Македонија посредува во Турција: нуди трговскиот центар да се гради во Скопје

04.06.2013 10:29
Македонија посредува во Турција: нуди трговскиот центар да се гради во Скопје

Скопје, 4 јуни 2013

Македонија како регионална сила и фактор на стабилност во регионот реши да посредува помеѓу демонстрантите и властите во Турција, нудејќи спорниот трговски центар да се изгради во Градскиот парк во Скопје.

Македонските власти сметаат дека ова е логичен потег, затоа што во Скопје изградбата ќе помине речиси без отпор, а освен тоа, ќе се донесе и странска инвестиција од исклучително значење, затоа што во градот и државата постои реален недостиг од трговски центри и молови.

„Македонија уште еднаш ја покажува конструктивната улога во надворешната политика. Верувам дека и од Турција ќе направиме оаза на мирот, каде нема да се појави никаков отпор“, изјави шефот на македонската делегација која ќе посредува, претседателот Ѓорге Иванов.

Тој додаде дека откако Македонија ќе ја смири ситуацијата во Турција, очекува да се подобри посетеноста на самитите и роденденските забави во негова организација.