Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (3)

19.07.2013 11:10
Коренот на стеблото ја надминува мерата на нивните разуми (3)

Паганија

Осум лути стареци
пасат осум јареци.

Од зад осум дабови
демнат осум волкови
острат бели забови
ќе земаат долгови.

Волковите месо јадат
стареците сабји вадат
јареците ќе ги бранат
мешаница страшна стана.
Јареците волковите ги искркаа
стареците јареците ги спобркаа
јареците со опашки се прекрстија
на стареците мустаќите им ги избрстија.

И така
се повторуваат темите -
вакви се малите војни...

А поголемите?


Болен Пејо

Что хоштете ми дати и аз вам бил есам сам хулил и двракрат буду хулити сам

Жедни води ме испија
милолико хулејќи ’ржам
пресуви луњи ме измија
за опаш улера држам.

!О светци мои пребели
со полна уста ветришта
народецов се дебели!

Месечината со два клуна катаноќ ме клука
па не слушам
дали во срцево клукајдрвец чука.

И мртов сепак сум глад.
Гризам ѓевреци.
Ми ги покрива очите варовник од црковни ореоли
над мене висат апостолски беневреци
и жолт дожд ми ги мие плеќите голи.

!О светци мои
со полни очи облаци
народецов се гои!

Мразулци-ками очи ми копаат
Дојчине болен Дојчине болен
копита црни на гроб ми тропаат.


Тогаш ќе умре и љубовта

Земјата ја пасе тревата
земјата ги лапа дрвјата.

Ќе се налапа зелено
и ќе си го постеле каменот да се исонча.
На тој голеж мисирот со песна лебедот ќе го посрами

водата во песок гроб ќе си подлока
секирите до небо ќе го кренат знамето.

Пред поетот лирски да запцуе
срцето со заби ќе си го сомеле
и со нокти по мевот ќе загребе -
Владо македонска каде ти се шумите?

Тогаш ќе умре и љубовта.

Зашто
луѓето с
è погусто коренот си го брстат.
Едни одат
други доаѓаат
и се прогласуваат за секири.

Задушници

И кругот во круг се врти.

Над некој гроб
човек од коски ’рти.

Човекот чемпрес е сега.
Но на ноќите човекови
каква им е цената? ...

Сеедно.
Од гроб и жена се раѓа.
Вишна е жената.

Крај сите гробови
чемпреси и вишни
над својот корен се веднат.

И расте земјата.
И паѓа небото.
В бездна.

Помеѓу тоа небо и таа земја
гранки, секакви гранки.

Сегде се зашто ги нема.


Тишина

Кога булките ќе се истргнат од својот корен
и ќе појдат
една по една
кон својот залез
не следи ги.
Свадби веќе нема,
на секој чекор стои по една есен
смешна, бела и гола.

Кога булките ќе остават зад себе пустош
затвори го во себе дождот.
Нека ѕвони во олукот на твоите жили
под еден познат таван.
И молчи.

Кога ќе падне ветрот на твојот прозор
со три писоци танки
и плач на незрел жерав
пак молчи.

Булките мразеа говор.

Кон првиот дел
Кон вториот дел

Од збирките: Евангелие по Итар Пејо, 1966 (Паганија, Болен Пејо), Каинавелија, 1967 (Тогаш ќе умре и љубовта, Задушници), Леб и камен, 1957 (Тишина)

Слики: Christer Karlstad

ОкоБоли главаВицФото