Почина Шејмас Хини

31.08.2013 11:59
Почина Шејмас Хини

По кусо боледување, на 74-годишна возраст, почина ирскиот поет Шејмас Хини. Роден е во Мосбон, Северна Ирска, на 8 јули 1939 година. Во 1966 година ја издава првата поетска книга „Смртта на еден натуралист“, а во 1975 стихозбирката „Север“, која се смета за негово ремек дело.

Во 1995 година ја добива Нобеловата награда за книжевност, а во 2001 година е награден со Златен венец од Струшките вечери на поезијата.

Подолу може да прочитате четири песни од големиот ирски поет.

 

СОПСТВЕН ХЕЛИКОН

Ha Мајкл Лонгли

Ko дете, од бунарите не можеа да ме одвојат
и од старите ѓерани со чекреци и коблиња.
Ја сакав темната капка, небото заробено, мирисот бајат
на тревишта водни, на влажна мов и стаена тиња.

Крај таков бунар во цигланата, под стреиче скапано,
на коблето му го пиев плесокот раскошен
што прудолу јурна на крајот од јажето врзано.
Толку длабок, ни отсјај да нема од ликот надвисен.

А крај еден плиток, во мртвица сува,
што како аквариум вриеше,
штом корен долг ќе потегнев од тињата глува
призрачно лице по дното ќе шмугнеше.

Други со ехо беа полни, ми го враќаа назад гласот
со музика јасна и гласна. Од еден пак
уплав дури ме фати: од водовриката и папратот
вишен, ставор врз ликот ми скокна в лак.

Сега пак, ко возрасен, под чест ми е мувли да пипкам,
корење да корнам, ко Нарцис ококорен
над извори да зјапам. Во слик себеси се сликам
темничиштево да го истерам ко звук од ехо морен.


КОПАЊЕ

Меѓу показалецот и палецот
пенкалово ми лежи; револвер запнат.

Под прозорецот, јасен остер чкртеж,
тоа дурија тоне во песочникот:
татко ми, копа. Поглед фрлам

Врз грбот напнат сред цветните леи
што ниско се свива, па се крева пред дваесет лета,
чекори во ритам сред компиров насад
и со дуријата копа.

Грубата чизма врз ушето легната, рачката
меѓу коленици стегната цврсто.
Бусени корне, врвот светол длабоко тоне
да раскопа млади компири што ги збиравме
замаени од ладната облост во нашите дланки.

Боже мој, стариот со дурија беше вешт.
Исто како и стариот негов.

Дедо ми вадеше повеќе тресет дневно
од кого и да е во Тонеровата јама.
Еднаш му однесов шише млеко
несмасно затворено со хартиен чеп. Се исправи
да пие, па веднаш назад се сведна
да парчи и реско да сече, грутки преку рамо
да фрла, удолу да рие
во потрага по добар тресет. Да копа.

Студен мирис на компири, џвркот и плускот
во ѓолот тресетен, рез точен на сечило
низ корењето живо во умов ми се буди.
Но немам дурија мажиштата вакви да ги следам.

Меѓи показалецот и палецот
пенкалово ми лежи.
Со него ќе копам.


ГОЛТКА ВОДА

Таа секое утро идеше да налее вода
како стар лилјак што се тетерави по полето:
зарипнатата кашлица на пумпата, ѕвекотот на кофата
и неговото диминуендо дури се полнеше
ја најавуваа. Го помнам
сивото скутале, набиеното тенеќе
од преполнетата кофа и треперливиот
пискав глас налик на чкрипежот од пумпата.
Ноќум, полната месечина се креваше над нејзиниот покрив
и се провираше низ прозорецот за да легне
во водата оставена на маса.
Тогаш се веднев да голтнам уште голтка,
да останам верен на советот напишан врз нејзината чаша,
Помни го Тој што ни дава, избледнет троа на работ.


НА СЕНКАТА НА ЗБИГЊЕВ ХЕРБЕРТ

Таа секое утро идеше да налее вода
како стар лилјак што се тетерави по полето:
зарипнатата кашлица на пумпата, ѕвекотот на кофата
и неговото диминуендо дури се полнеше
ја најавуваа. Го помнам
сивото скутале, набиеното тенеќе
од преполнетата кофа и треперливиот
пискав глас налик на чкрипежот од пумпата.
Ноќум, полната месечина се креваше над нејзиниот покрив
и се провираше низ прозорецот за да легне
во водата оставена на маса.
Тогаш се веднев да голтнам уште голтка,
да останам верен на советот напишан врз нејзината чаша,
Помни го Тој што ни дава, избледнет троа на работ.

Препев: Зоран Анчевски (Сопствен Хеликон, Копање, Голтка вода) и Богомил Ѓузел (На сенката на Збигњев Херберт).

ОкоБоли главаВицФото