Лустрација во апартхејд

29.05.2013 09:53
Лустрација во апартхејд

Ако е Фрчкоски лустриран затоа што потпишал наредба да се следат некои од чипираните идиоти во денешната власт, тогаш треба да знае дека кога ние ќе дојдеме на власт ќе го лустрираме уште еднаш, затоа што мерките што ги презел не биле адекватни на опасноста (а оној Дамјановски, човекот, демек, на кого не му ги даваат документите според кои наводно се одлучува, човекот кој цело време знае дека комисијата работи противуставно, получовекот кој и покрај сè си седи таму и уште наоѓа за сходно постојано да истапува во јавноста против комисијата и на тој начин, демек преку судирот на мислења, да ја легитимира, нема да го лустрираме туку ќе го излееме во смешен споменик на херојскиот отпор на Македонецот пред торнадото што под името не Оклахома туку ВМРО однесе пред себе сè што почнуваше на буквата „м“ ).

Фрчкоски е лустриран повеќе во својството на својата симболичка функција на она што чипираните идиоти и нивниот режим не се и никогаш нема да бидат отколку како конкретна личност. Идејата на овие торквамедијантски циркузанти не е само во тоа да се тргне една истакната личност од јавната сцена туку да се стави тој капиталец на антирежимскиот јавен дискурс во функција на јакнење на довербата во режимот или на стравот од него и во него во сè посомничавото општество. Се разбира, и како нов знак на дерфинитивниот пораз на македонската варијанта на државноста, на модерноста, на демократичноста и цивилизираноста, на образованоста, на европскоста и на светскоста, значи, на сè што Верниот Тома и неговите шефови, не се.

Но, јас мислам дека ќе се случи еден сосема спротивен ефект: луѓето ќе го трансформираат својот страв во презир, па дури и во омраза кон диктатурата на примитивноста која така интензивно нè ослободува од институциите, од поединците и од политиките што му даваат отпор на лудилото.

Неуставноста и незаконитоста на лустрацијата, нејзините процедурални и суштински дефекти, остварувањето на лустрацијата како сопствена спротивност, односно како атака врз правата на човекот, а не како инструмент на рехабилитацијата на тие права и на општественото катарзично прочистување, особено во ставот да се лустрира и после 1991 година, па уште да не се лустрира по 2006 кога лустраторите доаѓаат на власт, ѝ се познати на јавноста и јас тука не би имал што да додадам. Но, сакам да посочам на некои други групи прашања на кои недоволно им се обрнува внимание во актуелнава расправија (не расправа и дебата бидејќи расправа и дебата нема и нема да има додека за тие работи решава режимот).

Наместо да биде фактор на демократизацијата и на правоконституцијата на општеството, лустрацијата е замислена и се спроведува како елемент на згуснување на тоталитарноста на поредокот. Лустрацијата, со други зборови, не нè ослободува од тоталитарното наследство туку ја јакне тоталитарната сегашност. Такви свињарии можат да толерираат само заедници кои решиле да умрат или да се дезинтегрираат или да ја сменат агрегатната состојба.

Второ, лустрација не може да спроведува систем без минимум демократски не само потенцијали, туку воопшто, идеи. Јас разбирам дека во тоа што колоквијално го нарекуваме комунизам некои работи смрдеа како во некоја нехигиенска кланица, ама ние сега имаме инспектори во мантили од гомна кои наумиле да ја средат хигиената во македонската месарница.

Сите знаеме дека тој и таков комунизам ги нарушуваше во многу сегменти човековите права, но комунистите никогаш не успеаја да стигнат до нивото цела половина од населението да ја изолираат од државните и од општествени ресурси, тие никогаш не направија од системот систем на апартхејд каков што денеска владее во Македонија. Да, да, другари и господа, ние денеска во Македонија живееме во најодвратната форма на сегрегаторските и апартхејдските режими. Кои наумиле да го чистат теренот од остатоците на цивилизираноста, не само на демократичноста.

Повеќе од идејата за елиминација на Фрчкоски и на Милчин и на Ѓунер и на другите, лустрацијата е оптоварена со идејата за елиминација на клучните институции на демократското општество и на демократската контрола: Уставниот суд, јавноста, Собранието, медиумите).

На тој начин режимот ја напушта сферата на политиката и го задржува за себе само секторот на силата. Арно ама, со тоа тој ја одредува димензијата на својата суицидност односно нивото на силата што ќе биде посилна за да ја урне неговата сила сосе него. И дека друго чаре нема.

Професоре Фрчкоски, не дозволувајте во ниту еден момент од овој гриз на власта да почне да ве боли курот. Тука мислам не на курот како полов орган туку на фалусот односно, во жижекова смисла, на симболот на потенцијата општествена пред сè, но и сексуалната нека ве држи, што па да не ве држи!

Извор: Глобус
Слики: Карл Хаглунд

ОкоБоли главаВицФото