе поминат неказнето како во 2002 година? Дали ќе се откаже од популизмот како начин на владеење?

Ова се мои лични ставови, блиски на ставовите на другите петмина иницијатори на ГЕМ. Ниту јас ниту кој и да е друг нема ниту право ниту полномошно да зборува во името на т.н. невладин сектор. 

Sky: Поскапува буквално сѐ, струјата, парното, бензините, храната, но граѓаните не излегуваат на големи општонародни протести, какви што видовме на пример во Грција за време на кризата. Зошто тоа е така?

Владимир Милчин: Пред извесно време, во интервјуто за неделникот „Граѓански“ мислам беше тоа, реков дека веќе видовме колку неслобода може да поднесе Македонија, но дека допрва ќе видиме колку сиромаштија може да поднесе. Очигледно, Грците навикнале на многу побогат живот од нас, трошеле многу повеќе од заработеното. И синдикалната традиција во Грција е посилна, а и границата меѓу левицата и десницата се сепак појасни. Меморијата од борбата против хунтата на полковниците не е сосема избришана.

Груевистите беа успешни во априорното стигматизирање на граѓанските протести како инструментализирани од опозицијата или од „соросоидите“. Младите без политичко искуство ја голтнаа таа јадица и им го одзедоа правото и на познатите „Фаци“ да им се придружат. Со тоа се осудија на изолација и од оние кои ја споделуваа нивната загриженост или огорченост. Ова своевидно секташтво ѝ олесни на власта да ја постигне целта. Ја оневозможи масовноста на протестите и си ја олесни инфилтрацијата на луѓе кои ги искривуваа и омекнуваа пораките и барањата. Згора на тоа, организираа контрапротести и притоа не се ни обидуваа да ја прикријат партиската боја и состав.

Внатрешните поделби и кавги по идеолошки основи меѓу оние кои протестираат, од една страна, и потребата постојано да докажуваат дека не се опозиционери, од другата, ги ставаат во одбранашки позиции, им ја отапуваат острицата и ги омекнуваат до точката на замор и растурање. А неостварените големи очекувања ги оневозможуваат и идните граѓански мобилизации.

Линиите на делбите сѐ уште се посилни од свеста дека без сплотување нема промена.

Слики: Paweł Kuczyński

Извор: sky.mk

Коља, читај и учи што да

Коља, читај и учи што да мислиш.

ОкоБоли главаВицФото