Капитализмот како религија

08.10.2013 18:09
Капитализмот како религија

Капитализмот може да се гледа како религија, то ест, капитализмот во суштина настојува да одговори на истите грижи, стравови и немир на кои порано се обидуваше да одговори таканаречената религија. Докажувањето на религиозната структура на капитализмот - не само некоја религиозно условена структура, како што мислеше Вебер, туку суштински религиозен феномен - и денес одвлекува многумина во бескрајни, воопштени расправи. Не можеме прецизно да ја исцртаме мрежата во која сме заплетени. Сепак, по извесно време, можеме подобро да ја согледаме.

Но, уште сега можеме да воочиме три карактеристики на религиозната структура на капитализмот. Прво, капитализмот е чист религиозен култ, можеби најекстремниот кој некогаш постоел. Во него, сè добива смисла само преку директниот однос кон култот: тој нема некаква посебна догма, некаква посебна теологија. Тој му ја дава на утилитаризмот неговата религиозна нијанса.

Таа конкретизација на култот е поврзана со втората карактеристика на капитализмот: непрестајното траење на култот. Капитализмот е обожување на култот sans réve et sans merci (без сон и без милост). Во него нема „викенд“, ниту еден ден кој не би бил негов празник, во најстрашна смисла, до тој степен што секој ден, секој верник мора предано да изведува цела света помпа.

Трето, тоа е култ кој го нагласува чувството на вина. Капитализмот е веројатно прв случај на култ кој почива на вина, а не на искупување. Така тој религиозен систем главечки се фрла во лавината на поширокото движење. Силното сеќавање на вината која не може да си најде искупување, се врти кон култот, не за да се ослободи од вината, туку за да ја направи општа, за да ја забие во свеста и на крајот, и над сè, за да го вклучи бога во таа вина, за конечно да го заинтересира за искупување. Според тоа, искупувањето не може да се очекува од самиот култ, ниту од реформите на таа религија - која мора да задржи некои стабилни контури - но ниту од нејзиното порекнување. Во коренот на капитализмот како религиозно движење - до самиот крај, до конечното инфицирање на бога со чувство на вина - се наоѓа тежнеењето за освојување на светот обземен со очај, кој всушност е негова потајна надеж. Оттаму историската посебност на капитализмот: религијата повеќе не е обнова на битието туку попрво негово целосно уништување. Од тоа ширење на очајот, чија религија би требало да го опфати целиот свет, се очекува спасението. Трансцендентоста на бога се урнала, но тој не е мртов. Тој се повлекол во судбината на луѓето. Тој премин на „планетарниот човек“ низ куќата на очајот и апсолутно осаменичкиот карактер на неговиот пат е оној етос кој го опишува Ниче. Тој човек е Übermensch, Надчовек, првиот кој ја спознал капиталистичката религија и почнал да ја остварува.

Четвртата карактеристика (на религиозната структура на капитализмот) е дека нејзиниот бог мора да остане скриен и дека некој може да му се обрати дури кога неговото чувство на вина ќе го достигне врвот. Култот се обожува пред незрело божество, при што секоја слика, секоја идеја ја загрозува тајната на неговата незрелост.

Фројдовата теорија исто така се наоѓа во владение на свештеник од тој култ. Нејзината идеја е длабоко капиталистичка. Потиснатата, грешна фантазија, како аналогија на капиталот - што допрва треба да се разветли - на која пеколот на несвесното мора да ѝ плаќа камата.

Таа религиозна капиталистичка мисла на величествен начин се разрешува во филозофијата на Ниче. Идејата за Надчовек не го изместува апокалиптичкиот „скок“ во преобраќање, искупување, прочистување или покајание, туку во навидум непрестајното, но сепак растреперено, испрекинато интензивирање. Затоа интензивирањето и развојот се неусогласливи со начелото non facit saltum („природата не прави нагли скокови“). Надчовекот стигнал на одредиштето, а не морал се промени; тоа е историскиот човек кој директно стигнал на небото.

Ниче тврдел дека религиозното чувство на вина извира токму од тоа провалување на небото, од неговата сè поцелосна хуманизација и дека така се одржува. Слично тврди и Маркс: непреобразениот капитализам станува социјализам со проста и сложена камата, како функции на вината (треба да се воочи демонската двосмисленост на тој концепт).

Капитализмот е религија сведена на чист култ, без догми. Капитализмот се развивал паразитски на телото на западното христијанство - не само калвинизмот, туку, како што би требало да се покаже, и останатите ортодоксни христијански струи - така што на крајот историјата на христијанството станала историја на неговиот паразит – капитализмот. Треба да се спореди светата иконографија на разни религии, со онаа од банкнотите од различни земји; да се воочи духот кој говори низ нивната орнаментација.

Загриженост (страв): ментална болест својствена за капиталистичката епоха. Духовна (не и материјална) безнадежност на сиромашните, вагабундизмот - питачењето - монаштвото. Состојбата е толку безнадежна, што станува вина. „Загриженоста“ е индексот на таа вина поради чувството на безнадежност; таа извира од стравот од губење надеж, која потекнува од заедницата, не од индивидуално-материјалното.

Христијанството од времето на реформацијата не ја поттикнало појавата на капитализмот, туку попрво и самото се претворило во капитализам.

Методолошки, би било корисно прво да се истражи на кои сè начини парите во текот на историјата усвојувале елементи на мит - сè додека од христијанството не презеле доволно митски елементи за да создадат сопствен мит.

Врската на капитализмот со догмата за природата на знаењето - кое поради својот карактер за нас во ист момент е ослободувачко и убиствено. Крајниот исход е ослободување и руинирање на знаењето.

За нашето разбирање на капитализмот како религија може да придонесе и ако замислиме дека првобитниот паганизам морал да ја поима религијата не како некој „повисок морален интерес“, туку на најнепосреден практичен начин - како и денешниот капитализам, но дека на неверниците или припадниците на друга вера во својата заедница гледал исто како што модерната буржоазија гледа на оние кои не заработуваат.

Извор: Walter Benjamin, „Capitalism as Religion“ (Kapitalismus als Religion), translated by Chad Kautzer, in The Frankfurt School on Religion: Key Writings by the Major Thinkers, eds. Eduardo Mendieta, Routledge 2005

Слични содржини

Општество / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Општество / Активизам / Теорија
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото