Дојдете да ве исфрлиме!

22.05.2014 08:34
Дојдете да ве исфрлиме!

Вељаноски ги моли пратениците на опозицијата да се вратат во Собранието затоа што според новиот деловник „комуњарите“ треба да бидат исфрлени на 24 јуни! Реновираната зграда на рајхстагот има повеќе отвори од „Алијанц арената“ во Минхен, што значи дека државата ги има обезбедено сите услови за брза евакуација и пред 24 декември! Нема шанси при исфрлањето низ големата купола на вмровската врска со Господ, Шилегов да се заглави, што ја знам, со Наташа или со Роза, под услов велешанката да престане да плаче! Тешката коњица на македонската полукончита, извежбана во бројни акции против криминалот до сто евра и пет-шест грама марихуана, веќе чека во просториите околу пленарната сала, рачето на манијакот од министерството за безвезно трошење на нашите пари, еве го, мафта веќе неколку дена, спикерот претпоставува дека, кај и да е, ќе се најде и некоја трудна опозиционерка, мнозинството гарантира дека ќе вложи максимални напори да ги одбие сите амандмани на опозицијата, без оглед на тоа во колкави количества и со какви благородни цели ќе бидат произведени!

Власта не сака новата екскулпација да ја изведе „без везе“, таа операција мора да биде реално мотивирана и уверлива како што е Шенка Колозова во „Македонските народни приказни!“ или како што е Александар Вучиќ во снежната бура кај Фекетиќ! Или како колумните на Димитар Мирчев во „Дневник“. Ако не друго, како кога Тамара и Маја пишкостенкаат во драмата за оставените жени! Да не зборуваме за органската демонстрација на глупоста односно за демонстрацијата на органската глупавост во изведба на нашиот драг маестро Хорхе! Или како кога Волерс говори за слободата во смисла на Џеферсон!

Во секој случај, порачува спикерот на Груевски, би било добро пратениците на опозицијата да се појават на платформата за исфрлање пред да му заврши мандатот на еврокомесарот Филе за да може со помош на Европската комисија да се постигне договор за ново враќање во Парламентот на депутатите што противпожарните бригади, во меѓувреме, ќе ги исчистат од асфалтот пред Николчо Карев! По што, нормално, ќе следат и нови избори и расправа за тоа дека бојкотот не е никакво решение и дека Европа ќе го прифати само процесот низ кој опозицијата ќе се филетизира во екстра девичанското маслиново масло на загубените избори со кои ќе ја обезбеди толку неопходната рамка на демократската легитимација на Македонија!

Пред педесетина години, во времето на другарот Тито, нашите луѓе одеа во Германија, во Австрија и во Швајцарија, кај што го продаваа својот труд за по две-три илјади марки и франци и феноменални синдикални и воопшто социјални статуси! Сум патувал со тие луѓе со бескрајно бавните и валкани возови на југословенските железници, сме изеле заедно тони и тони сланина и сме испиле цистерни пива. Домашната ракија и виното во сламаросани демижони не смеам ниту да ги споменам! Колку само песни сме испеале, далматински, словенски, српски и наши, макар што сите беа наши. По пет-шест години, луѓето се враќаа со огромни автомобили, нивните фамилии тука живееја од богатите дознаки, градеа куќи и отвораа фарми, мали или малку поголеми бизниси!

Александар Македонски во тоа време лежеше во својот непознат гроб и го болеше курот за својот народ. Вемерето живееше во лицата на неколку шушумиги кои чекаа некоја селска слава за да се начукаат и да тргнат на Солун. Малку пред тоа се случуваше тој пат да оди преку Свети Гргур, таква беше патнополитичката инфраструктура. Но, независно од тоа, вмровци или немаше или и тие неколку души беа абдали што живееја од „ропската експлоатација“ на своите баџанаци на привремена работа во странство!

Сега, кога тој шушумилигунгот е на власт, кога абдалството е власт, кога нема југословенски возови и национални стеги комунистички, кога на луѓето им ги пресекоа менталните ленти и ги осиромашија за сите тие песни („Ај ти, цуро фина, донеси бокал вина“ или „Три палме на отоку среќе“, „Да није љубави не би свита било, кад је твоје тило крај мојега било“, да речеме, де!), надвојводата од Македонија, Шарло од Овче Поле и Пелагонија, Стока невидена и нечуена, ги моли светските капиталисти да дојдат тука, да не им ги, значи, носиме ние нашите азиланти и национални фрустранти, ебиветри и чесни работници да им ја загадуваат средината, туку тие да дојдат тука и да вработат кој сто, кој двеста, кој илјада, илјада и кусур луѓе.

И тие доаѓаат и вработуваат.

Целиот воз гастарбајтери од мојата приказна, за кои арчеа стотици милиони евра за да им помогнат да ја обноват и да ја дотераат Европа, сега ги имаат тука, во Скопје, во Кавадарци, во Битола, за по 150 евра по човек, минус субвенциите на владата! Ги имаат, значи, без пари! За џабе (со букви: за џаааабеее!)!

Во овие современи работни логори не се проблематични само стандардите врз основа на кои се утврдува минималното финансиско ниво кое гарантира дека работникот нема да умре барем две-три години, туку се проблематични културните стандарди што гарантираат дека во експанзијата на странските инвестиции, луѓето многу ефикасно ќе бидат претворени во зомбирана хомоидна маса, во роботизирани двоношци, без културни, национални, хигиенски, прехранбени и други потреби кои го разликуваат хомо сапиенсот од жолтите мравки!

Пред спиење имаат половина час да гледаат Шител, инаугурацијата на Хорхе или нешто слично, во некои недели се бричат и одат да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ и така, лека полека, разбираат колку треба да им биде мило што живеат во ова срање! И името никако да не го даваат! Нормално дека на „Форбс“ и на другите белосветски агенции воопшто не им е тешко да заклучат дека никаде во светот бизнис-климата не е како во Македонија!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат