Темпирана социјална бомба

26.02.2013 13:28
Темпирана социјална бомба

Според податоците од Меѓународната организација на трудот (International Labour Organization, ILO) што дејствува при Обединетите нации, ширум светот се невработени повеќе од 73,8 милиони лица на возраст меѓу 15 и 24 години. Во споредба со почетокот на кризата во 2007 година, тој број е поголем за четири милиони. Повеќе од шест милиони невработени млади луѓе, пишува ILO, се откажале од потрагата по вработување. Младите луѓе имаат три пати поголеми шанси да бидат невработени во однос на своите постари колеги.

Во Европската унија секоја петта личност на возраст до 25 години е во неуспешна потрага по вработување: во Шпанија, во Ирска или Грција се укинаа една петтина од работните места, а се зголеми бројот на вработувањата со органичено работно време. Значи, меѓу младите што успеваат да најдат работа, постојано се зголемува бројот на оние што работат по договор за пола работно време, коишто се фриленсери, во прекарен работен однос или работат на црно. Во Шпанија и Грција, единствените во Европа со повисока стапка на невработеност од Хрватска (што е во чекор со нив), секое второ младо лице е невработено – притоа се земаат предвид младите со завршено средно и високо образование. Според податоците од Еуростат, невработеноста на младите до 25 години во Хрватска е 41,7%. Нема најнови податоци за Грција, па земја со најголем процент невработени млади е Шпанија, со 53,2%, што во однос на 2011 година бележи пораст од речиси 7%.

Причината за невработеноста во Европа е недостигот од работни места, а нови се отвораат како одговор на инстант потребата да се апсорбираат загубите од веќе постоечките. Од друга страна, во Азија и Африка проблемот се нискоквалитетните работни места кои не овозможуваат социјална заштита. Таму младите луѓе немаат друг избор освен да прифатат работа во такви услови, што ги прави „вработени сиромашни“ (според англискиот поим „working poor“ што се однесува на вработени луѓе кои живеат под прагот на сиромаштија).

При разбирањето на статистичките податоци што го бележат растот на невработеноста не смее да се западне во замката на занемарување на општествените процеси што доведоа до кризата. Таа прво се манифестираше во банкарскиот сектор, но набрзо, во голема мера и поради санирање на финансискиот сектор со јавни пари, поприми форма на фискална криза. Наводниот лек во облик на мерки на штедење покажа дека има тешки несакани ефекти: најупадливи се отпуштањата во јавниот сектор, што се пропишани со мерките на штедење и создаваат сигурен раст на невработеноста. Но, од гледна точка на економскиот „здрав разум“, со којшто се раководат политичките елити и најголем дел од експертите, проблемот на невработеноста секогаш, во крајна инстанца, е проблем на претерано ригидниот пазар на трудот и законите што го регулираат. Затоа растот на невработеноста предизвикан од мерките на штедење се смета за дополнителен аргумент за зголемување на флексибилноста на работните односи. Но, по правило, флексибилноста значи и претворање на постојаните работни места во прекарни или вработување со пола работно време, а тоа води кон облици на вработување недоволни за отплаќање на кредитите. Оттука, очигледно е дека ваквите мерки се потенцијално контрадикторни, бидејќи нè враќаат на почетокот на кризата, односно нè држат заробени во магичен круг. Потенцијалната закана од нови банкроти во банкарскиот сектор веројатно би значела и потреба за повторно спасување на банките со јавни пари, па со тоа и раст на јавниот долг и нови мерки за штедење заедно со нивните драматични социјални последици.

Како што истакнуваат многу критичари на политиката на штедење, нужно е да се прекине таа надолна спирала што води во сè подлабока сиромаштија и создава сериозна социјална криза. Иако европските институции продолжуваат да ги игнорираат таквите мислења, стануваат сè побројни гласовите што тврдат дека европската еконономија може да се извлече само со обемна јавна иневестициска програма. Без големи јавни инвестиции, особено кога се има предвид дека секоја година на глобалниот пазар на трудот влегува работна војска од 40 милиони млади луѓе, прогнозите за иднината ќе бидат повеќе од мрачни.

Зголемениот ризик од сиромаштија, лошото здравје и образовните неуспеси на децата на погодените работници се директни последици на долготрајната невработеност. Растечката невработеност кај младите е темпирана економска и социјална бомба. Постојат предупредувања коишто ја истакнуваат сличноста меѓу ситуацијата во Северна Африка непосредно пред Арапската пролет и Европа од минатата година. Северна Африка бележеше економски раст и сè поголем број образовани што не можеа да бидат апсорбирани во националните економии, па единствени достапни работни места им беа нискоквалитетните и слабо платени вработувања. Во Европа, пак, проблемот на преквалификувана работна сила е најголем на Кипар, во Шпанија и Ирска, каде што секој трет беше вработен на место што бара пониско ниво на знаење и вештини од оние што ги поседува. Од 2008 до 2012 година, невработеноста на младите во ЕУ се зголеми за 50%, па Организацијата за економска соработка и развој (OECD) во неодамнешниот извештај заклучи дека Европа потфрли во својот „општествен договор“ со младите и дека политичкото разочарување би можело да достигне ниво слично на она што ја предизвика Арапската пролет.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото