Кеј

19.08.2013 12:45
Кеј

Ако некогаш сте седнале или ќе седите во скопската кафеана „Кеј“, еден од ретките скопски угостителски објекти што со право го носи своето име, значи во она кафеанче што се наоѓа на Кејот на Вардар, на почетокот на Маџир Маало, некаде зад зградата на Народна банка, ќе можете евентуално и да видите дека Кејот на Вардар, во суштина, е една од поубавите скопски урбани приказни. Поточно – беше. Или, уште попрецизно, сè уште е само не на вистинските места.

Кејот, онаков каков што го познаваме, односно каков што беше до скоро, е уреден кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години од минатиот век. И веднаш стана омилено собиралиште за тогашната младеж. Во некаква социјална смисла, Кејот беше своевидна револуција во дружењето. Сместен на местоположба која би можела лесно да претставува и крај на некогашното корзо, тој и во буквална смисла го означи крајот на корзото како начин на социјално дружење. На, Кејот, иако основната функција му е токму да биде шеталиште, младите го правеа токму спротивното: стоеја во групи или седеа на скалите од Кејот во близината на Камениот мост. Либерализацијата на тогашната држава зеде замав, па џинсот беше веќе вообичаена облека, а богами и долгите коси кај момчињата веќе не предизвикуваа гнев и потсмев (или барем не во значајна мерка). Неретко во некое друштво ќе се појавеше и гитара, па целата слика повеќе изгледаше како живот во некаква хипи-комуна, отколку како вечерно излегување на младите во една социјалистичка земја. Не знам какви, во оваа смисла, беа обичаите на младите од другите поголеми југословенски градови, но знам дека, слично како и сега, во случајот на „Скопје 2014“, повеќе новинари, главно од југословенскиот младински печат, пишуваа репортажи за „животот на Кејот“ (како што гласеше еден од тогашните наслови). Само што тие текстови беа со сосема спротивен предзнак од овие што сега се пишуваат за новиот изглед на Скопје.

Целиов долг увод за Кејот на Вардар не е ништо друго туку обид да се објасни неговата улога во „поградувањето на градот“. Тој беше своевидна берза на идеи, љубови, дружења, а пред сè на информации „од Запад“, односно конекција со она што се случува со урбаната култура во развиениот свет.

Кејот, всушност, беше типичен пример на она што може да се нарече „спој на убавото и корисното“. Потребата од него не дојде ни како потреба за шеталиште, а уште помалку како потреба да им се обезбеди на младите место за собирање, туку како резултат на големата поплава од 1962 година. Со големиот земјотрес од 1963 година и со реизградбата на Скопје, се создадоа услови течението на Вардар да се регулира на овој начин и така да се превенираат можностите за нови поплави. Во таа смисла, постоеше и пропис да не можат да се градат било какви објекти во близината на Кејот (запирање на подземните води и со тоа овозможување на поплави). И навистина, во годините подоцна врнеа и снегови и дождови, нивото на водата на Вардар се зголемуваше, но Вардар не се излеа од своето корито. Сè до јуни годинава.

Нема во оваа прилика да бидеме злобни и да повторуваме како им кажавме да не го прават тоа што го направија, бидејќи, едноставно, Кејот, барем оној главниот, централниот дел не личи веќе на себе – ниту служи како собиралиште, а уште помалку како шеталиште. Конечно, ја нема ни функцијата на заштита од поплави. Испресечен со тараби (како и во градот, и тука нема предвидено место за поминување на оние на кои им е наменет – на пешаците), преполн со необновени делови, уништени од градежната оператива, забарикадиран со чудните градби што буквално узурпираат големи делови од него, Кејот денес се нарекува Кеј само по навика и затоа што случајно се наоѓа на бреговите на една река. Ако и Вардар воопшто личи на река. Во реката, денес, имено, има некакви инсталации за фонтани, скулптури, врби, па плус и оние две галии, што треба да бидат ресторани, што ли? Така што најмалку има – вода. А и она малку вода што понекогаш ќе дојде – веднаш е спремна да се излие.

Покрај палмите и чудната плажа, чија функција изгледа не оди подалеку освен да ја врши улогата на уште еден попречувач во движењето, токму галиите се веројатно најступидното решение за уништување на крајбрежниот живот. На страна фактот дека ако во нешто изобилува овој дел од Кејот на Вардар, тоа се токму кафеаните, и на страна квази интелектуалните докажувања дека токму Скопје бил центарот на овој сегашен архитектонски тренд, дури и ако некогаш Вардар бил пловен, па по реката можела да се види по некоја гемија, таа сигурно не била во ваков монструозен облик како овие таканаречени галии. А ако добро ги погледнете, ќе забележите дека се завртени така како да ќе пловат наспроти течението на Вардар. Не одат кон Солун, туку кон Вруток. Навистина не знам дали Вардар во Скопје бил некогаш пловен, ама со сигурност може да се тврди дека во градот, барем во последните неколку векови, немало ништо ни налик на пристаниште.

За волја на вистината, уште кога се изгради, Кејот имаше свои слабости. Една од нив често беше потенцирана од архитектот Живко Поповски, инаку еден од најголемите заљубеници во градот. Станува збор за зградата на Поштата која се наоѓа во непосредна близина на најубавиот и најширокиот дел од Кејот, онаму каде што Кејот поминува во Градскиот парк. Тука е Кејот отворен од три страни, од страната на зградата на Владата на Република Македонија (и од страната на Поштата, се разбира), од кај Плоштадот „Македонија“ и од Градскиот парк. Работата е во тоа што Поштата е класична административна зграда во која, го сакале тоа или не, мораат да дојдат вработените, па и клиентите. Во времето кога е градена Поштата, на Кале, значи на простор кој речиси и нема никаква комуникација со градот, е изграден Музејот на современа уметност (и во тоа време со мошне интересна и атрактивна збирка на модерната уметност). Прашањето на Поповски секогаш беше – зошто не се направи обратно: нема поприродно место за еден музеј од шеталиште?

Во проектот „Скопје 2014“, на Кејот никнаа неколку музејски згради. Но, со тоа не се реши оваа нелогичност, туку, напротив, се мултиплицира. Како прво, Кејот ја загуби функцијата на шеталиште, и, како второ, можеби и поважно, овие музеи се со историски и, уште повеќе, идеолошко-политички содржини. Ниту еден од нив не е предвиден за уметност, односно за она на што мислеше архитектот. Се разбира, тука го броиме и новиот Стар театар, бидејќи и на театар не се влегува по случајна прошетка – туку се оди со намера.

Како и да е, сведоци сме на умирањето на Кејот, на умирањето на уште една урбана гордост на Скопје, а со тоа и на скопската градска култура. Еве, да не биде реклама: кој сака уште малку да поужива во убавините на Кејот, не мора да седне во кафеаната „Кеј“ – доволно е да прошета по она мало парче на Кејот во Маџир Маало. Таму уште има сочувано нешто од урбаната историја на градот.

Слични содржини

Општество
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Став
Општество / Јавни простори
Општество / Јавни простори
Општество

ОкоБоли главаВицФото