Пионерките на прочуениот Баухаус

01.04.2013 08:48
Пионерките на прочуениот Баухаус

(горе) Автопортрет на Гертруда Арндт, Баухаус, 1926-27.

Мора да била непоправлива оптимистка. Кога Гертруда Арндт пристигнала во школата за уметност и дизајн Баухаус во 1923 година, таа била надарена, вдахновена 20-годишна девојка што успеала да добие стипендија за да ги заврши студиите. Откако претходно поминала неколку години како помошничка во фирма на архитекти, таа била непоколеблива во нејзината одлука да ја изучува архитектурата.

Иако немала големи шанси за да го постигне тоа. Во тој период, школата се наоѓала во бурен период поради долготрајниот конфликт меѓу основачот, Валтер Гропиус и еден од најхаризматичните учители, Јоханес Итен, којшто сакал да ја искористи школата за целите на неговиот квазиспиритуален пристап кон уметноста и дизајнот. На Арндт ѝ било кажано дека нема можности да се приклучи на курс за архитектура, па била пренасочена кон работилниците за плетење.

И не била единствената со такво искуство. Најголем дел од студентките биле присилени да изучуваат предмети коишто се сметале за „женски“, како што се ткаењето и керамиката. Денес, Архивот на Баухаус во Берлин прави обиди да ги чествува овие жени, коишто биле маргинализирани во рамките на школата, со изложување на нивните дела во серијата изложби наречена „Female Bauhaus“, од коишто последната ѝ е посветена на Арндт.

Освен нејзините дела изработени од текстил, изложбата посветена на Арндт вклучува и експерименти со фотографија што ги започнала набрзо откако станала дел од Баухаус и продолжила да ги изведува до крајот на животот. Таа е третата жена Bauhaüsler што е дел од серијата што започна со уште две дизајнерки на текстил, Бенита Кох-Оте и Лу Шепер-Беркенкамп, коишто по завршувањето на школата, изградиле кариери во областа на театарскиот дизајн, илустрацијата и теоријата на боите. Архивот на Баухаус и во иднина ќе продолжат со слични серии изложби.

„Портрет-маска бр. 34“ од Гертруда Арндт, 1930-31.

Сите три жени претставени во првата серија „Female Bauhaus“ биле необично талентирани, одлучни и креативни, иако за секоја од нив важело дека се соочува со посериозни професионални пречки во споредба со нивните современици и внатре во Баухаус, а и потоа. Зошто школа за којашто се верува дека била толку прогресивна, всушност била и мизогинистичка?

Баухаус, школата што функционирала од 1919 до 1933 година, не била отсекогаш толку нефер кон жените. Само во раните години, студентките биле насочувани кон одредени курсеви, и покрај изјавите на Гропиус во манифестот на школата дека во неа се добредојдени „сите оние со добра репутација, без оглед на возраста и полот“.

„Школата Баухаус имала прогресивни аспирации, но мажите на одлучувачките позии ги носеле со себе доминантните општествени предрасуди типични за тоа време“, вели Катрин Инце, ко-кураторката на неодамнешната изложба „Bauhaus Art as Life“ поставена во Barbican Art Gallery во Лондон. „Едносатавно, надминувањето на родовата нееднаквост бил преголем чекор за нив во тие околности“.

Ситуацијата се подобрила откако Гропиус успеал да го надвладее Итен во 1923 година и да го замени со радикалниот унгарски уметник и дизајнер Лазло Мохоли-Наги. Откако се осигурал дека на студентките им е овозможена поголема слобода при изборот на курсеви, тој охрабрил една од нив, Мариан Брандт, да им се приклучи во работилницата за метал. Потоа, таа ќе стане една од водечките индустриски дизајнерки во Германија во 1930-тите.

Но Арндт, Кох-Оте и Шепер-Беренкамп ја немале таа среќа да се запишат во школата откако пристигнал Мохоли. Кох-Оте била единствената од нив три што успеала да го изучува она што навистина го сакала, и станала една од највлијателните фигури и во областа на дизајнот на текстил и во уметничкото образование. Додека Шепер-Беренкамп ја напуштила школата откако се омажила со нејзин колега. Откако по неколку години тој станал учител во истата школа, таа била помошничка во театарот на Баухаус. Слично на неа, Арндт го напуштила ткаењето откако го завшрила курсот, но одржувала неформални врски со Баухаус на преминот на 1930-тите, кога нејзиниот сопруг станал учител таму.

Лу Шепер-Беркенкамп 

И покрај тоа, сите три жени работеле во области што елитата на дизајнот составена предоминантно од мажи ги сметала за помалку важни, како што се архитектурата или индустрискиот дизајн, делумно поради тоа што биле сметани за женски дисциплини. Низ годините, значително помал број изложби им биле посветени нив во споредба со останатите дисциплини. И дури и најпознатите ученички на Баухаус во областа на дизајнот на текстил, како што се Ани Алберс, Бунта Штулц и Кох-Оте, имаат понезавидно место во историјата на школата во споредба со нивните колеги, коишто ги изучувале „потешките“ предмети.

Родовите стереотипи во рамки на Баухаусот не биле единствениот професионален проблем со кој се соочувале. Како што укажа Инце, почетниот амбивалентен однос на школата кон студентките бил одраз на предрасудите од тоа време. Секоја од триото се соочила со истите предизвици како и останатите работнички и морала да се справува и со домашните работи и со професионалните обврски истовремено. Притоа, дополнително влошување на нивната ситуација претставувал ризикот да бидат засенети од нивите сопрузи, коишто работеле во сродни области.

Се разбира дека тие и нивните сопрузи претрпеле и професионални загуби останувајќи во Европа во текот на Втората светска војна, за разлика од Гропиус и други проминентни Bauhaüslers коишто избегале во САД. Тоа што останале во Европа не само што ги одделило од круговите на Гропиус, којшто бил доминантна фигура во развојот и одржувањето на школата Баухаус, туку биле препуштени и на бруталните консеквенци од крвавите политки од средината на 20. век.

Најлошо поминале Кох-Оте и нејзиниот сопруг на коишто им било забрането да предаваат во Германија од страна на нацистите, па пребегале во Прага. Тој загинал во трагична несреќа, оствајќи ја да се врати во Германија за повторно да го изгради сопствениот живот. Ниту Арндт, ниту Шепер-Беренкамп биле во толку лоша ситуација како Кох-Оте, ниту пак Брандт, којашто завршила на источната страна од Железната завеса во Германија, но тие и нивните семејства се соочиле со траумите и тешкотиите од живеењето во Германија под нацистичкиот режим.

Серијата „Female Bauhaus“ е трогателен начин да им се оддаде почит на нивните постигнувања и проблемите со коишто се соочиле во текот на и по студиите. Исто така, го одразува растечкиот интерес за работата на дизајнерките, и во и надвор од Баухаус, од страна на новата генерација историчарки на дизајнот и кураторки, како што е Катрин Инце.

Извор: nytimes.com

ОкоБоли главаВицФото