Прагматизам vs. студеновоена реторика

24.09.2012 14:55
Прагматизам vs. студеновоена реторика

Откако на Флорида и во Северна Каролина се одржаа конвенциите на Републиканската и на Демократската партија, пред претстојните претседателски избори во САД, голем дел од јавноста сè уште не знае каков вид надворешна, односно, безбедносна политика ќе има следниот претседател на Америка.

За непостоењето на доволно развиени насоки за идната надворешна политика на републиканците им се замера уште од првиот ден на објавувањето на информацијата дека нивниот претседателски кандидат ќе биде Мит Ромни, културен конзервативец и богат бизнисмен, кој во политиката влезе на речиси 50-годишна возраст. Како негова најголема слабост, американските коментатори го наведуваат неговиот недостаток на знаење и искуство во надворешната политика, што, сепак, на почетокот на мандатот, важеше и за актуелниот претседател, Барак Обама. Кога за свој потпредседателски кандидат го избра Пол Рајан, 42-годишниот претседател на Конгресниот одбор за буџетска политика, впечатокот дека републиканците ставиле крај на повеќедецениското форсирање проактивна одбранбена политика беше целосен. Тој впечаток кулминираше на конвенцијата во Тампа, на која никој од нив не ги спомена војните во Ирак и во Авганистан, не говореше за тероризмот, ниту, пак, им се обрати на воените ветерани.

Големата Америка

Иако околу клучните прашања на надворешната политика не влегуваа во детали, републиканските претставници, сепак, кажаа доволно, за да може да се заклучи дека нивниот претседателски мандат би можел да потсетува на владеењето на Џорџ Буш, иако во мошне поинакви услови, пред сè, во отсуството на непосредна терористичка закана. Таа беше заменета од една студеновоена реторика кон противниците, од кои некои од нив, како што е Русија, мислеле дека се одамна заборавени. Со тоа предизвикаа неизбежен потсмев од демократските ривали, но и покажаа дека, иако сè уште целосно не ги поставиле новите фронтови, не се ни откажале од милитантниот поглед на светот, кој сè уште функционира врз принципот на дихотомија, и во кој државите со кои Америка не е во судир отворено се нарекуваат непријателски.

Еден ден претходно, на конвенцијата на организацијата на воените ветерани, Американска легија, Ромни се настрви на Обама, тврдејќи дека, за разлика од него, идниот претседател „ќе го намали буџетот за одбрана за речиси една милијарда долари“. Сепак, тој не спомна дека одлуката за заштеда на 487 милијарди долари за десет години е втемелена на закон изгласан благодарение на гласовите на републиканците, додека другата половина претставува резервен план на заштеда. Ромни ги спомна иранскиот и севернокорејскиот нуклеарен програм, радикалниот ислам, нестабилноста во Пакистан и насилството во Сирија, спомнувајќи дека Обама во Авганистан „дозволил нашето раководство да ослаби“, од што би можело да се заклучи дека тој се противи на повлекувањето на американските војници од таа земја, што се планира за крајот на 2014 година.

На конвенцијата во Тампа, Ромни малку подетално објасни како тој би се однесувал со наведените непријатели. Бидејќи на Обама му замера што „сакал да разговара со Иран“, може да се претпостави дека кон таа земја би зазел став кој ги надминува економските санкции, додека нормализирањето на трговските односи со Русија би го условувал со „забрана за издавање виза за политичарите кои ги прекршуваат човековите права“; би ги унапредувал врските со централноазиските земји, би ги поддржувал европските земји околу намалувањето на нивната зависност од руските енергенси и, што е најважно, би ја ревидирал изградбата на ракетниот одбранбен штит во Европа, од кој Обама се откажа.

За републиканските надворешно-политички ставови по нешто кажаа и угледните гости на конвенција. На целиот настан доминираше спомнувањето на американскиот индивидуализам, а најчесто се слушаа фрази како оние дека „правата доаѓаат од Бога, а не од државата“, дека „мирот и слободата на светот наложуваат обнова на големината на Америка“ или изјавата на Ромни дека „кога светот има потреба некој да направи навистина голема работа, тогаш се викаат Американците“.

Доминација на неоконзервативците

Покрај Клинт Иствуд, од чиј настап вреди да се спомене само фактот дека зад него стоеше негова огромна фотографија во улога на каубоец кој, со пушка во раката, носи правда, таму говореше и државниот секретар на Буш, Кондолиза Рајс, прочуена и по тоа што на тогашниот директор на ЦИА лично му одобри осомничените за тероризам да се измачуваат. Сепак, тортурата, Ирак и Авганистан таа не ги споменуваше, туку се држеше за општи места, како она дека „светот прашува каде е Америка во време кога диктаторите во Иран и во Сирија масакрираат граѓани, а Кина и Русија тоа го дозволуваат“. Таа забележа и дека, доколку Обама остане претседател, „вакуумот ќе го исполни некој друг и дека ќе настане хаос“. Повтори и некои од основните тези на Проектот за новиот американски век, истражувачкиот центар кој изврши значително влијание врз политиката на Буш, наведувајќи дека републиканците ги поддржуваат „слободни луѓе и слободните пазари“, дека „мирот доаѓа од силата“ и дека „не може да се води од заднина“, со што реферираше на онаа форма на интервенционизам кој го востоличи Обама, а кој се базира на препуштање на главната улога на НАТО сојузниците, како што беше случај во Либија.

Дека Америка „секогаш била на чело, а никогаш во заднина“ изјави и поранешниот претседателски кандидат и виетнамски ветеран, Џон Мекејн, кој претседателот го критикува дека земјата „ја оддалечил од традицијата на глобално лидерство“ и заклучува дека, доколку САД не предводи, „светот ќе биде посиромашно, помрачно и многу поопасно место“.

Со говорите во Тампа, републиканците ги потврдија шпекулациите дека партијата минува низ фракциска борба, во која, како што се испостави, умерените ќе загубат, а неоконзервативците ќе доминираат.

Сето тоа на демократите им овозможи да го заземат „прагматичниот центар“, што најдобро може да се види од трансформацијата на Обама од „мек“ либерал во реалист. Таа трансформација се состои од балансирање помеѓу поправањето на штетите кои администрацијата на Буш ги направи преку политиката на унилатерализмот, на пример, преку повлекување од двете војни, промовирањето на дипломатијата и „водењето од заднина“, и прагматичноста која ја демонстрираше со растурањето на Ал-Каеда, задржувањето на затворот Гвантанамо и менувањето на методите на војување со специјалните операции (SOCOM) и новите технологии. Со ширењето на употребата на беспилотните летала и т.н. терористички вторници, во кои Обама лично наредува ликвидација на можни терористи, специјалните операции би можеле да станат показател на кој начин во иднина ќе се водат американските војни. Исто како и употребата на „дронови“, и специјалното војување доживеа ренесанса токму во времето на Обама, заради што соодветниот буџет се зголеми за четири пати во последната деценија, а бројот на луѓе се зголеми на 66.000. За разлика од обичната војска, SOCOM ужива максимална автономија од Конгресот и од јавноста, присутен е во повеќе десетици земји низ светот, а се планираат и нови регионални центри. Државниот секретар Хилари Клинтон за во мај најави посилно поврзување на специјалните операции и дипломатските мисии, што упатува на своевидна милитаризација на дипломатијата.

Бог и Ерусалим

Заради тоа, демократската платформа се обиде да балансира помеѓу либерализмот и реализмот, заклучувајќи дека американската моќ и влијание во светот растат, дека „плимата на војната се повлекува“ и дека земјата оди во нова иднина, во која „фокусот се врти кон Азија, и ресурсите се враќаат назад во земјата“. На Обама му се оддаваат признанија за ставање крај на војната во Ирак, неодамнешното повлекување од Авганистан, ликвидацијата на Осама бин Ладен, интервенцијата во Либија и за поддршката на дисидентските групи во Иран и Сирија, а како актуелни безбедносни прашања се наведуваат нуклеарната експанзија, кибер нападите, биолошкото оружје, климатските промени и прекуграничниот криминал.

Обама, а особено сенаторот Џон Кери, ја исмејуваа Ромниевата опсесија со Русија, забележувајќи му дека има студеновоен ментален склоп, особено ако се има предвид дека САД и Русија пред две години го потпишаа „историскиот“ почетен договор за делумно нуклеарно разоружување. На Ромни, „најнеискусниот кандидат во неколку децении“, Кери му замерува за честите колебања и за промените во ставовите околу важните прашања, порачувајќи му на крајот, пред да почне да го напаѓа Обама, „најпрво да ја заврши дебатата со самиот себе“.

Значаен детал, кој ја одбележи демократската конвенција, беше и вметнувањето во последен момент на амандманот со кој за главен град на Израел се смета Ерусалим, како и со додавањето на зборот „Бог“ во текстот на платформата. Првиот амандман беше вметнат на инсистирање на израелското лоби, а вториот по барање на верските заедници. Оној за Ерусалим предизвика значителни контроверзи, не само затоа што демократите досега секогаш инсистираа дека прашањето за статусот на тој град е предмет на преговори помеѓу Израел и палестинските власти, туку и затоа што делегатите гласаа со акламација, и тоа три пати, при што можеше јасно да се забележи дека спротивната страна е секогаш погласна, но и покрај тоа, амандманот е прогласен како поддржан со двотретинско мнозинство.

Извор: www.novossti.com