Војна против невработените

04.07.2013 11:40
Војна против невработените

Дали невработените имаат премногу лесен живот? Вие можеби не би го рекле ова, и јас секако се согласувам со вас. Но многу републиканци сметаат дека тоа е вистина. И постапуваат во склад со своите уверувања, па така во моментов се подготвува една национална иницијатива за казнување на невработените, заснована врз идејата дека невработеноста може да се искорени на тој начин што ќе се погрижиме да ги унесреќиме невработените уште повеќе.

Помислете, на пример, на случајот со Северна Каролина. Оваа држава беше остро погодена од Големата рецесија и тамошната стапка на невработеност од 8,8% спаѓа помеѓу највисоките во земјата, поголема дури и од онаа во Калифорнија и Мичиген, двете држави кои веќе подолг период се во криза. Како и на многу други места, голем дел од невработените немаат работа подолго од шест месеци, благодарение на националното опкружување, каде што бројот на луѓе кои бараат работа е три пати поголем од бројот на новоотворените работни места.

Меѓутоа, владата на оваа држава драстично ја намали помошта за невработените. Всушност, републиканците кои ја контролираат владата го намалија износот на просечните неделни додатоци, па на тој начин оваа држава веќе не се квалификува за федералната помош од 700 милиони долари за долготрајно невработените.

Ова е прилично лудо, но Северна Каролина не е единствената: и дел од другите држави ги намалија исплатите за невработените, иако ниедна од нив не го направи тоа на начин кој би довел до губење на федералната помош. На национално ниво, Конгресот се согласи да ја укине продолжената помош која беше воведена за време на економската криза, иако долготрајната невработеност останува на историски рекордно високо ниво.

Па што се случува тука? Дали се работи само за суровост? Па, Републиканската партија, која смета дека 47% од Американците се „потрошувачи“, гребатори кои живеат врз грбот на вредните, партијата која во многу држави им го ускратува здравственото осигурување на сиромашните само за да му се одмазди на Обама, не е баш оаза на сочувството. Но војната против невработеноста не е мотивирана исклучиво од суровоста. Всушност станува збор за злоба, комбинирана со погрешна економска анализа.

Воопшто, современите конзервативци веруваат дека социјалните програми го поткопуваат американскиот национален карактер, и како што изјави Пол Рајан, претседателот на конгресниот одбор за буџетот, „ја претвораат сигурносната мрежа во лулашка, која кај здравите луѓе предизвикува зависност и пасивност“. Попрецизно кажано, тие веруваат дека осигурувањето ги наведува невработените да останат невработени, наместо да ги прифатат достапните работни места.

Дали постои основа за ваквите тврдења? Пред укинувањето на „лулашката“, просечната помош за невработените во Северна Каролина изнесуваше 299 долари неделно. Секој кој си замислува дека невработените работници намерно одлучуваат да живеат толку лесно, нема никаква претстава за тоа како изгледа да се биде невработен, а посебно долготрајно невработен. Меѓутоа, постојат некои докази дека помошта ги наведува невработените работници да ги бираат своите работни места малку повнимателно. Во услови на развој на стопанството, ваквиот степен на пребирливост може да ја зголеми инфлаторната стапка на невработеност која се зголемува која се зголемува сè побрзо – односно стапката на невработеност која се појавува кога инфлацијата започнува да расте, што ги принудува Федералните резерви да ги зголемат каматите и да да го забават растот на економската експанзија.

Меѓутоа, сето ова е неважно во нашата денешна ситуација, кога не се работи за проблем со инфлацијата и кога проблемот на Федералната влада се состои во тоа што не може доволно да ги намали каматните стапки. И додека намалувањето на помошта за невработените ќе го зголеми очајот на невработените, тоа нема никако да придонесе за отворање нови работни места, што значи дека дури и ако некои од оние кои се невработени денес успеат да најдат работа, тоа ќе го направат на тој начин што ќе им ја преземат работата на оние кои се веќе вработени.

Но, чекајте – што се случува со понудата и побарувачката? Зарем очајувањето на невработените нема да доведе до намалување на платите? И зарем оваа низа трошоци нема да помогне при создавањето нови работни места? Не, тоа е само логичка грешка. Намалувањето на платата на еден работник може да му помогне да го зачува своето работно место, така што тој работник ќе стане поевтин од конкурентните работници, но намалувањето на платите на сите само ќе го намали општиот приход и ќе го зголеми товарот на долгот, кој функционира како една од главните сили кои го намалуваат развојот на стопанството.

И да не заборавиме дека намалувањето на помошта на невработените, кои во голем број случаи преживуваат од ден за ден, ќе доведе до намалување на вкупната потрошувачка, што повторно ја влошува економската ситуација и уништува многу работни места.

Скратувањето на помошта за невработените е контрапродуктивно и сурово, тоа ќе ја зголеми армијата невработени, додека во истиот момент ќе им го загорчи животот на овие луѓе.

Може ли нешто да се направи за да се тргнеме од овој пат кој не води никаде? Луѓето кои решиле да ги казнат невработените нема да бидат разубедени со рационални аргументи, тие го знаат она што го знаат и никакви докази нема да им ги променат ставовите. Но мене ми се чини дека војната против невработените толку многу напредуваше, делумно поради тоа што беше водена тајно и бидејќи многу луѓе не беа свесни што се случува.

Па, сега знаете. И би требало да се разбесните.

Извор: The New York Times
Слики: Неле Азеведо

ОкоБоли главаВицФото