Коце: ќе направиме посилен и постар земјотрес

26.07.2013 10:29
Коце: ќе направиме посилен и постар земјотрес

Скопје, 26 јули 2013

На 50-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес од 1963 година, градоначалникот на Скопје Коце Трајановски најави дека наскоро јубилејот соодветно ќе се одбележи со предизвикување уште посилен и постар земјотрес отколку оној во 1963.

Подготовките за земјотресот течат веќе седум години, а интензивно се работи на тоа катастрофата да биде постара од онаа во 1963, така што се градат нови градби постари од урнатите пред 50 години.

„Со барокните и неокласицистичките згради што ќе ги урнеме во јубилејниот земјотрес, ќе покажеме дека Скопје има богата историја. Се разбира, урнатите згради ќе се обидеме да ги обновиме во уште постар стил“, изјави Трајановски за Пара вести.

Тој додава дека клучен елемент за одбележувањето на 50-годишнината од земјотресот е проектот Скопје 2014, затоа што градбите вклучени во него се изградени со значително штедење материјал, а и оној што се употребувал е исклучително неквалитетен, па ефектите од катастрофата ќе бидат гарантирано страшни.

Штетата од свечениот земјотрес Македонија ќе ја поправа сама, затоа што е поизолирана од кога било, а ова е вистински момент да се покаже македонската самодоволност, најави градоначалникот.

„Активно работевме на бришење на сите траги од солидарноста, како на злите социјалистички југословенски собраќа, така и на другите земји од светот кои го помагале Скопје во 1963 година. Македонија може сама. Скопје може само. Ќе продолжиме со преименување на улиците кои имаат некаква врска со солидарноста од 1963 и ќе им дадеме поубави имиња. И уште постари, секако“, вели градоначалникот Коце Трајановски.

Ексклузивно за Пара вести, Трајановски го откри и слоганот под кој ќе се изведе новиот и постар земјотрес во главниот град и обновата по него - „Скопје се сеќава, барем се гради - КУР СЕ ТРЕСЕ!“