Груевски и Ахмети не се првачиња, ама мачкаат очи како мали деца!

03.09.2013 09:43
Груевски и Ахмети не се првачиња, ама мачкаат очи како мали деца!

Без разлика колку Груевски е збунет со неговиот досаден и сеприсутен ПР, тој ,сепак, не е прваче. Прваче е неговата ќерка. Груевски од друга страна е осмо одделение, бидејќи веќе седум години ни ја вади душата, а ние, ние сме вечни повторувачи, секоја година паѓаме и постојано тапкаме во место.

Еве ви една приказна која во континуитет се повторува: нашата психо драма со спорот за името, евроинтеграциите, односите помеѓу коалиционите партнери.

Неколку дена откако нашиот премиер обзнани дека ќе поднел меморандум за поддршка на евроинтеграциите со цел да немало внатрешни поделби по тоа прашање, ете како Ахмети веднаш му покажа на Груевски колку впрочем самите партнери во владата се поделени.

Прво што Ахмети му порача на Груевски е дека нè води директно кон изолација, а второ, самиот отиде на директна средба со грчкиот министер за надворешни работи. Груевски пишува писма и меморандуми со кои повикува на наводно единство, или пак им подметнува на Грците тројански коњ, а Ахмети испаѓа политичарот кој успева да седне на маса и да разговара со другата страна.

Нашиот министер за надворешни Поповски вели дека средбата Ахмети-Венизелос била во приватно својство. Додека Груевски глуми дека сака официјални средби со Грците, а потоа плаче како тие не му даваат, на Ахмети ете, му даваат да оствари приватни средби. Некој овде дрско лаже, а помеѓу двајцата лажговци - Ахмети и Груевски, сепак мислам дека на премиерот носот му е нешто подолг.

Нормално, Груевски и ДПМНЕ преку своите амбасадори и пропагандната машина пак ќе ни објаснуваат како тој ги штител државните интереси, и поради непопустливоста на Грците не може да има поместување во разговорите. Пак ќе ни објаснува дека Грците сакаат да се гледаат само со ДУИ и дека тоа се обиди за внатрешен раскол. И јас еднаш напишав, Ахмети да престане да се залага за името затоа што така само им прави услуга на ДПМНЕ и на нивната пропаганда. Како да не е доволно што на Груевски за евроинтеграциските неуспеси му е виновна Грција, па опозицијата, па странските сили, па внатрешните непријатели, па сега Ахмети му дозволува да се вади и на коалициониот партнер или, од утре, уште полошо, на етничкото малцинство.

Но, инсистирањето на Ахмети да контрира содржи и нешто друго. Прво, како што веќе реков, ни соопштува две апсолутни вистини, без разлика на хипокризијата што Ахмети е дел од власта: дека Груевски ја турка земјата во изолација и дека Македонија доживува неуспех на полето на евроинтеграциите, и второ, дека Груевски намерно избегнува дијалог со Грците за да има оправдување и за потоа да глуми жртва. И конечно, во изјавата на Ахмети јасно се разбира пораката до Груевски која му ја испратија и Европејците, и Грците и Американците, спорот да се решава во рамките на ОН и преку Нимиц, а не да се измислуваат некои провидни игри за високи средби помеѓу Груевски и Самарас.

Друга работа која сè повеќе паѓа во очи, настрана прагматичното функционирање на тендерската коалиција, е сè поочигледниот раздор на политичко ниво помеѓу двата партнери. Премногу работи се насобраа!

Владината седница во Белград без албанските министри, истата пракса и кај Бугарите во Ќустендил. На тоа Ахмети реплицираше со самостојна шатл дипломатија во Бугарија и во Америка, а сега и во Грција. Ахмети се постави контра Груевски околу предлогот за предвремени избори. Ахмети издејствува амнестиран командант на УЧК од страна на ДПМНЕ за случајот „мавровски работници“, да биде унапреден во чин мајор. Се случи и меѓукоалициониот инцидент со криминалот во Македонска пошта, каде на тапет се високи функционери на ДУИ, нешто што провладините медиуми сè уште го држат како топ тема.

Не сакам да носам избрзани заклучоци, но сево ова, повеќе од владина некоординираност, ми изгледа како тивок судир помеѓу ДПМНЕ и ДУИ, и изгледа дека допрва ќе ескалира. Дали е тоа смислено, за утре да се игра на етничката карта, дали е само за да се збуни јавноста и противникот, не знам, но изгледа грдо и делува реално. Груевски и Ахмети не се првачиња, ама мачкаат очи ко мали деца!

Слика: Свирачиња