1022 hPa
100 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 09:59
Имало и победни, поподли и подосадни кампањи, ама немало ниту една каде кандидатите на двете партии толку упорно избегнуваат толку прашања. Не слушнавме ништо значајно ниту од Обама ниту од Ромни за Авганистан - што и поради што тргна наопаку, како Америка мисли да излезе од таму и што можеме да научиме од овој неуспех. Обама се потпира на претпоставката дека американските војници нема да бидат нападнати додека си заминуваат. Ромни би сакал да останеме и да се бориме пожестоко, но ситуацијата е толку безнадежна, што одлучи главно да не зборува за тоа. Слична дилема ја задуши и секоја дискусија за заштита на животната средина и загадувањето.
Најјасна е разликата околу данокот. Обама се врати на својот став од пред 2011 и сега повторно вели дека ќе го зголеми данокот за најботатите 2% од населението. Тоа ќе го направи (сакаше да каже) ако му дозволи мнозинството во конгресот. Што се однесува до Ромни, тој ветува дека ќе им го намали данокот на богатите. Од своите поддржувачи бара да веруваат во неговиот план, кој не смее да го открие, а кој би ги надоместил намалените приливи со балансиран буџет, а сето тоа ќе го вклопи со ветувањето за зголемување на буџетот за одбрана и повеќе отколку што бара Пентагон.
Двајцата кандидати се чудно дистанцирани од своите партии. Ромни е умерен републиканец кој ги напушти своите некогашни ставови кога сфати дека умерени републиканци повеќе не постојат, и кога сфати дека ниту еден принцип не му е толку важен колку што му е важно да стане претседател. Така, тој бега од своето минато, но ако трча доволно брзо и доволно далеку за да ја стигне радикалната десница, ќе ги изгуби гласовите на умерените кои му требаат за победа. Неговата изјава дадена за време на партиските избори , дека се надева дека нелегалните доселеници ќе бидат доволно чесни да се „самодепортираат“ е само еден пример за вербалните и логичките јазли во кои се заплетка со седењето на две столчиња - судејќи според сè, безизлезно. Обама е подеднакво подвоен, но поради различни причини. Тој се држи над партијата и со нескриено омаловажување гледа на повеќето политичари, вклучувајќи ги и демократите. Често, како Реган, се жали од Вашингтон и „Конгресот“, Ретко зборува против „републиканците“.
Какво изненадување и да нè чекаше во октомври, последните три месеци ни открија силен контраст помеѓу темпераментите на двајцата кандидати. Ако го земеме предвид само ова, Ромни заслужува да изгуби; многу луѓе кои на почетокот сериозно се сомневаа во претседателот сега мислат така. Ромни заслужува да изгуби затоа што неговиот карактер откри толку несигурна површина што дури ни најпроникливите не можат да погодат што се крие под неа. Освен тоа, партијата која ја претставува престана да се однесува како рационален колективен чинител кој се занимава со проблемите на современиот свет. Видео снимката од монологот на Ромни на донаторската конференција на 17 мај, кога рече дека слободно може да отпише 47% од гласачите кои не се грижат за себе и не плаќаат данок, е доказ за моралната пореметеност која ја делат кандидатот и неговата партија.
Нормално, демократите ја објавија снимката. Меѓутоа, не се зборуваше многу за фактот дека ваквиот отворен презир открива потполно неразбирање на демократијата. Во држава посветена на владеењето на народот, не можете слободно да занемарите половина граѓани и нивното незадоволство. Нивните идеи за тоа како ќе ги решат своите проблеми можат да бидат погрешни, но тие проблеми никогаш не смеат категорично да се отфрлат. Обама го разбира тоа и неговата широка и еуфемистичка употреба на изразот „средна класа“, иако не одговара на вистината, барем го почитува императивот на респектирање на сите граѓани.
Верзијата на Oбама на американската демократија, колку и да е широка, е магловита, а можеби и отсекогаш била. Во говорот кој го одржа на 27 септември во Вирџинија, тоа го формулираше вака:
„Верувам во она што го нарекуваме нов економски патриотизам, втемелен на уверувањето дека силната економија почива на силна средна класа. И нема да се преправам дека патот кој нè чека ќе биде краток или лесен. Беа потребни повеќе од неколку години за да дојдеме до овде каде што сме сега, а ќе ни треба уште повеќе време за да се извлечеме од овој хаос создаден од истата политика која мојот противник ја предлага сега. Но, нашите проблеми можат да бидат решени, на нашите предизвици може да се одговори. Сè уште ги имаме најдобрите работници на светот, најдобрите универзитети, најдобрите научници, најдоброто - ги имаме најдобрите работи. Само треба да ги споиме и - слушајте, ако не верувате, само сфатете го ова: не постои земја на светот која сега не би се менувала со нас.“
Обама овде манипулира со најневините слогани и пароли кои може да ги изусти. Тактиката е да ја задржи предноста така што ќе остане на безбеден терен. Ништо од горенаведеното нема да му ја донесе поддршката на јавноста која му треба во 2013. Ништо од оваа најдобра-на-светот презентација нема да ја придвижи земјата во правец на трезвено разбирање.
Некои тврдат дека потпирањето на Обама на општите места не е штетно. Дека тој просто ја рефлектира средината во која сите политичари мораат да дејствуваат. Колку е таквата претпоставка погрешна - колку е можно чесно да се објаснат значајните прашања, кога постојат волја и талент - нè потсети Бил Клинтон во својот говор на конгресот на демократите. Во неколку реченици, поранешниот претседател ги изнесе аргументите за реизбор на Обама:
„Гувернерот Ромни барем е доследен во тоа. Тој сака да го укине штедењето и да им ги врати парите на осигурителните компании, повторно да отвори дупка без дно и да ги натера постарите граѓани да плаќаат повеќе за лекови, да го скрати животот на инвестициониот фонд Medicare за осум години. Значи, ако биде избран и го направи она што го вети, Medicare ќе банкротира до 2016 година. Ако тоа се случи, нема да морате да чекате до 2023 година да започне нивната ваучерска програма за да го видите крајот на Medicare каков што го знаеме. Но, има нешто уште полошо. Покрај тоа, тие сакаат да го блокираат кредитот Medicaid и да го намалат за една третина во следните десет години. Нормално, тоа ќе им наштети на сиромашните деца, но тоа не е сè. Речиси две третини од Medicaid се трошат на домови за старци и установи за луѓе со посебни потреби, вклучувајќи ги и децата од средната класа, со Даунов синдром или аутизам. Не знам како тие семејства ќе го поднесат ова“.
Клинтон не мислеше дека на неговата публика политиката и’ е досадна или дека таа во тој момент ќе ја смета за неприлична полемиката која ги користи фактите како докази. Со една реченица - „Не знам како тие семејства ќе го поднесат ова“ - покажа што значи да се пренесат чувствата без парадирање.
Во дебатата на 3 октомври, ни Обама ни Ромни не покажаа такво нешто. Кандидатите беа сигурни и елоквенти; ниеден не дозволи да го збуни она што го кажал другиот; но се доби впечаток дека Ромни „победи“ затоа што гледаше право во Обама и се претстави како компетентен и бестрашен. За да победи актуелниот претседател во тешкиот момент за државата, мора да ги наведе луѓето да веруваат дека неговите достигнувања се страшно значајни и дека неговиот противник ќе и’ наштети на државата ако ги наруши.
Ако Ромни направи пресврт во трката и победи, резултатот ќе биде катастрофален за САД и целиот свет. За надворешната политика, Ромни го советуваат неоконзервативците кои ја промовираа војната во Ирак и ја поддржаа политиката на киднапирање и тортура на Буш и Чејни. Во домашната политика, како што покажува акробацијата да се измисли приход без даноци, Ромни замислува држава која во трката кон целта заборава од каде тргнала.
Од друга страна, ако Обама победи, постојат итни проблеми кои не смеат да се кријат. На Америка сега и’ се ближи судир со Иран, од кој Обама не си обезбеди никакво замисливо отстапување. Неговата тактика во Пакистан, Јемен и другите земји - убивање на осомничените за тероризам од беспилотни летала - сега како државен тероризам ја осудуваат истите оние луѓе кои претседателот тврди дека ги штити. Резултатот е опасно зајакнување на антиамериканските ставови.
Извор: The New York Review of Books