Мојот паралелен свет

07.05.2013 09:08
Мојот паралелен свет

„...како не ти е страв?
шеташ со мета на грбот, внимавај,
тие се спремни на с
è за да те замолчат
...јас не би можелa така“ – ми рече моја пријателка деновиве.


Дали нашите граѓани имаат сознание дека во Македонија функционира цел еден паралелен свет? Паралелни медиуми, паралелна уметност, паралелна култура, паралелен живот. Не станува збор за етничка поделеност, ниту за социјална поделеност, ниту секташење. Во паралелниот свет живеат луѓе исто како и во оној другиот. Не се разликуваат воопшто од останатите освен што доброволно се оддале на влијанија од различни сознанија и искуства.

Имале блиски средби со различни култури и цивилизации, притоа дозволувајќи им да минат низ нив и да остават неизбришлива трага во нивните животи. Нивната моќ да ги споредуваат разликите, да го одвојат доброто од лошото, да ја препознаат вистината од лагата, да ги критикуваат неправилностите во општествoто, да се восхитуваат на вистинската уметност и вредност, да го критикуваат кичот, да укажуваат на грешките во системот, ги одвојува од останатиот свет. Не затоа што во другиот свет нема такви, но затоа што тие се свесни за тоа што ни се случува во државата, тие се храбри за тоа да говорат, пишуваат и творат и тие се решени да преземат одговорност за сопствените дела.

Јас му припаѓам на тој паралелен свет духовно, физички и виртуелно. До пред некоја година талкав осамена низ реалноста, барајќи институционални решенија за мојата комплицирана болест, среќавајќи притоа многу како мене, болни и мрагинализирани. Не успеавме дури ни во маката да се обединиме, така што секој од нас индивидуално си наоѓаше решение за себе, најчесто преку врски. Јас тоа никогаш не сум го правела, иако морам да признаам, често пати сум била принудена во една немилосрдна борба за живот да го правам – оти по правен пат овде ништо не е возможно. Мојата болест всушност комплетно ми ја разголи вистината за системот во кој живееме - врз себе ја доживеав неговата нехуманост, суровост, неправедност и немилосрдност. Тоа што го видов и осознав во трите години лекување во мојата сопствена земја до скоро мислев дека е рамно на чистилиштето пред портите на рајот, не знаејќи всушност дека минувам низ пеколот олицетворен во државни институции. Не дај боже да се разболите, за да видите колку ѝ значите на државата.

Во сите фази од лекувањето можам само да им се заблагодарам на човечноста на неколку поединци, а и да бидам среќна што јас можев притоа да си ги покријам огромните трошоци од лекувањето, сама, иако со години плаќам здравствено осигурување.

За сето време додека се лекував, се случуваа страшни работи околу мене, надвор од болничките ходници и институции. Негрижата кон граѓанинот во буквална смисла на зборот од страна на институциите најдиректно се чувствува и гледа во секојдневното делување на луѓето.

Гледам креативност на издишување, деца без ентузијазам и љубопитност, млади без идеи, замисли, визии и делување. Гледам сè помалку вистински претстави, вистински изложби, уметнички дела достојни за светско излагање, а сè повеќе скапа и фашизоидна пропаганда за патриотизам, кич наместо уметност, отворање сомнителни универзитети со сомнителен кадар во секое село, запоставување и злоставувавње на најголемиот дел од нашето автентично културно наследство и негова замена со новокомпонирано, непознато, далечно и сето тоа поттикнато со скапи медиумски кампањи нарачани од владата, небаре готови дефиниции за тоа, колку деца треба да имаме, како треба да се однесуваме, како да навиваме, како да чувствуваме, колку треба да учиме, што да купуваме?!

И со секое гласно спротивставување како поединец на ваквата ненормална пресија, ризикуваш да бидеш жигосан, жестоко исмеан и казнет, па дури и уапсен. Беше забошотено убиство на млад човек, беа задушени студентски протести по повод смртта на истиот тој млад човек, додека сите медиуми во меѓувреме станаа сопственост на владејачката партија. Дури ни немилосрдното трошење на наши пари, пред наши очи за проекти кои не донесоа никакво добро за никого во последниве седум години и направија раздор меѓу нас, не го охрабрија народот, туку напротив, го дотолчија и она малку достоинство во него! Се претворивме во земја во која наместо граѓанинот - владата диктира апсурдни правила за живот, во услови на огромна невработеност, голем процент на сиромаштија и лошо рангирање на целокупната наша земја во однос на слободата по странски мерила.

А како е таму, во твојата втора татковина – Холандија? – со завидливост ме прашуваат пријателите, кои знаат дека сум живеела таму!

За вакви работи во Холандија народот дига востание – реско возвраќам! Таму се дебатира долготрајно и транспарентно од тоа дали треба или не - еутаназија, до потребата за обични преуредувања на паркови и површини, се казнува за дискриминација, таму граѓанинот е газда, а институциите слуги, таму сите се грижат за општествените добра, се раснат вештачки насади од шуми и се чуваат како зеница во око, таму средната генерација работи за децата, пензионерите, инвалидите и загрозените. Таму животните се заштитени со закон. Таму секој сè смее да каже, но никој никого не навредува. И сите вработувања и конкурси се анонимни - се бараат вистински кадри за вистински места и квалитетот секогаш има предност. За четири години престој, како комплетен анонимец и странец, јас на 36-годишна возраст го научив нивниот јазик и успеав сама, без ничија помош и врски да најдам работа, блиска на моето образование. Таму системот ги впива сите што му требаат за да стане подобар, ги слуша критиките и мислењата на интелектуалците и ги прифаќа или отфрла, аргументирано и транспарентно пред целата јавност. Таму децата од мали нозе знаат што е слобода на говор оти и од дома и на школо се поттикнуваат да си го кажат мислењето, се учат да комуницираат меѓу себе, да ги решаваат проблемите со разговор, се учат дека различностите ги прават подобри и посилни. Далеку е Холандија од идеална земја, а и од споредбата со нас - ама останува за мене пример за еден систем комплетно подреден на неговотo величество, граѓанинот – исцрпно им одговарам и додавам - убаво, чисто, средено – милина една – оти сами си направиле да им е така!

На 24 декември 2012, со насилното бркање на опозицијата и новинарите од парламентот, се запечати затворот Македонија. Државата и народот конечно и легитимно станаа заложници на владејачката партија. Голем дел од интелектуалците замолчеа. Се угаснаа и последните опозициски медиуми. Загина, под нејасни околности, сопственикот на единствениот преостанат опозициски весник, чии денови исто така се одбројуваат. Се одиграа комплетно изрежирани локални избори како евтина театарска претстава , во која учествувавше целиот народ – осиромашен, преплашен, поткупен, измалтретиран и понижен. Само општината Центар сè уште пркоси како единствениот урбан и прогресивен дел од малечката земја, да нè потсетува дека волјата на граѓанинот е на прво место, извојувајќи три победи во три наместени круга! Да се биде дел од ваква реалност е тешко, но најтешко од сè паѓа помирувањето на народот со сопствената судбина. Прифаќањето на една „паланечка“ филозофија на живеење, прифаќањето петстотини денари сега, во замена за слободата утре, прифаќањето на немање иднина за себе и своите деца, игнорирање на сопствената сиромаштија и беда од страв и срам пред другите, замижувањето пред каква и да е поинаква алтернатива - стана синоним за живот на нашиот граѓанин. Сите лажни вредности наеднаш испливаа на површината и дадоа моментна утеха на долгогодишната транзициска тага. Режимот на Груевски си ја присвои народната волја за свои интереси, давајќи му лажна реалност на народот, како шеќер-памук на дете што се дава да се замолчи, под чиј јазик сè уште се топи, се дур стапчето не излезе на виделина.

Не си го познавам својот народ подобро од Холандскиот. Во Холандија за четири години престој видов народ што не се срами да зборува отворено за својата болка, за својот проблем, за своите соништа. Ме фасцинира неговата бескомпромисност, особено кога е во прашање личната слобода. Никој никому не робува, никој од никого не се срами, ниту се плаши. Секој си го знае своето право и никој никому не го загрозува. Таму не се плашат од судир со вистината и никогаш нема да посегнат по шеќер-памук сега, во замена за подобро утре. Таму владата и невладините не се изворот за опстанок на државата, а одговорноста е главен двигател на општеството. Само со одговорност човек може да дојде до слободата. Тој е создаден да биде некој и нешто само ако е одговорен како единка за своите дела. Преземање одговорност значи чекор кон слободата. Мојот народ допрва треба да ја почувствува личната одговорност за општествените случувања. Секој поединечно допрва треба да се види себеси како одговорен за тоа што му се случува, за да може да се избори за слобода. Без ова сознание – овој народ останува да биде теледиригиран објект од центарот на нечии лични интереси. Заробен и стиснат во една лажна реалност, со лажни вредности, наметнати како избор од некој друг.

Низ моето паралелно опстојување во другиот свет јас можам да дејствувам и да живеам. Можам да преземам одговорност и можам да зборувам тоа што мислам. Во овој паралелен свет јас наоѓам сродни души кои имаат сила и храброст да бидат одговорни за тоа што ќе го кажат и пред себе и пред другите. Овде работите најмалку се прават заради наредба и финансии од некој центар, а најмногу од личен порив и потреба за промена. Овде слободата нема цена. Овде луѓето мислат со своја глава. Но за режимот и реалниот свет – овој свет не постои и нема приод во медиумите поткупени од него. Луѓето од овој свет се жигосани како виновници пред народот, прикажани како предавници кои влечат корења од „комунистичкиот“ бивш поредок, посочени како смртен непријател, од кој земјата сè уште страда. Во контактите со реалниот свет ги гледам моите пријатели како лебдат незаинтересирано и апатично, криејќи го на тој начин својот страв. Јас сосем ги разбирам, оти е полесно да следиш кого и да е и да опстануваш на работ на издржливост, одошто сам да почнеш нов пат, полн неизвесност. Но што нивните деца ќе научат од нив? Дали тие се добар пример за своите деца со своето јавно молчење, скриено страдање и наведната глава? Или можеби тие се задоволни и среќни со тоа што го имаат?! Можеби никогаш и не помислиле за нешто поразлично од ова?! Но можеби никогаш и ништо поразлично не виделе и не доживеале за да можат да направат избор! Токму тоа е и целта на ропството - да не знаеш дека си роб!

Јас живеам во Македонија, во еден паралелен свет, кој верувам дека еден ден ќе го допре и облагороди оној другиот. Јас не можам да бидам заложник на лагата. Јас не сакам да се кријам под ничиј превез оти немам никакви задни намери освен да ја зборувам вистината. Никој не може да ја „финансира“ мојата слобода, освен јас самата. Верувам дека овој народ заслужува и повеќе и подобро. Посакувам самиот да се избори за тоа, зашто само така ќе дојде до слобода. За сега, тие што ја гледаат и зборуваат вистината се или во овој паралелен свет, овде, или во оној надвор од Македонија. Нема ништо пострашно од сознанието дека живеам во држава чии институции се мртви, и чие право е во функција на интересите на поединци. Нема ништо пострашно кога народот во својата сопствена земја е измеќар на личните интереси на една партија. Но најстрашно од сè е - што јас како уметник и педагог пишувам на оваа тема, додека голем дел од политичарите, студентите, новинарите и медиумите, двигателите на општеството, молчат или уште пострашно - лажат. Да кажеш тоа што мислиш, да бидеш гласен за вистината и да не се плашиш е првиот чекор кон личната одговорност. Слободата потем, веројатно сама следи.

П.С. Страв ми е – ѝ одговорив на пријателката - но се срамам од своите деца да молчам. Вака ем тие се горди на мене, ем ќе научат дека секогаш сами ќе треба да се изборат за својата иднина!

Текстот е преземен од Билтенот на ССНМ
Слики: Ерик Еделман

ОкоБоли главаВицФото