Храбар зелен свет, но по која цена?

09.08.2021 01:33
Храбар зелен свет, но по која цена?

Салтоновото море

На врвот на еден заспан вулкан во Невада, работниците се подготвуваат за експлозии и копање огромна дупка која ќе биде првиот нов голем рудник за литиум во САД во последнава деценија - и нов извор на клучна состојка на батерии за електрични автомобили и обновлива енергија.

Површинскиот коп, кој се погиднува на федерално земјиште земено под закуп, би можел да ја намали зависноста на САД од увоз на литиум од странство.

Но, проектот, наречен „Lithium Americas“, предизвика протести на припадниците на племињата на американските Индијанци, ранчерите и заштитниците на животната средина, зашто се очекува тој да користи милијарди литри вода и потенцијално да ја контаминира во следните 300 години. За возврат, на ова место ќе остане огромен куп ѓубре.

„Кревањето една планина во воздух не може никако да биде зелен пристап, без разлика колку маркетиншките стручњаци се обидуваат тоа да го претстават така“, вели Макс Вилберт, кој во знак на протест живее во еден шатор, чекајќи молбата за прекин на работите на ова место да го помине судскиот процес.

Борбата за рудникот во Невада е само еден пример за разгорените тензии ширум светот: електричните автомобили и обновливите енергии можеби и не се зелени колку што се чини. Производството сирови материјали како што се литиумот, кобалтот и никелот, од кои зависат овие технологии, може да ги уништи тлото, природата но и луѓето.

Оние кои работат на овој проект, но и законодавците од Невада, кои дадоа зелено светло во последните денови на администрацијата на Трамп, сметаат дека ова е шанса Америка да стане лидер во производството на овие сирови материјали. И сето тоа во момент кога претседателот Џозеф Бајден се залага за борба против климатските промени.

А рударскиот бизнис е еден од највалканите.

„Нашата нова мантра за чиста енергија би можела да ни донесе повеќе штета од корист, дури и ако намерите им се добри“, вели Ејми Буланжер, извршна директорка на Иницијативата за одговорно рударство, група која ги проверува рудниците во име на компании како што се БМВ и Форд Мотор. „Не смееме да го дозволиме тоа.“

За само три месеци на почетокот на 2021 година, компаниите кои се занимаваат со литиум собраа повеќе од 3,5 милијарди долари на Волстрит, покажува истражувањето на Блумберг.

Едвард Бартел

Некои од овие инвеститори сакаат да ги поддржат алтернативите, вклучувајќи го и планот литиумот да се добие од солената вода под најголемото езеро во Калифорнија, Салтоновото море. Таму инвеститорите сакаат да употребат посебно направени инструменти за да извлечат литиумска сол од водоносникот сместен 1 200 метри под површината. Системите ќе бидат поврзани со геотермална електрана која произведува струја без емисија на штетни гасови. Тие се надеваат дека ќе имаат доволно пари за да го реставрираат езерото, кое е загадено со ѓубре од локалните фарми.

САД денес имаат само еден голем рудник за литиум, Силвер Пик („Сребрен врв“) во Невада, кој е отворен шеесеттите години од минатиот век и произведува 4 500 тони годишно - помалку од 2 проценти од вкупните светски годишни потреби. Најголем дел од сировиот литиум во САД доаѓа од Латинска Америка или Австралија, а преработениот доаѓа од фабриките за батерии во Кина и другите азиски земји.

Засега, администрацијата на Бајден не направи ништо за да ги протурка опциите кои ѝ се наклонети на животната средина. Министерството за внатрешни работи не одговори дали ќе го промени ставот за дозволата која ја доби компанијата Lithium Americas, за која во моментов се води судски процес.

Богатството на Невада

Едвард Бартел или некој од неговите ранчери се на терен речиси секојдневно. Мораат да се погрижат речиси 500-те грла кои шетаат по неговите 20 000 хектари во пустината во Невада, да имаат доволно храна.

На неколку километри од неговиот ранч наскоро би можеле да почнат работите на површинскиот коп на компанијата Lithium Americas.

Најголемиот страв на Бартел е дека рудникот ќе ја земе сета вода што ѝ е неопходна на неговата стока. Компанијата вели дека рудникот ќе користи околу 12 000 литри во минута. Тоа би значело дека на 3,6 метри од земјиштето кое е во сопственост на Бартел ќе поминува столб за вода, покажуваат податоците кои ги изнесе еден консултант на Lithium Americas.

Кога ќе произведува 60 000 тони литиум-карбонат годишно, рудникот би можел да доведе и до контаминација на површинските води со метали како што се антимонот и арсенот, укажуваат документите на федералната влада.

Литиумот ќе се извлекува со мешање глина и материјали кои се извлекуваат од планината со околу 5 200 тони сулфурна киселина секој ден. Целиот процес ќе создаде и 270 милиони кубни метри отпад, полн со отпадни води од третманот со сулфурна киселина, и кој би можел да содржи умерено радиоактивен ураниум, пишува во документацијата.

Една проценка која ја спроведе Министерството за внатрешни работи во декември, вели дека за 41 година, колку што ќе работи, рудникот ќе деградира 5 000 хектари на кои денес слободно трчкаат пронгхорн антилопи и ќе му наштети на природниот хабитат на големиот сив тетреб. Ќе исчезне и местото на кое еден пар златни орли свиле гнездо; а нивните пердуви се користат во сите верски церемонии на овдешните Индијанци.

Род Колдвел

„Многу е фрустрирачки што ова ни го претставуваат како проект кој е пријателски настроен кон животната средина, а впрочем е само огромна индустриска постројка“, вели Бартел, кој исто така поднесе пријава и бара запирање на работите.

Во индискиот резерват Форт Мекдермит бесот кулминираше. Членови на племињата физички се пресметаа меѓусебно, осоебно околу одлуката на компанијата Lithium Americas, според која на поединци ќе им понуди работа со годишна плата од 62 675 долари - што е двапати повеќе од просечната плата во резерватот.

„Кажете ми, што ќе пијам следните 300 години?“, извикуваше Деланд Хинки кога федералните претставници во март годинава дојдоа во инспекција и да им го претстават планот на племенските водачи.

Втор чин

Пустинскиот песок кој го опкружува Салтоновото море е честа кулиса за холивудската продукција. Создадено со поплавувањето на реката Колорадо пред повеќе од еден век, езерото некогаш блескаше. Френк Синатра свиреше во хотелите и рестораните на брегот. Но, со текот на времето, сушата и лошото управување го претворија во извор на загадувачи.

Но, новиот бран инвеститори сега го промовираат езерото како мошне ветувачки и еколошки свесен извор на литиум во САД.

Добивањето литиум од саламура веќе долго се користи во Чиле, Боливија и Аргентина, каде со помош на сончевата светлина водата се суши од големите базени.

Салтоновото море е лоцирано над Салтоновите ридови кои, слично како и во Невада, се подземни вулкани. Компанијата CalEnergy, во сопственост на Berkshire Hathaway, заедно со компанијата Energy Source, од овие ридови со години добиваа геотермална енергија и произведуваа струја. Системите користат подземна пареа. Оваа вода е полна со литиум.

Австралиецот Род Колвел две децении се обидуваше да ги натера инвеститорите да ја искористат енергијата од езерското дно.

Во февруари, багерите стигнаа на земјиштето од 2 800 хектари кое е во сопственост на неговата компанија, Controlled Thermal Resources.

„Ова е местото“, вели тој. „Тука има најмногу одржлив литиум во светот, по потекло од Америка. Кој би рекол?“

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report

ОкоБоли главаВицФото