Универзален херој

13.12.2013 16:29
Универзален херој

Последните две децении од својот живот Нелсон Мандела е славен како образец за тоа како земјата се ослободува од колонијалниот јарем без да подлегне на искушението на диктаторската сила. Накратко, Мандела не беше Роберт Мугабе, а Јужна Африка остана повеќепартиска демократија со слободен печат и жива економија, добро интегрирана на глобалниот пазар и имуна на брзоплети социјалистички експерименти. Со смртта на Мандела, неговиот формат на по малку свет, мудар човек, изгледа дека е потврден засекогаш: снимени се холивудски филмови за него - го играше Морган Фримен кој, патем, исто така го глумеше и бога во некој друг филм; неговата беатификација ги обедини рок ѕвездите и верските лидери, спортистите и политичарите од Бил Клинтон до Фидел Кастро.

Сепак, дали е тоа целата приказна? Два клучни факти остануваат придушени од оваа свечена глетка. Животот на сиромашното мнозинство во Јужна АФрика остана беден како во апартхејдот, а подемот на политичките и граѓанските права го следи растот на неизвесноста, насилството и криминалот. Главната промена се огледува во тоа што на старата владејачка класа белци ѝ се придружи новата црна елита. Освен тоа, луѓето се сеќаваат на стариот Африкански национален конгрес кој ветуваше не само укинување на апартхејдот, туку и воспоставување на општествена правда, дури и некој облик на социјализам. Тоа значително порадикално минато на Конгресот полека исчезнува од сеќавањето. Тогаш, не е чудно што расте бесот меѓу сиромашните црни Јужноафриканци.

Јужна Африка во таа смисла е само уште една верзија на познатата приказна за современата левица. На општо одушевување, лидерот или партијата се избрани благодарение на ветувањата за „нов свет“ - за потоа, порано или подоцна, да наидат на клучната дилема: дали да се осмелат да чепнат во капиталистичките механизми или да се „вклучат во играта“? Ако одлучат да ги вознемират овие механизми, брзо ќе ги стигне „казна“ во облик на пореметување на пазарот, економски хаос и слично. Затоа би било премногу едноставно да се критикува Мандела поради напуштањето на социјалистичката перспектива по укинувањето на апартхејдот: дали навистина имаше избор? Дали движењето кон социјализам некогаш беше реална можност?

Лесно е да се исмева Ајн Ранд, но познатата „химна на парите“ од нејзиниот роман „Рамнодушниот Атлас“ има и трошка вистина: „Сѐ додека не сфатите дека парите се во основата на секое добро, ја предизвикувате сопствената пропаст. Кога парите ќе престанат да бидат средство со кое луѓето постапуваат едни со други, луѓето ќе станат орудие во рацете на други луѓе. Крв, камшици и пушки - или долари. Изборот е ваш, немате друг“. Зарем Маркс не вели нешто слично во своето познато правило за тоа како во светот во кој сѐ е стока, „односите меѓу луѓето го преземаат обликот на односите меѓу стварите“?

Во пазарната економија, односите меѓу луѓето можат да се укажат како односи на заемно признатите слобода и еднаквост: доминацијата повеќе не се применува директно и не е видлива како таква. Проблематична е скриената премиса на Ајн Ранд која тврди дека единствениот избор е оној помеѓу директните и индиректните односи на доминација и експлоатација, и која секоја алтернатива ја отфрла како утописка. Но без оглед на тоа, треба да се има на ум моментот на вистина во нејзиното инаку комично идеологизирано тврдење: големата лекција на државниот социјализам вели дека директното укинување на приватната сопственост и пазарно регулираната размена, без конкретни облици на општествена регулација на процесот на производство, нужно ги оживува директните односи на зависност и доминација. Ако само го укинеме пазарот (вклучувајќи ја и пазарната експлоатација), а не го замениме со погоден облик на комунистичка организација на производство и размена, доминацијата се враќа со одмаздата, а со неа и непосредната експлоатација.

Општо правило е дека кога ќе почне револтот против опресивниот, полудемократски режим, како што тоа беше случај на Блискиот Исток во 2011, лесно е да се мобилизираат широките маси со популистички слогани - на пример, за демократија, против корупција. Но, потоа постепено доаѓаат потешки избори, кога револтот ја остварува својата основна цел и кога сфаќаме дка она што навистина нѐ угнетувало (неслободата, понижувањето, општествената корупција, лошите изгледи за пристоен живот) и понатаму трае во друг облик. Владејачката идеологија овде го мобилизира целиот свој арсенал за да нѐ спречи да дојдеме до тој радикален заклучок. Почнуваат да ни зборуваат како демократската слобода носи свои одговорности, дека има своја цена, дека уште не сме зрели ако очекуваме премногу од демократијата. Така ни ја префрлаат вината за неуспехот: во слободно општество, така ни велат, сите сме капиталисти кои инвестираме во својот живот, па ако сакаме да успееме треба да вложуваме во своето образование, а не во разонода.

На понепосредно политичко ниво, надворешната политика на САД разработи детална стратегија како да спроведе контрола на штетата со пренасочување на општонародното востание во прифатливи парламентарно-капиталистички рамки - како што тоа со успех е изведено во Јужна Африка по уривањето на режимот на апартхејдот, на Филипините по Маркос, во Индонезија по падот на Сухарто, и така со ред. Токму во тој тек на околности радикалната еманципаторска политика е соочена со својот најголем предизвик: како да продолжи понатаму откако првата фаза на ентузијазам е готова, како да се направи следниот чекор, а да не се подлегне на катастрофата на „тоталитарното“ искушение - со други зборови, како да се оттргне од Мандела, а да не стане Мугабе.

Ако тежнееме да останеме верни на завештанието на Мандела, би требало да заборавиме на пригодните крокодилски солзи и да се сосредоточиме на неисполнетите ветувања кои ги инспирираше неговото водство. Со право можеме да насетиме дека Мандела, со оглед на својата несомнена етичка и политичка големина, пред крајот на животот беше огорчен старец, многу свесен дека токму неговиот политички триумф и воздигнувањето во универзален херој го замаскираа тешкиот пораз. Неговата универзална слава е знак дека тој не успеа навистина да го вознемири глобалниот поредок на моќта.

Извор: The Guardian

Слични содржини

Свет / Историја
Свет / Теорија / Историја
Свет / Теорија
Општество / Свет / Став / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото