Случајот Сноуден – нормативно читање

17.08.2013 09:57
Случајот Сноуден – нормативно читање

Случајот Сноуден веќе извесно време го окупира медиумското внимание на глобално ниво. Една од причините е и тврдењето на самиот Сноуден, поранешен аналитичар при Државната безбедносна служба на САД, дека голем дел од светската популација и институционалните структури на многу земји се надгледувани од страна на оваа разузнавачка служба. Ова и сличните тврдења покренаа низа прашања. Меѓу најразгледуваните е и прашањето за правната заштита на самиот Сноуден, како и за судирот помеѓу императивите за заштита на безбедноста и гаранцијата на индивидуалните права и слободи. Имајќи го ова предвид, се стекнува впечатокот дека еден аспект од случајот останува во сенка на наведените прашања. Се работи за потенцијалната нормативна проблематичност на прислушкувањето на државјаните од другите земји.

Според зборовите на Глен Гринвалд, новинар во британски Гардијан кој внимателно го следи овој случај, листата на неприсклушкуваните е пократката од листата на оние кои биле прислушкувани. За нештата да бидат покомплицирани, најавено е и отворање нов центар на оваа разузнавачка служба во Јута, кој ќе се занимава со прибирање податоци за целото човештво. Тука мора да се прашаме: дали ова е морално оправдано? Дали владата на една држава може да има оправдан пристап до приватноста на државјаните на другите земји заради безбедносната заштита на своите државјани? Многу пати е укажувано во која мера прислушкувањето го повредува правото на приватност на оние кои ги бирале тие влади. Со право може да се претпостави дека од морален аспект, уште попроблематична е повредата на приватноста на оние кои не ја бирале владата, ниту пак можат да ја сменат. Поинаку кажано, оние кои не се прашани, според важечкото меѓународно право не ни можат да бидат прашани дали ги одобруваат тие мерки.

Овде се соочуваме со парадокс. Изгледа дека легалноста на ваквиот чин е прашање на национално ниво, но кога ќе дојде до интернационалното ниво, проблемот исчезнува. Со други зборови, доминира ставот дека единствената проблематична страна на овој чин е неговата легалност во национални рамки. Тоа значи дека тој може да биде оправдан сè додека е легален во однос за законите на државата во чие име се спроведува. Па така, Питер Сингер, познатиот филозоф, неодамна објави текст во кој ја брани оваа теза. Тој смета дека мерките за прислушкување можат да бидат оправдани сè додека придонесуваат за целта – борбата против тероризмот – и додека се поддржани од мнозинството граѓани на државата за која станува збор.



Овој аргумент може да се оспори од повеќе аспекти. Најпрво, тврдењето дека ваквата мерка е легална според меѓународното право е вистинито. Меѓународното право навистина им дозволува на националните влади да ги регулираат овие прашања врз основа на принципот на самоопределување. Меѓутоа доколку се држиме до меѓународното право какво што е, оставајќи го настрана прашањето дали треба да биде такво, треба да се нагласи дека принципите на почитување на суверинитетот и на реципроцитетот сè уште се носечките столбови на меѓународното право, барем кога станува збор за правната теорија. Тешко е да се замисли реципроцитетот во овој случај. Сосема е сигурно дека многубројни развиени земји вложуваат големи средства во своите разузнавачки служби, но ниедна не може да се спореди со САД.

Ситуацијата станува покомплицирана ако помислиме и на помалку развиените или сосема неразвиените земји. Попрецизно, технолошки развиените земји, со подобри економски услови се во подобра ситуација за упад во приватноста на државјаните на помалку развиените и сиромашни земји. Ова е поврзано со комплексниот проблем на неправедна распределба на добрата на глобално ниво. Проблематичен е фактот дека моќните земји ги креираат правилата на игра, држејќи ги оние помалку моќните или сосема немоќните во маѓепсаниот круг на нивната економска неразвиеност. Сетоа ова нè води до преелиминарниот заклучок дека случајот Сноуден, како и сите претходни случаи на откривање на прислушкувањето надвор од националните граници укажува на постоењето асиметрични односи помеѓу државите, што има негативно влијание на голем дел од светската популација.

Според тоа, асиметеричноста не постои само помеѓу развиените и неразвиените. Имено, мора да се земе предвид дека не се само недемократските режими интересни за прислушкување. Напротив, демократиите исто така се прислушкуваат една со друга. Овде доаѓаме до прашањето: дали ваквиот контекст ќе доведе до промена на начинот на кој ги дефинираме граѓанските и политичките права. Треба да се потсетиме дека доминантната парадигма на овие права е усвоена во периодот на т.н. вестфалски систем на националните држави кој, помеѓу останатото, подразбираше и градење претставнички демократии и постепено ширење на правото на глас на речиси сите категории од населението. Со право можеме да се прашаме дали е потребно редефинирање на овие права во контекст на поствестфалското трансформирање на идентитетот. На ова може да се пристапи на два начина. Имено, може да се тврди дека проблемот е во функционирањето на претставничката демократија или во недостатокот од наднационали политички права.



Што се однесува до претставничката демократија, проблемот исчезнува со глобализацијата на меѓународните односи, кои сè повеќе го преземаат полето на надлежности на националните влади. Има два вида ограничувања на делувањето на националните влади. Листата на т.н. глобални прашања кои ниедна влада не може самостојно да ги решава станува сè подолга вклучувајќи ги климатските промени, заштитата на животната средина, трговските и економските прашања, организираниот криминал, тероризмот, трговијата со луѓе итн. Од друга страна, националните влади често се лимитирани од влијанието на наднационалните актери и во поглед на оние прашања кои се сè уште во голема мера национални, како разните економски и социјални политики и слично.

Сето ова укажува на своевидна ерозија на правото на глас, бидејќи националните влади често мораат да се потчинат на барањата на меѓународните организации или условите кои ги наметнуваат многубројните мултинационални корпорации, чии профити често ги преминуваат буџетите на многу земји. Аналогно на тоа, дури и сè помалку се земаат предвид мислењата на граѓаните на претставничките демократии. Од тука е легитимно да се праша: за што служи сега правото на глас во национални рамки? Дури и со глобалното ширење на демократијата како принцип на владеење, одредени прашања остануваат надвор од доменот на гласачите. Со други зборови, можеби претставничката демократија на национално ниво веќе не е доволна.

Би можело да се заклучи дека единственото решение во демократизацијата на меѓународните односи е признавање на извесни наднационални права. Меѓутоа, нештата не се толку едноставни. Имено, останува дискутаблино што всушност значи тоа и кои политчки права ги бара овој процес. Доколку образложението за признавање на правото на глас е тоа дека поединецот има право да учествува во донесувањето на одлуките кои влијаат на неговиот живот, какви се последиците од тоа на глобално ниво? Многубројни теоретичари на космополитизмот сметаат дека од тука следува дека целата светска популација треба да добие право на глас. Од друга страна, оние кои ја бранат демократијата во национални рамки, сметаат дека интересите на државјаните и недржавјаните се зафатени во различна мера и дека тоа го оправдува задржувањето на гласачките права само за граѓаните на државата за која се работи.



И додека глобалното ширење на правото на глас е легитимна точка на расправа, она што може да биде помалку спорно, барем во теорија, е дека нужни се извесни промени во однос на политичките права. Може да се постави прашањето дали одредени граѓански слободи, како слободата на говор треба да постојат на наднационално ниво? На пример, може ли објавувањето на класифицираните документи да биде оправдано врз основа на правото на човештвото да знае? Да се потсетиме дека правото за прием на информации, во кое е вклучено и правото за нивен пристап, е составен дел од слободата на говорот. Без вистинските информации, мислењето, а со самото тоа и идеите кои се комуницираат преку говорот не можат да бидат на вистинскиот пат. Доколку тезата за универзалната слобода се чини прифатлива, треба да се запрашаме какви импликации има тоа за меѓународните односи, а особено за надворешната политика. Прашањето на транспарентноста на надворешната политика и за нејзината подреденост на извршната власт одамна ги мачи теоретичарите на демократијата. Но што значи да се направи транспарентна надворешната политика? За кого? За гласачите во чие име се спроведува таквата политика? Или за оние кои се под нејзиното влијание, а самите не можат да влијаат на неа?

Има многу прашања. Токму тоа може да биде една од позитивните страни на случајот Сноуден и нему сличните. Можеби политичките права какви што ги познаваме денес, веќе и не постојат. Во контекст на поставувањето глобални прашања треба да се запрашаме како да дојдеме до глобални одговори.

Извор: Peščanik.net

Слични содржини

Општество / Свет
Општество / Свет
Општество / Европа / Свет
Општество / Свет
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет

ОкоБоли главаВицФото