Морална сила

02.03.2013 20:37
Морална сила

Последен поздрав до Стефан Хесел, човекот чиј што живот беше длабоко поврзан со судбината на XX век.

„Крајот не е далеку. 93 години. Ова е последната етапа.“ Со овие зборови почнува малиот текст кој го прослави Стефан Хесел: „Побунете се“. Но што нему можеше да му значи славата? Не му беше потребна. Светот не му даде слава нему, туку тој на светот му подари мудрост. Малкумина се оние чиј што живот толку густо испреплетен со настаните од XX век, со неговите надежи, насилство, разочарувања и имагинација. На крајот, приказната на Хесел ни дава утеха и нè учи дека после ужасот работите се движат кон подобро.

Тој го презираше насилството. Го преживеа Бухенвалд и подоцна учествуваше во пишувањето на Универзалната декларација за човекови права. Меѓутоа, во 2010 година во „Побунете се!“, тој повикува на борба со морално оружје против самопонижувачкиот капитализам: „Интересите на заедницата мораат да бидат поважни од интересот на поединците, правилната распределба на плодовите од трудот мора да биде поважна од моќта на парите.“

Оскар Негт вели: „Степенот на општото незадоволство е мерка на политичкиот морал“. Навистина, каде би завршиле ако се отажеме од спротивставувањето на системското понижување?

Огромниот тираж на книгичката на Хесел во Франција се одвиваше паралелно со манијата по несреќната книга на Тил Сарацин. И книгата на Сарацин е напишана поради незадоволство - но од странците. Незадоволството на Хесел е насочено против неправдата.

Кога тој пишува: „Во текот на мојот долг живот, една постојана низа од причини доведе до побуна“, од него говори граѓанинот. Од Сарацин говори буржујот, при што германскиот збор за граѓанин „bürger“, сублимира два спротивни пола: граѓанин и буржуј. Ернст Блох пишуваше дека „на граѓанинот му се својствени слободата, еднаквоста и братството“. Германскиот буржуј го поминува својот живот во страв.

Стефан Хесел почина во среда навечер, на 27 февруари на 93-годишна возраст.

Извор: Der Freitag

Интервју со Стефан Хесел може да прочитате овде.

ОкоБоли главаВицФото