Нема место за очајување

24.04.2017 06:48
Нема место за очајување

Разговорот со Берни Сандерс за Boston Review го водеше професорот Арчон Фунг од Школата Кенеди на Харвард.

 

Што би му рекле на некој што сака да му се придружи на вашето движење „Нашата револуција“? Да се кандидира за локална позиција и да ја поправи локалната власт, како што вие го направивте тоа во Берлингтон? Да се придружи на група како што е Move On или Indivisible или Black Lives Matter? Да ја менува Демократската партија? Да прави нешто друго? Што би му препорачале?

Сето тоа и повеќе од тоа. Ова е главната порака: секоја заедница е поинаква. Секоја личност е поинаква. Некој е заинтересиран за еколошки прашања, некој за расна правда, некој за синдикално движење или за економски прашања. Значи, секој ќе прави нешто поинакво. Поентата е во тоа дека оние на врвот успеваат да ги протуркаат своите апсурдни мерки затоа што претпоставуваат дека луѓето не знаат што се случува - медиумите не известуваат за тоа - или дека се толку безволни што нема да се побунат, или дека секогаш можат да соберат доволно пари за лажливи кампањи со ефектни реклами од 30 секунди и дека секако ќе победат.

Лидерите на најголемите корпорации во Америка, од Волстрит, од Џенерал Електрик, ни велат: „Сакаме намалено социјално осигурување и поголеми даночни олеснувања за корпорациите и крупниот бизнис“. Сите тие имаат милиони долари во своите пензиски програми. Заштитени со своите златни падобрани, доволно се дрски да дојдат во Вашингтон и да речат „Намалете го социјалното осигурување за луѓето кои заработуваат 14 илјади долари годишно. Намалете го Медикер, намалете го Медикејд, дајте им уште даночни олеснувања на оние на врвот“.

Оваа бесрамна аргументација се распаѓа штом ќе се испита подлабоко, но проблемот е во тоа што од различни причини тоа не се прави. Расправите се свртуваат кон проблемот со личното вооружување, прашањето на абортусот итн. Наша работа е пред сè да бидеме вклучени во политичкиот процес на секаков можен начин. Ова значи дека не треба да му го вртиме грбот на локалниот училишен одбор - тоа е многу значајна институција, особено ако сакаме да го зајакнеме јавното образование во Америка. А тука се и градските собранија и државните законодавни тела.

Но не станува збор само за вклучување во изборниот процес. Ние победуваме и кога луѓето се интересираат за еколошките прашања. Државата Њујорк забрани хидраулично фрактурирање (fracking). Тоа не се случи затоа што градоначалникот едно утро решил да го направи тоа. Тоа се случи затоа што стотици илјади луѓе му рекоа дека тоа е добра идеја. Зголемувањето на минималната надница на ниво на речиси цела земја е исто така пример за успешна кампања. Да речеше некој пред пет години „Минималецот во Вашингтон е 7,25 доари. Ајде да го подигнеме на 15“, сите ќе помислеа дека е луд. Но имавме храбри луѓе, работниците во индустријата за брза храна - ми беше чест да протестирам со нив - кои се кренаа и рекоа „не можеме да живееме од 9-10 долари на час“. И, гледај чудо, Сиетл и Вашингтон добија по 15 долари на час. Сан Франциско, Калифорнија, државата Њујорк - се шири како шумски пожар. Тоа се случува кога ќе се кренат изворни (grassroots) движења.

Идеите на Трамп за екологијата не се само срамни туку и опасни. Единствен начин да ги победиме е милиони луѓе да ги притиснат институциите. Не случајно Ексон мобајл и Џенерал електрик сега велат „климатските промени можеби се вистински, господине претседателе“. Кога милиони луѓе велат дека се загрижени за своите деца, внуци и идни поколенија, доаѓа до промена. Кога ќе извршиме притисок врз корпорациите и банките кои инвестираат во индустријата за фосилни горива, кога ќе бараме на локално, државно и федерално ниво повеќе соларна, геотермална и енергија на ветер. Значи, нема место за очајување. Сега, повеќе од кога било, е потребно да пружите отпор.

Ова е збунувачки политички момент за многумина од нас. Отпорот на администрацијата на Трамп е многу енергичен. Па сепак, се чини дека каде и да се свртиме, прогресивците губат. Покрај Белата куќа на Трамп и републиканскиот конгрес, републиканците контролираат три четвртини од законодавните тела. Имаме 33 републикански гувернери. Во 25 држави републиканците имаат мнозинсвто во сите законодавни тела. На неодамнешните избори во Холандија, Социјалдемократската партија доби најнизок процент во својата историја. Француската Социјалистичка партија стои лошо во предизборните анкети.

Нашиот слушател Рик од Утрехт, Холандија, има прашање за вас: „Многу европски земји имаат пристоен минималец, здравствено осигурување за сите и пристапни цени на образованието. Па сепак, популистите како Герт Вилдерс во Холандија и Ле Пен во Франција добиваат сè поголема популарност. Можете ли да го објасните подемот на десницата во овие земји?“

Веројатно не, но сепак ќе кажам неколку зборови. Вие сте во право, Трамп не е осамен феномен. Мислам дека зад тоа стои фактот дека светот се менува исклучително брзо. На пример, ако живеете во „област на јаглен“ во САД - пораснав во куќа со огромни купови јаглен на кој се греевме, а рударите за нас беа херои. Тоа е најлошата работа на светот, многумина меѓу нив умираат млади од „црни бели дробови“, и така натаму - светот ги заобиколи. Експлоатацијата на јаглен е во опаѓање. Не станува збор за „војна на Обама против јагленот“ туку за трансформација на енергетскиот систем.

Ако живеете во „област на јаглен“, како се чувствувате ако имате 60 години? Некогаш сте имале работа - патем, работата не е само заработувачка. Луѓето сакаат да работат, сакаат да бидат дел од општеството, сакаат да бидат продуктивни. Јас бев невработен едно време додека бев млад. Тоа беше страшно болно, не само поради недостигот на пари, туку седите дома, се чувствувате бескорисно. Луѓето сакаат да бидат продуктивни членови на заедницата. И мислам дека од различни причини ширум земјава, дури и таму каде што луѓето имаат здравствено осигурување и пристојно образование, постои чувство на губење на заедништвото, чувство дека повеќе не сте дел од нешто поголемо од себе. Ние сме најбогатата земја на светот и нашите луѓе заслужуваат пристоен животен стандард. Но, од друга страна, треба да создадеме заедница. Треба да осигураме дека јас ќе се грижам за вас, а вие за мене. Да знам дека вие сте загрижени за моите седум внуци, а јас за вашата болна мајка. Кога сме дел од заедницата и кога не сме исклучени, верувам дека тоа нè прави похумани и дека има помалку шанси пак да почнеме да ги малтретираме малцинствата и да ги третираме како жртвени јарци, зашто тоа е она со што се хранат демагозите.

Ќе ви дадам пример. Бев во средно училиште во Вермонт пред неколку недели. Тоа е работничка област, не е богата и го прашав момчето кое го води училиштето: „Колкав процент од вашите деца завршуваат средно училиште?“ И тој ми рече „околу 99 отсто од децата дипломираат“. Реков „99 отсто - тоа е феноменално. Како го постигнувате тоа?“ Тој ми одговори: „Имаме еден наставник на 12 деца. Не дозволуваме децата да пропаѓаат низ пукнатините на системот“. Со други зборови, родителите, возрасните, наставниците, директорот, вработените велат: „Ние ве сакаме и се грижиме за вас, знаеме дека имате проблеми дома. Дојдете и разговарајте со мене, знам дека вашето семејство има финансиски проблеми. Ајде да видиме што можеме да направиме за да ви помогнеме, но нема да дозволиме да се свртите кон дрогата“.

Ова се тешки работи. Полесно е да се кажат неколку зборови за нив, отколку навистина да се спроведат на дело, но накратко, не верувам дека луѓето се расисти. Не верувам во тоа. Мислам дека работата е во тоа да создадеме чувство дека сме дел од нешто. Многу ми значи тоа што сите во Вермонт знаат кој сум. Можам да влезам во продавница и да платам со чек. Не морам да пополнам 48 различни формулари. Луѓето знаат кој сте, не сте само број. Не морате да свртите 18 телефонски броеви.

Кога зборуваме за здравствениот систем, работата не е само во тоа дека тој е скап и дисфункционален. Кога бев во Њујорк и добив инфекција на окото, отидов на лекар и додека чекав во редот, видов натписи: „Имате ли осигурување? Морате да платите со готовина“. Единствената работа која го интересираше докторот беше дали ќе можам да му платам. Ме прегледа за две секунди и пополни скап рецепт. Луѓето сакаат лекари кои се грижат за нив, кои ги познаваат, на кои можат да им се обратат, да ги повикаат. Сакаат да знаат дека наставниците се искрено заинтересирани за нивните деца. Сакаат да знаат дека можат да им се обратат на локалните полицајци ако имаат проблем. И тоа е она што мораме да го изградиме. Тоа не е лесно. Но верувам дека на крајот создавањето ваков вид заедница ќе помогне да се излезе на крај со некои од проблемите со кои се среќаваме во оваа земја и ширум светот.

Слушателот Сенека од Енкориџ, Алјаска, прашува: „Често имам проблем со тоа како да разговарам со своите конзервативни пријатели и членови на семејството за актуелните настани. Дали имате некој совет за тоа како поконструктивно да пристапам во разговорот?“


Еден од проблемите е во тоа што пред 30 или 40 години сите ги гледавме истите ТВ програми и можеби ги читавме истите весници. Денес голем број луѓе својот поглед на светот го засноваат на телевизијата Фокс, која е најблаго речено поинаква од мојот веб-сајт, кој пак е поинаков од она што може да се види и чуе на Ен-Би-Си итн. Луѓето ги бираат изворите на информации според својот поглед на свет. Важно е да се исчекори надвор од својата зона на комфор. Лесно е да седнете со пријателите, да испиете пијачка и да се смеете за тоа каков кретен е Доналд Трамп. Но тоа не е доволно, навистина не е. Повеќето луѓе од работничката класа кои гласаа за Доналд Трамп сакаат нивните семејства да имаат здравствено осигурување. И потоа можете да им кажете:

„Доналд Трамп вети здравствено осигурување за сите. Но наместо тоа, премиите за осигурување за луѓето постари од 60 години пораснаа од 1700 на 7000 долари. Тоа е речиси половина од вашите приходи, ако живеете од 25.000 годишно. Како се чувствувате по тој повод? Гласавте за Трамп. Тој рече дека ќе обезбеди здравствена заштита за сите. Дали е тоа добра идеја? Гласавте за Трамп и тој рече дека ’ќе го исуши мочуриштето’ на бирократијата во Вашингтон. Како се чувствувате кога гледате дека на сите клучни места поставува милијардери и менаџери од Волстрит? Дали е тоа сушење на мочуриштето? Рече дека нема да го намали Медикејд, а спроведе големи намалувања на Медикејд. Дали мислите дека е добра идеја тоа што неговиот буџет вклучува укинување на програмата за дневен престој на децата во училиште? Зарем вашето дете не оди во дневен престој? Е па тој го укинува тоа. Што е со програмите за детска ужина, или со програмата за трудници и бебиња - ги укинува додека им дава даночни олеснувања на милијардерите. Дали навистина гласавте за тоа?“

Можеби тоа е начин да се започне разговорот. Но проблемот е во тоа што овие луѓе со години гласале за Демократската партија која ги изневери своите ветувања. Демократите се подобри од републиканците, но токму демократски, а не републикански претседател го дерегулираше Волстрит. Тој ги воведе првите катастрофални економски мерки. И гласачите сега се бесни и бараат алтернатива. Наша работа е да го испорачаме ветеното. Придружете ни се - ние ќе се пресметаме со милијардерската класа и корпорациите и ќе создадеме економија која работи за вас. Мислам дека тоа е начинот да се започне овој процес.

Се плашам дека имаме време за уште едно прашање.

Затоа што јас се расприкажав.

Колин од Ебингтон прашува: „Во овие хиперстрасни времиња, компромисот стана валкан збор на двете страни. Имајќи предвид дека компромисот е суштински принцип на демократијата, како можеме да се пробиеме низ реториката и да постигнеме компромис меѓу различните позиции на политичкиот спектар?“ Допирајќи го истото прашање но од различна насока, Кевин од Арлингтон прашува: „Дали ќе ја прифатите републиканската стратегија на опструкција?“

Бев градоначалник и конгресмен. Во текот на годините успевав да протуркам голем број амандмани низ републиканскиот конгрес. Тоа не беше можно без договор со републиканците. Значи, компромисот е дел од демократскиот процес. Но, ајде да застанеме и да се осврнеме на политичката ситуација во земјата. Во последните триесетина години, Републиканската партија се трансформираше од партија на десниот центар во десно-екстремистичка партија. Тоа е просто факт. Во мојата држава Вермонт имавме републикански гувернери кои беа решителни борци за заштита на животната средина, заштитници на женските права, со силна верба во образованието. Секако, се разликувавме по своите економски гледишта. Имавме длабоки меѓусебни несогласувања. Но овие луѓе живееја во она што би го нарекол меинстрим свет.

Патем, тоа беше слика на Републиканската партија во Вермонт во текот на целата нејзина современа историја. Мислам на луѓето како Џорџ Ејкен, Боб Стафорд, Џим Џефордс. Умерени, стабилни републиканци. Добога, Двајт Ајзенхауер - човекот кој нè предупредуваше на опасноста од воено-индустрискиот комплекс, човекот кој рече „ајде да го прошириме социјалното осигурување“ - беше републиканец. Човекот кој го изгради меѓудржавниот систем на автопатишта беше републиканец. Она што се случи во последните 30 или 40 години е дека како резултат на влијанието на браќата Кох и другите милијардери, оваа партија се помести длабоко десно.

Дали знаете за што навистина се залагаат браќата Кох? Штотуку направив интервју со Џејн Меер за својот веб-сајт. Џејм многу пишуваше за „темните пари“. Браќата Кох: еве во што веруваат тие. Тие сакаат во целост да го укинат социјалното осигурување, Медикер и Медикејд. Нивната филозофија - бидејќи тие се второто најбогато семејство во Америка - е дека државата не треба да игра никаква улога во пензиското осигурување, во јавното здравство. Збогум Медикер, Медикејд и сите останати здравствени програми. Тие всушност не веруваат ни во јавното образование. Не веруваат во концептот држава, освен во поглед на силната одбрана и можеби во уште некој аспект. Тоа е нивното гледиште - препуштени сте сами на себе. Сакате здравствено осигурување кога ќе остарите? Снајдете се. Немате пари? Можеби некоја црква или добротворна организација ќе ви додели некоја пара. Тоа не е работа на државата.

Ние се бориме за зголемување на минималната плата на ниво на плата од која може да се живее. Дали знаете кој е нивниот став по ова прашање? Не би требало ни да имаме минимална плата. Тоа ни ја одзема слободата. Ако невработеноста е висока и јас сакам да ве вработам по цена од четири долари на час, моја слобода е да ве вработам и ваше право е да работите за мене за четири долари на час. Државата не треба да поставува стандарди, тоа ви ја одзема слободата. Имате фабрика, сакате да испуштите отровен отпад во реката? Сакате да го загадувате воздухот? Тоа е слобода. Не сакате државата да ви одредува што да правите со својата сопственост? Тоа е ваша слобода. Тоа е идеологијата која моментално доминира во Републиканската партија. Имате претседател на Агенцијата за заштита на животната средина, Скот Пруит, чија работа е да ги разори американските закони за заштита на животната средина. Значи, ете со што си имаме работа. Секако дека сакате компромис. Но што треба да му кажаме на некој што сака да ја растури Агенцијата за заштита на животната средина? Кој не верува во климатските промени? Што би бил компромисот?

Во демократија и нација со околу 320 милони граѓани секој ќе има поинаква гледна точка. Но она што ни е потребно е држава која во најширока можна смисла го претставува народот, а не купче милијардери. И еднаш кога ќе го имаме тоа, кога ќе имаме републиканци кои се спремни да излезат и да кажат „Секако дека никој во нашата заедница не сака да го укине социјалното осигурување и да им понуди даночни олеснувања на милијардерите. Ајде да видиме како ќе го решиме тоа“, тогаш ќе можеме да соработуваме. Но во овој миг, според мене, главна задача е да изградиме силно, прогресивно изворно движење кое ќе им овозможи на милиони луѓе да се активираат во политичкиот процес на начин каков што досега не сме виделе во земјава.

Извор: Boston Review, 04.04.2017.