Дали се раѓаме стрејт, геј...?

03.08.2013 11:58
Дали се раѓаме стрејт, геј...?

Ако му го поставите ова прашање на психолог, ќе ве замоли прво да ги дефинирате поимите „стрејт“ и „геј“.

Кога на најосновно ниво зборуваме за стрејт личностите, всушност, зборуваме за телата кои сексуално ги возбудуваат телата од спротивниот пол. Лабораториските студии, како оние кои последниве години ги прават психолозите Мајкл Бејли од Универзитетот Нортвестерн и Мередит Чиверс од Универзитетот Квинс, ги сугерираат заклучоците кои се појавуваат во истражувањата на психологијата на сексуалноста уште од времето на Алфред Кинси:

1. Иако исклучително стрејт личностите недвосмислено постојат, не е нималку невообичаено, оние кои се идентификуваат како стрејт, барем малку да ги интригира идејата за сексуалниот однос со личност од истиот пол.
2. Жените се пофлексибилни во поглед на сексуалниот идентитет и тие се понаклонети да го менуваат во еден или друг правец за време на својот живот.

Да ги занемариме студиите и да речеме дека сите кои се самоидентификуваат како стрејт – се „идеално“ стрејт. Ако сега му го поставите прашањето, дали тие се родени такви, на развоен психолог или бихејвиорален генетичар, ќе го добиете следниот одговор: бебето не може сексуално да го возбуди специфично сценарио; со други зборови, нема начин со кој ќе утврдиме дали суштеството кое само што дошло на овој свет е стрејт или геј.

Што знаел секој геј отсекогаш

Ок, дали, во тој случај, постојат облици на однесување кои ги изразува детето од најраните денови, а врз чија основа е можно релативно веродостојно да се предвиди неговата сексуална ориентација како возрасна личност? Дали децата ни сигнализираат, дека кога ќе пораснат ќе ги привлекуваат личности од спротивниот, истиот или од двата пола? Во одредена мера, одговорот е – да. Затоа возрасните геј личности од двата пола често зборуваат дека уште од најраното детство знаеле дека така се родени. Поголемиот дел од луѓето кои се стрејт би можеле да го направат истото, иако не е вообичаено стрејт личноста да биде прашана кога сфатила дека е стрејт. Сè на сè, матриците на однесување од раното детство се во корелација со сексуалната ориентација во зрелата возраст.

Мелиса Хајнс, психолог од Кембриџ, собрала докази од овој вид, занимавајќи се со девојчиња со вродена адренална хиперплазија. Адреналната хиперплазија предизвикува зголемено ниво на андроген – „маскулинизирачки“ хормон. Животните истории на жените со ова нарушување сведочат за тоа дека како девојчиња тие изразувале интерес за типично машки игри и активности. Истовремено, лезбејките и бисексуалките ги има значително повеќе процентуално во популацијата на овие жени отколку во општата женска популација.

Важна напомена: тоа што вашето синче, растејќи со постарата сестра или омилена другарка од соседството, покажува интерес за нејзините кукли и „кујнскиот прибор“, самото по себе не значи ништо, односно не може да биде основа за извлекување на далекусежни заклучоци. Ако размислите малку подобро, одлуката што се машки, а што женски играчки е исклучително културолошки условена. Во крајна линија, фигурите на супермен, спајдермен, вселенските и другите воини кои им ги купуваме на машките деца се кукли (често е можно да се менуваат шлемовите, појасите, наметките, чизмите, односно да се пресоблекуваат); одлуката овие кукли да ги нарекуваме акциони јунаци, а не кукли, е резултат на договор.

Да им се вратиме на научните истражувања на психологијата на сексуалноста. Еден од клучните проблеми на психолошките и истражувањата во општествените науки се однесува на нивната еколошка валидност. Оваа невешта синтагма, „еколошка валидност“, се однесува на прашањето до која мера резултатите на некои студии можат да се генерализираат; на пример, дали резултатите добиени од примерокот со жени со вродена адренална хиперплазија можат да се пресликаат на општата популација; дали анкетите во кои ги прашуваме испитаниците самите да ја одредат сопствената сексуална ориентација, доколку се изведени меѓу студентите, можат да се интерпретираат како да важат за целата популација, итн. Одговорот е – не.

Културно моделирање

Психологијата на сексуалноста е типична западна истражувачка програма, во смисла дека тоа е тема со која се занимаваат истражувачите од индустриски развиените земји, истражувајќи ги популациите на земјите во кои живеат и работат. Последниве години, со развојот на психолошката антропологија, расте бројот на студии кои се обидуваат да ги опфатат и другите култури. Врз основа на нив, за сега може со веродостојност да се каже дека однесувањата за кои сметаме дека се карактеристични за едниот или другиот пол, речиси универзално, односно во низа различни култури, се сметаат за поврзани со сексуалната ориентација.

Некои култури дури и развиле категории на „третиот род“ за да ги „нормализираат“ хомосексуално ориентираните припадници. На пример, во Самоа, момчињата кои се феминизирани од мали нозе, околината ги смета за судбински предодредени за хомосексуалната ориентација. Самоанците не ги нарекуваат момчиња; за нив го користат зборот „fa’afafine“, кој е невозможно да се преведе на европските јазици кои не го познаваат третиот род, но во слободен превод би можело да значи „на женски начин“. Таквите момчиња се одгледувани како девојчиња, а кога ќе пораснат живеат како жени – нивните сексуални партнери се стрејт мажи. Во психологијата, оваа појава се нарекува „хомосексуална трансродност“ – феминизираниот хомосексуалец се одгледува како девојче и живее како жена, односно ја презема половата улога на жените, но без промена на полот. За разлика од самоанската, иранската култура на истата појава реагира сосема поинаку: феминизираниот хомосексуалец може да бира помеѓу промена на полот (транссексуалност) и смртната казна.

Самоа и Иран се екстремни. Огромниот меѓупростор го населуваат културите во кои поединците се изложени на помал или поголем притисок да изгледаат и да се однесуваат стрејт. Лиса Дајмонд, развоен психолог од Универзитетот во Јута, во тој контекст, во еден од своите трудови се прашува: „Ако е природно да се биде стрејт, зошто тоа бара толкав надзор?“

Сепак, биологија

Напсроти културолошките специфичности и наспроти фактот дека да се биде геј, односно да се биде стрејт, во извесна мера е нешто кое ни одблизу не е црно-бело, се чини дека постојат докази за биолошката условеност на сексуалната ориентација. Реј Бланшард, истражувач од Универзитетот во Торонто има теорија која се базира на редоследот на раѓањето на машките потомци (fraternal birth order effect или FBOE). Според неа, секој нареден машки потомок од иста мајка има поголеми шанси да биде геј. Зошто? Накратко, хипотезата е дека реакцијата на имуниот систем на жената со текот на времето кумулативно зајакнува во однос на машките фетуси и го намалува маскулинитетот на мажите кои ќе се развијат од овие фетуси. Сепак, станува збор само за теоретско објаснување на феноменот кој е статистички вистинит – почесто, геј мажите се третиот или четвртиот потомок. Од друга страна, иако биолошко, ова објаснување на хомосексуалноста се толкува како последица на пренаталното опкружување, т.е биохемиската состојба на матката. Значи, не станува збор за тоа дека поединецот се раѓа со генот што го детерминира како геј или стрејт личност.

Во потрага по стрејт генот, развојните психолози и бихејвиоралните генетичари спровеле низа методолошки ригорозни студии со монозиготни (еднојајцени) и дизиготни (двојајцени) близнаци. Најверодостојното што може да се каже на таа основа е дека – гените играат одредена улога. Имено, веројатноста дека двајцата еднојајцени близнаци (тие имаат идентичен генетски код) ќе бидат стрејт, односно геј, е поголема отколку кај двојајцените близнаци, но процентот на исклучоци е доволно голем за да може да се изведе недвосмислен заклучок. Фактот дека нема стопроцентно совпаѓање во сексуалната ориентација на еднојајцените близнаци само делумно може да се објасни со тоа што, зависно од тоа кога оплодената јајце-клетка се поделила на две идентични, еднојајцената двојка не мора да ја има истата плацента. Ако ова би било единственото објаснување, тогаш повторно не се работи за гените, туку за внатрешното опкружување на матката.

Дека сексуалната ориентација сепак има вродена компонента сведочат и податоците добиени од релативно мал примерок на деца, кои заради повреди или затоа што се родени без пенис, со хормонска терапија и соодветни хируршки зафати, во раното детство биле трансформирани во девојчиња. Во возрасниот период нив сексуално ги привлекуваат жени. Овој наод има многу длабоки импликации. Меѓу другото, тој гласно одговара на прашањето зошто обрасците на воспитивање или бихејвиоралните терапии немаат ефект во „претворањето“ на геј поединците во стрејт личности. Тоа веројатно не би функционирало ни во спротивната насока, но сè уште никој не се обидел да го направи тоа.

Доказите за истата теза, но од друг агол, ги собирал Рејмонд Хејмс, културен антрополог од Универзитетот во Небраска, со своите студенти. Тие документирале многу поголем број култури отколку што би можеле да претпоставиме, во кои редовните хомосексуални „дружења“ помеѓу возрасните мажи и момчиња се вообичаени. Поголемиот дел од момчињата не се дел од таквите игри според сопствената воља, туку тоа го прават под притисок на средината – „затоа што така треба“. Податок што е релевантен за оваа тема: хомосексуалноста, дефинирана така како што се дефинира во западната култура, не е пораспространета во културите со кои се занимавале Хејмс и неговиот тим. Со други зборови, хомосексуалното искуство, дури и ако е повторено, па дури и ако се стекне во детството, нема во одредена мера да ја обликува возрасната геј личност. Освен тоа, наспроти широко распространетото убедување, тврдењата дека децата кои се жртви на сексуално насилство почесто израснуваат во хомосексуални личности, не можат да ги поминат строгите методолошки критериуми на денешната наука.

Зошто не изумреле геј гените?

Човекот е машина за репродукција кога се набљудува како биолошки систем. Нашата биолошка основа не ја интересира ништо друго освен перпетуирањето на сопствените гени во наредната генерација. Како се вклопува тоа во постоењето на „геј гените“, имајќи предвид дека сексуалниот однос помеѓу две личности од ист пол не може да резултира со потомство? Со други зборови, поседувањето такви гени ѝ штети на „природната цел“ за репродукција и се поставува прашањето зошто природната селекција не ги елиминирала од нашиот геном.

Прашањето е сосема на место и покрај тоа што има анти-геј призвук. Меѓутоа, неопходни се одредени оградувања. На пример, тоа што геј двојките не можат да „произведат“ заеднички деца не значи дека геј поединците не можат да имаат деца. Често ги имаат; лезбејките ги имаат со вештачко оплодување, а хомосексуалците со донирање на сперма. Но, секако, таквите случаи ги нема доволно за да може со тоа да се објасни постоењето на маладаптивните гени. Исто така, геј личностите кои имаат потомци, во просек имаат помалку деца отколку хетеросексуалните луѓе, а тоа, долгорочно гледано, ги прави послабо адаптирани.

Сајмон Левај, невронаучник од Институтот Салк на Универзитетот во Сан Диего, е еден од најупатените во овој парадокс. Во својата книга “Gay, Straight, and the Reason Why: The Science of Sexual Orientation” нуди неколку интересни можни објаснувања.

За да се разбере зошто и како маладаптивните гени можат да „преживеат“, во конкретниот случај треба да се има предвид дека геј личноста не е единствен носител на таканаречените геј гени. Имено, нив ги поседуваат и еден дел од биолошките роднини. На пример, сестрите на геј маж можат да бидат носители на истите геј гени. Но, затоа што различни гени управуваат со машката и женската хомосексуалност, тие гени нема да ги претворат нив во лезбејки. Ако геј мажот на кој било начин им помогне на своите сестри да одгледаат повеќе деца отколку што би биле во состојба тоа да го направат без неговата помош, со тоа тој може да го надомести „минусот“ што се создал заради тоа што тој нема свое потомство.

Неопходно е едно објаснување за да се сфати логиката на аргументот на Левај, која се базира на биолошкиот поим за „роднинската селекција“. Од биолошки аспект, „природната цел“ е префрлување на гените во наредната генерација. Значи, централната фигура не е поединецот, туку неговите гени. Имајќи предвид дека родените браќа и сестри носат гени од исти родители, односно имаат висок процент од истите гени, сите браќа и сестри не мораат да имаат сопствени деца за дадените гени да можат да се пренесат во наредната генерација.

Дали геј мажите им помагаат на своите сестри во одгледувањето на потомството? Иако, во тој поглед тие се порасположливи во однос на стрејт браќата, студиите покажуваат дека таа помош не е доволна за да се објасни опстанокот на геј гените преку роднинската селекција.

Другата интересна хипотеза сугерира дека машките гени кај женските носители директно позитивно делуваат на репродукцијата: сестрите и женските роднини на геј мажите имаат поголем број на деца отколку што би имале, благодарение на тоа што носат геј гени. Имено, ако на гените за машката хомосексуалност гледаме како на гени кои кај мажите генерираат сексуална привлечност кон мажите, тогаш, логично е дека истите гени, кога ги носат жените, кај нив генерираат посилна сексуална привлечност кон мажите. Консеквентно, тоа ја зголемува веројатноста дека ќе имаат поголем број деца. Истата логика би важела и во обратната насока: кога „лезбејските гени“ ги поседува маж, тие ја прават посилна неговата сексуална привлечност кон жените.

Сајмон Левај наведува дека постојат противречни резултати од тестирањето на оваа хипотеза; има студии кои ја потврдуваат, но и студии кои ја побиваат.

Според една поинаква идеја, машките хетеросексуални роднини на геј мажите имаат репродуктивна предност благодарение на тоа што се носители на „неизразени“ геј гени. Авторот на оваа хипотеза е економски математичар, Ед Милер од Универзитетот во Њу Орлеанс. Еве како изгледа неговото теоретско објаснување:

Постои група гени која мажите ги прави феминизирани во психолошка смисла. Мажите кои носат два или три вакви гени и понатаму се хетеросексуални, но во одредена мера се феминизирани: тие се помалку агресивни, помалку емпатични и слично. Станува збор за особини кои се ценети кај жените, кога избираат долгорочен партнер. Практично, тоа што имаат поизразени „женски карактерни црти“ ги прави попривлечни за спротивниот пол и со тоа ја зголемува веројатноста дека ќе остварат потомство.

***

Прашањето дали се раѓаме стрејт, односно геј, и понатаму е отворено. Знаеме дека со доброволен или наметнат труд не можеме некого да обликуваме во едното или другото. Исто така, знаеме дека биологијата има свое место во детерминацијата на сексуалната ориентација, но дека е премногу поедноставено да се зборува за „геј гени“ и „стрејт гени“.

Често, тон на дискусиите на оваа тема им даваат конзервативните кругови. Една од нивните клучни тези е дека хомосексуалноста е неприродна и дека геј личностите не се раѓаат како такви, и дека со божја помош можат да се „преобразат“. Воедно, тоа е еден од нивните најсилни аргументи за нивната згрозеност и противењето на идејата за геј браковите. Постои еден сериозен проблем во нивниот начин на размислување: ако се повикуваат на тоа дека нема конклузивни докази дека луѓето се раѓаат со геј ориентација, тогаш мораат да го прифатат и другиот дел од тој наод – дека нема конклузивни докази дека луѓето се раѓаат со стрејт ориентација. Дали тоа значи дека треба да се забранат геј браковите? Ако пак, наспроти конзервативизмот и религиозната ориентација, ја прифатат тезата дека човекот, како целиот жив свет, е производ на еволуцијата и дека еволуцијата очигледно го фаворизира стрејт однесувањето, тогаш заради некоја причина очигледно ја чува и хомосексуалноста.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото