Кој зборува во име на народот?

11.12.2013 13:47
Кој зборува во име на народот?

Референдумот во Баварија ја спречи германската кандидатура за зимските олимписки игри, а на референдумот во Хрватска се гласаше против истополовите бракови. Во првиот случај е ускратена поддршката на проектот кој лебди помеѓу спортските и комерцијалните интереси, а вториот референдум покрена контроверзна уставна промена во Хрватска. Граѓаните на Баварија гласаа на локално ниво за партикуларни интереси, додека оние од Хрватска одлучуваа за својата држава во име на целиот народ. Првото гласање беше оправдана критика на празната верба во иднината, сведена на голи економски инетереси. Второто гласање се погрижи модернизацијата на општеството да не ги премине границите поставени во средниот век. Едниот плебисцит е сосема оправдан, бидејќи со него доаѓа до израз мислењето на малцинството; со другиот, преку забраната на истополовите бракови, се доведува во прашање заштитата на хомосексуалното малцинство.

Овде можеме да го завршиме набројувањето. Јасно е дека хрватскиот уставен референдум е неспоредлив со оној одржан на 10 ноември во Баварија. Ако мешаме баби и жаби, разликите и сличностите меѓу двата референдума стануваат очигледни. Во двата случаи за збор се јави директната демократија. Во првиот можеме да ја славиме, но вториот предизвикува загриженост. Но, во двата случаи станува збор за демократија. Тоа е нашата иднина.

Сѐ почесто ќе разговараме за вести како што е оваа од Хрватска (премиерот Милановиќ го нарече резултатот од овој референдум „жален и бесмислен“). Во целиот свет е забележлива инфлацијата на референдумот и плебисцитот. Посебно се интересни нивните сѐ повеќе спорни резултати.

Општествениот ангажман и учеството во одлучувањето се карактеристики на демократијата; се прашува народот, граѓанинот проговара. Моментално се одигрува премин од претставничко-демократски на подиректни механизми на одлучување во традиционалните политички системи. Граѓанинот се еманципира од политички објект во државотворен citoyen. Тој сака да гласа секој ден наместо секои четири години: за или против некој образовен систем, за или против некој инфраструктурен проект, за или против некој облик на однесување (пушење, потрошувачка на месо).

Во Германија од половината на 90-те тројно е зголемен бројот на уставно втемелените, а со тоа и начелно пожелните локални референдуми. Слично е и на глобално ниво. Во САД на 6 ноември 2012 е избран претседател, но истовремено се гласаше и на 174 референдуми во 37 сојузни држави. Во Германија референдумите во претставничката, т.е. индиректната демократија се сметаат за сѐ поважен дел од процесот на политичко одлучување. Големата еуфорија и речиси ненаситната потреба за одлучување доведува до изместување на политичката моќ. Довчерашната политичка презаситеност и рамнодушност сега делува како попадната (не)култура од минатото. Таа стана дел од историјата.

Тоа би требало да се добри вести. Ама не се. Граѓаните на Швајцарија, познати по своето истенчено чувство за бизнис, гласаа против ограничувењато на менаџерските плати и против изградбата на минариња, што сведочи за доста бизарниот однос кон малцинствата. Граѓаните на САД на референдум го ублажија Законот за три прекршоци (кои автоматски водат до доживотен затвор). И покрај тоа, во Калифорнија сѐ уште ве чека доживотен затвор по три благи прекршоци. Инаку, Калифорнија е позната по необичните референдумски одлуки. На еден од 174 референдуми одржан на 6 ноември 2012, граѓаните на Калифорнија гласаа против обележувањето на храната со ГМО состојки.

Референдумите како средство на директната демократија, првобитно замислени како заштита на малцинството, сѐ повеќе се претвораат во својата спротивност, и како што покажува случајот на Хрватска, ја зајакнуваат моќта на мнозинството. Прашањето дали оваа моќ е резултат на влијанието на лобистите (кампањата во Калифорнија против обележување на храната со ГМО состојки обилно ја финансираа големите американски корпорации) или само израз на културолошките и политичките односи на силите, е неважно за оние кои ги загрозува таа моќ.

Резултатот од референдумот во Хрватска е очекуван, бидејќи католичката црква, на која ѝ припаѓаат 4,2 милиони граѓани од Хрватска или речиси 90% од нив, повика да се гласа за промена на уставот. Сепак, овој резултат не може да се припише само на балканскиот антимодернизам, за што често ги обвинуваат источните Европејци, бидејќи состојбата во Америка, на пример, не е ништо подобра: на референдумите за смртната казна и истополовите бракови редовно победува владејачкото мнозинство, што ја еродира заштитата на малцинството. Како директната демократија повеќе да служи за зачувување на статус кво отколку за придвижување на општествени промени.

Во Германија по секој референдум следи постапка за испитување на законитоста пред суд. Доколку референдумскиот резултат е спротивен на најважните правни начела, постои можност за жалба. Движењето Повеќе демократија се залага за тоа на сојузните референдуми да им претходи превентивна контрола на правните норми содржани во нив, со што однапред би се гарантирале основните права на луѓето.

Кога ќе ги погледнеме Хрватска, САД и Швајцарија, нема место за еуфорија поради референдумското одлучување. Посоодветна би била претпазливоста.

Извор: Süddeutsche Zeitung

ОкоБоли главаВицФото