Геј лекции за успешен стрејт брак

07.08.2013 11:39
Геј лекции за успешен стрејт брак

За време на најголемиот дел од човечката историја, семејството, дефинирано како заедница на родители и деца – евентуално проширено со блиските роднини – фигурирало како основна општествена единица. Со други зборови, луѓето отсекогаш живееле – често и работеле – во рамките на семејството. Наспроти тоа, денес дури една третина од возрасните жители на најразвиените земји во светот – на кои според општествените трендови забрзано им се придружуваат најбогатите меѓу земјите во развој – избираат да се одречат од родителството, а често и од бракот.

Феноменот наречен „постфамилијализам“ (синглизам) сериозно ја зафати Европа, Северна Америка и Источна Азија и почна да се прелева во земјите како што се Бразил и Иран. Според податоците на Euromonitor International, во 1996 година, во светот живееле 153 милиони самци. Во наредните 15 години, до 2011 година, нивниот број се зголемил за цели 80 проценти и достигнал 227 милиони.

Шведска е рекордер во синглизмот меѓу европските земји. Дури 47 проценти од тамошните домаќинства имаат еден член. Во Норвешка, тој процент е малку понизок и изнесува 40 проценти, додека во Холандија и Германија се движи помеѓу 35 и 40 проценти. Слично е и во Велика Британија, која има малку повеќе од 30 проценти самечки домаќинства.

САД полека ги стигнуваат најразвиените европски земји. Таму, процентот на самечките домаќинства иснесува 27 проценти. Од 32 милиони американски самци, 18 милиони се жени. Половина од самечката популација во Северна Америка отпаѓа на поединци помеѓу 35 и 64 години, при што најбрзо растечката подгрупа ја сочинуваат личности помеѓу 18 и 34 години: во 1950 година биле 500 000; во 2011 година нивниот број се зголемил на пет милиони.

На другиот крај од светот, во Јапонија, која и денес многу се држи до традиционалните семејни вредности, уделот на самечките семејства се движи околу една третина, при што во големите урбани центри тој процент е поголем. Истите проценти важат и во другите богати азиски земји, како што се Јужна Кореја и Сингапур.

Причини за „кризата на семејството“

Постфамилијализмот, појава воочена во почетокот на овој милениум, не настапил одеднаш. Кога станува збор за земјите од развиениот запад, им претходел повеќедецениски демографски тренд на одложување на стапување во брак.

Денес, во Европа, просечната старост при склучување на првиот брак изнесува 31 година за мажи, односно 28 години за жени, при што продолжува поместувањето на брачноста кон средниот животен период. Американците и понатаму стапуваат во брак малку порано од Европјаните, но забрзано го надоместуваат заостанувањето. Во САД, просечната старост за стапување во брак изнесува 28 години за мажи, односно 26 години за жени (кон средината на минатиот век, односот бил 23, односно 20 години). Слично, Хонг Конг и источноазиските земји во релативно краток временски период драстично го поместиле моментот на стапување во брак и формирање на семејство; просечната старост на партнерот надминува 30 години, и тоа во случајот на двата пола.

Интересно, трендот на одложување не се однесува нужно и на раѓањето. Според неодамнешната анализа на американскиот Национален центар за истражување на семејството и бракот, просечната старост на жените во моментот на добивањето на првото дете е помала од просечната старост во моментот на склучувањето на првиот брак. Со други зборови, добивањето дете пред брак, ако некогаш дојде до тоа, стана вообичаено; на пример, цели 58 проценти од Американците со средно ниво на образование, го раѓаат првото дете вонбрачно. (Заради куриозитет, во Белград, секое трето новородено дете се раѓа вонбрачно.)

И постфамилијализмот и демографските трендови кои му претходеле или го следат, се резултат на низа меѓусебно испреплетени фактори, кои варираат од земја до земја, од култура до култура. Во случајот на источноазиските земји, на пример, нема сомнеж дека природата на модерниот, компетитивен капитализам принудила одреден број луѓе да избираат помеѓу успехот во работата и семејството. Парадоксално, но резултатот во вид на зголемување на самечките домаќинства на долг рок практично поткопува некои од темелите на либералниот капитализам: пазарот на работната сила и потрошувачката основа.

Глобално, за постфамилијализмот придонело и оддалечувањето од традиционалните вредности, речиси без исклучок втемелени во семејните и роднинските врски и односи. Модерниот општествен етос во прв план го истакнува индивидуалниот социоекономски успех и потрагата за самореализација и лична среќа.

Несомнено, многу од социокултурните промени кои го фаворизирале воспоставувањето на трендот на постфамилијализмот ги рефлектираат позитивните аспекти на човечкиот прогрес. Изменетата улога на жената, која во современото општество не е сведена исклучиво на сопруга и мајка, секако претставува едно од најсветлите достигнувања на модерната историја на човештвото. Меѓутоа, истовремено, отворањето на новите можности ја изложило жената на нови притисоци, на што некои од нив одговориле со откажување од бракот и/или родителството.

Миграциите на огромен број луѓе кон големите урбани центри се можни благодарение на економскиот напредок; сè помал број луѓе нужно се поврзани за производството на храна, облека и енергија. Истовремено, зголемувањето на густината на населеноста во големите градови е во силна корелација со падот на фертилитетот и стапката на брачност. Оваа врска, некогаш забележана во големите градови на Европа, Северна Америка и Источна Азија, денес се забележува во растечките урбани центри на Јужна Азија, Северна Африка, Иран и во делови од Блискиот Исток.

Геј бракот и постфамилијализмот

Парадоксално, прашањето за правата на хомосексуалците на истополов брак стана синоним за либералниот граѓански активизам во моментот кога хетеросексуалното мнозинство нималку скриено почнува да го отфрла бракот како институција. Освен тоа што повеќе не е предуслов за родителството, имајќи ја предвид стапката на разводи во развиениот дел од светот и земјите во развој, се чини дека и оние кои стапуваат во брак, многу брзо излегуваат од него. Како и да е, трендот на озаконување на истополовите бракови и заедници е назапирлив. Се проценува дека до 2020 година, заедно со Канада, Австралија и Нов Зеланд, законодавствата на сите европски земји (со исклучок на Русија), сите сојузни држави на САД и мнозинството на латиноамериканските држави ќе го познаваат институтот геј брак или регистрираните истополови заедници. Како ќе се рефлектира тоа на вжештената „криза на семејството“?

Опонентите на геј бракот тврдат дека признавањето на истополовите заедници еднаш засекогаш ќе го погреба семејството и семејните вредности какви што ги познаваме отсекогаш. Таквото убедување е засновано на размислувањето дека жените и мажите имаат подеднакво битни, но различни улоги во семејниот живот; дека децата треба да имаат и татко и мајка и дека, кога тоа е возможно, да израснат со биолошките родители; дека централната улога на бракот се состои во хетеросексуалната прокреација. Фактот дека две личности од ист пол не можат да произведат заедничко (биолошко) потомство се слушна како аргумент против геј бракот и во неодамнешната дебата пред Врховниот суд во САД, која, додуша, беше завршена во корист на заговорниците на правата на брак на хомосексуалците.

Традиционалното сфаќање на семејството имплицира трајност и ексклузивност на бракот. Гледано на тој начин, тој е прилично ригидна институција, рестриктивна во поглед на однесувањето на возрасните кои ја сочинуваат брачната двојка, првенствено насочена кон добивање на потомство, а потоа и грижа за него. Со други зборови, далеку од унијата во која возрасните влегуваат со желба за заеднички живот и достигнување на емоционална благосостојба, што во согласност со современите општествени норми, би била здрава мотивација за стапување во брак. Накратко, традиционалистите се плашат дека озаконувањето на геј браковите ќе ја сруши веќе длабоко зачнатата врска помеѓу бракот и родителството.

Заговорниците на геј бракот тврдат дека таквите стравови се неоправдани. Нивната аргументација вели дека гејовите и лезбејките кои го сакаат бракот и семејството, токму како и хетеросексуалците, се подготвени на лични одрекувања и инвестиции во семејната благосостојба; дека нивното инстистирање на правото да бидат во законски брак е мотивирано првенствено со интересите на децата, кои, без разлика дали некој сакал да го види тоа или не, веќе живеат со хомосексуални родители; дека геј бракот нема да ја измени физиономијата на традиционалниот брак, имајќи предвид дека геј малцинството, исчистено од стигмата, повеќе или помалку ќе биде невидливо во морето од хетеросексуални двојки.

Но, што ако критичарите на геј бракот се во право, само не на начин на кој мислат дека се? Што ако геј бракот сепак ја измени структурата и внатрешната динамика на хетеросексуалниот брак и традиционалното семејство, но на начин кој ќе ги направи подобри?

Геј бракот како коректор на традиционалните семејства

Ако ништо друго, публицитетот кој е поврзан со геј бракот, барем на краток рок, би можел да го обнови интересот за институцијата брак на хетеросексуалците. На долги патеки, истополовиот брак носи далеку поголем потенцијал: обезбедувајќи нов модел на соживот во еднаквост, би можел да стане модел за корегирање на недостатоците на традиционалниот брак, кои и доведоа до тоа што денес го нарекуваме криза на бракот или семејството.

Иако современиот хетеросексуален брак е формиран така што и на мажот и на жената потенцијално им обезбедува далеку повеќе задоволства отколку некогаш, тој не е неоптоварен со старите замисли за бракот и брачните навики. Како резултат на тоа, огромен број луѓе од двата пола влегуваат во брак оптоварени со предрасуди и стереотипи. За нив, бракот релативно брзо станува синоним за живот под стрес. Другите, со анахрони очекувања – очекувања кои се во спротивност со економската и политичката реалност, се обесхрабруваат воопшто да не стапат во брак.

Фактот дека истополовите партнери не можат да ги поделат секојдневните должности врз основа на однапред зацртаните полови улоги, сугерира дека на секојдневната организација на семејниот живот мораат да му пристапат поинаку од хетеросексуалците. На негодување на традиционалистите, „безродноста“ на геј бракот, ако под тоа се подразбира дека не постои еден партнер (во случајот на традиционалниот брак тоа е сопругата/мајката) на кого според дефиницијата ќе падне целиот товар од домашните работи, следењето на училишното достигнување на детето и организирањето на детското слободно време, не мора да биде минус. И покрај тоа, тоа може да му послужи како пример на хетеросексуалното мнозинство.

Истражувачите веќе почнуваат да сфаќаат дека геј бракот може да послужи како еден вид контролиран експеримент. Неговиот исход би можел да нè приближи до одговорот на прашањето што значи „да се биде машко, односно да се биде женско“, но и кои од најчестите проблеми во брачните и семејните односи се втемелени во полот и половите стереотипи, за кои причините треба да се бараат на некое друго место. На пример, на научниците им претставува проблем да го објаснат одамна познатиот факт дека во хетеросексуалниот брак жената почесто иницира развод отколку мажот. Дали тоа е последица на сексуалната револуција; економската независност на современата жена; неуспехот на модерниот маж да ја направи партнерката среќна? Истражувањата во Норвешка и Шведска, земји во кои истополовите заедници се признаени уште пред две децении (геј бракот е овозможен пред неколку години), открија дека регистрираните лезбејски партнерства се раскинуваат два пати почесто отколку регистрираните унии на хомосексуалните мажи. Дали тоа значи дека жените по дефиниција се незадоволни во бракот, дури и кога се во него со жена, или можеби ја потврдува тезата дека „жените не знаат што сакаат“? Тоа се прашања што чекаат одговори.

Како бракот да се извлече од кризата?

Не е сè толку црно. Имено, бракот сепак стана многу пофлексибилен отколку што бил. Жените, по влезот на пазарот на работната сила, повеќе не се исклучиво посветени на домот и децата и добија можност поактивно да учествуваат во донесувањето на одлуките кои се однесуваат на семејството. Од друга страна, мажите се ослободени од притисокот кој го носи статусот на единствен снабдувач во семејството, а со тоа добија можност поактивно да се вклучат во воспитувањето на децата.

Далеку од тоа дека сликата е розова; мнозинството двојки имаат сериозни потешкотии да го достигнат идеалот за меѓупартнерска еднаквост.

Во случајот на двојките кои имаат деца, кога двата партнери работат со полно работно време, чувањето на децата, домашните работи, снабдувањето и семејните обврски, на жената ѝ одземаат 32 часа неделно, а на мажот 21 час. Иако мажот поминува повеќе време на работа (45 часа неделно) отколку жената (39 часови), тој има повеќе слободно време (31 час) отколку таа (25 часа). Имајќи ги предвид ваквите податоци, не зачудува тоа што економистите Бетси Стивенсон и Џастин Волферс од Универзитетот во Мичиген, неодамна дојдоа до заклучок дека личното доживување на среќата кај жените опаѓа, иако тие имаат слобода на избор помеѓу поголемиот број животни опции.

Од друга страна, ниту позицијата на мажот/сопруг/татко не е безгрижна. Промената на културната клима му донела начин на живот кој го вовел во конфликт на линијата работа-семејство, нешто со што жените одамна се соочуваат. Според истражувањето на Американскиот институт за семејство и работа од 2008 година, дури 60 проценти од мажите кои се женети со вработени жени, го чувствуваат овој конфликт на својата кожа. Навикнати на тоа, во истата анкета, дури 40 проценти од жените рекле дека балансирањето на професионалните и семејните обврски им претставува секојдневен, сериозен проблем.

Дополнителен проблем претставува тешкото напуштање на старите матрици. Имено, ниту мажите се ослободиле од предрасудата дека мораат да бидат во состојба самостојно да го издржуваат семејството, ниту жените се подготвени да бидат издржувани, но, ако зборуваме искрено, тие не работат за да ги издржуваат своите партнери. Со оглед на тоа дека и едните и другите подготвеноста за брак ја изедначуваат со економската самостојност, често се откажуваат од идејата за семејство.

Според зборовите на американскиот социолог Ендру Черлин, не се работи за тоа дека современата жена и современиот маж не се подготвени за брак, туку дека традиционалниот брак не им е дораснат на современите предизвици. Целосно во согласност со неговото мислење, а наспроти интуицијата, кризата на бракот, без разлика на тоа што таа синтагма прецизно означува, во западниот дел од светот сè повеќе станува реалност на посиромашните, помалку образовани слоеви од населението. Економските промени и редефинирањето на половите улоги им ги зедоа од рака обрасците кои обезбедуваа сигурност, не понудувајќи им одржлива алтернатива. Може ли геј бракот да биде еден вид матрица која треба да се следи?

Едно е сигурно: геј бракот не може да биде модел за решение за сите проблеми на современото семејство, но во некои аспекти може да биде и тоа.

Како го прават тоа гејовите и лезбејките

„Кризата на семејството“, „смртта на бракот“, „војната на половите“ и цела низа од синтагми со кои ја опишуваме неснаодливоста во морето од промени кои ги иницира економскиот и технолошкиот напредок во суштина се сведуваат на проблемот на одредувањето на поимите „машко“ и „женско“. Идејата дека во потрагата за одговорот на тоа прашање гејовите и лезбејките би можеле да бидат од помош, не е нова и датира уште пред првите северноевропски држави да ги легализираат истополовите заедници. Нејзината операционализација започнала уште во доцните шеесетти години од минатиот век, во Америка, во моментот кога невенчаниот хетеросексуален брак влегол во мода, а видливоста на гејовите и лезбејките станала поголема. Размислувањето е следно: доколку истовременото истражување на хетеросексуалниот брак, хетеросексуалните кохабитации и истополовите заедници, би покажало дека овие три вида унии се исти според своите клучни, одредувачки параметри, тогаш таквото истражување би ни кажало нешто битно за тоа што значи „да се биде машко“, т.е „да се биде женско“; доколку би се покажало дека овие три вида заедници се разликуваат според клучните параметри, тогаш таквото истражување би ни кажало нешто битно за бракот.

Кон крајот на шеесеттите години, двајца американски социолози, Пепер Шварц и Филип Блумстајн, започнале токму таква студија. Во наредните десет години анкетирале, интервјуирале и набљудувале во живо 12 000 поединци, т.е околу 6 000 хетеросексуални (венчани и невенчани) и геј двојки. Накратко, главните наоди се следните:

• Геј и лезбејските двојки повеќе тежнеат кон еднаквоста во рамките на партнерскиот однос, отколку хетеросексуалните двојки.
• Лезбејките, најмногу од сите набљудувани категории, се посветуваат на егалитарноста, вклучувајќи го и формирањето на заедничката каса од поединечно остварените приходи.
• Како и лезбејките, геј мажите во распределбата на правата и обврските настојуваат да бидат фер, но првенствено се фокусираат на рамноправната поделба на домашните работи. Интересно, геј мажите кои претходно биле во хетеросексуални бракови, изјавуваат дека тогаш не инсистирале на рамноправна поделба на домашните задачи.
• Хетеросексуалците кои се во кохабитација имаат поегалитарен однос во однос на венчаните хетеросексуални двојки.

Истражувањето на Шварц и Блумстајн покажало дека, сепак, истополовата заедница не е оаза на еднаквоста. Особено во случајот на машкото геј партнерство, партнерот со поголеми приходи има поголемо влијание во донесувањето на одлуките. Од друга страна, внатрепартнерското натпреварување во случајот на лезбејките се одвива по прашањето кој поминува повеќе време со детето/децата.

Шварц е авторка на познатата синтагма: „мртвилото во лезбејскиот кревет“. Со неа се обидела живописно да објасни уште еден од важните наоди на студијата – дека страста во лезбејските врски, во просек, се гасне значително порано отколку во останатите партнерски формации. Причина? Шварц шпекулира дека се работи за последицата „премногу разговори“ помеѓу лезбејските партнерки. Со оглед на тоа дека разговараат за сè до најситни детали, со текот на времето, на лезбејките сексот престанува да им биде потребен како средство за достигнување и одржување на интимноста.

Геј лекции за стрејт среќа

1.Однапред распределете ги секојдневните обврски

Откако првата американска сојузна држава Вермонт, во 2000 година ги легализираше истополовите заедници, хомосексуалните двојки од цела Америка почнаа да ги регистрираат своите унии во нејзината јурисдикција. Естер Ротблум, професорка по психологија на тамошниот државен универзитет, во тоа видела шанса на обемен примерок да го истражи прашањето за распределба на секојдневните оврски помеѓу геј партнерите. Споредувањето на резултатите со сличното истражување, на примерок од хетеросексуални бракови, ја понудило следната слика:

• Дури и на почетокот од третиот милениум, хетеросексуалните бракови ги распределуваат обврските во линија со традиционално конципираните полови улоги.
• Хетеросексуалните жени, многу почесто од лезбејките, изјавуваат дека нивните партнери отплаќаат кредит за дом, ги плаќаат сметките, го финансираат купувањето на намирниците...
• Во споредба со лезбејките, хетеросексуалните жени трошат многу повеќе време за готвење и останати домашни работи.
• Во хетеросексуалните врски, жената е таа која доминантно инвестира во „негувањето на врската“, во смисла на покажување на позитивни емоции кон партнерот и иницирањето на интересните разговори.

Споредувањето на хетеросексуалните и геј мажите покажало дека првите построго се држат до полово дефинираните улоги: косење на тревникот, организирање на работните ручеци и вечери, ситни поправки во куќата... Овие работи геј партнерите ги делат порамноправно, во согласност со личните афинитети.

Ротблум дошла до клучниот увид преку интервјуа со учесниците во студијата, нивните пријатели и роднини. Се покажало дека порамноправната поделба на дневните обврски произлегува од претходниот договор, кој геј двојките го прават почесто од хетеросексуалните. Додуша, имајќи предвид дека станува збор за истополови партнери, не само што тие се ослободени од притисокот на традицијата на половите улоги, туку, во нивниот случај договорот се чини дека е нужен.

2. Не инсистирајте поминатото време со децата да го делите на половина

На примерок од сто хетеросексуални, геј и лезбејски двојки, психологот Шарлот Патерсон, од Универзитетот во Вирџинија, дошла до увид дека истополовите партнери поегалитарно ги распределуваат родителските обврски, но и задоволството кое го носат играта и поминувањето на времето со децата:

• Кај хетеросексуалните двојки, играњето со децата, првенствено е задача на мајката. Кога татковците ќе се вклучат во играта, тие повеќе ги избираат активностите во кои тие уживаат, не водејќи претерано сметка за интересирањето на детето.
• Кога си играат заедно со детето, хетеросексуалците се склони кон натпреварување, во смисла дека на детето му предложуваат различни игри, нудат различни играчки... Во таквите ситуации истополовите партнери се подготвени да се менуваат во предложувањето на игрите и играчките.
• Хетеросексуалните жени се најнезадоволни со прераспределбата на дневните обврски, вклучувајќи ги и задачите во врска со чувањето на детето и играта.

Интересно, Патерсон и нејзината колешка Рејчел Фар увиделе дека и истополовите двојки „страдаат“ од некои традиционални обрасци. И покрај тоа, во споредба со хетеросексуалните и лезбејските двојки, машките геј партнери се најмногу склони кон тоа, поединечно да се „специјализираат“ за заработување на средства за живот, односно за чување и воспитување на детето.

Мислењата за „специјализацијата“ се различни. Економистите тврдат дека тоа е најисплатливата стратегија, бидејќи на тој начин, еден партнер може да му се посвети на професионалниот успех, да работи продолжено и да заработува повеќе пари. Од друга страна, социолозите, антрополозите и феминистките оправдано укажуваат на фактот дека таквиот образец ја довел жената во инфериорна положба и ја затворил во четири ѕида. За нештата да бидат посложени, имајќи предвид дека жените во просек заработуваат помалку од мажите, „специјализацијата“ не би дала поволни резултати во случајот на лезбејските двојки.

Според резултатите од студијата на група американски истражувачи од 2005 година, изгледа дека феминистките биле во право. И во геј бракот, „специјализацијата“ набрзо го прави несреќен и незадоволен партнерот кој е посветен на домот и детето. Средно решение: поделбата на работите и евентуалната „специјализација“ да се изврши врз основа на личните афинитети на партнерот, со помирување со фактот дека времето поминато во игра со детето е невозможно да се подели аптекарски прецизно.

3. Расправајте се фер

Три години по иницијалните анкети и интервјуа, Естер Ротблум и нејзините соработници повторно стапиле во контакт со двојките од својот примерок – овој пат за да истражат колку се задоволни со своите врски. Генерално, партнерите од истополовите бракови искажувале повисок степен на задоволство во заедничкиот живот.

Далеку од тоа дека во хомосексуалните бракови нема конфликти и расправии. И покрај тоа, можно е тие да избиваат почесто отколку во традиционалните врски. Се работи за начинот на кој се одвиваат расправиите и начинот на кој се разрешува конфликтот.

Кога не се сложуваат за нешто, хетеросексуалните двојки тежнеат кон тоа да го почитуваат половиот образец: мажот настојува да биде доминантен и да излезе од конфликтот како победник; жената дополнително се обидува да се „надитрува“ со партнерот, служејќи се со стратегии од репертоарот „пасивно агресивно“: наводна незаинтересираност за сексот, бојкот на заедничките општествени обврски, барање сојузник меѓу пријателите и роднините... Доколку истополовите двојки се изземат од личните карактеристики на партнерот, тие се ослободени од социокултурните обрасци кои и на припадничките на понежниот пол им ја наметнуваат улогата на вечен победник. На тој начин, полесно им е рационално да го согледаат проблемот и да дојдат до фер решение, кое ќе биде прифатливо за двете страни.

Конечно, во поглед на (не)задоволството во врската, потребна е една забелешка. Децениските истражувања покажуваат дека „здравјето“ на хетеросексуалните врски има облик на латиничната буква “U”. Степенот на најголемото задоволство, партнерите го чувствуваат во првите три години од заедничкиот живот, а потоа следи пад, за по влегувањето во доцната средна доба, личната проценка за брачната среќа да оди нагоре. Падот коинцидира со доаѓањето на свет на децата. Со оглед на тоа што повеќето истополови двојки се сепак без деца, тоа е фактор на кој може да му се припише еден дел од дискрепанцијата во оценувањето на генералното задоволство од бракот/врската.

Извор: http://mindreadingsblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото