Џезот и анимираниот филм (3)

06.07.2013 10:36
Џезот и анимираниот филм (3)

Black is Beautiful

Во филмот на Дизни „Луд по џезот“ (The Jazz Fool) од 1929 година, го гледаме Мики Маус, патувачки забавувач кој се качува на сцена под шатор, го отвора своето куферче на кое пишува „The Jazz Fool“ од кое излегува мал клавир. Музиката на Мики, придружена од виртуозните анимации на Јуб Ајверкс, во еден момент наликува на стилот на раните страјд пијанисти.

Една звучна слика од свинг оркестарот кој се ниша во ритамот на музиката нè дочекува во филмот Congo Jazz на Харман и Ајзинг. „Музичарите“ се животни од џунглата, а неочекуваните „сесии“ и целата збрка се предизвикани од главниот јунак, малиот Боско, кој со своите музички перформанси се обидува да избегне еден прилично нервозен (и гладен!) тигар.

Освен сè поексплицитното користење на „џез“ музиката како динамизатор на филмското дејство, што имаат заедничко Мики Маус и малиот Боско? Тоа се нивните црни лица, како семантичко продолжение на црниот минстрел. Кога зборуваме за минстрелите (black faced minstrells), всушност станува збор за своевиден куриозитет, бидејќи тоа биле бели забавувачи кои своите лица ги боеле во црно за да ги забавуваат белците, потсмевајќи им се на црнците. Граѓанската војна во Америка му ставила крај на ропството на југот на државата, но одредени атавизми сепак биле присутни. Иако имал изразени аболиционистички аспекти, романот на Хенриета Бичер Стоу „Колибата на Чичо Том“ (Uncle Tom’s Cabin, 1852) понудил модели за карикатура на црниот човек. Добар пример за тоа е често присутниот лик на мами (mammy), лик на полничка црна, приглупа, десексуализирана жена која е слепо верна во својата сервилност кон белото семејство кое го послужува. Еден од првите деривати на овој карактер е слугинката од филмовите за мачката Том и глушецот Џери. Не обидувајте се да се сетите на лицето на оваа жена, бидејќи тоа никогаш не е прикажано, додека добро се сеќаваме само на нејзините големи колкови, валканите чорапи и на придушениот глас со кој зборува на граматички неправилен јазик.

Уште повпечатлив пример за негативен расен стереотип е ликот на Степин Фечит (Stepin Fetchit). Ова е лик кој ги отелотворува мрзливоста и глупавоста, кои од филм до филм варираат и до ретардираност. Се работи за збир на сите инфериорни особини кои би требало да ги поседува еден coon (погрден назив за црниот човек, од зборот racoon). Структурата на ликот е последица на уште една работа која анимираниот филм ја позајмил од играниот филм, односно на живата предлошка која е отелотворена во улогата која ја толкувал комичарот Линколн Пери. Неговиот Степин Фечит, „најмрзливиот човек на светот“, се појавил во голем број филмови од 20-те и 30-те години на минатиот век. Не може да се каже дека Пери е заслужен за тоа што ликот кој го толкувал станал синоним за промовирање негативни стереотипи, но имиџот на смотаниот црн безделник често се користел при популаризацијата на слични улоги. Ликот на Стенли Фечит бил многу привлечен за авторите како Дејв Флајшер, Фриц Фрилинг, Боб Клампит и други, па на тој начин негативната стереотипизација на Афроамериканците, изразено расистички конотирана, станала „заштитен знак“ на голем број рани цртани филмови.

Stepin Fetchit in Miracle in Harlem (1948)

Граѓанските и религиозните организации во Америка во средината на 30-те години на минатиот век, поради сè поголемото присуство на секс и насилство во филмовите апелирале комисиите за цензура да ги преземат работите во свои раце, или самата држава да воведе систем за контрола на федерално ниво. Под овој притисок, Здружението на продуценти и дистрибутери на играни филмови го иницирало формирањето на административно тело чија задача била да се занимава со оваа проблематика. Под управата на Вилијам Хејз, бил основан PCA (Production Code Administration), а започнувајќи од 1 јули 1934 година секое сценарио морало да биде проследено на увид до директорот на ова здружение – католикот Џозеф Брин. Таканаречениот „Хејзов Код“ ги исфрлил од цртаните филмови славните имиња од њујоршката џез сцена, па веќе не постоеле ни ликовите на самосвесните, самостојни црнци, ниту алузиите на меѓурасните сексуални односи.

Да се задоволи законот најчесто не значи да се задоволи и публиката, но продуцентите пронашле начин да ги задржат џез музичарите во анимираните филмови. За да се почитуваат одредбите на Кодот било доволно да се изменат нивните ликови, па така со посредство на карикатурата, урбаните „хип“ црни музичари од „Cotton Club“ биле трансформирани во жаби. Според нив, овие водоземци со своите големи усни биле идеални за карикатурална алтернација на црните ликови, па така настанал поджанрот „филмови на жабјиот џез“ (jazz-frog cartoon). А фактот дека тие најдобро се чувствуваат во мочуриштата и калта требало да биде пренесен и преку музиката; така филмот „Свинг венчавка“ (Swing Wedding) од 1937 година започнува со композицијата на Хари Берис „Mississippi Mud“. Можеби продуцентите имале добра замисла, но цртаните jazz-frog означуваат евидентен пад на квалитетот на музиката и текстовите.

SWING WEDDING (1937)

Продуцентот Лион Слезинџер не бил многу заинтересиран за ваквите „жабји“ приказни, па се определил за класичен карикатурален пристап. Филмот Clean Pastures (1937) е пример за обид на пренесување морална порака. Clean Pastures e еден од холивудските цртани филмови заснован на игран филм. Се работи за пародија на мјузиклот The Green Pastures од 1936 година на Марк Конелиј и Вилијам Кајлиј, продуциран од страна на браќата Ворнер, кој поради целосно „црната“ актерска екипа предизвикал контроверзни коментари во јавноста, но постигнал значаен успех во кино салите. Исидор Фриц Фрилинг, режисерот на Clean Pastures својата анимирана пародија ја сместил во Харлем, Њујорк, каде што цветаат пороците: црнците се коцкаат, пијат и играат во баровите. Во Рајот кој во филмот е наречен Par O’ Dice (што всушност значи пар коцки и звучи слично на зборот paradise, рај) црниот Свети Петар загрижено го гледа извештајот за падот на бизнисот поради притисоците на фирмата „Hades Inc.“ (ад, подземното царство, пеколот). Тој му наредува на архангелот Гаврил да слезе и да ја испита ситуацијата. И иако Гаврил на залутаните овчички им ветува „патувања, добра храна, чисти станови, музика, филмови“ нема заинтересирани за влез во Рајот. Група ангели (карикатури на Армстронг, Кеб Келовеј, Фетс Волер и Џими Лансфорд) го предупредуваат Свети Петар дека за да ги оствари намерите ќе му биде потребно малку „ритам“. Тие заминуваат во Харлем и пред собраната маса ја изведуваат „Swing For Sale“, го преобраќаат непослушното стадо и сите заедно се упатуваат кон Рајот. Во завршната сцена некој тропа на вратата на Рајот, Свети Петар гледа кој е, весело извикува: „Секогаш има место за уште еден!“ и му ја отвара вратата на самиот Ѓавол.

Clean Pastures (1937)

И покрај контроверзите, Clean Pastures се разликувал од серијалот за Бети Буп, бидејќи тука џезот е поставен во позитивен контекст. Меѓутоа, тоа не била единствената разлика: во филмовите на Слезинџер никогаш не биле портретирани славни личности од светот на џезот, на начинот на кој Кеб Келовеј бил ѕвезда во филмовите за Бети Буп, а ни музичкиот директор Карл Столинг не се одлучувал за музика која би ги репрезентирала стилските карактеристики на џез музичарите во филмот. Никогаш немало познати композиции, а Фриц Фрилинг, главниот аниматор не покажувал премногу знаење ни обѕири кон изведувачите, според кои ги создавал своите карикатури.

Луѓето од PCA веднаш го одбиле филмот, заради травестија и бурлеска во начинот како биле прикажани религиските прашања. Поради техниколорот во кој филмот бил снимен, тој бил многу скапа инвестиција, а филмот во боја бил навистина интересен и за прикажувачите, та затоа дистрибутерите „Warner Brothers“ не се откажале. Следела шестмесечна преписка со цензорите, по што конечно била одржана посебна проекција за членовите на PCA и бил постигнат договор за прикажување, под услов да се исфрли зборот „Господ“ од песната „Half of Me“.

Од 1938 година, карикатуралните прикази на црните музичари се сè поретки, но тие сепак се присутни, придружувани од негативните расни стереотипи, и покрај надзорот на РСА. Во филмот Scrub Me Mama With a Boogie Beat од 1941 година, дејството е сместно во т.н. Lazytown и првобитното сценарио било исполнето со пежоративни описи од типот „црните деца (nigger kids) се премногу мрзливи дури и за да јадат лубеница“. РСА го адаптирала текстот, но сепак останале дел од ваквите изјави. Тука се комбинираат и стиловите: минстрелската музика од XIX век е дел од сцените во кои се појавуваат руралните црнци, а со појавата на урбаните црнкињи задложителен аудио-бекграунд е модерниот буги-вуги.

Режисерот Боб Клампит создал интересна анимирана приказна во 1942 година, насловена Coal Black and de Sebben Dwarfs, карикирајќи ја бајката за Снежана и џуџињата. Суштината на заплетот не е многу оддалечена од оригиналот, тука се и принцот и злобната маќеа, па и џуџињата, но тие се војници во рововите во Втората светска војна, и сите се црни. Клампит обожавал џез и ги гледал црните музичари по клубовите во Сан Франциско, но тоа не го спречило во филмот да ги претстави со вообичаените претерувања, големите очи и полните усни. Се забележува остар контраст помеѓу минстрелската карактеризација на ликовите и модерната музика.

Merrie Melodies - Coal Black And De Sebben Dwarfs

Малку подоцна, во филмот Tin Pan Alley Cats (1943), Клампит ќе се послужи со веќе испробаната формула на Фрилинг употребена во филмот Clean Pastures, од која бил и делумно инспириран – се работи за искупувањето, односно за преобраќањето на заблудените синови. Ова е единствениот филм во кој во текот на воените години се претставени црни џез музичари, а воедно е и последниот во кој тие се појавуваат како ликови. Ликот на главниот јунак, дебелиот мачор-хедонист е базиран на страјд пијанистот Фетс Волерс. Овој филм нè враќа кон идејата за „опасниот“ џез присутна во серијалите за Бети Буп, но и кон „моралните“ филмови од ерата на Депресијата. Волер умрел само неколку месеци по премиерата, па така на симболичен начин бил означен крајот на жанрот познат како black jazz celebrity cartoon (цртани филмови со славни џез музичари).

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Извор: Градац 183-184

ОкоБоли главаВицФото