Нежности без гарантен лист

27.08.2013 09:02
Нежности без гарантен лист

СИМНАТ ПОГЛЕД


Креветите ни станаа превозно средство,
патуваме ноќе низ природата,
по шумските предели,
сопирачките како да откажуваат послушност,
па така почнуваат и авантурите,
судирите и караниците
со останатите возачи на кревети, патем.

Секој со својата мака.
Некој се превртел, на друг му снемало гориво,
третиот не ја видел пругата, четвртиот заспал,
петтиот се бакнува
со љубовницата и фаќа сеир наоколу...
И така со ред.

Речиси идеално сценарио за литературен кардиограм:
„O lásce a fifince“ со некој си Бобик, Пинѓа и Фифинка
во главните улоги.

Кој знае што ќе рече претседателот за нивната претстава
мудро намигнувајќи со брутално светлечките очи -
флуросцентни неонки


Дел од колегите би рекле - помодерни,
а дел - помодрени очи.


Сепак, најважна е таа - Фифинка. Канибалска, како љубовта
олицетворена на плакатот.
Со кого и каде ќе сврши, ќе се сврши, ќе соврши...
како муза без блуза
истакнувајќи ги своите вештини
тогаш кога по телото
ќе почувствува горештини.

Кој поглед, замисли: еротичен, етеричен, еретичен.
Како оној на претседателот
чиј неонски портрет набрзо
веќе го беа симнале од ѕидот
во театарскиот бар.

Брно - Нитра, 17. 5. 2011.

ВДОМУВАЊЕ ВО ГРАДОТ


Боже, само што се вдомив,
како што велат,
во најраперската населба
во градот во кој,
според тврдењата на повиканите, се влегува низ седум порти.

И ете ти - веднаш ме пресретна бучавата од хилта, отсјајот
од бела санитарија,
правот и сметот од срушените плочки во купатилото
и миризбата на усјемал и свеж силикон.

Уште пред да си ги бојадисам ѕидовите дома во сиво и жолто
и пред да ја најдам металната монета од десет денари во џебот
за да му доплатам на првиот продавач на модерни теписи
во продавницата на пазарот,
за пред да ги дигнам истите
за носење на рамо до првото такси,
в уши ми се врежува повикот, благословот култен:
Абе, ај со здравје, Господ здравје нека ви дава,
па добивам од немајкаде впечаток дека овде, за среќа,
сите се верници
и затоа не го вадат Господа
од уста.
Тие што го вадат одат во бестрага.
Со извадениот натемаго од шлицот.

Ништо не ме вознемирува. Рамнодушноста ми е силна страна.
Па, неслучајно
Братислава е распослана
и во старата скопска чаршија,
во истиот ред со Калабрија,
па ако тргнеш од кафе на кафе - пробуваш да си ги вратиш спомените
само со поинаква миризба.
Не од силикон и не од усјемал. Ниту пак од готов малтер.

Странциве, не дај Боже, да помислат дека со нив алудирам на соц-реализмот!
Ме однесе матната!

Полека, полека, сè ќе се среди, нели Боже,
тоа е девизата на која треба човек да навикне
за да не го лапне однапред градот уште при првото средување.
Туку, ако Господ така сакал, тогаш да ѝ се препуштам на глетката
од пластичниот прозорец.
Да погледнам добро како се пече печивото во пекарницата долу.
Со погледот низ пластичен прозорец и новиот лик на градот
изгледа како да е излезен
од ординација за пластична хирургија.

Белки ќе снимаат наскоро и нови рап-спотови пред новите градилишта.
Постојано, Боже, и сакајќи
и несакајќи, ги вкусувам придобивките од населбата
и од рапот.
Боже, ама што се случува со мојот водовод и со електричната инсталација?
Јас, впрочем, само што се вдомив во новиот град со стари воини.

Зацементиран течам низводно.

Скопје, 20 август 2011.

 

ЕДНАШ СЕДЕВ НА ИСТА МАСА СО ЕДЕН ВИСТИНСКИ НАДРЕАЛИСТ


ми раскажуваше
за гласот на крвта
за одблесоците на ветрот
за вознемирените музи
за камењата што горат
имаше притоа затворени очи
и забрзано дишеше

го слушав внимателно
без да трепнам
и наспроти тоа
што од рацете
ми излегуваа мравки


ALCOHOL STORY


развеселен се лизгам
на дното од чашата
сам сум
изолиран
заштитуван од стаклото
и од имунитетот на сопствената личност

се топам во своите соништа
во илузионистичките претстави
во смелите мечти

тоа е убаво ама
сè еднаш ќе се заврши
ќе дојде келнерката
и ќе ме истури од чашата

и јас
плаќам


 

МОКРА


На душекот целата мокра
лежи сонуваната жена

убиена
од будилникот

 


NO MORE CENSORSHIP


Не, љубов моја,
нема да ставам кондом.


ИСПОВЕДТА НА ЕДЕН МАКЕДОНСКИ ОСМООДЕЛЕНЕЦ
ВО ГОДИНАВА ШТО ИЗМИНУВА


Подобро да се биде
тажен во мерцедес
отколку да се биде весел
на велосипед

 


НЕЖНОСТИ БЕЗ ГАРАНТЕН ЛИСТ


Со оние кои за луѓето
создаваат убавина,
луѓето обично се однесуваат грдо.
...
Секоја револуција ги јаде своите деца, ама најпрвин
добро ќе ги накрми.
...
Според векот на автомобилот корозира и бракот.
...
Кој има среќа во картите,
ништо нема да изгуби
барем при разведувањето.
...
Со ширењето на феминизмот
и музите се приклонуваат повеќе кон авторките отколку
кон авторите.
...
Често пати ќе се договориме
за тоа што ќе биде утре,
а потоа нема да се договориме
за тоа што било вчера.
...
Во моментите на слабост
ќе кажеме:
„Ќе те изедам од љубов“ –
и веднаш си закачуваме на врат кривично дело.

Јазот сé повеќе се продлабочува.
Нежностите се продаваат
без гарантен лист.

Извор: Нежности без гарантен лист, Дом на културата „Кочо Рацин“, 2012, Скопје.

Слики: Сантијаго Салвадор

Звонко Танески (1980), поет, научник, книжевен критичар, есеист, книжевен преведувач, редактор. Дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (2002). Остварил студиски престој на Универзитетот во Перуџа, Италија (2003). Докторирал на Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава, на Катедрата за словачка литература и литерарна наука, во научната област „Теорија и историја на словачката литература“, а со тема од модерната словачка поезија: „Модели на метафорична слика во поезијата на Јан Ондруш“ (2007, PhD.). Подоцна уште докторирал и на Катедрата за превод и толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра со тема од областа на словачко-македонските книжевни и културни врски (2008, PhDr.). На братиславската катедра ги предавал периодично предметите „Преглед од историјата на јужнословенските литератури“ и „Современа словачка поезија“ (2005-2007). Работел и како прв лектор по македонски јазик и литература на Катедрата за словенски филологии, на Филозофскиот факултет при Универзитетот Коменски во Братислава, Словачка (2004-2007).

Почесен член е на Клубот на независните писатели на Словачка (од 2006 година) и член на Европската мрежа за книжевна компаратистика (Rèseau europèen d´ètudes littèraires comparèes / European Network for Comparative Literary Studies) од 2009 година.

Добитник е на повеќе книжевни награди во Македонија и во странство. Поетски книги: Отворени врати (1995), Хорот на гнилите лисја (2000), Срт (2003), Нежности без гарантен лист (2012).

ОкоБоли главаВицФото