Глупостите од Грујо, глупостите од Мујо и сите поранешни турски провинции

21.10.2013 08:47
Глупостите од Грујо, глупостите од Мујо и сите поранешни турски провинции

Во време кога и случајната и ненамерна употреба на нашето уставно име во Обединетите нации се смета за „страшна и непростлива грешка“, премиерот Груевски најде за сходно да ѝ додели понижувачко име на Грција, име кое, исто така, може да ни се залепи и нам.

ГЛУПОСТИ. ОБИЧНИ ГЛУПОСТИ. ГЛУПОСТИТЕ ОД ГРУЈО И ГЛУПОСТИТЕ ОД МУЈО сѐ повеќе наликуваат едни на други. Тоа што Грција нѐ викала поранешна југословенска република Македонија и што нѐ викале ФИРОМ било навредливо и исто како и ние да сме ги нарекувале Поранешна турска провинција Грција. Рече премиерот и направи голем исчекор кон разрешувањето на спорот со името. Како и кон стекнување на симпатии во светот. И ги покажа своите дипломатски способности. И на видело ја изнесе својата „добра волја“ за разрешување на спорот, а последично на тоа и за засилување на процесот на евро-атлантските интеграции на земјава.

„1984“ РЕЧИСИ 30 ГОДИНИ ПОДОЦНА

Ваквите глупости, лаги и невистини наликуваат на типично фалсификување на историјата како што тоа редовно се правеше во романот „1984“ на Џорџ Орвел. Она што единствено е само делумно точно е дека во приватна комуникација во Грција навистина може да се чуе како нѐ викаат „Скопјани“ и тоа е навистина навредливо. Но, тоа се однесува на приватна комуникација. Во јавната комуникација, во угледните грчки весници, каков што е „Катимерини“, на пример, никој не напишал „Скопјани“. Настрана фактот што кога станува збор за навредливи имиња во приватна комуникација и низ социјалните мрежи, ние во ништо не заостануваме зад Грците - тие се нарекуваат од Cигани, па сѐ до имиња со кои грчките претци и потекло се лоцираат од Африка до Азија и подалеку.

А, кога станува збор за привременото име поранешна југословенска република Македонија или на англиски FYROM и навредливоста на овој термин и оваа кратенка, тие беа предуслов за наш влез во Обединетите нации во 1993 година, предуслов на кој Македонија се согласи и тоа многу брзо и со многу малку размислување. Можеме да расправаме за тоа дали сме биле под притисок или не, дали тоа било паметно или не, дали тоа е добро за нас како држава или не, но во секој случај станува збор за привремено име или привремена референца со која ние се согласивме и која не ни беше дадена од страна на некој грчки премиер од тоа време и кажана на партиска трибина во грчката провинција. Така што, „навредливоста“ на оваа референца на која сме се согласиле е крајно проблематична, освен ако Груевски не мисли дека сме склони кон сенационален мазохизам и особено што оваа референца не се употребува само во Грција, туку од страна и на ООН, и на Европската унија, како и од страна на најголем дел од земјите членки на ЕУ кои нѐ имаат признато под ова име. Ако за премиерот референцата е толку навредлива и ако сака да биде принципиелен, тогаш нека престане да комуницира со сите политичари од целиот свет што ја искористиле и нека престане да ги чита сите меѓународни документи во кои таа се употребува.

РУМЕЛИЈА - СИТЕ ТУРСКИ ПРОВИНЦИИ

Без да навлегуваме подлабоко, само ќе потсетиме на тоа какви сѐ не црни сценарија можеа да ѝ се случат на Македонија ако во 90-те години од минатиот век не станевме членка на ООН. Прашање е дали воопшто ќе нѐ имаше или ќе бевме распарчени меѓу дел од соседните земји или, во надобар случај, значи во најдобар случај, околу Македонија долго ќе се водеа нови балкански војни и земјава ќе беше боиште на регионалните сили точно како и пред 100 години.

Но, како ништо од ова на Груевски да не му е важно. Човек уште малку ќе почне да очекува тој да предложи не само Грција, туку сите држави кои биле колонизирани во историјата да ги викаме Поранешна колонија на (името на земјата колонизатор), а сите држави кои кога било во историјата биле поробени да ги викаме Поранешна провинција на/протекторат на/губернија на/итн. (името на земјата поробувач). Само така ќе бидеме принципиелни. И само така ќе стекнеме куп пријатели низ цел свет. А, за да бидеме принципиелни до крај и ние треба да се викаме Поранешна турска провинција Македонија, нели, зашто и ние сме биле под турско ропство.

Уште поточно, еве еден нов исто „многу паметен предлог“. Ако сакаме да бидеме најпрецизни, ајде тогаш и ние и Грција да имаме исто име. Пред 1864 година, односно пред да се создадат вилаетите, сите отомански територии на полуостровот се викале Румелија, односно „земја на Римјаните“ и со ова име Турците ги означувале своите територии на Балканот. Ваков предлог ако даде премиерот, тогаш сигурно ќе добие поддршка и од Европа, а особено од Грција.

Тука некаде, во истиот контекст, премиерот може да ѝ додели слично име и на Бугарија - Источна Румелија, како што се викал еден нејзин дел за време на отоманското ропство. Со оглед на тоа што и тие во последно време имаат забелешки во однос на нашето однесување и започнаа да ни поставуваат услови за влез во ЕУ, сигурно и тие ќе бидат „воодушевени“ од вакво едно име.

Само така, сите среќни и весели, со турски средновековни имиња, можеме храбро да зачекориме кон светлата европска иднина на 21-от век.

Како што може да се види од оваа „показна вежба“, нема ништо полесно од тоа човек да почне да копа по историјата и да измислува имиња за себеси и за своите соседи. Потрагата по навредливо грчко име покажува со што се занимава ВМРО-вскиот владин кабинет кога ѓаволот ќе ги вмеша прстите и кога владините избраници сметаат дека немаат попаметна работа - наместо да бараат и смислуваат решение, тие си играат детски игри од типот „На буква, на буква...“, при што измислуваат имиња за странски држави и си поигруваат со нашата судбина и иднина, изнаоѓајќи инфантилни начини за да навредат соседна земја.

ИМЕТО МАКЕДОНИЈА - СТРАШНА И НЕПРОСТЛИВА ГРЕШКА

Од друга страна, пак, додека Груевски дели имиња на соседни држави, еве како нашето уставно име се третира во Обединетите нации:

- Еднаш, мислам дека беше за време на Генералното собрание, некој говореше многу брзо и една од работите кои ги кажа беше поранешна југословенска република Македонија. Преведувачот, пак, кој брзаше за да добие на време, рече само Македонија – изјави шефот на преведувачите од ООН, Хосам Фар, за Информативниот центар на меѓународната организација, додавајќи: „Грците збеснаа, беа многу, многу лути и јас буквално со трчање влегов во салата на Генералното собрание, седнав зад претставникот на Грција и длабоко се извинив во име на преведувачката служба за оваа страшна и непростлива грешка“ [италикот наш], вели овој Египќанец, кој 30 години работи во ООН како преведувач од арапски јазик.

И, така, во време кога дури и случајното и ненамерно спомнување на нашето уставно име во најголемата и најважната меѓународна организација на светот се смета за „страшна и непростлива грешка“ и кога се неопходни големи дипломатски вештини за работата да тргне нанапред, македонскиот премиер наоѓа за сходно да кажува зелени од маштабот на митскиот босански дудук Мујо.

Извор: anfas.blogspot.se

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото