Холандски журкаџиски тим истражува дали има ноќен живот во Македонија

04.09.2015 01:20
Холандски журкаџиски тим истражува дали има ноќен живот во Македонија

Скопје, 4 септември 2015

По затворањето на клубот Сектор, група истражувачи од Холандија ќе истражуваат дали во Македонија постои ноќен живот. Тимот планира да остане во земјава неколку месеци, а веќе има одредени сознанија од туристите кои ја посетиле земјава.

„Знаеме дека во Македонија се јава на магариња, дека имате многу цркви, споменици, манастири, споменици, природни убавини, споменици, храна, споменици, вино и споменици, но слушнавме одредени шпекулации за постоење ноќен живот. Ќе работиме напорно за да ги провериме таквите наводи“, вели предводникот на истражувањето, Жур ван дер Клуб.

„Утре ќе го посетиме археолошкиот локалитет Сектор 909, каде очекуваме да најдеме докази за постоење на ноќен живот: делови од озвучување, плочи, карти од концерти и журки... што било. Потоа планираме да посетиме и други места каде наводно се одвивал или можеби сè уште се одвива ноќен живот“, вели овој холандски истражувач и додава дека очекува да најде докази кои ќе го потврдат постоењето на овој вид живот во Македонија.

Но, не сите членови на истражувачкиот тим го делат неговиот оптимизам. Едвин ван Мрч смета дека темелните и опсежни истражувања можат да потврдат и една друга претпоставка - дека во Македонија не постои живот ниту дење.

„Во групата владее разногласие. Сите имаме различни претпоставки: еден смета дека во земјава постои ноќен живот, друг дека не постои ниту дневен живот, а има и такви кои мислат дека во Македонија постои живот до 21 часот, времето до кога може да се купи алкохол“, вели истражувачот ван Мрч.

До објавувањето на оваа вест, холандските журкаџии сè уште немаа пронајдено форма на ноќен живот во земјава, а според Едвин ван дер Клуб, сериозно работат на истражување дали воопшто некако се живее, макар и дење.