Референдумот во Швајцарија ќе ја постави горната граница на платите

21.11.2013 13:03
Референдумот во Швајцарија ќе ја постави горната граница на платите

На 24 ноември, Швајцарскиот електорат ќе треба по пат на гласање да се изјасни за иницијативата 1:12. Иницијативата, промовирана од страна на Младите Швајцарски Социјалисти (JUSO), треба да ја наметне горната граница на платите, така што највисоката плата во една компанија нема да може да биде повеќе од 12 пати поголема од најниската плата во истата компанија. Предлогот се состои во тоа што никој, во еден месец, не треба да заработува онолку колку што неговиот колега ќе заработи за целата година. Иако JUSO се блиски со Социјалдемократската Партија, која е дел од владеачката коалиција, организацијата е целосно независна.

Собирањето потписи почна есента 2009 година, само една година откога светската економија беше на работ на колапсот заради банкротирањето на инвестициската банка Lehman Brothers. Потписите беа собрани во законскиот рок и граѓанската иницијатива беше успешно регистрирана во април 2011 година. Парламентот дебатираше за предлогот две години, а тоа резултираше со препорака од парламентот и федералната влада иницијативата да биде одбиена.

Борбата за референдумот против измамата во март оваа година се водеше до последната минута во парламентот и федералната влада. Шеесет и осум проценти од гласовите го поддржаа предлогот.

Иницијативата за измамата имаше поограничени цели отколку предлогот 1:12. Таа не предложуваше горна граница за платите, туку само дека акционерите на швајцарските компании на пазарот со хартии од вредност ќе треба да гласаат за наградите на менаџментот на компаниите и бордовите на директори.

Иако опонентите на иницијативата 1:12 поседуваат многу поголеми финансиски ресурси отколку нивните поддржувачи, исходот од гласањето останува нејасен. Мнозинството од населението го поддржува ограничувањето на високите плати, и исто така постои согласност за предлогот кај привилегираните слоеви. Анкетата спроведена на швајцарското радио SRG, пет недели пред референдумот, сугерира дека 44 проценти планираат да гласаат во корист на планот, 44 проценти да гласаат против, а останатите 12 проценти биле неодлучни во времето кога е спроведена анкетата.

Одделението за економски истражувања од Цирих ETH (KOF) пресмета дека врз основа на официјалната статистика за платите, 1 200 компании ќе бидат погодени од планот, главно во финансискиот сектор, осигурувањето и големата трговска размена. Платите на 4 400 поединци кои ги добиваат најголемите плати ќе треба да бидат намалени за 1,5 милијарди швајцарски франци (1,12 милијарди евра), за разликата помеѓу платите во секоја компанија да не биде поголема од размерот 1:12.

Изминатата декада, јазот кај платите во Швајцарија растеше континуирано. Особено во последните години, платите на оние кои заработуваат најмногу како вработени во банките, компаниите за осигурување и големите меѓународни акционерски компании, ги надминаа сите бариери. Во меѓувреме, приходите на поголемиот дел од популацијата не се зголемуваа во изминатата декада. Доколку го имаме предвид зголемувањето на трошоците за живот, куповната моќ на оние со најниски примања е намалена, и покрај просечниот раст на платите од 5 проценти.

За стотици илјади други, нивните плати не се доволни за да се платат сметките. Многумина немаат заштеди на кои можат да се потпрат и нема да бидат во можност да се соочат со неочекувано големите сметки. Вклучувајќи ги децата, бројот на луѓето во Швајцарија кои се сметаат за сиромашни – оние кои не можат да ги покријат основните трошоци дури иако имаат работа – изнесува околу 500 000.

Додека приходите на оние кои заработуваат најмногу се пораснати во просек за 19 проценти помеѓу 2000 и 2010 година, приходите на оние кои заработуваат најмалку се пораснати за само 5 проценти во истиот период. И покрај малото забавување во пресрет на глобалната економска криза од 2008 година, овој процес продолжува непречено и денес. Иако големата Швајцарска Банка UBS пријави загуби во износ од 2,5 милијарди франци во 2012 година, во истиот период исплати бонуси во износ од 2,5 милијарди франци.

Статистиката на богатството има уште подрастична слика. Најбогатите, кои сочинуваат 1 процент од популацијата контролираат 29 проценти од целото богатство. Најбогатите 10 проценти од населението поседуваат 74 проценти од богатството, додека останатите 90 проценти контролираат само 26 проценти од богатството.

Од падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, богатството на 300 најбогати луѓе во Швајцарија се зголемило петкратно од 86 милијарди франци на 449 милијарди франци. Збогатувањето на супер-богатите се одвива со брзо темпо.

Најбогатите 0,1 процент добиваат годишен приход од нивното богатство од 2,5 милиони франци, додека најсиромашните 50 проценти добиваат годишен приход од само 380 франци од нивното богатство на годишно ниво. Со други зборови, додека најсиромашните 50 проценти добиваат 1 франк дневно за нивното богатство, најбогатите 0,1 процент добиваат 6 888 франци дневно.

Овие бројки покажуваат дека масивната нееднаквост на примањата и богатството има длабоки социјални корени. Дури и прифаќањето на иницијативата 1:12 која се однесува на овој проблем нема да го промени тоа. За да се надмине таквата длабоко вкоренета социјална нееднаквост, неопходна е фундаментална промена на економскиот систем.

Наместо да ја поддржи слободата на интересите на индивидуалните капиталисти, економијата мора да биде организирана на начин од кој ќе има корист целото општество. Како и да е, сите партии кои имаат свои претставници во парламентот се противат на оваа цел.

Несогласувањата во политичкиот естаблишмент во врска со иницијативата 1:12 ги рефлектираат разликите за најдобрите методи за стабилизирање на капиталистичкото владеење. Оние кои ја поддржуваат иницијативата 1:12 веруваат дека мора да се направат одрдедени отстапки во однос на длабокиот народен гнев кон ширењето на општествените нееднаквости, подобро е јавното мислење да се ограничи во рамките на капиталистичката политика. Оние кои се противат на оваа иницијатива се плашат дека една отстапка може да води кон друга и веруваат дека најумната политика е да не се отстапува воопшто. Сепак, двете фракции се цврсто поврзани со капиталистичкиот систем, кој е извор на нееднаквоста.

Целиот швајцарски политички естаблишмент е обединет во кампањата за наметнување на намалувања во трошењето на здравствената и социјалната заштита, која дополнително ќе ја намали моќта на најсиромашните во општеството. Даноците за супер-богатите беа намалувани неколкупати во изминатите неколку години, а данокот од наследство беше укинат, што за возврат резултираше со пад на даночните приходи. Овој пад на даночните приходи сега треба да ѝ се наметне на работничката класа преку понатамошни мерки за штедење и намалување на јавната потрошувачка.

Извор: http://www.wsws.org/

ОкоБоли главаВицФото