Пронајден гробот на Спаско Хунзман!

10.11.2012 19:11
Пронајден гробот на Спаско Хунзман!

Скопје, 10 ноември 2312

По долгогодишно истражување, најстариот македонски археолог со светско реноме, Македон Александров, го пронајде гробот на неговиот славен колега од XX/XXI век, археологот Спаско Хунзман.

Интересно е тоа што Александров го пронашол гробот токму под темелите на својата стара куќа, при уривањето и подготовките за изградба на нова.

„Неверојатно! Се оствари она што го посакував и за кое работев цел живот. Радоста е неизмерна. Можеби ова е мала дупка за Спаско, но огромна за Македонија и македонската историја!“, изјави Александров за Пара вести.

Тој најпрво ги ископал петиците на Спаско Хунзман на кои имало златни потковици, а потоа го пронашол и целиот негов труп, кој, за чудо, бил нераспаднат. Како непобитен доказ дека се работи токму за Хунзман, Александров го посочи фактот дека околу двете раце, од дланките па сè до рамениците, имало наредено седумнаесет рачни часовници. Во гробот, освен телото на Хунзман, бил пронајден и коњски фалус пресечен на половина, како и пензионерската книшка на славниот археолог.

Комисијата за заштита на културното наследство и Агенцијата за подземни работи му честитаа на Македон Александров и соопштија дека просторот околу неговата куќа, каде што некогаш се наоѓал македонскиот плоштад, а сега забавниот парк ЛУНА 2014, ќе биде прогласен за археолошки локалитет.

И покрај одушевеноста на стручната и пошироката македонска јавност, не сите колеги на Александров веруваат во веродостојноста на откритието. Некои од нив сметаат дека всушност се работи за некогашниот скопски градоначалник и славен часовничар, Трале Коцев, чиј заштитен знак исто така биле часовниците. Александров ги нарече таквите тврдења „чиста глупост и последица на елементарното непознавање на историјата на градот и археологијата“.

„Одамна е утврдено дека Трале Коцев е погребан во родното село Времево на Скопска Црна Мора, а загинал кога врз главата му паднала стрелка од еден градски часовник. Со сигурност се работи за Спаско Хунзман“, изјави Александров.

По повод неговото откритие се огласи и МПЦ, која одлучно ја отфрли иницијативата на група верници кои предложија Спаско Хунзман да биде прогласен за светец, и покрај тоа што моштите на археологот не се распаднати.

„Шо ако телото му е здраво, коа апликацијата на маичката му е избришана. Да беше прав светец, ќе останеше и апликацијата. Вера е озбилна работа и не се заебаајте многу“, изјави господин господин господин господин господин господин Маларије, а со него се согласуваат и колегите од синодот, владиците Педофилије и Ксенофобије.

Македон Александров објасни дека телото на Спаско Хунзман е нераспаднато затоа што просторот на кој бил погребан претставува пустина.

„Ме изненади тоа што почвата под мојата куќа - сега веќе гробот на Хунзман - беше толку песоклива. Несомнено уште од пред неколку векови ова место е голема пустина, па благодарение на тие природни услови, телото на Спаско Хунзман е сочувано“, објасни Александров, шеговито додавајќи дека дополнителна корист од откритието е тоа што сега знае дека куќата му била изградена врз несигурно тло, па ќе побара друга локација за новата куќа.

Уште одамна, Македон Александров најави дека ако некогаш биде пронајден гробот на Спаско Хунзман, ќе избие трета светска војна. За сега нема најави за такво нешто. Евроазија и Африка се во одлични односи, а Соединетите Јужноамерикански Држави негуваат пријателски односи со Канада, САД, Иран и Ватикан. Сепак, воените аналитичари предупредуваат дека безбедносната ситуација во светот треба будно да се следи, затоа што на Тибет се забележани сомнителни вооружени групи кои можат да бидат вознемирени од откритието на Александров.