Апорофобија - болест на новото доба? (2)

13.09.2019 00:32
Апорофобија - болест на новото доба? (2)

Кога зборуваме за сиромашните или екстремно сиромашните во инаку богатиот свет, нужно ја отвораме темата на правдата. Кога рускиот интелектуалец, истражувач, геолог и географ, благородникот Петар Алексеевич Кропоткин, еден од татковците на „анархистичкиот комунизам“, почнал да објавува серија статии во парискиот анархистички весник Le Révolté (1892 година обединети во книгата La Conquete du Pan, (Освојување на лебот) во кои ја развива тезата дека и капитализмот, како феудализмот (но на поинаков начин), создава не само богатство (за едни), туку и беда и немаштија (за многумина) - ја отвори темата за привилегираните слоеви на општеството и во заедницата која по Француската револуција се декларирала како заедница на луѓе кои се слободни и „еднакви од раѓање“.

Наскоро правните норми декларативно ќе ги прогласат сите луѓе за еднакви, укинувајќи ги дотогашните гарантирани привилегии од раѓањето, но конкретниот живот постојано, неуморно ќе ги репродуцира нееднаквоста и неправдата кои ќе се манифестираат во форма на неподносливи настани за многумина пред кои и натаму ќе стои целта за „освојување на лебот“ или голата егзистенција.

Нееднаквоста нема да се создава само во процесот на трудот, во процесот на производството, туку и во процесот на дистрибуција на богатството на заедниците. Затоа, Кропоткин зборува за „правото на благосостојба за сите“, а не само за некои и за привилегираните зашто, според него „сите нешта им припаѓаат на сите“. Ако ги соголиме овие тези од нивната утописка димензија повторно доаѓаме до актуелното прашање за сиромаштијата во современото општество, право на достоинствен живот за сите, но и до прашањето на апорофобијата, стравот од сиромашните. Затоа Кропоткин повторно станува многу актуелен и интересен.

Стравот од сиромаштијата „се создава“ и кај оние кои се плашат да не влезат во таа категорија. Ако го гледаме поновиот период тогаш „доктрината на шокот“ на Милтон Фридман (еден од највлијателните економисти на 20 век, добитник на Нобелова награда за економија во 1976 година и тоа откако стана „татко“ на економскиот модел на пучистичкиот профашистички генерал Пиноче во Чиле) кај граѓаните најчесто создаваше вистински шок.

Наградуваната новинарка на Њујорк Тајмс, синдикалната активистка и авторка на неколку значајни книги Наоми Клајн, смета дека целта на оваа доктрина е да ги скроти и дестабилизира владите“ за тие потоа да ја воведат „доктрината на прилагодувањето“ на Милтон што е само еуфемизам за создавањето сиромаштија. Таа се применува во различни форми во различни земји, зависно од условите. Нејзиното дејствување предизвикува закана кај луѓето, „страв од катастрофа“. Сиромаштијата може да се појави како нуспојава на илузијата дека се бега од неа.

Особено е интересна појавата на таканаречената „квази средна класа“. Таа се судира со психологијата на „конзумерската сиромаштија“. Стравот од губење на позицијата на социјалната скала во неолибералниот концепт на општеството е огромен. Стратегиите за доминација со луѓето се менуваат и кога почнува да се живее од ветувањата и надежта и тоа е добар пат кон пеколот на несигурноста и доминација на стравот во секојдневниот живот.

Концептот на Милтон преку примерот на Чиле ја потврди тезата дека неолибералниот модел („магичната, невидлива рака на пазарот“ која најдобро регулира сѐ) и тоа како може да се поврзе со најбруталните политички диктатури од неофашистички тип. Пиноче-Фридмановото Чиле по воениот пуч од 11 септември 1973 година на брутален начин потврди дека филозофијата на слободниот пазар, политичкото насилство и диктатурата и тоа како може да се поврзат со економскиот модел на општеството. Тоа откритие навистина заслужи Нобелова награда!

Културата на сиромаштијата

Родено е нешто што условно можеме да го наречеме „социологија на сиромаштијата“. Во шеесеттите години почна да се пишува за „културата на сиромаштијата“ и за „субкултурата на сиромаштијата“. Уште во раните шеесетти години социолозите ги анализираа елементите од „културата на сиромаштијата“ во Мексико, Лима и Њујорк. Тој поим го воведе антропологот Оскар Луис проучувајќи ги урбаните сиромашни (од „приградските бараки“ во латиноамериканските градови и големите американски урбани центри). Според него тие ја мразат власта и нејзиниот репресивен апарат, со цинизам гледаат на Црквата како „лицемерна“ институција која ги напуштила, ориентирани се само на сегашниот момент и не планираат никаква иднина, се борат за живот од ден на ден, итн.

Секако дека овие сиромашни луѓе претставуваат експлозивен „социјален материјал“. Припадниците на „културата на сиромаштијата“ според Луис имаат „единствен систем на вредности“, не се работи само за недостаток од средства. Припадниците на оваа „култура“ имаат посебна „визија за светот“, посебен карактер, очекувањата на децата и младите кои растат во оваа култура се специфични, а културата им вели дека тие се исклучени од светот на благосостојбата, достоинствениот живот, еднаквите шанси итн. Во меѓувреме, состојбата во светот драстично се влоши заради новите војни, дестабилизирањето огромни делови во светот, империјалните интереси на моќните владејачи кои заради неодговорниот однос кон природата го загрозуваат и животот на земјата.

Се создава „нова структурална сиромаштија“, се појавуваат „интракласи“, сиромаштијата во голем дел од светот се „феминизира“, класичниот лумпенпролетаријат се појавува во нови форми на „подкласи“, се рушат класичните поделби. И Европа веќе зборува за своите „нови сиромашни“, а во нив спаѓаат сите оние кои својата позиција во општеството ја доживуваат како положба „под фаворизираните“ делови од општеството.

„Сиромаштијата на развиените“ се манифестира на посебен начин, кој е поинаков од сиромаштијата на неразвиените, бидејќи во овој случај се работи за „конзумеристичко незадоволство“, а не за егзистенцијална загрозеност. Припадниците на овој психолошки профил можат да бидат конфликтни кон припадниците на „сиромаштијата на неразвиените“ која се појави во вид на бегалци кои пристигнуваат во Европа од најсиромашните и нејнестабилните делови од светот.

Политичките интереси и сиромаштијата

Освен тоа, бедата се создава и заради политички интереси и причини, за да се дестабилизираат неподобните влади со економски блокади кои како резултат имаат пораст на сиромаштијата, нефункционирање на социјалните компоненти на некое општество, рушење на економијата, здравството, достоинството на луѓето итн. Најнов пример е економската блокада на Венецуела како средство за фрлање на колена еден цел народ кој заради ужасната состојба со сила треба да го сруши владејачкиот режим и така да ја оствари целта на оние кои ја спроведуваат таа изолација.

А сето тоа божем во името на демократијата и интересите токму на оние кои се најмногу погодени од неа и нејзините поледици. Очигледно, жртвите не се важни. Важна е само целта. Куба е земја која е најдолго под таква блокада, а сега се прават обиди да биде над Венецуела, Никарагва, Иран итн. Намерно се создаваат бедата, жртвите и ужасните животни предуслови.

Тие стануваат пожелна состојба зашто се смета дека нивниот очај во кој намерно се фрлаат од страна на „хуманиот, демократски остаток од светот“ ќе ги сруши неподобните (по правило леви) политички режими. Секако дека во основата на сето тоа се економските интереси, нафтата, гасот, други вредни суровини, итн. Креирањето хаос на Блискиот Исток, Ирак, Либија, обидите во Иран, војната во Сирија, разните верзии „арапска пролет“, мешањето во латиноамериканските политички случувања, сето тоа резултираше со досега невидени миграциски движења во правец кон Европа и САД.

Тие миграции сѐ повеќе се претвораат во вистински социјални движења и во најголем дел се последица на неодговорните политики и империјалните интереси на богатите, моќните Владетели на Животот. УНЕСКО објави дека миграцијата на „децата без придружба“ за само шест години (2010-2016) пораснала од 66 000 на дури 300 000. Се претпоставува дека денес во Америка има околу 19,9 милиони мигранти, од кои дури 52 проценти се малолетни. Особено е значаен податокот на Лекари без граници дека околу 70 проценти од мигрантите од Централна Америка кои бегаат преку Мексико во САД - се директни жртви на насилство.

Но, цела Латинска Америка буквално се дестабилизира стотина години, се рушеа демократски избрани влади, се поддржуваа диктатури, воени профашистички пучови, до крајни граници се експлоатираше работната сила, заради интересите на големите компании безобѕирно се уништуваше животната средина - па и Америка сега се соочува со последиците од сопствената империјална политика кон тоа подрачје (а само од Мексико преку војна одзема 55 проценти од државната територија) а денес и самата стана логичен „всмукувач“ на латиноамериканското избезумено, пауперизирано и малтретирано население. Директна последица од тоа е фактот дека барањето азил во Америка порасна за 150 проценти во последните неколку години.

На долги патеки никакви ѕидови нема да успеат да го спречат тоа. Секако дека на тоа се надоврзува невидениот тероризам (најсвеж случај е некогашниот масакар во Ел Пасо инспириран од омразата кон „хиспаносите“ кој Мексико го доживеа како „тероризам против Мексиканците“ директно подгреан од политиката на Трамп), сѐ поизразениот културолошки меѓусебен конфликт, пропаста на концептот за мултикултуралност, порастот на сите видови омраза... особено верската и етничката, безумието кое може тешко да се објасни, отфрлањето на сите рационални принципи и тоталната нестабилност на ионака тешко ранетата Планета која полека издишува заради налудничавото, ирационално неодговорно уништување на биосферата на целото човештво во име на новиот Бог на владејачите - во името на Богот Профит и политичката доминација.

Капиталистичкото чудо и „социјалдемократијата“

Генералниот секратар на Римскиот клуб Греам Макстон вели дека денес сепак има „најмалку сиромашни“ зашто околу една милијарда луѓе излегле од сиромаштијата (особено благодарение на Кина која тврди дека од нејзините сиромашни области „побегнале“ 700 милиони луѓе). Во деведесеттите години, според критериумите на Светската банка, се сметаше дека некој е сиромашен доколку за живот (храна, домување, здравје, образование, облека, културни потреби, итн.) дневно располага со помалку од еден американски долар. Подоцна, во 2005 година Светската банка сметаше дека некој е сиромашен доколку има 1,20 долари дневно... а Макстон заклучува „кога би ја вклучиле инфлацијата, според мене, денес тоа би било околу 2,90 долари дневно“, за некој да не се смета за сиромашен.

Значи, според овие „најдарежливи критериуми“ и „границата на сиромаштијата“, доколку некој располага со 2,90 долари дневно тој веќе не е „сиромашен“!? Тоа е смешна цифра дури и за нас. Секако дека и самиот Макстон заради тоа, сепак објективно заклучува, дека овие супер-ниски критериуми се само дефинитивна потврда дека „останавме без капиталистичкото чудо“ кое го очекувавме. Земајќи ја предвид економската ситуација, но и безобѕирното уништување на планетата Земја, односно биосферата на целото човештво, Макстон тврди дека Африка денес живее „полошо отколку пред 30 години“.

Така шпанскиот El Pais објави податоци дека во 1980 година односот на бруто општествениот производ помеѓу Европа и Субсахарска Африка бил 7:1 во корист на Европа, а денес тој однос порасна на 11:1 во корист на Европа. Истовремено, во 1980 година Европа имаше повеќе жители од Субсахарска Африка, а денес Субсахарска Африка има 2,5 пати повеќе жители од Европа.

Секако дека европскиот „испразнет демографски простор“ и нејзината економска моќ го впиваат африканскиот-економски уништен, а демографски експлозивен корпус. Стимулираните војни само уште повеќе го влошија сето тоа. Според Макстон, растот постои, но не се работи за „безграничен раст“ и вистинското прашање станува прашање за праведна распределба на општественото богатство. Тој смета дека социјалдемократијата, применувајќи го својот концепт, од Европа создаде „општество на благосостојба“. Затоа се залага дека е нужно Европа да се врати кон „социјалдемократскиот модел“ кој подразбираше поправедна распределба, а не само водење грижа за растот по секоја цена.

Освен тоа, социјалдемократијата повеќе водеше грижа за проблемот со контаминираноста и за еколошкиот момент, отколку што тоа се прави денес (а особено од доаѓањето на Трамп на чело на САД). Таквата социјалдемократска политичка филозофија доминираше во Европа во седумдесеттите години на минатиот век и Макстон се залага за нејзино враќање зашто токму тогаш, според него, Европа „станала најдобар континент за живот“.

„Се сеќавам на долгиот период со енормен економски раст, но исто така и на општествената беда“. Имено, индустриската револуција ја разори околината и осиромаши поголем дел од луѓето „сѐ додека не беше корегирана со социјалните политики на демократската левица“, заклучува тој. Генералниот секретар на Римскиот клуб смета дека сега „ја трпиме втората технолошка револуција, која како онаа претходната донесува поголема нееднаквост и невработеност“... Дотолку повеќе што најразвиената технологија сѐ помалку се употребува за развој, а сѐ повеќе за доминација. Во моментов „дигиталната револуција не донесува поголема благосостојба туку само уште повеќе отуѓување, сиромаштија и зголемување на доминацијата на новите плутократии“, песимистички заклучува Макстон.

Фактот дека твитовите станаа начин за глобална, но и политичка, комуникација само го потврдува овој феномен. Се уништува класичното новинарство, нема повеќе критички анализи и информации... како плима надојдоа милијарди твитови, па во нив се претопија и некогашните големи репортажи. А сето тоа под контрола на сопствениците на Твитер, Гугл и Фејсбук, е во договор со безбедносните и разузнавачките агенции на светските суперсили.

Општеството е духовно осиромашено, дигиталната револуција „изеде“ низа мали фирми, работни места и вработени, а од сето тоа се офајдија дигиталните плутарси. Во такви услови сѐ повеќе јакне десницата која се храни од стравот од глобализацијата и имиграциите, па затоа улогата на левицата мора да биде поважна, но за жал, во практиката таа најчесто и самата се дави во безбојноста и додворувањето на просечноста - таканаречената „middle of the road“ политика.

Светската банка во својот извештај од 2019 година потврдува дека 1 милијарда и 200 милиони луѓе сѐ уште дневно живеат со приходи под еден долар дневно, а тоа значи дека една четвртина од жителите на Земјата сѐ уште живеат во најекстремна сиромаштија.

Потоа, 2 милијарди и 800 милиони луѓе живеат со помалку од два долари дневно, а 48 проценти од светското население не е доволно нахрането, нема адекватно живеалиште, облека и обувки, здравствени услуги, образование, информации, а културните потреби и да не ги споменуваме.

Крај.

Кон првиот дел.

Слики: Jac Depczyk

Извор: https://www.h-alter.org

ОкоБоли главаВицФото