1010 hPa
73 %
20 °C
Скопје - Пет, 11.10.2024 09:59
Џон и Миранда заедно имаат 28 години. Џон е осум години постар од Миранда. Колку години има Миранда?
Во епрувета се наоѓа една амеба. Секоја минута, таа се размножува со проста делба: од една, стануваат две; од две стануваат четири; од четири стануваат осум... Епруветата се полни до врвот за 60 минути. Ако во епруветата ставиме две амеби, колку време ќе биде потребно таа да се наполни?
Пет машини произведуваат пет сладоледи за пет минути. Колку време е потребно 100 машини да произведат 100 сладоледи?
На површината на едно езеро се создава колонија лилјани. Секој ден, нејзината површина се зголемува двојно. Ако лилјаните ја прекријат површината на целото езеро за 48 часа, колку време е потребно за да се зафати половина од езерото?
Палка и топче заедно чинат 1,10 долари. Палката е за еден долар поскапа од топчето. Колку чини палката?
Пред вас е Тестот за когнитивна рефлексија (CRT). Ниту открива каков математичар сте ниту колку сте интелигентни. На прв поглед, неочекувано, помага во проценката дали сте верник или атеист. Повеќе точни одговори, помала веројатност дека верувате во бога.
Стандардниот CRT се состои од три едноставни математички задачи. Трикот е во тоа што тие се осмислени на тој начин што можат да го измамат интуитивното – воедно неточно – решение. Психолозите го користат за да го утврдат доминантниот когнитивен стил, односно преферираниот начин на размислување и решавање на проблемите на испитаниците. Доколку на две од три прашања одговорите погрешно, спаѓате во интуитивните мислители, луѓе кои во мислењето и пристапот за решавање на проблемите претежно се потпираат на интуицијата. Ако пак дадете поголем број точни отколку погрешни одговори, се категоризирате во аналитичките мислители, луѓе на кои, кога решаваат проблем, им поаѓа од рака да ја сузбијат интуицијата и подлабоко да го промислат решението.
Тестот за когнитивна рефлексија и интерпретацијата на неговите резултати одржуваат груба дистинкција која ја прават психолозите помеѓу два начини на размислување:
• Интуитивно мислење, кое се одликува со брзина и спонтаност и кое според природата е рефлексно, се потпира на хеуристиката, асоцијативно е, холистичко и искуствено.
• Рефлексивно мислење, кое е побавно, бара свесно вложен напор и по природа е контролирано, систематско, аналитично, ги следи законите на логиката, и е „рационално“.
И едниот и другиот когнитивен образец имаат свои предности и недостатоци. Интуицијата ни овозможува брза, речиси автоматизирана интеракција со околината. Да речеме, во состојба сме врз основа на нечиј израз на лицето во дел од секундата да заклучиме дали таа личност е лута или радосна. Од друга страна, решавањето на математичките или логичките проблеми и правењето планови за иднината бараат постапност, систематичност и темелност. Особено во последниот случај – кога ја планираме иднината – не е лошо повеќепати да размислиме за можните последици на одлуките кои ги донесуваме.
Најголемиот дел од времето, интуитивниот и аналитичкиот систем функционираат паралелно, секој во својот домен. Не секогаш. Секогаш брза и одморена, интуицијата често доаѓа до решение за проблемот кој бара активно промислување. Одговорот што го генерира може да биде точен, но тоа често не е случај. Луѓето кои се понаклонети кон аналитичкото мислење се во состојба во такви ситуации да го отфрлат првобитното, самонаметнато решение и да го стават на проверка.
Кој од двата когнитивни стилови се совпаѓа со формирањето и одгледувањето на религиските убедувања?
Мислам, значи, грешам
Замислете дека на самрак шетате во шума на периферијата од градот. Со дел од окото, во грмушките недалеку од патеката по која минувате, сте забележале нешто. Што ви паѓа прво на ум: дека се работи за фрижидер, или дека се работи за некое животно со кое не би било лошо да се избегне контактот? Иако погоелми се шансите на приградската пошумена површина да налетате на парче фрлена покуќнина отколку на опасно животно, тешко е да се спречи првобитниот импулс.
Сега замислете малку поинакво сценарио. Одите по улица. Во пресрет ви доаѓа личност која држи нешто во рацете. Би рекле дека се работи за метален предмет. Го испушта од рацете и предметот, со отсечен звук, завршува на бетонот. Ништо чудно. Како би реагирале доколку предметот веднаш исчезне откако ќе падне на тлото? Или, уште подобро, да испушти крик и да истрча во непознат правец? Веројатно ќе бидете вчудоневидени. Всушност, металните предмети не врескаат и не трчаат.
Когнитивните психолози со ваквите фиктивни сценарија илустрираат некои, судејќи според сè, од вродените обрасци на функционирање на човечкиот ум – интуиции кои во мисловните процеси се манифестираат како когнитивни пристрасности. Така, да речеме, објектот за кој не сме сигурни што е го преципираме како нешто живо, иако со кратка рефлексија лесно би можеле да заклучиме дека веројатноста за нешто такво е многу мала. Во друг случај, се плашиме од можноста дека нешто може да го побие сето она што го знаеме за начинот на кој функционира и како е оформен светот околу нас.
Повеќето знаења за тој свет ги стекнуваме со директно искуство. За да ни биде јасен и за да можеме преку слушна интеракција со него да ги научиме лекциите кои се корисни за преживување, судејќи според сè, се раѓаме со веќе вградени пречки за негово спознавање:
• Секоја последица има своја причина.
• Причината ѝ претходи на последицата
• Нештото не може да се создаде од ништо.
Генерално, овие принципи се точни. Ни овозможуваат брзо и лесно да сфатиме дека огнот доведува до болни оштетувања на ткивото и ни овозможуваат да усвоиме корисно правило на однесување: „Да избегнуваме директен контакт со огнот!“ Проблемот се создава кога овие принципи ги генерализираме на домените кои се надвор од слушната реалност. Тогаш е можно некој одличен студент да не им го припише положениот испит на својот труд и на своите способности, туку на „среќната маица“, а крадецот кој е фатен на дело да го апстрахира своето дело, „обвинувајќи“ ја за апсењето црната мачка која тоа утро му го пресекла патот.
Слично е и со претходно опишаните когнитивни пристрасности. Тие не се само бескорисни остатоци на примитивниот ум заради кои себеси и/или на другите можеме да им бидеме смешни. Дури и во контекст на некој модерен излет, покорисно е доколку безопасното шумолење на лисјата и движењето на сувите лисја го протолкуваме како можност за средба со змија, отколку дека движењето на змијата низ паднатите суви лисја го перципираме како едноставна последица на струењето на воздухот. Исто така, зачуденоста од необичното не е само последица на заостанатиот ум. За да преживееме во него, светот мора да ни биде колку-толку предвидлив, а ние да бидеме побудни за сè што ги поништува правилностите на кои се темелат нашите предвидувања. Во спротивно, секој ден би учеле сè одново.
Мислам, значи, верувам во бог
Меѓу 1 500 различни култури – исчезнати и актуелни – со кои антрополозите се занимаваат до ден денешен, буквално немаат ниту еден пример за заедница која не познавала некаков облик на религиско верување. И во овој момент планетата доминантно ја населуваат верници: се проценува дека од 88 до 93 проценти од светската популација веруваат во бог или во богови. Зошто? Од каде доаѓа толкавата распространетост на религиjaта?
Еден од традиционалните одговори гласи: Затоа што човечкиот живот е страдање. Злото е насекаде околу нас; оние кои ги сакаме ќе умрат еден ден; порано или подоцна, ќе умреме и ние – бавно и болно, или брзо и болно. За огромното мнозинство, живтотот е навистина тежок, брутален и краток. Ако нашите животи имаат некакво подлабоко значење, тоа е сè, освен очигледно.
Можеби, како што своевремено предложил Маркс, религијата сме ја усвоиле како еден вид опијат кој ги ублажува болките на човечката егзистенција. Можно е, на линија со филозофот Сузан Лангер, едноставно да не можеме да го поднесеме хаосот. Верата во натприродното го решава проблемот на хаосот и бесмислата; не сме ствари, туку битија кои бог ги креирал од љубов и на чии цели им служиме. Постои и опција религијата да ни одговара затоа што нуди слика за праведен свет; доброто ќе биде наградено, а злото ќе биде казнето. Повеќе од сè, религијата му се обраќа на нашиот страв од смртта. Сигмунд Фројд, кој денес не е толку популарен, пишуваше за трите функции на верата: таа мора да го ублажи теророт на природата, мора да го помири човекот со суровата судбина – пред сè со смртта – и мора да понуди компензација за страдањето и лишеноста кои му ги донесува цивилизираниот живот.
Понекогаш религиите одговараат на сè што е предложено. Меѓутоа, ова гледиште за нејзиното потекло страда од еден непремостлив проблем: Ветувањето не може да ни пружи утеха ако не веруваме дека тоа ќе биде исполнето. Во контекст на религијата, идејата за рајот му делува примамливо и утешно единствено на човекот кој верува дека такво место навистина постои и дека тој ќе отиде таму. Објаснувањето на религијата без објаснување на религиското верување не може да биде задоволувачко.
Теоријата за религијата како опијат наидува и на проблемот на ограниченоста. Имено, додека во случајот на монотеистичките религии може да биде од корист и има извесна експланаторна моќ, таа нема што да каже за „малите“ религиски системи кои воопшто не допираат до метафизичките прашања за спасот, вечниот живот, проклетството...
Алтернативната теорија ја набљудува религијата преку нејзината кохезивна општествена улога: Верата ги поврзува луѓето, ги здружува и со тоа им обезбедува предност во однос на оние кои не можат да сметаат на тој фактор. Ваквото објаснување понекогаш е формулирано со термините на еволуцијата, во смисла на опстанокот на најприлагодените, со тоа што како мета на селекцијата не ги кандидира гените, или поединците како нивни носители, туку групите. Без разлика дали е во тој облик и дали е културолошко, објаснувањето се сведува на истото: Религијата опстанува затоа што опстануваат групите и заедниците кои ја негуваат. Деталите на религиската практика – ритуалите, иницијациите, остракизмот кон „отпадниците“, латентната или манифестната нетрпеливост кон различноста – се осмислени за да ги јакнат чувствата на заедништво, солидарност и единство кај верниците.
Теоријата за религијата како социјално лепило објаснува речиси сè во врска со религијата и речиси ништо во врска со религиозноста. Нема сомнение дека ритуалите можат да ја зајакнат групата, веројатно и да ѝ дадат предност во однос на групата која не ги практикува, но прашањето зошто се верува и понатаму останува отворено.
Наспроти големиот број религии и уште поголемата разновидност на религиозните практики, сите верници генерално негуваат две исти фундаментални убедувања:
• Светот, со предумисла го создало нешто натприродно и семоќно.
• Освен смртното тело, човекот поседува вечна душа.
Превалентноста на религиите ги навела истражувачите на верата да почнат да размислуваат како за природна состојба на Хомо сапиенсот. Униформноста на фундаменталните убедувања на верниците – независно од религиската припадност – ги навела психолозите да почнат да се занимаваат со потеклото на религиите, поточно, со потеклото и природата на религиозните убедувања. Тие сè повеќе доаѓаат до консензус дека религиозните убедувања се нуспроизвод на когнитивната структура на човечкиот ум и, во малку помала мера, специфичностите на социјалниот контекст на припадниците на човечкиот вид.
Телата и душите
Теоријата за религијата како нуспроизвод на когницијата поаѓа од премисата дека дистинкцијата помеѓу физичкото и психолошкото е фундаментална карактеристика на човечкото мислење. Светот го разбираме како да е составен само од физички ентитети – потполно детерминирани од законите на физиката – и психолошки ентитети, како што се луѓето, за кои сфаќаме дека имаат ум, желби, намери, цели, па како последица на тоа, се однесуваат многу помалку предвидливо. Од каде доаѓа таа разлика? Дали таа е научена или се раѓаме со мозок кој е дизајниран така да ја препознава?
Би било прекрасно кога би можеле да ги прашаме бебињата, и тоа на што порана возраст. Меѓутоа, тие не зборуваат и речиси е невозможно да се знае што мислат. Развојните психолози, пак, откриле дека прават нешто друго: подолго го задржуваат погледот на нешто необично или бизарно. Истражувањата со техниката за следење на погледот и мерење на неговото задржување во одредена точка, со бебиња како субјекти, во последните децении донеле неверојатни сознанија.
Шестмесечното бебе разбира дека физичките објекти подлежат на законот за гравитација. Ако му прикажете објект кој мирува на маса, а во следниот кадар истиот тој предмет како „стои“ во воздухот, бебето ќе биде изненадено; очекува објектот да падне. Наспроти класичните развојни теории, поновите истражувања покажуваат дека бебињата на многу рана возраст разбираат дека предметите продолжуваат да постојат и кога не ги гледаат. Покажете му на бебето одреден предмет, а потоа покријте го со нешто. Почекајте неколку моменти. Ако предметот, откако ја тргнете блокадата, повеќе не е тука, бебето ќе биде изненадено. Излегува дека бебето кое сè уште не е старо шест месеци ги разбира и наједноставните математички принципи. Јасно нека види дека зад непровидната завеса ставате еден, па друг предмет. Тргнете ја завесата. Доколку сега таму се наоѓа само еден објект, бебето ќе гледа подолго отколку, ако, во согласност со неговите очекувања, двата предмети се тука.
Подеднакво изненадувачки резултати се добиени и во психолошките експерименти со кои е тестирано како и колку малите деца го разбираат социјалниот свет, составен од психолошки ентитети кои се во интеракција. Новороденчето подолго ги набљудува човечките лица отколку предметите, со јасно изразена преференција кон мајчиното лице. Исто така, повеќе сака да слуша снимка со човечки глас, отколку снимка со звуци од други извори, повторно, јасно преферирајќи го мајчиниот глас. Многу брзо учи да ја чита фацијалната експресија – изразите на лицата кои покажуваат радост, лутење, тага. Веќе на возраст од една година, разбира дека човекот има намери и дека се однесува во согласност со нив.
Според теоријата која ја набљудува религијата како нуспроизвод на човечкиот когнитивен апарат, кога се раѓаме нашиот мозок практично содржи два компјутери, кои ги движат два различни софтвери и кои започнуваат со работа во различни развојни периоди; разбирањето на физичкото му претходи на разбирањето на психолошкото. Како доказ дека станува збор за два дистинктивни системи, најчесто се наведува аутизмот – невропсихолошко нарушување кое резултира со неразбирање на психолошката (интензионалната) и социјалната област, со целосно зачуван капацитет за разбирање на физичкиот свет.
Значи, за човечкиот когнитивен апарат можеме да зборуваме како за две биолошки адаптации, кои уште од раѓањето ни помагаат да ги разбираме и да стапуваме во интеракција со физичките и психолошките ентитети. Таквата когнитивна структура на човекот го прави двојно понаклонет да верува во натприродното и да формира религиозни убедувања:
• Светот на објектите го перципираме како суштински поинаков и одвоен од светот на умот, што ни овозможува да го замислиме телото без душа и да ја замислиме душата надвор од телото, нè прави природни дуалисти.
• Спознанието дека желбите, целите и намерите можат да бидат причина за физичкото однесување нè прави понаклонети да ги вчитуваме желбите, целите и намерите таму каде што ги нема, нè прави природни анимисти и креационисти.
Вродениот дуализам: Несвесните тела и бестелесните души
Дуалистичкиот карактер на нашето доживување на светот природно произлегува од нашата когнитивна структура; еден когнитивен механизам управува со перцепцијата и сфаќањето на физичкото, а друг со забележувањето и разбирањето на менталниот и социјалниот реалитет. Интуитивно, телото го доживуваме како нешто различно и одвоено од умот. Тешко прифаќаме дека ние сме нашето тело; за него повеќе мислиме како за обвивка на свесното јас, како за нешто што го поседуваме и населуваме.
Од луѓето на Хомер кои се претворени во свињи, преку Грегор Самса на Кафка кој се трансформира во бубачка, до Кирк, јунакот од Ѕвездени патеки чие тело го запоседнува злиот противник и ја презема управата над Ентерпрајз, немаме никаков проблем да го разбереме сценариото во кое човечкото тело доживува моќни промени, а неговата личност останува иста. Се разбира, ние не мислиме дека тоа навистина се случува; свесни сме дека станува збор за фикција, но многу ни е сфатливо дека личноста може да биде раздвоена од своето тело. Религиите ширум светот изобилуваат со такви трансформации.
Идејата за бесмртната душа – која може да постои и без тело – е апсолутно спротивна со научниот поглед на човечкиот ум. Навистина, не постои единствена и општоприфатена теорија на човечкиот ум, но може да се каже дека во психологијата и невронауката доминира ставот кој понекогаш се парафразира со девизата: Умот е она што го прави мозокот. Со други зборови, мозокот е извор на нашиот ментален живот; свеста, емоциите и волјата не се ништо друго туку производ на невралните процеси.
Повторно децата. Прашајте ги шестгодишниците за мозокот и ќе ви кажат дека тој ни помага да гледаме и слушаме. Ако станува збор за деца кои пораснале со западната традиција, ќе го поврзат мозокот со мислењето. Меѓутоа, таа врска децата ја замислуваат многу тесно. Мозокот помага за да се напише домашна работа по математика, но нема врска со тоа што детето го сака својот брат или што ѝ се налутило на другарката. Детето го прави тоа само. Постои јас, личност и постои мозок.
Ако телото и душата се нешто одвоено и различно, тогаш можат да постојат едно без друго. И навистина, многу луѓе ги сфаќаат мртовците како тело кое го напуштила душата во моментот на смртта. Често, барем за некои животни размислуваат како за „празни“ тела. Наспроти тоа, монотеистичкиот бог е омнипотентен, сезнаен, милосрден... И нема тело во вистинската смисла на тој збор. Некаде помеѓу се наоѓаат ангелите, духовите, демоните и сличните битија кои се бестелесни, но повремено можат да бидат во туѓо тело или да се „прикажат“ како телесни.
Когнитивната конструкција која ги дозволува ваквите убедувања е плодно тло за верувањето дека човечката душа може да го надживее телото. Откако телото ќе умре, таа може да продолжи да живее во рај, пекол, паралелен универзум, во некое друго – човечко или животинско – тело.
Стандардната критика на когнитивната теорија за потеклото на религијата често се фокусира токму на хипотезата за вродениот дуализам. Се вели дека верувањето во живот по смртта не мора да биде условено со дуализам, туку работата може да биде обратна; можеби тоа што сакаме да веруваме во задгробен живот нè прави дуалисти. На пример, таква била позицијата на Фројд. Сметал дека доктрината на душата се создала како решение за проблемот на смртта: Ако душата може да го надживее телото, тогаш свеста нема крај. Слично, се вели, верата во живот по смртта може да биде и културно условена: Луѓето веруваат во бесмртност на душата затоа што на тоа ги наведуваат верските авторитети, на кои им е полесно да ги покорат и контролираат масите.
Прашањето за каузалноста е лизгав терен, особено во психологијата. Меѓутоа, теоријата дека религијата како нуспроизвод на когницијата стекнува имунитет на наведените приговори. Имено, сè повеќе експериментални докази упатуваат на заклучокот дека интуициите за бесмртноста на душите произлегуваат од начинот на кој е склопена човечката когнитивна структура.
Во интересната студија на двајца американски психолози, Џеси Беринг и Дејвид Бјорклунд, на деца им била раскажана приказна, следена со приказ на фотографии кои ја илустрираат, во која алигаторот ќе го изеде глушецот. Откако ќе ја слушнат приказната, истражувачите на децата им поставуваат прашања за биолошката и психолошката „судбина“ на глушецот. Најпрвин, децата се сложуваат дека глушецот е мртов. Дали некогаш повторно ќе мора да оди во тоалет? Не. Можат ли неговите уши да слушаат? Не. Дали неговиот мозок и понатаму работи? Не. Накратко, врз основа на одговорите може да се заклужи дека децата се сигурни дека глушецот како тело е мртов. Од друга страна, дали по смртта глушецот ќе огладни? Дали ќе размислува за алигаторот? Дали ќе сака да си оди дома? Да, да и да. Иако сè уште не можат тоа да го формулираат на јасен начин, за децата душата на глушецот и понатаму е жива.
Вродениот креационизам: Сè е планирано
Во 1944 година, социјалните психолози Фриц Хајдер и Мери-Ен Зимел направиле едноставен филм во кој геометриски облици – кругови, квадрати и триаголници – се движат раскажувајќи приказна. Откако луѓето го изгледале филмот, за геометриските облици зборувале како за одредени видови личности – насилен триаголник, злобен квадрат, добродушен круг – со ссопствени желби, намери и цели.
За што се работи? Како многу социјални битија, еволуцијата ни вградила засилена чувствителност за намерно, насочено дејствување. За да преживееме во постојана интеракција со другите интелигентни битија, нужно е да умееме да правиме разлика помеѓу намерното, насочено, посакувано однесување и случајните работи. Поинаку ќе реагирате ако некој случајно ве допре на поминување, отколку кога би воочиле дека личноста намерно сака да се судри со вас.
Како што способноста да го разбереме физичкиот и психолошкиот свет нè прави понаклонети кон дуализмот, така способноста да го детектираме насоченото дејствување нè врзува за креационизмот – идеја дека универзумот е последица на намерно, свесно, интелигентно дејствување. Тоа е другиот елемент на човечкиот когнитивен апарат на кој се базира неговата подложност на религиското мислење и формирањето на религиозните убедувања.
Навистина, понекогаш не е лесно да не се воочат дизајнот и намерата таму каде што ги нема. За што служи окото ако не за гледање? Зарем не е создадено со таа цел? Зарем зелените бубачки не се направени зелени за да се стопат со листот со кој се хранат?
Ако нешто е производ на дизајн, тогаш мора да постои и дизајнер. Всушност, пред Дарвин не ни постоела идеја дека нешто комплексно како биолошките системи може да биде производ на еоните, долго натрупување на минијатурни, случајно настанати промени (мутации) на поедноставните системи. Не е малку иронично тоа што човечкиот мозок, исклучително комплексна биолошка машина, како да е дизајниран тешко да ја прифаќа и разбира теоријата за еволуција на Дарвин.
Точно, теоријата за еволуцијата е во конфликт со сите главни монотеистички доктрини. Меѓутоа, проблемот е подлабок. Теоријата на Дарвин се прифаќа по вложениот интелектуален напор, додека креационизмот е прифатлив веќе на ниво на интуиција. Четиригодишното дете може да ви каже дека лавот постои за да го гледаме во зоолошка градина; облаците постојат за од нив да врне дожд; листовите му овозможуваат на ветерот да дува.
Бог е интуитивен
Децата, од разбирливи причини, не се добри аналитичари. Возрасните го поседуваат тој капацитет, но сите не го користат во еднаква мера. Ако религиозното мислење е мислење кое се потпира на интуиција, тогаш луѓето кои повеќе го практикуваат аналитичкиот резон би требало да бидат помалку религиозни. Заради тоа, психолозите почнале да го користат тестот за когнитивна рефлексија како тест за теоријата дека религијата е нуспроизвод на когницијата.
Истражувањата покажуваат дека врската навистина постои. Серија студии кои ги изведе група американски истражувачи, предводена од харвардскиот психолог Џошуа Грин, покажаа дека поголемиот број интуитивни (воедно неточни) одговори на прашањата од тестот за когнитивна рефлексија, позитивно корелира со верата во бог и бесмртноста на душата, како и со интензитетот на ваквите убедувања. Корелацијата опстанува и кога ќе се земат предвид социодемографските карактеристики на испитаниците, како што се образовниот статус и политичкото определување, па дури и кога се контролираат варијабли како општата когнитивна способност (IQ) и цртите на личноста за кои од претходно е познато дека се поврзани со религиозноста (на пример, низок резултат на димензијата отвореност, а висок на димензијата совесност).
Темпоралната димензија во развојот и зацврстувањето на религиозните убедувања ги навела Грин и соработниците на заклучокот дека когнитивниот стил е карактеристика која ја условува верата во бог и бесмртноста на душата, а не обратно. Ако тоа е точно, тогаш и краткорочното наведување на испитаникот на аналитичко мислење би требало да се рефлектира на силата на самопроценетата религиозност. За да го испитаат тоа, истражувачите им дале задача на дел од испитаниците, накратко да ја опишат ситуацијата во која ѝ поверувале на сопствената интуиција и добиле позитивен, односно негативен исход. Другата половина од субјектите добила задолжување накратко да ја опише ситуацијата во која потпирањето на аналитичкото размислување продуцирало позитивен, односно негативен исход. Резултат: испитаниците чија задача било да го опишат позитивниот исход од интуитивното резонирање или негативниот исход од аналитичкото размислување, индуцирале посилни религиозни убедувања.
Проблемот со вака дизајнираната задача може да се согледа во тоа што испитаниците можеле да ја претпостават хипотезата на истражувачите. Неретко, испитаниците потоа одговараат на начин со кој ќе ги задоволат претпоставените цели на експериментаторот. Канадските психолози од Универзитетот Британска Колумбија, Вил Џервајс и Ара Норензајан, се обиделе да ја прескокнат оваа пречка со пософистицирани методи за манипулација на мисловните процеси на испитаниците.
Откако на примерок со канадски студенти, како и Грин и колегите, утврдиле корелација помеѓу когнитивниот стил и религиозноста, преку интернет регрутирале друг примерок кој бил сличен според демографските карактеристики. Во наводната задача за препознавање, на дел од испитаниците им била прикажана фотографија од Мислителот на Роден, а на другата половина учесници во студијата им била прикажана фотографија од античката скулптура Фрлач на диск. Потоа сите субјекти одговарале на прашалник, практично тест за различни димензии на религиозноста. Групата измамена со Мислителот – асоцијација на систематско размислување – ја проценила својата религиозност како пониска (42 од можни 100 поени), отколку групата изманипулирана со Фрлачот – асоцијација на помалку интелектуален потфат (64 од можните 100 поени).
Во наредниот експеримент, испитаниците имале задача да формираат реченици од сетови со понудени зборови. Сетовите биле конструирани на тој начин што во некои реченици морале да бидат употребени термини како што се „анализирање“, „размислување“ и сл., додека при составувањето на контролните реченици морале да бидат употребени неутрални зборови како „висок“, „рамница“ итн. Повторно е добиен истиот резултат: субјектите од експерименталната група ја проценувале сопствената религиозност како послаба во однос на оние од контролната група.
Финалниот експеримент се базирал на ингениозна досетка на истражувачите. Поаѓајќи од познатиот факт дека читањето на текстот кој е напишан со нечитливи букви бара вложување на поголем когнитивен напор, на дел од испитаниците им дале прашалник – скала на религиозноста – испечатен со букви кои тешко се читаат; контролната група испитаници добила стандардно испечатен документ. Резултат: кај испитаниците кои морале да се внесат за да ги разберат прашањата од прашалникот е измерен понизок степен на религиозност во однос на контролната група субјекти.
Треба да се има предвид дека резултатите од експериментот кои се засновани на измама не можат да се толкуваат како сугестија дека со наведување на аналитичко размислување луѓето од верници можат да се трансформираат во атеисти, или обратно, дека наведувањето кон интуицијата може да се користи за конвертирање на атеистите во верници. Извесно, резултатите покажуваат дека карактеристичниот начин на размислување влијае на тоа како некој ќе се постави кон идеите за бог, бесмртната душа, задгробниот живот. Попрецизно, ваквите истражувања сугерираат дека религиозните луѓе, доколку повеќе се потпираат на критичкото размислување, веројатно послабо ќе се држат до својот религиозен поглед на светот.