1012 hPa
100 %
17 °C
Скопје - Саб, 05.10.2024 08:59
Зошто меѓу државите постојат разлики во степенот на религиозноста? Половина милијарда до 750 милиони атеисти, колку што се проценува дека има во светот, претежно се концентрирани во државите од северна и западна Европа, Јапонија и Канада. Наспроти нив, во земјите од Блискиот исток, Африка, југоисточна Азија и Јужна Америка, речиси и да нема атеисти.
Објаснувањето кое се наметнува самото по себе упатува на економското богатство. И навистина, рекордерите според распространетоста на атеистичкиот поглед на светот – Шведска, Норвешка, Јапонија, Германија – спаѓаат во економски и технолошки високо развиени земји. Меѓутоа, во нивно друштво, гледано од аголот на нерелигиозноста, би се нашла и неспоредливо послабо економски и технолошки развиената Северна Кореја. Од друга страна, Северна Америка, како една од најбогатите и технолошки најнапредните држави во светот, би се категоризирала во редот земји како што се Филипини, Бурма и Кенија.
Лесно е да се објаснат некои нелогичности. Високиот процент атеисти во Северна Кореја или Виетнам припаѓа во она што истражувачите го нарекуваат принуден атеизам – нерелигиозност како компонента на владеачката идеологија. На ист начин може да се објасни и високиот процент религиозни луѓе во богатите држави како што се Кувајт или Обединетите Арапски Емирати, каде непочитувањето на официјалната религија се казнува строго.
Меѓутоа, не е сè толку едноставно. Според степенот на економскиот развој, помеѓу САД и Канада нема значителни разлики. Меѓутоа, мерено според атеизмот Америка е на дното, а Канада меѓу првите десет на листата. Истото важи и за Полска и Чешка, земји кои освен слични економски параметри ги поврзуваат и низа културно-историски сличности.
Значи, зошто земјите со исто ниво на економска развиеност и слични културни модели меѓусебно се разликуваат според религиозноста/атеизмот? Клучниот термин е: економската нееднаквост.
Економската нееднаквост и религиозноста
Наједноставно кажано, економската нееднаквост ги претставува разликите во приходите помеѓу богатите и сиромашните. Иако може да се однесува на јазот во економското богатство меѓу државите, во контекст на распространетоста на религиозноста во едно општество, економската нееднаквост се гледа како јаз при распределбата на богатството, односно диспаритет во приходите помеѓу богатите и сиромашните поединци и/или групи во рамките на иста заедница.
Како и зошто, јазот на линијата богати – сиромашни би можел да биде поврзан со религиозноста?
За да одговори на ова прашање, британскиот социолог Томас Риз го пресметал коефициентот Џини, стандардна статистичка мерка за економска нееднаквост, за 67 држави со различен степен на економски и технолошки развој. Потоа, за секоја од овие земји го пресметал и индексот на религиозноста – силата на религиозните убедувања на верниците, операционализирана како број молитви во текот на денот.
Статистичката анализа на Риз покажала силна корелација помеѓу два индекси: Степенот на религиозноста е поголем во земјите со подлабок економски јаз помеѓу богатите и сиромашните. Се разбира, се поставува прашањето зошто е тоа така.
Риз ја интерпретира економската нееднаквост како мерка, односно показател за (не)сигурност. Имено, освен со степенот на религиозноста, неговиот индекс за нееднаквост покажува висока корелација со факторите кои социолозите стандардно ги сметаат за маркери на социеталната несигурност: средно очекување на траењето на животот, стапката на смртност кај новороденчињата, степенот на корупција, стапката на општиот криминалитет, бројот убиства...
Иако корелацијата помеѓу две појави не значи дека меѓу нив постои или мора да постои причинско-последичен однос, Риз, по примената на стандардните статистички методи за елиминирање на случајните корелации, заклучува дека помеѓу економската нееднаквост и религиозноста постои каузалитет. Но, која појава е причинител за другата?
Една од можностите е дека религиозноста – или некоја од нејзините компоненти – директно или посредно ги влошува клучните аспекти на личната несигурност. Во тој поглед примерот на САД би можел да биде илустративен: Републиканската партија, политичка партија со силна поддршка меѓу гласачите кои се идентификуваат како многу религиозни, се противи на воведување бесплатно здравствено осигурување, инсистира на приватизација на образовниот систем, се залага за слабеење на социјалната улога на државата, а сето тоа се фактори кои го јакнат или слабеат личното доживување на извесноста/сигурноста.
Второто, интуитивно поприфатливо објаснување би било дека личната несигурност води кон религиозноста. Зборувајќи генерално, земјите со поголем бруто општествен производ по глава на жител имаат помал удел верници во вкупната популација. Истовремено, тоа се земји чии граѓани можат да сметаат на добар стандард на здравствена заштита, осигурување во случај на губење на работата, надомест во случај на несреќа или елементарна непогода и сл.
Се разбира, постои и трета опција. Имено, каузалноста може да се движи во две насоки, во облик на растечка спирала, според која двете причински-последично поврзани појави – во овој случај, економската нееднаквост и религиозноста – меѓусебно се зајакнуваат.
Иако студијата на Риз не ја расветлува каузалноста, таа помага да се разјаснат некои парадокси, како што е прашањето зошто богата земја како САД според критериумот за религиозност припаѓа во земјите од Третиот свет. Ако клучот, како што сугерира Риз, не е во националното богатство како такво, туку во (не)правичноста на неговата распределба, тогаш „американскиот случај“ престанува да биде толку мистериозен. Имено, во споредба со приближно еднакво економски развиените земји од северот и западот на Европа, Америка се карактеризира со значително подлабок јаз помеѓу богатите и сиромашните.
Исто така, студијата на Риз отвори можност да се одговори на уште едно прашање: Зошто религиозноста, која на индивидуален план има просоцијален ефект, е застапена во нездравите општества, кои се одликуваат со помал степен на слобода, поголема стапка на криминалитет, повисок морталитет кај новороденчињата и трудниците...? Накратко, личната вера може да биде одговор токму на овие социетални болести, при што големиот број верници на ниту еден начин не влијае на нивното „лекување“.
Општественото здравје и религиозноста
Истражувањето на Риз се потпира на две студии кои, во 2005 и 2009 година, ги спроведе американскиот истражувач Пол Грегори, автор на конструктот социетално здравје.
За потребите на првобитната студија, Грегори развил скала на општествена успешност, на која се нашле параметрите кои се слични со оние кои ги користел Риз како показатели за економската нееднаквост: средното очекувано траење на животот, општата стапка на криминалитет, стапката на убиства и насилните злосторства...
До истражувањето во 2009 година, неговиот мерен инструмент за општественото здравје опфаќал 25 фактори, вклучувајќи го и приходот по глава на жител, стапката на невработеност, индексот на сиромаштија, стапката на смртност на новороденчињата и децата, бројот на малолетнички бремености и абортуси, потрошувачката на алкохол по глава на жител, стапката на разводи, просечното траење на бракот до развод, големината на затворската популација...
Врз основа на овие 25 параметри, користејќи национални и меѓународни статистики, на својата скала за општествена успешност Грегори рангирал 17 демократски, економско развиени земји; освен европските, во неговиот примерок влегле САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд и Јапонија. Потоа, повторно користејќи резултати од националните анкети и статистиките на меѓународните организации, за секоја од овие земји го пресметал индексот на религиозноста, мерен со процентот на жители кои „буквално веруваат во библијата“, „одат во црква барем неколкупати месечно“, „веруваат во рај и пекол“, „веруваат во живот по смртта“...
Погодувате, двата показатели се во тесна корелација: Колку општеството е помалку успешно (поболно), тоа е порелигиозно.
Несигурноста и религиозноста
Студиите на Грегори не се мотивирани од потрагата за причинско-последичната врска помеѓу различните карактеристики на едно општество и степенот на религиозност на неговите членови. Идејата била да се расветли прашањето за варијацијата во степенот на религиозност меѓу државите и/или општествата со ист степен на социоекономски и културен развој. Со прашањето за факторите кои влијаат на движењето на стапката на религиозност во едно општество, односно причините за религиозноста, две години по втората студија на Грегори, во 2011 година, сакал да се позанимава психологот Најџел Барбер.
Поаѓајќи од теоријата која коренот на распространетото верување во бог го гледа првенствено во социоекономските нееднаквости помеѓу богатите и сиромашните, Барбер ја осмислил својата студија како тест за две меѓусебно поврзани хипотези:
• Хипотеза за несигурност: Религијата им помага на луѓето психолошки да ги надминат тешките и непредвидени ситуации.
• Хипотеза за егзистенцијална несигурност: Луѓето во економски и технолошки понапредните општества имаат поголема контрола над екстерните, средински фактори на несигурноста, заради што се помалку религиозни.
Запознаен со трудовите кои недвосмислено покажуваат дека економскиот развој и националното богатство не се секогаш во корелација со понискиот степен на религиозност, Барбер предвидел дека помалата распространетост на верувањето во бог ќе се сретне/измери во високо развиените општества во кои не постои длабок јаз помеѓу богатите и сиромашните, а постои висок степен на сигурност во задржување на работното место и стабилните приходи, пристапот до здравствена заштита...
За потребите на својата студија, Барбер собрал податоци за економската развиеност во 137 земји. Покрај стандардните параметри, како што се приходот по глава на жител, просечната заработка и стапката на вработеност, во анализата се вклучени уште цела низа показатели: еднаквоста во дистрибуцијата на богатството/приходот, населението опфатено со задолжително образование, процентот на жители со највисок степен на образование, процентот на населението кое живее од земјоделство...
Паралелно, врз основа на националните статистики и меѓународните анализи, за секоја од 137 земји вклучени во анализата Барбер го пресметал индексот на религиозност, дефиниран како „процент од жителите кои не веруваат во бог“ (Атеизам: Современи бројки и трендови).
Предвидувањата на Барбер биле потврдени: религиозноста е поголема во исламските, а пониска во комунистичките земји; опаѓа со падот на уделот на населението кое живее од земјоделство и растот на процентот на оние кои имаат највисок степен на образование; помала е во земјите со добар систем за здравствена заштита и поегалитарна распределба на богатството.
За жал, заради пропустот кој го направил Барбер во статистичката анализа, ниту од неговите студии не може да се заклучи дали економската нееднаквост ја причинува религиозноста.
Секој од показателите за економски и технолошки развој кои авторот ги зел предвид навистина се во корелација со распространетоста на религиозните убедувања во конкретното општество. Меѓутоа, проблемот е во тоа што помеѓу поединечните параметри за сигурноста, како и меѓу варијаблите на религиозноста/атеизмот, исто така постои корелација. Со други зборови, од неговата анализа не може да се види дали кој било поединечен показател за економската несигурност самостојно има ефект на растот на религиозноста.
Генерално, ваквите интер-корелации произведуваат уште поголем проблем: Негативната корелација помеѓу распространетоста на атеизмот и економската нееднаквост (помалку атеисти во општествата со поголем класен јаз) не дава одговор на прашањето дали луѓето се насочуваат кон бога заради класниот јаз или пак економската нееднаквост е знак за лошо здравје, кое потоа ги наведува луѓето да се насочат кон бога (на пример, коефициентот Џини е во корелација со преваленцијата на патогените).
Религијата: Лост на моќта во рацете на елитите – утеха на угнетените
Со внимателна анализа на податоците, група истражувачи од Универзитетот Јужен Илиноис, предводена од социологот Фредерик Солт, успеала да ги заобиколи пречките карактеристични за студијата на Барбер и претходните студии за религиозноста. Нивната студија, „Економската нееднаквост, релативната моќ и религиозноста“, се зема како пример за, досега најригорозен тест на хипотезата за несигурноста и како потврда дека причинско-последичниот однос помеѓу економската нееднаквост и религиозноста се движи од нееднаквоста кон верувањето во бог.
Солт и соработниците го започнале истражувањето со три прашања на ум:
1. Дали економската нееднаквост навистина е поврзана со степенот на религиозност?
2. Ако постои таква врска, зошто е тоа така: Дали луѓето кои живеат во неегалитарни општества помасовно посегнуваат кон верата во бог?
3. Ако одговорот на претходното прашање е потврден, дали тоа значи дека нееднаквоста промовира религиозност или пак, на некој начин, религиозноста ја продлабочува економската нееднаквост?
Со нивната анализа се опфатени 76 земји со различен степен на економски и технолошки развој и различни културни матрици. За секоја од нив, авторите го пресметале индексот на нееднаквоста (мерен со коефициентот Џини) и индексот на религиозноста, за чие пресметување користеле 12 показатели за силата на религиозните убедувања: верата во бога, верата во задгробниот живот, рајот и пеколот итн.
Прв наод: Сите 12 параметри за религиозноста се во позитивна корелација со индексот на економската нееднаквост.
Повеќестепената анализа на националните статистики од земјите кои биле разгледувани и резултатите од анкетните истражувања меѓу жителите на секоја од нив посебно, го покажала следното:
1. Постои силна врска помеѓу нивото на развиеност и степенот на религиозноста.
2. Муслиманските земји се карактеризираат со највисок степен на религиозност. По нив следуваат католичките и православните, во кои религиозноста е повеќе изразена отколку во протестантските земји. Најмалку религиозни има во комунистичките и посткомунистичките земји.
3. Економската нееднаквост силно ја поттикнува религиозноста, независно од висината на просечниот приход за дадената земја.
Најинтересниот наод: Во општествата кои се карактеризираат со поголема економска нееднаквост, и богатите и сиромашните се порелигиозни отколку во поегалитарните општества. И покрај тоа, според сите параметри на религиозноста, како што се зголемува нееднаквоста во општеството, религиозноста расте повеќе меѓу богатите отколку меѓу сиромашните.
Последното согледување ја потврдува веќе познатата хипотеза за тоа зошто неегалитарните општества се порелигиозни. Позната како теорија на депривација, таа сугерира дека сиромашните жители во земјите кои се карактеризираат со економска нееднаквост – во бог бараат утеха и надеж. Меѓутоа, авторите формулираат дополнителна хипотеза, теорија на релативната моќ, која вели дека со растот на нееднаквоста во едно општество, расте и религиозноста на богатите кои ја прифаќаат верата со цел да ја прошират на депривилегираните слоеви и да ги задржат освоените привилегии. Со други зборови, наместо да ја прифатат редистрибуцијата на богатството, елитите се насочуваат кон религијата, ја шират меѓу сиромашните слоеви од населението, пренасочувајќи ги нивните интереси од материјалното кон духовното.
Најпосле, Солт и соработниците се обиделе да продрат во суштината на врската помеѓу нивото на религиозноста и длабочината на јазот помеѓу богатите и сиромашните во едно општество. Значи, која појава е причинител за другата?
За да одговорат на ова прашање, авторите направиле анализа на движењето на религиозноста во САД, во периодот од педесеттите години на минатиот век до 2005 година. Во набљудуваниот период, според графиконот објавен во студијата, религиозноста на Американците доживеала значајни флуктуации. Потоа, направиле иста таква анализа во поглед на економската нееднаквост. Најпосле, применувајќи го методот на векторска авторегресија, биле во состојба да утврдат како вредноста на едниот или другиот параметар во одреден момент дејствува на вредноста на оној другиот параметар во некој момент во иднината. Едноставно кажано, можеле да утврдат дали флуктуациите кај индексот на религиозноста им претходат или ги следат флуктуациите кај индексот на нееднаквоста. Заклучоците се следни:
1. Растот на нееднаквоста во една година е следен со растот на религиозноста во наредната.
2. Врз основа на индексот на религиозноста во минатото не може да се предвиди вредноста на индексот на нееднаквоста во иднината.
3. Заради тоа, религиозноста е одговор на нееднаквоста, а не обратно.
Уште едно важно согледување до кое дошле Солт и соработниците: Задржувањето на економскиот јаз на фиксно ниво, со истовремено обезбедување раст на бруто домашниот производ, ќе дејствува на падот на индексот на религиозност во иднина. Пократко и појасно: Подигнувањето на стандардот води кон пад на бројот на религиозните.