Индијанско племе бара промена на името на фудбалскиот клуб Redskins

08.10.2013 16:33
Индијанско племе бара промена на името на фудбалскиот клуб Redskins

Племето американски домородци Онеида, од американската држава Њујорк, покрена кампања за промена за името на славниот тим во американски фудбал, Redskins од Вашингтон, што во превод значи „црвенокошци“.

„Во речникот терминот црвенокошци е означен како навредлив“, вели еден од лидерите на Онеида, Реј Халбрајтер на конференцијата за печат, која се одржа во Вашингтон пред редовното есенско заседание на сопствениците на Националната фудбалска лига (NFL).

Битката за името почнала откако американскиот претседател Барак Обама изјавил дека повеќе би му се допаднало име кое „не е толку расно обоено“.

„Името на тимот од Вашингтон е болен епитаф, користен против мојот народ, кога нè држеле на нишан и нè бркале од нашата земја“, изјави Халбрајтер и додаде: „Кога го промовира професионален спортски тим, тоа е збор кој им говори на децата на американските староседелци дека ќе бидат оцрнети и дека се граѓани од втор ред.“

Проблемот со името на Redskins се провлекува во американската јавност со години, со оглед на тоа дека во речникот на Вебстер и Оксфорд тој термин е опишан како навредлив. Прашањето „премина на друго ниво“ кога Обама во едно интервју во сабота изјави дека тој „би размислил за промена“ кога би бил сопственик на Redskins.

Ден Снајдер, маркетиншкиот могул кој ги купи Redskins во 1999 година одлучно одговори дека никогаш нема да го промени името на клубот. Истите зборови во понеделник ги повтори и неговиот адвокат Лени Дејвис, нагласувајќи дека „Redskins ги почитуваат сите луѓе“, но дека го сакаат својот тим, без каква било намера да навредат некого на расна или етничка основа.

Првиот човек на NFL, Роџер Гудел, во радио интервју неодамна рече дека раководството на таа лига „мора да слуша“ ако некој е навреден од името на Redskins. Сепак, додаде дека одлуката е на Снајдер. Племето Онеида во меѓувреме покрена веб страница и ширум САД на радио емитува реклами против Redskins.

Извор: www.washingtonpost.com