Во одбрана на неопределените

05.11.2012 12:57
Во одбрана на неопределените

Признавам: неодамна добив гласачко ливче од Колорадо, но иако мојата држава ќе има клучна улога во изборот на претседател, сè уште не гласав. Да, јас сум еден од оние неопределени на кои често им се потсмеваат, а еве и зошто сум неопределен.

Политички сум наклонет кон лево и минатиот пат гласав за Барак Обама, но без никакви илузии. Прво го анализирав неговиот учинок и сфатив дека тој не е прогресивен, а камо ли марксист, како што тврдат неговите конзервативни критичари. Тој отсекогаш бил политичар кој се врти како што дува ветерот и ja затскрива корпоративната политика зад превезот на алтруистичкиот либерализам. Но, гласав за него, затоа што во 2008 година претставуваше најдобра можност за промена.

За жал, таа прилика е пропуштена. Обама погази многу од своите предизборни ветувања, не само затоа што им ја препушти економската политика на корпоративните инсајдери, туку и затоа што, како што оваа недела документирано покажа Вашингтон Пост, промовираше поекстремна верзија на безбедносната политика и кршењето на граѓанските слободи од времето на Буш, која некогаш ја критикуваше од позиција на уважен „уставен правник“.

Сега, четири години подоцна, Обама и медиумите блиски на демократите, бараат од гласачите да ги игнорираат овие резултати, или барем да поверуваат дека претседателот Мит Ромни автоматски би бил уште полош.

За либералите ова уверување има некаква основа. На економски план, Ромни предлага казнени trickle-down мерки за наградување на богатите „творци“ на даночните олеснувања и казнување на осиромашените „приматели“ со кастрење на јавните служби. На општествен план, им се противи на истополовите бракови и правото на абортус на жените.

Меѓутоа, меѓу кандидатите има многу повеќе сличности отколку разлики. Обајцата го поддржуваат намалувањето на социјалната помош, намалувањето на данокот на приход, „војната против дрогата“, експлоатирањето на фосилни горива, зголемување на воениот буџет и продолжувањето на интервенциите во странство. Тоа се причините поради кои сум неопределен и поради кои упорно го поставувам прашањето: дали на Америка ѝ е потребна опозиција или не?

Врз основа на резултатите во минатите четири години, знаеме дека Обама во следниот мандат, туркајќи ги своите приоритети, нема да наиде на сериозен отпор од организациите блиски на демократите, медиумите, политичарите и активистите. Овие сили упорно докажуваат дека партиската припадност им е поважа од принципите. Како што „првиот Обама“ ги протурка екстремните мерки за кршење на граѓанските слободи и националната верзија на Ромниевиот закон за здравство по волја на безбедносната индустрија без премногу либерално противење, „другиот Обама“ би можел слободно да ги спроведе своите приоритети во кои се согласува со републиканците. Што е уште полошо, неговите партиски колеги би го сфатиле овој изборен успех како уште еден доказ дека и тие можат да ги поддржат овие конзервативни иницијативи, без страв дека ќе ја изгубат поддршката на либералните гласачи.

Од друга страна, знаеме од искуството на вториот мандат на Буш дека претседателот Ромни најверојатно ќе наиде на силно организирана опозиција. Зошто? Затоа што истата оваа демкоратска апаратура која сега му дава поддршка на Обама одеднаш ќе го препознае својот партиски интерес во фрустрирањето на републиканскиот претседател.

Со ова, секако, не ги поттикнувам либералните гласачи да гласаат за Ромни. Само изложувам едно - до душа, многу можно - сценарио. Освен тоа, причината поради која сè уште сум наклонет кон Обама (или кандидатот на некоја трета партија) е тоа што, како што веќе споменав, Ромни е забележително полош од актуелниот претседател по неколку клучни прашања.

Меѓутоа, главната поента е дека лево настроените гласачи не би требало да ги сфатат овие избори наивно. Треба да ги сфатат како комплексна одлука за конкретни исходи во контекст на опозиционата политика. А еве ја нелагодната вистина: со толку слични претседателски кандидати, недостигот од либерална критика за реизборот на Обама е можеби подеднакво застрашувачки колку и можноста за победа на Ромни.

Нормално, можете, како што прават коментаторите од весниците, надмено да ги исмејувате неопределените гласачи и да зборувате за тоа колку се глупави - но со олку мрачни изгледи, глупаци се оние кои го претставуваат таквиот невозможен избор како едноставен.

Извор: In These Times

Слични содржини

Свет / Психологија

ОкоБоли главаВицФото